Граѓаните се дигнаа на нозе за зачувување на својот животен стандард. Просечните плати изминативе години растеа, но инфлацијата ги „јадеше“. Прво изговор беше пандемијата, потоа енергетската криза, а сега? И покрај поевтинувањето на материјалите и инпутите, крајниот производ и натаму расте. Февруари вриеше од протести и бојкоти на Балканот. Први на граѓанска акција се дигнаа Хрватите. Одлучија еден петок во седмицата да ги бојкотираат маркетите. Кога падна драстично прометот во продавниците, потегот го копираа и Босанците, Црногорците, Србите и Македонците. Има ли ефект? Дали ќе се вратат цените на некое прифатливо ниво или, пак, граѓаните, ако сакаат да заштеда,т ќе треба да научат едноставно помалку количински да купуваат храна или, пак, да скратат на некои други трошоци?

Иницијативата „Ало инспекторе“ организира низа успешни бојкоти низ Хрватска.
Хрватска – пионер на бојкотот на Балканот
Како што веќе пишувавме погоре, Хрватска прва се побуни поради растечките цени на најосновните производи во големите маркети. Тамошната граѓанска платформа „Ало, инспекторе“ уште на 24 јануари „прва повлече нога“ и ги повика граѓаните да не пазаруваат во петок. Откако податоците на хрватската даночна управа покажаа дека бојкотот на продавниците во Хрватска бил успешен, платформата „Ало, инспекторе“ организираше уште неколку еднодневни и еден неделен бојкот на маркетот „Конзум“ со истата цел.
Само при првиот бојкот, до 16 часот попладне, во секторот трговија на мало биле оданочени 32 отсто помалку поединечни фактури во однос на претходниот петок, а износот на фактурите бил помал за 37 отсто. Ако се земат предвид сите индустрии, податоците се малку послаби, но сепак сугерираат дека потрошувачите одлучиле да испратат прилично силна порака. Во сите сектори, бројот на поединечни фактури бил за 29 отсто помал од претходниот петок, а износот на фактурите бил помал за 31 отсто, што упатува на тоа дека бојкотот на продавниците успешно се прелеал и во другите сектори, соопштија организаторите на бојкотот.
„Нашата платформа постои повеќе од пет и пол години, период во кој постигнавме забележителни резултати во едукацијата, информирањето и заштитата на потрошувачите. Ние не сме политички поврзани ниту сме политички ангажирани. ,Здраво, инспектор‘ е единствената официјална платформа која ги застапува интересите на граѓаните и комуницира во врска со бојкотот на продавниците. Силно ги отфрламе обидите да се создаде неред и конфузија, кои се шират од одредени поединци и организации“, изјави за телевизијата „N1“ Јосип Келемен, советник на платформата „Здраво, инспектор“.
Трговците во Хрватска зазедоа заеднички став дека бојкотите нема ништо да променат и дека тие ќе продолжат да работат како и претходно. Истакнаа дека тие не биле виновни, туку увозниците и дистрибутерите. Претседателот на Хрватската стопанска комора, Лука Буриловиќ, истакна дека трговците се последни во синџирот кои треба да одговараат за високите цени.
„Денеска добивме нови производи – морковите се од Србија, јагодите од Грција, а кромидот од Германија. Тоа не е проблем за трговците, тоа е многу поширок проблем, кој треба да се обидат да го решат тие што сега му се приклучуваат на бојкотот“, рече тој.
Владата застана со поддршка за бојкотот на граѓаните и ги ограничи цените на поголем број производи.
„Државниот инспекторат има мандат сериозно да пристапи кон контролата на цените во однос на мерките што се во сила, а Агенцијата за конкуренција да испита дали има координирани практики на пазарот. Ова е важна и артикулирана порака до граѓаните, да се следат и да се споредуваат цените во однос на слични и исти производи во други земји“, рече премиерот Андреј Пленковиќ.
Организаторите на бојкотот рекоа дека нема да се откажат сѐ додека не почне нов, помасовен бран на попусти и поевтинувања на производите, а не само краткотрајно ограничување.
На средината на февруари, во Хрватска веќе имаше масовни бојкоти не само на големите маркети, туку и на пекарниците, банките, телекомуникациските оператори, агенциите за недвижности.

