Форум „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ – самоодрекувањето е пострашно од негирањето однадвор, ова е пресуден момент да ги сочуваме унитарноста и државноста

Форум „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“

Како да го заштитиме македонскиот идентитет? На оваа тема Универзитетот Скопје на 14 март организираше форум на кој учествуваа видни личности од политичкиот, дипломатскиот, економскиот и културниот живот во државата. Форумот беше организиран во три панел – дискусии. Учесниците дебатираа во кој правец се движи Македонија на економски и на политички план и дали го заштитивме доволно идентитетот. Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски порача дека организацијата на ваков форум била неминовност бидејќи се работи за клучен момент во македонската историја кога е заштитата на  идентитетот во прашање, а Универзитетот Скопје континуирано работи на зачувување и афирмирање на сето она што е македонско.

КАДЕ ЧЕКОРИ МАКЕДОНИЈА НА ПОЛИТИЧКИ ПЛАН?

Македонија е повторно исправена пред тешки предизвици и времиња кога се негира сѐ што е македонско, се задира во идентитетските прашања и кога има обиди да ѝ ги украдат историјата и културата. Нашата земја и народ во последно време се негирани, но не само однадвор, туку и однатре. Сами се одрекуваме од својот идентитет. Македонецот е научен да му го негираат правото на постоење и да му ги одземаат историјата и културата. Сега е пресуден момент за нашата татковина кога треба да ги сочуваме унитарноста и државноста – ова се главните пораки кои ги испратија учесниците на форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“.

Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, Неговото Блаженство Г. Г. Стефан: „На негирањето на нашиот идентитет од другите сме навикнати низ историјата. Денес, најзастрашувачко е негирањето на нас самите од нас самите“

Поглаварот на Македонската православна црква г. г. Стефан рече дека за Македонците не е ново негирањето на правото на постоење и одземањето на историјата и културата затоа што народот и црквата, рече тој, одамна се научени на тоа. 

„Но, нов елемент и далеку позастрашувачко е тоа што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку самите се самонегираме самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет. Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците. И тажно беше кога однадвор други не негираа застапувајќи ги своите интереси, но неспоредливо потажно е кога самите однатре се негираме застапувајќи туѓи интереси како свои“,  рече архиепископот додавајќи дека „некои Македонци со антимакедонски постапки“, или за лична корист или во служба на туѓи интереси, се подготвени и волни да отстапуваат од македонската историја и од македонскиот јазик. 

Тој порача дека се излажале „главните идеолози на таквите обиди на кои нашите им слугуваат“, а кои мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти која ќе се урне ако се повлече една, затоа што, рече, македонскиот народ е пиреј – трева што не умира и ништо не ја ништи. Најсилниот удар што му се задава на Македонецот, според него, е идејата за непостоење историски македонски корен и македонски идентитет, и само одржувајќи го христијанскиот идентитет, македонскиот народ ќе го зачува „македонскиот, библиски, јазичен, културен и историски идентитет“.

„Уште Стариот завет нѐ учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки и ако ја почитуваме таа заповед, тогаш треба да ги почитуваме нашите прадедовци и прабаби по род кои се вложија во градењето на нашата историја и култура, нашата црква и држава. Доколку останеме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа, тогаш ќе градиме и општество на здрави луѓе што ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ. Така меѓу нас ќе нема веќе ,кафени сахиби‘ и оволчени шарпланинци, личности кои почитувајќи ги туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите. За оние што го правеле тоа досега, го просиме Бога да им прости оти не знаат што прават“,  рече г. г. Стефан.

Проф. д-р Аце Миленковски, ректор, Универзитет Скопје: Идентитетот е лична карта, пасош

Според ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, Форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ е организиран од потребата да се зачува македонскиот идентитет затоа што, рече, се работи за татковината. 

„Идентитетот е лична карта, пасош. Кога ќе нѐ идентификуваат, ние сме Македонци, а и да не нѐ идентификуваат пак сме Македонци. И како сакаат да нѐ нарекуваат, ние сме Македонци. Тоа беа моите предци и тоа се моите потомци, тоа беа историските личности од античкиот период и во целиот период оттогаш сѐ до денес. На форумот ќе ги слушнете нашите аргументи дека за сѐ може да разговараме, но за личниот идентитет – никако. А никогаш и никако за идентитетот на нашата татковина“, изјави Миленковски пред почетокот на Форумот.

Амбасадорот Марјан Ѓорчев за медиумите изјави дека Форумот се организира во пресуден момент за нашата татковина „во време кога треба да ги сочуваме унитарноста и државноста, во време кога треба да ги промовираме древноста и вековноста на историско-географскиот простор Македонија“. Според него, почнувајќи од 1993 и од, како што рече, „фамозното попуштање под притисокот на Грција“, потоа со Привремената спогодба во 1995 и откажувањето од државното знаме, со непочитувањето на пресудата на Судот на правдата во Хаг во 2011, откажувањето во член 49 од македонското малцинство – со сето тоа „покажавме огромно безрбетништво и непочитување на она што македонскиот народ ни го порачуваше низ овие три децении“.

