„31 македонски уметник за Венеција“

Љупка Делева, уметник

Раскошниот талент на македонските уметници беше претставен на изложбата наречена „31 македонски уметник за Венеција“, која се одржа од 18 до 31 јули во градот на гондолите во Италија.

Проектот по идеја и со кураторство на Љупка Делева, имаше за цел да ја продлабочи културната и уметничка соработка меѓу Македонија и градот Венеција, еден од најуникатните градови во светот, кој со својата импозантна и турбулентна историја пред сѐ е познат како град колевка на уметноста.

Идејата за овој проект се роди во 2019  година, кога Венеција беше зафатена од поплава во огромни размери и со големи материјални штети. Тогаш, на апелот за добротворна изложба како израз на солидарност на Љупка Делева, триесетина македонски истакнати визуелни уметници подарија свои дела со кои покажаа емпатија и солидарност со италијанскиот народ. Тоа се уметниците: Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Љупка Делева, Жанета Гелевска Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М. Петровски, Јана Манева Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, Колектив Зеро, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Таневска Тања, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.

Дел од делата од изложбата „31 македонски уметник за Венеција“

Дел од делата од изложбата „31 македонски уметник за Венеција“

Заради ситуацијата предизвикана со пандемијата со Ковид 19, замислената аукција од солидарен карактер не се реализираше, така што првичната идеја се преобрази во класична изложба со претставување на уметниците пред венециската јавност. Ова е единствен настан од културно значење во последните 20 години во Венеција инициран од поединец и ликовен уметник, како што е Љупка Делева. Нејзината цел е да ја промовира својата земја и нејзините културни и уметнички богатства, како и своите колеги-уметници, но и своите сограѓани Македонци кои живеат и творат во Италија. Делата кои беа изложени во палатата Пизани - Реведин лоцирана во близина на мостот Ријалто ќе бидат распоредени во музеите во сопственост на Градот Венеција.

Љупка Делева и Благој Нацоски

Љупка Делева и Благој Нацоски

Комплетната логистика, подготовка, кураторство и маркетинг беа во целосна организација и изведба на Љупка Делева. Изложбата доби покровителство од Општина Венеција со истакнување на логото и влез во листата на градски културни настани „Градови што слават“ за 2023 година, но и со морална поддршка од претседателката на Советот на градот Венеција, Г-ѓа Ермелинда Дамјано. Делева на отворањето ги претстави своите две сонароднички: Ирена Павлова де Одорико, нашата позната писателка, критичар и новинар која живее во Венеција, која читаше сопствена поезија на македонски и на италијански јазик, а италијанско-македонската фамилија Гарбин Јовановски од Венеција раскажа како се роди нивната идеја да се создаде италијанска верзија на хитот од Дац и Александар „Уште ми фалиш“ и соработката со афирмираниот македонски оперски пејач во Италија, тенорот Благој Нацоски, препеана под името „Mi manchi ancora“, како и за нивниот стартап „Мама рент“.

Љупка Делева е визуелен уметник, позната на македонската јавност по многубројните самостојни и групни изложби во земјата како и во Венеција, каде што живее од 2001 година. Ова е прв нејзин проект во улога на куратор, но и учесник на изложбата, плод на љубовта кон родната земја, но и своевиден мост меѓу земјата од каде што потекнува, и нејзиниот втор дом, Италија. Таа во мај оваа година беше избрана за културен амбасадор на ДЛУМ – Друштво на ликовните уметници на Македонија, во Венеција и во Италија. Оваа изложба ѝ ја посветува на својата мајка, Соња Ѓиздавиќ.

Image
Newsletter