Празен паркинг пред маркет во Хрватска. | Извор: Том Дубравец
На 20 февруари 5 минути молк, па свирежи во „знак на будење“ на народот
За 20 февруари, точно од 5 до 12 часот, на плоштадот „Трг хрватских великана“ пред Хрватската народна банка во Загреб, на Светскиот ден на социјалната правда, по пет минути тишина, точно напладне, учесниците создадоа силен шум за да укажат дека времето на тишина е завршено. Освен во Загреб, платформата ги повика граѓаните од сите делови на Хрватска да му се приклучат на протестот правејќи врева каде и да се напладне – без разлика дали со сирени од автомобили, свирежи, тапани или гласови, за да го привлечат вниманието кон проблемот што ги засега сите нивоа на општеството. Организаторите ги повикуваат сите учесници да донесат каталози со попусти од трговските центри и симболично да ги остават кај гувернерот и вицегувернерите на Хрватската народна банка, која треба да се грижи за ценовната стабилност.
Платформата проценува дека трговците досега изгубиле над 100 милиони евра поради бојкотот.
„Ако знаеме дека има повеќе од 100 милиони евра помалку во касите на малопродажните синџири, ако знаеме дека е слушнат гласот на потрошувачите, ако знаеме дека се активирани барем некои системи за надзор на пазарот во Хрватска и ако знаеме дека се пуштени во употреба многубројни промоции, намалувања и попусти, тоа е знак дека потрошувачката паѓа и дека ние како потрошувачи станавме свесни за себе и за нашите можности, како и дека нашиот глас е слушнат“, рече Келемен.

Повик за бојкот во Црна Гора.
Црна Гора
На првиот ден од бојкотот на маркетите во Црна Гора на 31 јануари, речиси и да немало купувачи. Во Будва, Никшиќ и Бијело Поље речиси и да немало промет, во Подгорица имало многу помалку од вообичаено, а слична била ситуацијата и во Бар. Според Даночната управа на Црна Гора, петте најголеми трговски синџири при првиот бојкот на 31 јануари забележале пад на прометот од 56,14 отсто. Граѓаните биле повикани на бојкот од граѓанската иницијатива „Алтернатива Црна Гора“ во знак на протест против високите цени на прехранбените производи. Бојкотот се однесувал на супермаркетите „Воли трејд“, „Хард дискон Лаковиќ“, „Идеа-ЦГ“, „Домашна трговија“ и „Мегапромет“.
На вториот бојкот, на 8 февруари, петте најголеми трговски синџири во Црна Гора забележале пад на прометот од 30,23 отсто во однос на 1 февруари, покажале податоците на Даночната управа на Црна Гора. Продавниците на 8 февруари оствариле промет од 2,96 милиони евра, додека на 1 февруари, кога немало бојкот, прометот изнесувал 4,24 милиони евра. Податоците на Даночната управа покажале дека прометот најмногу паднал во централниот регион на земјата и тоа за 35,86 отсто.
Во северниот регион бил забележан пад на прометот за 30,62 отсто, додека во јужниот регион имало 21,5 отсто помалку пари во касите на супермаркетите. За 18,15 отсто бил помал и бројот на издадени фактури.

