Австрија и Канада се борат со највисоката инфлација во изминатите 40 години

Инфлацијата коси

Животот на Австријците значително поскапе. Земјата се бори со инфлација највисока во изминатите 47 години. Во јуни таа достигна рекордни 8,7%, најмногу поради зголемените цени на горивата, намирниците, струјата и на угостителските услуги. Потрошувачка кошничка се зголемила за 19%. Дизел-горивото во јуни, споредбено со истиот период лани, е зголемено за неверојатни 65%, а бензините за 61%, покажуваат официјалните податоци на Статистичкиот завод на Австрија.

И Канада се соочува со најголемата инфлација што е забележана во изминатите 40 години. Индексот на потрошувачките цени достигна 8,1% на годишно ниво во јуни, по растот од 7,7% во мај, покажуваат податоците на агенцијата за статистика на земјата, каде што се додава дека овој пораст не е забележан од јануари 1983 година.

Порастот во јуни главно се должи на повисоките цени на бензините, кои се зголемија за неверојатни 54,6% на годишно ниво, објаснува агенцијата за статистика. Платите на вработените се зголемени за 5,2% но сепак не успеале да ја достигнат инфлацијата.

Иако за Канада овој процент на инфлација е значителен, таа сепак има пониска стапка од САД, каде што е забележана инфлација од 9,1%, како и од Обединетото Кралство со инфлација од 9,4%.
Инаку во еврозоната инфлацијата била 8,6%, а се зголемува во сите земји. Највисоки годишни стапки на инфлација се забележани во Естонија од 22%, Латвија 20,5%, а најниски во Малта од 6,1% и во Франција од 6,5%.

Image
Newsletter