„Ако не попуштевме, ќе се најдевме на истото место каде што сме денес. Само ќе бевме погорди, подостоинствени и со поголема перспектива за нашата македонска иднина. Тоа е пораката – сите сплотени, заедно, единствено да покажеме дека имаме што да чуваме, имаме што да браниме и имаме што да надградиме на овој наш историско-географски македонски простор каде што е формирана македонска држава. Треба да ја почитуваме, треба да ја сакаме и да работиме за неа“, порача Ѓорчев.

Според него, имаме обврска да го охрабриме секој Македонец и македонски граѓанин што верува сѐ уште во своите институции, во својата химна, во својот грб, во своето знаме, во тоа што претставува Македонија, во тоа што е симбол, надеж и вера, дека можеме подобро, умееме подобро и треба да го направиме тоа подобро.

Проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје: „Преспанскиот договор е најголемото национално предавство! Доста е, време е да се обединиме!“

Говорејќи за евроаспирациите на Македонија, ректорот Миленковски истакна дека ниту една влада досега не успеала да го подигне квалитетот на образованието на европско ниво, ниту примарното, ниту средното, ниту високото образование. Напомена дека европските вредности, а особено дигитализацијата во образовниот процес се прифатени, имплементирани  и адаптирани во секојдневното функционирање на Универзитетот Скопје. Според него, во овој дел на ниво на држава ние тапкаме во место. Вели – постојат струи кои го влечат општеството наназад. 

„Во најновите алгоритми, јас не се гледам себеси како Северномакедонец. Ниту се гледам, ниту се читам, ниту, пак, сакам некаде да ме видат како таков. Јас сум Македонец. И кога ќе ни го одземат тоа право, а се обидуваат да ни го одземат, тогаш кај мене се раѓа тој порив, бунт, бунтот што го чувствуваа Тодор Петров и Флоровски во тој состав на првиот парламент во 1990 година. Јас имам револт и револтот сакам да го искажам токму преку овој Форум. Токму овде пред вас, пред јавноста. Јас имам пријатели насекаде, па и во МВР, па на никого не му се јавив за доброволно да го сменам својот идентитет, да фаќам врски за да добијам лични документи за кои се одговорни државните структури“, рече Миленковски.

Според него, со потпишувањето на Преспанскиот договор почнува да се редефинираат македонскиот идентитет и македонското прашање. Тоа било најголемото предавство откако постои македонската држава и македонската цивилизација. 

„Ние не им го дадовме тоа право да го редефинираат нашиот етнички идентитет. Личен. Во нивната програма не постоеше тоа. Се колнеа во деца, мајки, татковци, баби, дедовци, дека нема да го сменат името. Дека нема шанси тоа да се случи. Замислете да кажеа дека ќе го променеа името? Мислите ли дека некој однас ќе излезеше да гласа за нив? Тие се само љубители на туѓи интереси. Ние на своите, на националните“, изјави Миленковски.

Ректорот го заврши своето излагање со пораката дека на Македонците им треба единство, дека конечно треба да престанеме да се расправаме за да ја извадиме државата од работ на амбисот до кој е доведена денеска. Според него, треба јасно и недвосмислено да го кажеме нашето „не“ за рушење на нашиот идентитет и на претстојните избори.

Марјан Ѓорчев, амбасадор: „Како нација и како држава потфрливме на секој план. Токму затоа денеска имаме одговорност да го охрабриме секој Македонец што верува во Македонија, дека можеме подобро! Да направиме сѐ да биде подобро!“

Според амбасадорот Марјан Ѓорчев, на Македонците во последниве 33 години им недостига сплотеност и соработка, верба во македонството, верба дека сме ние свои на своето. Повеќе верувале дека некој амбасадор кој е овде 3-4 години знае повеќе за државава од нашите дедовци и баби, татковци и нас самите. Македонската политика, вели Ѓорчев, треба да биде цврста, одлучна и јасно да ја постави црвената линија. Без отстапки бидејќи веќе сме дале сѐ.