Македонија – со успешен бојкот до пониски цени
На 31 јануари и во Македонија, по примерот на Хрватска се организираше прв бојкот на големите маркети. Овој бојкот дојде по неколкумесечното незадоволство на граѓаните поради злоупотребата на мерката „потрошувачка кошница“. Имено, трговците во неколку наврати ги ограничуваа цените, но без претходно да ги подигнат на повисоко ниво. И покрај негодувањето на граѓаните, но и на Владата, ваквата практика продолжи и во јануари, особено по 15 јануари, кога заврши таканаречената „новогодишна кошница“. Цените се вивнаа нагоре, па бојкотот во Хрватска како да ги освести и македонските граѓани дека мора конечно да сторат нешто.
На 31 јануари во маркетите немаше полни корпи, ги немаше ниту препознатливите редици на касите. Маркетите останаа без муштерии. Во некои маркети немаше ниту еден купувач, а во некои само по неколку граѓани кои купуваа по еден или два производи кои им беа најнеопходни. Кај маркетите во близина на училиштата, беше видлива раздвиженост, но најголем дел од купувачите беа ученици.
Трговците признаа дека посетеноста им е намалена. Особено тоа го забележале преку бројот на издадени фискални сметки.
Дел од граѓаните сметаа дека се испраќа добра порака, но поголемиот дел имаа и дилема дали може само еден ден бојкотирање да смени нешто на долг рок. Алармираа надлежните да бидат постојано на терен и да ги зауздаат со казни трговците.
Дел од трговците ја сфатија пораката на потрошувачите, ги намалија цените на некои од производите и најавија акции со кои значително ќе се намалат цените на основните производи.
Премиерот рече дека дел од економските оператори ја злоупотребуваат својата положба. Тој потенцираше дека е неразбирливо како одредени производи кај нас се поскапи дури и двојно отколку во други држави, и тоа не само во маркетите, туку и во аптеките и во продавниците за бела техника.
„За мене, пред сѐ како граѓанин, нелогично е исти производи во маркетите кај нас да бидат со исти или повисоки цени од маркетите во соседството, или исти лекови кај нас да се два до три пати поскапи, или бела техника, не може кај нас да биде до 50 отсто поскапо“, истакна Мицкоски.
За експертите бојкотот е силен аларм од граѓаните, пред сѐ, кон бизнис-секторот, но мора паралелно да има и институционално решение.
„Тоа е еден тип на аларм. Тоа е еден тип на порака која сакаат да ја пратат потрошувачите, и тоа не само кон трговците, сакаат да ја пратат и кон Владата. Апелот е дека контролите се еден начин, меѓутоа дека треба и системска промена паралелно со бојкотот за да се казнат злоупотребите, бидејќи гледаме дека граѓаните реагираат, а трговците почнаа да бараат оправдувања и институциите да дејствуваат паралелно со нив“, рече универзитетскиот професор Борче Треновски.

Дурмиши на средба со трговците и дистрибутерите.
Прометот во петок намален, зголемен во сабота
Од Управата за јавни приходи, информираа дека во петок, 31.1.2025 година во однос на петок, 24.1.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети бил забележан пад на вкупниот промет за 46.59%. Во петок, 31.1.2025 година, во однос на четврток, 30.1.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети бил забележан пад на вкупниот промет за 46.29%. Нешто послаб одѕив имаше на вториот бојкот на маркетите. Вкупниот промет на осумте поголеми ланци на маркети „паднал“ за 22 отсто во однос на денот пред бојкотот, во четвртокот, или за над 800 илјади евра, додека, пак, забележан бил раст на прометот за 37 отсто во однос на минатиот петок, кога исто така имаше бојкот за прв пат на маркетите во државава. Според УЈП, врз прометот влијание имаше и тоа што граѓаните земаат плата и пензија на почеток на месецот.
По серијата бојкоти, Владата наложи да се стартува со сеопфатни анализи за шест месеци наназад. Инспекциите ги чешлаа дистрибутерите, добавувачите, трговците и производителите со акцент на движењето на бруто-профитната маржа.
Освен приходите, инспекторите ја проверуваа и примената на Законот за нефер трговски практики, односно новите договори помеѓу купувачите и добавувачите за земјоделски и за прехранбени производи. Законот кој треба да стави ред во трговијата е под надлежност на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) ги проверува Договорите за снабдување на земјоделски и прехранбени производи склучени помеѓу добавувачите (производители и увозници) и купувачите (трговците) со цел да утврди дали се согласно со Законот за нефер трговски практики. Во оваа фаза се врши нивна анализа“, информираа од КЗК.
На крај, Министерството за економија и труд даде предлог-одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на 10% во трговија на големо и на 10% во трговија на мало на дел од основните прехранбени производи, бебешката храна и средствата за хигиена. Предложено е мерката да важи до 30 април.
Владата донесе и препорака за транспарентно објавување на цените од страна на маркетите на нивните интернет страници, како и нивно ажурирање на дневна основа. Оваа мерка претходно ја најави премиерот, а целта е граѓаните претходно да можат да одлучат каде да пазаруваат.
Трговците предложија листа со 100 најупотребувани производи кои би поевтиниле
Трговците, пак, во обид за избегнат замрзнување на маржите, предложија листа од 150 најупотребувани производи кои би ги поевтиниле. Шеќерот, маслото, брашното, млекото, пилешкото месо, да бидат со маржа од 3 проценти. За лебот, тестенините, оризот, за солта, за кафето, оцетот, за квасецот, рускиот чај, урдата, видови сирење, кашкавал, јајца, за ајварот, за видови зеленчук, овошје, за пиво, бело, црвено вино, но и за дел од средствата за хигиена – прашок, паста за заби, тоалетна хартија и друго, се предлага маржа од 10 до 15 проценти. Новоформираната Стопанска комора за трговија на мало и големо смета дека можат да ги намалат цените. Предлогот е да има поевтинување на околу 150 продукти, а мерката да важи од 22 март до 22 април, со што би биле опфатени и празниците Рамазан и Велигден.
Во меѓувреме, статистика измери нов раст на инфлацијата од 4,9 отсто во јануари годинава, во однос на истиот месец лани.
Инаку, според податоците, седумте најголеми синџири на маркети во Македонија во 2023 година оствариле приход од 930 милиони евра.

