Европски градови и региони на иднината 2022/2023

Европски градови и региони на иднината 2022/2023

Кои се победниците и каде сме ние?

Jугоисточниот дел на Англија, вклучително и Лондон, се истакнаа како најдобри за 2022/23 година во Европа, на рангирањето за „Европски градови и региони на иднината“ на ФДИ Интелеџенс, реномирано специјализирано списание за странски инвестиции на Фајненшл тајмс.

Студијата, која ги определува најперспективните инвестициски дестинации низ Европа, утврди дека европските локации покажале одреден степен на отпорност на неизбежните инвестициски последици од пандемијата.

Додека Лондон ја потврди својата инвестициска привлечност, конкуренцијата низ континентот се интензивираше. Градовите како Амстердам, Даблин, Париз и Франкфурт беа успешни во пресретнувањето на некои од компаниите што се преселија од Обединетото Кралство по Брегзит, а Барселона и Каталонија добија добри оценки за своите стратегии за промоција на инвестициите.

Европските градови и региони на иднината на ФДИ за 2022/23 година ги рангираше локациите привлечни за странски директни инвестиции. Дури 356 градови беа оценети и групирани според големината на населението во пет категории: метрополи, големи, средни, мали и микроградови.

Тие потоа беа рангирани врз основа на податоците собрани во пет поткатегории: економски потенцијал, позитивно настроени кон бизнисот, поврзаност, човечки капитал и начин на живот и ефективност на трошоците.

Лондон уште еднаш предводи на полето, задржувајќи го статусот на водечки магнет за странските инвеститори меѓу најголемите европски метрополи, и покрај тоа што Брегзит поттикна неколку странски инвеститори да го преиспитаат своето европско влијание.

Топ 10 европски градови и иднината 2022/2023

Топ 10 европски градови и иднината 2022/2023

Другите главни градови, како што се Амстердам, Париз и Даблин, исто така се сместени во категоријата топ 10 големи европски градови на ФДИ бидејќи со значителен успех ја рафинираа својата понуда по Брегзитот.

Забележителен нов учесник е Букурешт, кој дојде на петтото место и првпат се пласираше во првите 10 места за големите градови.

Франкфурт на Мајна, петтиот по големина град во Германија, беше победник во категоријата големи градови на ФДИ. Како дом на Европската централна банка и осум од 1000-те најдобри банки во светот, Франкфурт постигнува добри резултати и се смета за безбедно место за капиталот.

Цирих, најголемиот град во Швајцарија, ја зазеде пол-позицијата во категоријата град со средна големина, делумно благодарение на инвеститорите што ги препознаа придобивките од тоа што имаат упориште во добро развиениот иновациски екосистем на градот. Второпласирани голем град беше Вилнус, главниот град на Литванија, кој стана барана локација од технолошки фирми и функции со висока додадена вредност, како што се истражувањето и развојот.

Базел, Швајцарија, е прв во категоријата мали градови. Тој е дом на седиштата на неколку големи компании за наука за животот. Друг швајцарски град, Цуг, доби признание за најдобар во категоријата микроградови.

НАЈДОБРИ ЕВРОПСКИ ГРАДОВИ СО СРЕДНА ГОЛЕМИНА

На листата конечно во една категорија може да се види и Македонија, односно градот Скопје. На листата на Европски градови на иднината со средна големина, Македонија е рангирана само во една категорија, но ја нема во генералната оценка за најдобри градови со средна големина за странски инвестиции.

Градот Скопје е прв на листата само во групата на ефективност на трошоците, во што инвеститорите гледаат можност за евтина работа сила. Подолу на истата листа се Молдавија, Турција, Русија, Албанија и Украина.

Топ десет градови со средна големина според ефективност на трошоци

Топ десет градови со средна големина според ефективност на трошоци

Скопје го нема во останатите категории – економски потенцијал, човечки потенцијал, поврзаност и пријателска настроеност кон бизнисот. Во категоријата најдобри мали европски региони за инвестирање, скопскиот регион го има повторно само во една оценка, повтроно во однос на ефективноста на трошоците, односно, меѓу другото, евтина работна сила.

Топ десет мали европски региони на иднината 2022/2023 според ефективност на трошоци

Топ десет мали европски региони на иднината 2022/2023 според ефективност на трошоци

Од табелата може да се види дека скопскиот регион е на 6. место, а пред нас се региони од Бугарија и од Литванија.

На регионално ниво, истражувачкиот тим на ФДИ процени 148 европски региони групирани во три категории – мали, средни и големи – за да ги пронајде оние локации што имаат најголем потенцијал да привлечат инвестиции.

Југоисточниот дел на Англија е признат како водечки голем европски регион во целина. Во меѓувреме, регионот на Северна Холандија го задржа своето прво место во категоријата региони со средна големина, додека регионот Даблин во Ирска го зазеде првото место во категоријата мали региони.

Рангирањето на европските градови и региони на иднината за 2022/23, исто така, ги анкетираше локалните агенции за промоција на инвестициите за категоријата стратегија за странски директни инвестиции. Уредникот на ФДИ, Јакопо Детони и четворица надворешни судии од индустријата за промоција на инвестиции и за странски директни инвестиции, прегледаа 75 пополнети анкети од градови низ Европа.

Иако странските директни инвестициски во Европа во последните две години беа под влијание на пандемија со Ковид-19, авторите на ова рангирање констатираат дека не е сè така црно. И покрај тоа што пандемијата предизвика удар врз инвестициските планови, сепак европскиот регион како целина се покажа отпорен како инвестициска дестинација, се вели во специјалниот извештај на Фајненшл тајмс.

Image
Newsletter