Борко Ристовски: На македонскиот спорт му недостигаат луѓе кои се подготвени да направат жртва

Борко Ристовски: На македонскиот спорт му недостигаат луѓе кои се подготвени да направат жртва

Еден од најдобрите македонски голмани во историјата, Борко Ристовски, неодамна тивко ја најави ракометната пензија. Поранешниот репрезентативец влезе во Управниот одбор на најтрофејниот македонски клуб РК „Вардар 1961“. Тој во јули годинава, стави крај на играчката кариера и стана дел од раководните структури на клубот. Предизвикот е голем, но искусниот интернационалец со многу ентузијазам влезе да го врати двократниот европски првак на врвот на македонскиот ракомет.

„Да се биде на оваа функција, не е мала работа. Вардар е еден од најдобрите европски клубови, апсолутно најдобриот македонски клуб, и тоа носи тежина и своја одговорност. Мене ми е чест да сум дел од тимот што ќе го води Вардар, да го врати онаму каде што припаѓа“, порача Ристовски при неговото назначување за прв човек на клубот.

Искусниот интернационалец со многу ентузијазам влезе да го врати двократниот европски првак на врвот на македонскиот ракомет и веднаш настапи со свои ставови како може спортот да го добие приматот во општеството. Порача дека е потребен закон за спорт, со што би се регулирале многу прашања во овој сектор, а со тоа и да се стабилизира и финансирањето на спортските клубови, што е еден од најгорливите проблеми. Тој смета дека со законско решение, ќе се ослободат компаниите од сегашната стега и ќе имаат можност да вложат повеќе пари во спортот, а со тоа да бидат целосно ослободени од плаќање даноци кон државата. На тој начин, смета Ристовски, ќе се подигне општествената одговорност. Со законот за спорт, според македонската ракометна легенда, сега директор на РК „Вардар“, државата ќе има поголема контрола врз инвестирањето во овој сектор, а стопанството ќе се поттикне да вложува во него.

Неколку месеци подоцна, како извршен директор, Ристовски одговара на повеќе прашања, во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент.

Ристовски: „Мора да се случат промени за да оставиме трајни вредности во спортот“. | Извор: курир.мк

Ристовски: „Мора да се случат промени за да оставиме трајни вредности во спортот“. | Извор: курир.мк

Ја завршивте активната голманска кариера и веднаш станавте едно од челните лица на доскорешниот клуб. Кои се првите предизвици со кои се соочувате како спортски директор на Вардар, откако поранешниот двоен европски шампион по долга доминација ја загуби шампионската титула во домашни рамки?

По добивањето на честа, но и огромната обврска да водам еден од најголемите спортски клубови во Европа, прво направивме анализа кои погрешни чекори ги направи и сѐ уште ги прави Вардар. Откако ги констатиравме грешките, се фативме за работа, и морам да признавам дека за 80%, Вардар е реорганизиран на секое поле, а со тоа дојдоа и позитивните резултати. Но, постои предизвикот клубот да стане финансиски стабилен, а пота да имаме спортски добри резултати што ќе ја следат поставената реорганизација. Можам да кажам дека има многу предизвици, но и голема желба клубот Вардар да се врати на истата позиција каде што и заслужува да биде.

Дали се гледате себеси како тренер или можеби размислувате кон тоа знаењето и искуството да ги ставите во функција на некоја позиција во ракометната федерација?

Во моментов не се гледам себеси како тренер. Мојата енергија е насочена единствено кон Вардар и стабилизација на клубот, како што напоменав, од повеќе аспекти. Морам да признам дека имам желба и амбиција да стигнам до позиција во ракометната Федерација, но за тоа понатаму во животот. Фокусот и интересот во овој момент е само Вардар да стигне во врвот и да го покажеме и да го докажеме она што најмногу го знаеме.

Ристовски: „Останете им лојални на семејството, народот, државата“. | Извор: Слободен печат

Ристовски: „Останете им лојални на семејството, народот, државата“. | Извор: Слободен печат

Со Кирил Лазаров бевте играчки икони од периодот на вашите репрезентативни кариери. Но, патиштата ви се разидоа, и последниве години сте на различни страни – и во клупска смисла и во однос на погледите за македонскиот ракомет во моментов. Зошто е тоа така?

