Македонија влезе во 2024-година претпазливо и со не толку големи очекувања на политички и економски план. Тоа е и разбирливо ако се знае дека во земјава годинава ќе се организираат двојни избори – парламентарни и претседателски. Како и при секој изборен циклус, очекувањата се дека барем двата квартали кои ќе им претходат на изборите, нема да донесат ништо ново или изненадувачки позитивно на економски план. Граѓаните ќе се изнагледаат политички циркус, кој веќе континуирано трае, но ќе ја доживее кулминацијата пред гласањето. Бизнисмените, пак, во изборна година се претпазливи со изјавите – внимаваат како ја оценуваат работата на владата, ниту пак, даваат конкретни одговори за идните насоки во водењето на извршната власт, токму поради политичките превирања и неизвесноста кој ќе ја предводи идната влада, односно кој ќе биде главен фактор при креирањето на економските политики.
Турбулентна политичка година
Годинава сигурно ќе биде турбулентна на политички план. Политичката клима веќе е на тензично ниво. Партиите се позиционираат и кројат планови како да ја стекнат или задржат довербата кај населението со цел да добијат што е можно повеќе гласови оваа пролет.
Она што им претходи на изборните циклуси во Македонија е изборот на преодна техничка влада. Таа треба да биде избрана кон крајот на јануари. Пленарната седница за новата техничка влада се очекува да биде на 26 јануари. Претходно, претседателите на Владата и Собранието, Димитар Ковачевски и Талат Џафери ќе треба да си поднесат оставки од функциите за да може Џафери да го преземе премиерското место. Нов привремен претседател на Собранието ќе биде Јован Митрески, кој сега е координатор на пратеничката група на СДСМ. Изборите треба да бидат распишани на 14 или 15-ти февруари, а се до април, парламентот ќе работи во полн состав.
Двете партии ќе треба да ги соопштат имињата на нивните предлози во техничката влада. ВМРО-ДПМНЕ треба да ги одреди новите привремени министри за внатрешни работи, како и за труд и социјална политика, како и замениците онаму кадешто им следуваат во техничката влада. СДСМ, пак, веќе соопшти дека Јована Тренчевска ќе биде дополнителен заменик министер за труд, кадешто сега е прв човек, додека дополнителен заменик министер во МВР ќе биде Митко Бојмацалиев.
Митко Бојмацалиев ќе биде дополнителен заменик-министер во МВР.
На неполни пет месеци до изборите партиите мерат и прават анкети за кандидатите носители на изборните листи за претстојните парламентарни избори. Се лицитира и со имиња за претседателски кандидати. Во првата изборна единица ќе се соочат лидерите на двете најголеми политички партии - Ковачевски и Мицкоски, а се очекува потпретседателите од двете партии да ги предводат листите во останатите изборни единици.
Универзитетски професори се најверојатните кандидати за претседател на државата
На база на шпекулации се и имињата кои се најадекватни и најверојатни кандидати за претседател на државата.
Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вртат гласини дека најистурени кандидати би можеле да бидат универзитетските професори Гордана Силјановска Давкова која претходно изгуби од Пендаровски и Александар Спасеновски. Сепак, партијата објави дека името на претседателскиот кандидат ќе го соопшти дури во втората половина од февруари.
И СДСМ е во потрага по идеален политички кандидат кој би бил иден шеф на државата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веќе одамна е потенцијален кандидат, но во интервју за Гласот на Америка, не потврди, а не ни ја негираше неговата желба за кандидатура. Друг евентуален кандидат е досегашниот претседател Стево Пендаровски кој би можел да се бори за втор мандат.
Ќе се кандидира ли Пендаровски за втор мандат?
Гордана Силјановска Давкова повторно кандидат за претседател?
ДУИ засега нема конкретен став дали партијата би учествувала со сопствен кандидат или ќе го поддржи кандидатот на СДСМ.
Турбулентно е и во албанската опозиција. Изет Меџити, лидерот на Европскиот сојуз за промени, ја потврди можната кандидатура на Руфи Османи, но најави разговори и со други кандидати. Уште еден поранешен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари е во центарот на разговорите на Гаши, Меџити и Касами за евентуален заеднички кандидат.
Без разлика на конечниот исход од изборните процеси, очекувањата на политички план се јасни. Новата Влада ќе има тешка задача да се бори со корупцијата. Тоа всушност цело време безуспешно го бараат и граѓаните и европската заедница.
„ЕУ има многу јасен став што се однесува на владеењето на правото. Ние очекуваме владеењето на правото дословно да се почитува и во овој контекст ја цениме улогата на судството во вашата земја. Очекуваме судството да работи на професионален начин, да дејствува со интегритет и со целосна независност без никакво надворешно вмешување, дали е тоа вмешување од политичките партии или заради некои финансиски интереси“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.
Ковачевски оптимист за економијата.
Владата оптимист за економијата
Кога е во прашање економијата, Владата претпазливо, но и оптимистично најавува дека со рекордно најголемиот предизборен буџет годинава се обезбедиле повеќе пари за плати и пензии, но и за капитални инвестиции и стратешки проекти. Сепак, на стартот на годината ладен туш. Пропадна помпезно најавуваниот проект за изградба на хидроелектраната Чебрен. По 30-тина години неуспешни обиди за реализација се чинеше дека сега конечно ова ќе се реализира, но инвеститорот се откажа во последен момент. Владата најави дека поради изборите нема да има нов тендер, но и дека можеби ќе ги послуша барањата на експертската заедница да се најде начин државата сама да го финансира проектот.