Дејан Гавриловиќ, Ефектива. | Извор: Insajder.sr
Србија – бојкот од понеделник до петок
По еднодневниот бојкот на пет големи трговски синџири, здруженијата на потрошувачи и граѓаните на Србија од 10 февруари повикаа на нов петдневен бојкот поради високите цени. Дејан Гавриловиќ од здружението „Ефектива“ вели дека успехот на еднодневниот бојкот е тоа што биле издадени околу 21,5 отсто помалку фактури, а прометот бил за 37 отсто помал.
„Значи, тоа беше 4,5 милиони евра помалку во однос на петокот пред бојкот. Не се малку пари, но веднаш откако се случи, добивме информација дека почнале да ги покачуваат цените, што значи дека не реагирале на вистински начин, па ги повикавме граѓаните на овој петдневен бојкот. Ги упативме граѓаните што да прават, клучен совет во целата оваа приказна е да се најде алтернатива. Затоа, не е бојкот ако купам однапред во истиот синџир во следните 5 дена во недела, па бојкотирам, па повторно купувам од него во сабота. Наместо тоа, најдете алтернатива, најдете го патот на друго место, купете каде било, само не во еден од овие пет синџири“, истакна Гавриловиќ на РТС.
Сепак, професорот на Економскиот факултет во Белград, Горан Петковиќ, изјавил дека повикот за бојкот на купувањето во пет трговски синџири можеби ќе има негативен маркетиншки ефект врз бизнисот, но дека нема да има долгорочни ефекти врз намалувањето на високите цени. Тој изјавил дека малопродажната цена се состои од три компоненти, набавната цена, односно цената на производителот, втората е разликата во цената што ја присвојуваат трговците и третата е данокот што ѝ припаѓа на државата.
„Справувањето со само една алка, маржата на трговците во тој синџир на снабдување, за да се утврди зошто цените се високи во Србија, мислам дека не е доволно, но добро е ако биде таа акција поттик за Комисијата за заштита на конкуренцијата да почне да работи и посеопфатно да се справи со овој проблем“, рекол Петковиќ.

