Пандемијата со ковидот помина, енергетската криза ги поскапи ресурсите, цените на продуктите и услугите се зголемија, што очигледно многу влијаеше врз туризмот. Секторот кој речиси секогаш е прв на удар на ваквите состојби претрпе доста и сѐ уште не може целосно да „застане на нозе“. Очекувањата во Македонија се дека рекордните бројки од пред кризата конечно, по пауза од три години, ќе се достигнат годинава. Колку е тоа можно и каков е пресекот на годината во поглед на искуствата на туристичките работници во првите шест месеци од 2023 година?
Првиот чартер-лет со британски туристи. | Извор: сдк.мк
Британците ја „открија“ Македонија
Во 2023 година, туристичкиот сектор влезе со огромни очекувања за враќање на странските туристи во Македонија. Конекциите кои беше тешко повторно да се воспостават по прекинот поради пандемијата и економската криза, како повторно да се регенерираа. Туристичките центри, а особено најголемиот – Охрид, се наполнија со Срби, Холанѓани, Турци, Полјаци, а од годинава и со Британци. Туристите од островот ја открија Македонија како дестинација откако се воведоа нови авиолинии и чартери од и до Манчестер и Лондон од Охрид, како и редовната линија на „Визер“ Скопје – Лондон. Поевтината храна и сместување им се привлечни на Британците со потенок џеб, но и на оние кои сакаат да истражуваат нови дестинации. Нивното присуство во земјава стана видливо откако и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот оваа пролет организираше едукативно патување во Македонија за новинарите со цел да ја промовираат земјава како нова неоткриена локација за истражување и релаксација. Па така, познатиот британски експерт за патувања Сајмон Калдер за летово ја препорача Македонија како држава што е „budget friendly“, а Охридското Езеро го нарече „дестинација за сите времиња“.
„Одлука за сите времиња летово ќе биде новата дестинација во Северна Македонија со летот од Манчестер до Охридското Езеро, кое е прекрасно. За 386 фунти по лице. Фантастично е. Јас сум бил таму. Апсолутно е прекрасно, езера, планини. Пријателски луѓе, одлични цени за речиси сè. Одете таму“, вели Калдер.
Инаку, од Британија бројката на гости ќе достигне од 5 до 7 илјади гости. Туроператорот ТУИ Велика Британија организира два чартер-лета неделно од Манчестер и од Лондон до Охрид. Се нудат пакет-аранжмани во времетраење до една недела.
Охрид атрактивен и за турските туристи.
Зголемен број на туристи од Србија и Турција
Поради веќе добро познатото заладување на билатералните односи со Бугарија, туристите од оваа земја годинава изостанаа во Македонија, а нивното отсуство особено се чувствува во најголемиот туристички центар Охрид. Се работи за околу 100 илјади ноќевања помалку оваа година. Затоа пак, новите чартери од Белград и Измир ја засилија соработката со Србија и со Турција.
Уште при крај на минатата година беа договорени чартер-летовите од Измир. Така, сезонава Турците се чести гости овде, но и македонските туристички агенции креираа и им понудија на македонските граѓани чартер-пакети за посета на Измир и околината, а не само на Истанбул и регионот на Анталија и Бодрум.
Забележан е раст од 70% на бројот на туристи и зголемување на остварените ноќевања за 65% од Турција за периодот од јануари до септември минатата година споредбено со истиот период од 2021 год. Учеството на турските туристи во вкупниот број на туристи во Македонија изнесува 12% за период јануари – септември 2022 година.
Според статистиките од 2022 година, еден турист во нашите туристички места троши од 85 до 95 долари на ден.
Она што е интересно и ново, би рекле, е тоа што Агенцијата за туризам одамна ја разбра потребата за креирање нови начини за привлекување туристи, па така, присуството на саеми за туризам повеќе не е доволно. Широкиот опфат на следбеници на социјалните мрежи си го направи своето. Луѓето многу полесно и побрзо се информираат за туристичките понуди, сместувачките капацитети и за евтини авиолетови преку Фејсбук и преку Инстаграм отколку преку традиционалните медиуми.
Токму затоа, страниците на социјалните мрежи редовно се ажурираат со нови податоци, а Агенцијата е фокусирана на онлајн-рекламирање на земјава. Таа дури и организира информативни патувања на влијателни инфлуенсери со цел да ги поттикне да ја фаворизираат Македонија за патувања преку социјалните мрежи.
Бања Банско: Домашните туристи ја „откриваат“ неистражена Македонија.
Домашни туристи
На Македонците, се чини, требаше да им се случи кризата со ковидот за да ја откријат сопствената држава. Поради рестрикциите за патувања надвор од границите, пред три години, жителите „открија“ нови, досега не толку познати и промовирани домашни локалитети, како на пример археолошките наоѓалишта во Источна Македонија, Долината на кактусите во демиркаписко, интересните музеи во руралните подрачја, водопадите низ целата земја, а сѐ повеќе луѓе се впуштаат во активен туризам низ планините, особено во националните паркови.