Владините претставници најавија дека годинава инфлацијата ќе падне на некое прифатливо ниво, карактеристично за предпандемиските години.
„Следната година да бидеме на ниво од 2,5 отсто и на исто толку годишен раст на БДП. Независно што следната година имаме претседателски и парламентарни избори, сметам дека треба умешно да ги искористиме месеците што ги имаме на располагање за да не направиме негативно влијание на економијата и да успееме да го вратиме реалниот живот на граѓаните“, вели Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Народната банка сепак упатува на се уште присутните ризици врз евентуалниот пад на цените.
„Очекувањата за следната година се дека стапката на инфлација дополнително ќе забави, сведувајќи се на 3,5 до четири отсто, потоа ќе се стабилизира околу долгорочниот просек од два отсто. Сепак, нагорните ризици околу инфлацијата сè уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи и промените на регулираните цени, како и со политиките на побарувачката (расположливиот доход)“, велат од Народната банка.
2023 година заврши со раст на економијата од околу 2 проценти, според податоците на Министерството за финансии и Народната банка на Северна Македонија.
„Во 2024 година се очекува забрзување на економскиот раст во земјата и тој да изнесува 3,4 отсто, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бизнисмените песимисти за иднината. | Извор: Ариљеметал
Бизнисмени: не очекуваме чуда
Бизнисмените веќе во неколку наврати потенцираа дека не очекуваат чуда во предизборниот период. Како што наведоа, секогаш во 6-те месеци пред избори има стагнација, проектите тапкаат во место, па затоа и очекувањата им се на ниско ниво. Доказ за тоа се и поразителните резултати за надворешно-трговската размена на земјава во првите 11 месеци од 2023-та година. Според нив, извозот од земјава кон Германија само од јули до ноември се намалил за над 15 проценти. Проблемите со кои се соочува нашиот најголем трговски партнер, допрва ќе се одразат негативно на македонската економија. Бизнисмените тврдат дека сакаат да се оптимисти, но во изборна година неизвесноста е смрт за инвестициските активности.
„Јас постојано кажувам дека извозот треба да биде алфа и омега на нашата економија и тука државата мора повеќе да се ангажира и да даде поддршка. Понатаму, инфраструктурата. Без инфраструктура нема развој, нема нови инвестиции, нема нови вработувања и со тоа нема економски напредок. Понатаму, како држава се соочуваме со неквалитетен систем на образование, што предизвикува недостаток на квалификувана работна сила. И овој проблем станува сè повидлив со годините. Лично ме загрижува зашто не гледам дека државата нешто презема на тој план. Во нашиот систем ни недостасува и владеење на правото. Ни недостасуваат и сериозни мерки за сузбивање на сивата економија и дигитализација на услугите. Со еден збор, потребно ни е подобрување на бизнис-климата во целина“ – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија во новогодишното интервју за Вечер.
Германската економија во криза. | Извор: theweek.in
Од ССК очекуваат власта, без разлика која ќе биде, да го трасира конечно патот кон реформите за економијата да тргне напред.
„Ние константно апелираме дека ни се потребни храбри чекори, дека ни се потребни реформски чекори, потребна ни е промена на однесувањето и особено економските политики треба да бидат на одредено прогресивно ниво. Сметаме дека ако се направат вакви чекори тогаш реално е да очекуваме оптимистички период. Доколку не сториме ништо посебно, тогаш знаете, оваа наша економија секогаш е прилично слаба“ – вели Трајан Ангелоски од Сојузот на стопански комори.
Стопанската комора на северозападна Македонија смета дека е најгласна кога станува збор за работната сила, аз начините како таа да се мотивира, дообразува, и да се спречи масовното иселување на младите од земјата. Претседателот на комората, Менди Ќура, смета дека конечно на човечкиот капитал треба да му се обрне повеќе внимание.
„Еден друг сегмент на кој ќе треба да се фокусираме во 2024 г. е и образованието, кое треба да почне да произведува соодветен кадар што ќе ѝ овозможи на нашата економија да конкурира со силната конкуренција, која допрва ќе се појави при евентуално зачленување во Европската Унија. На нашата земја ѝ треба нов економски идентитет што ќе нѐ направи познати по извозните капацитети, енергетската независност, зелената и циркуларната економија, со што ќе се зголеми потенцијалот на домашните компании да учествуваат во странските пазари. СКСЗМ претставува силен партнер и поддржувач на Владата и институциите кога се во прашање економските и образовните реформи, со цел да се постигне најголем можен ефект на тие реформи, а ќе продолжуваме да бидеме коректор на макроекономските политики“ – вели тој.
Менди Ќура, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија. | Извор: СКСЗМ
Бизнисмените бараат уште еднаш да не се дозволи да се воведуваат рестриктивни даноци, кои ќе важат ретроактивно, како што тоа беше случај со т.н. солидарен данок или кризен данок. Тој според нив удри врз профитите на фирмите и нивните планови за развој со што ги ограничи можностите за иден раст и побрзо полнење на државната каса од даноци, придонеси и разни такси и давачки од страна на бизнис секторот.