Тоа е приватна работа меѓу нас двајца. Во изминатиот период зборував доволно на таа тема и нема што повеќе да додадам. Она што можам да го кажам е дека имам и ќе имам забелешки кон начинот на кој се однесува кон националниот дрес, пред сѐ како селектор, и имам апсолутно право да го изразам своето незадоволство бидејќи бевме една успешна репрезентација, а сега сме на 27. место.

Зошто стагнира македонскиот ракомет? Зошто носи сѐ помалку радости и задоволства за јавноста, која повеќе од деценија нетрпеливо го чекаше секој настап на машката репрезентација?

Постојат повеќе причини. Една од нив е приватизацијата на македонската репрезентација. А со непризнавање на грешките, репрезентацијата се носи во амбис. Имаме квалитетни играчи, но потребен е различен концепт. Без задоволување на егото и нечии комплекси, Македонија би била многу поуспешна од досега.

Важите за остар критичар кога станува збор за аномалиите во нашиот спорт, не само во ракометот. Покрај квалитетен стручен кадар, му недостига ли на македонскиот спорт и подобро лидерство – соодветни луѓе на водечки места?

На македонскиот спорт му недостигаат луѓе што навистина сакаат да направат нешто за својата држава. Недостигаат луѓе што се подготвени да направат жртва за работите да тргнат во вистински правец. Погледнете каде бевме на спортски план пред седум или осум години, а каде сме сега. Сѐ ќе стане јасно кога ќе се погледне наназад. Промени мора да има за да оставиме нешто што ќе биде трајна вредност во спортот.

Хроничниот недостиг на финансии во спортот, државата се обидуваше да го решава со „спортскиот ваучер“, но најавено е негово укинување од 2024 година. Колкави беа реалните придобивки од него? Има ли алтернативни решенија да се стигне до подобра финансиска состојба во спортот?

Алтернативи секогаш има ако сакате навистина да ги најдете. Едно од решенијата е нов закон за спорт и финансирање во спортот. Со тоа, компаниите и стопанството ќе имаат поттик да пренаменат дел од финансиите и наместо да ги платат како данок на државата, да ги инвестираат во спортот. Но, тука е потребна контрола од страна на државата, дали, како и колку навистина од тие средства завршуваат во спортот. Но, ќе потенцирам, за сѐ има решение ако сакате навистина да има.

„Вардар 1961“ потпиша Меморандум за соработка со Универзитетот Скопје. | Извор: МРТ

„Вардар 1961“ потпиша Меморандум за соработка со Универзитетот Скопје. | Извор: МРТ

Иако не сте активен на теренот, дали успевате да најдете време да ја одржите кондицијата?

Во ова турбулентно време, се трудам поголем дел од времето да го поминам спортувајќи и морам да признам дека сум спортски активен. А тоа ме прави среќен и е дел од мојата дневна рутина.

Покрај вашите успеси во кариерата, се стекнавте со диплома од Економскиот факултет на Универзитетот Скопје. Која порака би ја испратиле до нашата младина?

Точно. Јас бев студент на Економскиот факултет на Универзитетот Скопје. Но, моето образование нема да застане тука, имам желба да продолжам. Пораката до младите е да научат да работат вредно и чесно за сѐ што веруваат. Да им останат лојални на своето семејство, народот, државата. Само на тој начин можеме да изградиме здраво општество.

Во август годинава, ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски и извршниот директор на РК Вардар потпишаа меморандум за соработка.

„РК Вардар 1961 и Универзитетот Скопје делат исти вредности, а тоа е развој на спортот во нашата држава“, изјави Ристовски по тој повод.

„Продолжуваме да го поддржуваме спортот во Македонија. Продолжуваме без запирање да вложуваме во здрава младина за доброто на татковината“, рече ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски.

Борко Ристовски поголем дел од својата кариера ја помина во странство, а на почетокот и крајот остави трага и во домашното првенство. На еден од последните значајни турнири, Купот на Македонија, беше прогласен за најдобар голман.

Image
Newsletter