Празен маркет во Босна и Херцеговина.
Неуспешен бојкот во Босна и Херцеговина
По примерот на Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија, и Босна и Херцеговина му се приклучи на бојкотот на маркетите. Во февруари, во три наврати се организираше општ бојкот на продажните ланци.
„Рационализирајте го вашето трошење во другите денови. Избегнувајте да купувате расипливи производи. Избегнувајте да купувате артикли кои најмногу поскапеле, барајте алтернативи. Купувајте само основни намирници. Во петок, не купувајте ништо. Бидете дел од промената“, се вели во соопштението на групата на Фејсбук БОЈкот.ба.
И покрај повиците, бојкотот во БиХ се смета за неуспешен бидејќи тамошната даночна управа регистрирала поголем промет во деновите на бојкотот споредено со истите денови во претходната седмица.

Димитар Зоров, претседател на Здружението на преработувачи на млечни производи во Бугарија. | Извор: lupa.bg
„Врие“ незадоволството од високите цени на Балканот
Бугарија
На бранот незадоволство, во февруари му се приклучија и некои земји-членки на Европската Унија од регионот, како Бугарија, Романија и Грција, кои во текот на месецов подготвуваат еднодневни или повеќедневни бојкоти. Бугарија му се приклучи на балканското движење за бојкот на супермаркетите на 13 февруари.
„Очекуваме бугарската влада да застане зад потрошувачите, а не зад трговските синџири. Ова нема да биде еднократна акција. Ова е ценовен удар за 800.000 пензионери во Бугарија, кои живеат под работ на сиромаштија. Зошто има кај нас еден производ во малопродажен синџир повисоки цени од истиот тој производ во истиот трговски синџир на пример во Германија, Австрија? Нема ниту еден купувач во продавниците, да им покажеме на трговците дека има гневно граѓанско општество кое нема да толерира самоволие на цените“, рече Велизар Енчев, еден од организаторите на бојкотот.
Димитар Зоров, претседател на Здружението на преработувачи на млечни производи рече: „Треба да си ја кажеме вистината. Го слушнавме премиерот Желјазков како вели дека Владата нема да го наруши пазарот. Пазарот е толку искривен во моментот што не може повеќе да се нарушува. Утврдено е дека означувањето на млечните производи е 70-100% над нашата цена. Дали е фер да се дуплира цената во продавниците? Ова го поткопува бугарското производство. Над мојата цена за јогурт, во продавниците се додава плус 80%“.

Калин Георгеску, организатор за бојкотот во Романија
Романија – политички бои на бојкотот
Бојкотот на потрошувачите насочен кон големите трговски синџири добива на сила во Романија, но овие граѓански акции и тоа како се обоени со политички бои. Повикот за бојкот на супермаркетите беше инициран од Калин Џорџеску, проруски поранешен претседателски кандидат, кој ги повика Романците да ги избегнуваат трговските синџири што се странска сопственост од 10 до 16 февруари. Неговата цел е да се поддржат локалните производители и да се намали зависноста од мултинационалните корпорации. И покрај загриженоста за зголемувањето на цените на храната, повикот на Џорџеску предизвика силен отпор. Многу Романци ги користат социјалните мрежи за да го координираат контрабојкотот со намерно купување во супермаркетите на овие датуми. Министерот за земјоделство, Флорин Барбу, истакна дека 70 отсто од производите на супермаркетите се набавени од романски производители и предупреди дека продолжениот бојкот може да им наштети на локалните земјоделци и преработувачи. Тој истакна дека романските производители продаваат меѓу 60% и 80% од својата стока преку малопродажните синџири, што ги прави супермаркетите неопходни за нивниот опстанок.

Повик за бојкот во Грција. | Извор: inka.gr
Грција
Генералната потрошувачка федерација на Грција (ИНКА) повика на сенароден бојкот на 19 февруари.
„Доста е со измами, профитерство и шпекулации на сметка на потрошувачите“, се вели во соопштението на ИНКА, нагласувајќи дека грчките плати можат да покријат само половина месец.
Групата ги повикува граѓаните да не потрошат ниту едно евро на тој ден, избегнувајќи плаќања во банки, државни служби, комунални услуги (вода, струја, телефон), бензински пумпи, супермаркети, кафулиња, ресторани, продавници за малопродажба и продавници за електроника.