Овој тренд се одржува веќе извесен период, на радост на многумина. Особено се задоволни луѓето во селските средини кои инаку би се опустошиле и би се иселиле и побрзо од очекуваното. Сега, три години подоцна, понудата на сместувачки капацитети е до толку проширена во некои непознати предели што можете да најдете поволни апартмани во напуштеното Мариово, ресторани и хотелчиња на Плачковица, вили на Кожуф, етнокуќи во Демирхисарско итн.
Туристичките агенции го препознаа овој потенцијал, па започнаа со организација на еднодневни и повеќедневни понуди. Сега се организираат вински тури со посета на винариите во Тиквешко и дегустирање на локални вина, тури низ обележјата на Тетово и околината, понуди за обиколка на водопадите и на манастирите околу Струмица, кружни тури околу Охридското и Преспанското Езеро и слично. И покрај тоа што за овие понуди има огромен интерес, особено кај постарите жители кои не располагаат со сопствено возило, велат дека агенциите не го препознаваат овој потенцијал во текот на летните месеци, кога турите изостануваат за сметка на понудите за летување во соседните држави. Имено, тие решавале да заработат од домашните туристи само кога временските прилики се понеповолни, во текот на пролетните и на есенските месеци.
Временските непогоди „ја поткопаа“ сезоната.
Временските неприлики ја „поткопаа“ сезоната
Еден од главните проблеми на македонскиот туризам е неговиот сезонски карактер. Главниот туристички центар Охрид живее за трите месеци на лето, во зима околу дочекот на Нова Година, празникот Водици, за Велигден, за некој продолжен викенд и толку. Познавачите велат дека земјава мора да поработи на проширување на понудата надвор од традиционалното и дека е потребно повеќе да се вложува во дигитализација, иновации, нови технологии.
Традиционално, летниот период е оној во кој туристичките работници „тријат раце“. И покрај позитивните бројки и растот на бројот на туристи, состојбата на терен се чини поинаква. Временските неприлики ја поткопаа сезоната. Јуни беше дождлив, јули со нестабилно време на стартот, па туристичка катастрофа беше на повидок. Хотелите, рестораните и кафулињата зјаеја празни и по повеќе од три недели. Сите надежи беа вперени кон август кога се очекуваше подобрување на временската прогноза. Сепак, на стартот на осмиот месец во годината, инаку клучен за туризмот во Македонија, се случи облачно и студено време, нестандардно за овој период од годината, кое траеше повеќе од 10 дена. Сонцето повторно силно огреа, но дали ќе биде доволно да ги „стопли“ џебовите на туристичките работници, останува да видиме. Пресвртот што се случи е само делумен.
Охриѓани велат, да, точно било дека градот е преполн, чаршијата бучна, расположението на ниво, а паркинзите стандарден проблем, сепак, некако профитот изостанува. Едноставно, луѓето не нарачувале како порано, ниту јаделе ниту пиеле како минатите сезони. Сметаат дека беспарицата се чувствува на секој чекор. Туристи има, но многумина ги преполнуваат маркетите наместо кафулињата и рестораните. Вработените на една од охридските плажи велат дека кујната на ланч-барот некои работни денови затвора и пред 4 часот, што не се случило никогаш претходно. Некои плажи сезоната ја затворија веднаш по празникот Голема Богородица, свесно занемарувајќи го потенцијалниот профит во септември. Во туристичките населби Лагадин и Пештани велат дека доказ за тоа дека туристи нема или не трошат пари како порано биле празните места за празникот Илинден. Ако некогаш се барало место повеќе или, пак, примале повеќе гости од расположливиот капацитет, сега тоа не било случај. На крајот на август, некои од приватните вили кои издаваат апартмани на потегот Рача – Љубаништа, биле пополнети само 25%.
За разлика од нив, хотелите засега работат турбо.
„Туристичката сезона за Охрид ја поминуваме добро и е над очекувањата. Пополнетоста на хотелските капацитети во август е меѓу 80 и 90 отсто. Така ќе продолжи и во текот на септември, кога се најавени повеќе групни посети на туристи од странство. Вкупната оцена е позитивна. Но сега ги увидовме многуте недостатоци што не беа толку видливи во минатите години, кога имаше помала посетеност. По завршувањето на сезоната ќе треба да седнеме сите субјекти од туристичката дејност, да видиме каде сме и да направиме една стратегија за подолгорочен развој на туризмот во Охрид и во земјава. Треба да видиме каде сме во регионални рамки со туристичката понуда. Ако пред неколку години бевме многу подобри од една Албанија, сега треба да се соочиме со нејзиниот видлив напредок во развојот на туризмот“, рекоа од ХОТАМ за Нова Македонија.
Позитивна статистика – 30% повеќе туристи
3,3 милиони ноќевања и девизен прилив од 430 милиони евра – ова се таргетите на туристичката сезона за оваа година.
Според Државниот завод за статистика, бројот на туристи од јануари до јуни бил поголем за дури 30%.
Во јуни годинава земјава ја посетиле вкупно 110.319 туристи, од кои 23,5 отсто биле домашни, а 76,5 отсто странски туристи. Тие оствариле вкупно 225.092 ноќевања, при што 30,6 отсто од ноќевањата ги направиле домашните, а 69,4 отсто странските туристи.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – јуни 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 30,1 отсто, при што кај домашните туристи има зголемување за 2,8, а кај странските за 46,8 отсто. Бројот на ноќевањата, пак, е зголемен за 18,8 отсто, кај домашните туристи има намалување за 1,2 отсто, а кај странските има зголемување за 32,9 отсто.
Сепак, порастот од 30% можеби се чини голем, но треба да се има предвид ниската споредбена основа од лани. Ако Агенцијата за туризам сака да ги достигне бројките од референтната 2019 година, тоа барем засега не се случува. Во првите 6 месеци земјава ја посетиле 413.000 туристи, што сепак е помалку од 450.000 во првите шест месеци во 2019 година.
Исто е и со бројот на ноќевања. Во првите 6 месеци имало 822 илјади ноќевања, наспроти 944 илјади во истиот период во 2019-та година.
27 Септември, Светски ден на туризмот.
Светски ден на туризмот – 27 Септември
Овој 27 септември, како и секоја година, се одбележува Светскиот ден на туризмот. Главниот настан ќе се одржи во Ријад, Саудиска Арабија, во организација на UNWTO (Светска туристичка организација при Обединетите Нации). Организацијата ги идентификуваше инвестициите како еден од клучните приоритети за закрепнување на туризмот и за неговиот иден раст и развој. За Светскиот ден на туризмот во 2023 година, UNWTO ја нагласува потребата од повеќе и подобро насочени инвестиции за луѓето и за планетата. Се смета дека сега е време за нови и иновативни решенија кои ги промовираат и ги поткрепуваат економскиот раст и продуктивноста, а не само за традиционални инвестиции.
Светскиот ден на туризмот во 2023 година ќе биде повик за акција до меѓународната заедница, владите, мултилатералните финансиски институции, развојните партнери и инвеститорите од приватниот сектор да се обединат околу нова стратегија за инвестиции во туризмот.
UNWTO ја нагласува потребата од повеќе и подобро насочени традиционални и нетрадиционални инвестиции. Се работи за вложувања во човечкиот потенцијал, одржливост на планетата и иден развој, такви што треба да овозможат туризмот да го постигне својот масовен потенцијал и да овозможи повеќе можности за вработување на луѓето, како и градење на што поотпорни економии.
На Светскиот ден на туризмот, UNWTO сака да промовира достапност на патувањето за секого, вклучително и за оние со попреченост и за луѓето со ниски приходи.
Туризмот е еден од водечките работодавачи во светот.
Инвестиции во квалитетен кадар
Туризмот е еден од водечките работодавачи во светот. Во 2019 година, секторот вработуваше едно од 10 лица низ светот и се покажа како алатка за економска диверзификација, но и како можност за вработување голем број луѓе со голем мултипликативен ефект врз другите сектори што придонесуваат за руралниот развој. Туризмот во руралните области може особено да има корист од традиционално обесправените групи како што се жените, кои сочинуваат 54% од работната сила во туристичкиот сектор наспроти 39% во цела економија. Туризмот е исто така лесно достапен сектор за микро- и за малите претпријатија, како и за самовработувања, кои сочинуваат значителен дел од туристичкиот сектор.
Во земјите во развој, 50% од младите не се во можност да работат во туризмот поради недостигот од можности, ресурси или пристап до академска обука. Понатаму, сегашното образование и можностите за обука се неурамнотежени, со голем акцент на менаџментот со хотелите. Во иднина, до 2030 година, глобалната работна сила во туризмот ќе бара милион дипломци за угостителство годишно, а за дополнителни 800.000 работни места годишно ќе се бара специфична стручна обука.
Зелена транзиција на туризмот
Инвестициите во хотелски капацитети ќе имаат клучна улога. Глобалниот обем на хотелски инвестиции се зголеми за 131% за само една година, што во вкупна вредност изнесуваа 66,8 милијарди американски долари.
Потребата за намалување на штетните емисии на гасови, пак, отвора можност за инвестирање на 24,7 трилиони долари во секторот на зелени екостанбени комплекси во градовите во развојните економии до 2030 година, од кои на хотелите, одморалиштата и на рестораните отпаѓаат 1,5 трилиони долари.
На конференцијата по повод Светскиот ден на туризмот во Ријад учесниците ќе се обидат да најдат решенија за повеќе прашања од исклучително значење за секторот како на пример:
- Како можат владите да ги промовираат домашните и меѓународните инвестиции во туризмот и како да ги подобрат регулативите во своите држави за да го олеснат нивниот старт?
- Како да се најдат начини за поголеми вложувања во едукација на работниците во туризмот и во угостителството?
- Кои се финансиските инструменти кои можат да ги поттикнат претприемништвото и иновациите?
- Како да се намали финансискиот јаз во примањата на мажите и жените во неразвиените економии?