„Зошто да не се потпреме на нас самите? Некој вели ни требаат европски камшикари? Зошто ни се? Па тогаш го негираме сето тоа што е направено во нашата револуционерна борба за слобода и држава. Тогаш ги негираме и Делчев и Ченто и новото современо време во независна и суверена Македонија. Не треба да им веруваме на лажговците. Треба да ги именуваме со вистинско име. Треба да им кажеме: Ние не ви веруваме. Премногу време во овие 25 години не лажевте. Не се оди во Европа со коленичење. Европа треба да дојде тука и да признае дека тоа што го правиме е доволно. Дека тоа што го правиме е посакувано, дека е добро, прво за нас Македонците, а потоа и за европјаните. Само така ние ќе бидеме свои на своето. Само така каменот ќе си тежи на своето место и само така може да создадеме македонски ,Бели мугри‘ во темните хемисфери на македонската свест, и тогаш да ја бараме нашата европска ѕвезда, но секогаш преку Беломорјето“, заврши Ѓорчев. 

За сѐ може да преговараме, но за идентитетот на Македонија, никогаш и никаде. Затоа, сите треба да се сплотиме бидејќи имаме и што да чуваме и што да браниме. Само заедништвото и обединувањето носат промени кои ќе ја извадат Македонија од овој ќор-сокак, ова беше пораката од Форумот за зачувување на нашиот македонски идентитет.

КАДЕ ЧЕКОРИ МАКЕДОНИЈА НА ЕКОНОМСКИ ПЛАН?

Од осамостојувањето до денеска, Македонија изгуби драгоцени години и децении на економски план. Каде потфрлија владите? Реформи почнуваа, се стопираа, се креираа нови, но ретко се довршуваа. Имаме ли капацитет за да завршиме нешто докрај и да ја подигнеме економијата на едно повисоко рамниште?

Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори: Владата форсира странски фирми, а тие банкротираат, уште една инвестиција во Бунарџик пропаѓа

Според Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори, шансите за влез во Европската Унија се прилично лимитирани. Тој смета дека прашањето за македонски идентитет во економска смисла најдобро би можело да биде одговорено ако се избројат успешните македонски деловни приказни. За жал, вели тој, тие можат да се избројат на една рака. Во делот на инфраструктурата, исто така, сме во многу лоша состојба. Иницијативата „Отворен Балкан“ е многу добра идеја, но Ангеловски смета дека нема економски пристап кон работите. 

„Ако сакаме да добиеме поголемо почитување од нашите соседи, европски партнери итн., ние мораме да ја издигнеме економијата на највисоко ниво. Тоа во македонски рамки, без раст од 5% не би требало да има никаков разговор. Оваа година се предвидува некоја инфлација од 3%, а раст на БДП од 2 и нешто. Се поставува прашање: ќе има раст или ќе има пад? Има и позитивни примери. Виното во последниве неколку години, гледаме, брендингот и пристапот кон производство на вино бележи еден многу позитивен тренд. Тоа е една успешна приказна, но тоа е само една ластовичка, знаете. Една ластовичка не ја прави пролетта. Затоа ние континуирано бараме, се залагаме и инсистираме дека би сакале да одиме кон ЕУ, но мораме да воспоставиме европски правила на однесување и европски услови за македонските компании“, вели Ангеловски.  

Претседателот на ССК зборуваше и дека македонскиот бизнис добива впечаток дека македонските власти ги форсираат странските инвеститори пред домашниот бизнис и се натпреваруваат со соседите да им овозможат што е можно подобри услови. Предупредува дека не е само компанијата што требаше да произведува електрични автомобили во тетовската зона во стечај, туку имало најави за уште еден стечај на странска фирма што работи во Бунарџик и ангажира илјада лица. 

„Ако имате 16 илјади вработени во зоните и ако ви банкротира една голема компанија што вработува илјада луѓе, вие губите 10-ина проценти од ангажираните луѓе. Од друга страна, имате 75 до 80 илјади македонски компании. Која има еден, двајца, три, пет, десет вработени. Секогаш е попаметно да се инвестира економски во пораситнето портфолио, каде што нема директно да зависите од голем број вработени лоцирани во еден правен субјект. Замислете ако една фирма со 5.000 вработени во Битола, на пример, затвори, што ќе се случи со луѓето од тој град следниот ден?“, прашува Ангеловски.

Проф. д-р Зоран Ивановски, проректор за наука и развој, Универзитет Скопје: „Инфлацијата ќе продолжи да нѐ мачи, буџетскиот простор за интервенции се стеснува!“

Професорот на Универзитетот Скопје Зоран Ивановски предупредува дека инфлацијата ќе продолжи да ги „мачи“ македонската економија и граѓаните и во следните две години. Се очекува присуство на затегната монетарна политика и повлекување на фискалната власт од посериозни буџетски интервенции.

„Овој нов закон за нефер трговски практики, за затегање на цените и слично, покажува дека речиси и да нема пари за посериозни државни интервенции. Сега ќе пробаме со некои законски решенија и нешто слично да ја контролираме инфлацијата. Морам да ви кажам дека такво нешто во економската теорија и практика не може да биде прифатено и не функционира. Може, според ЕЦБ, да очекуваме инфлација од 3,2% годинава и 2,1% догодина. Не можеме да очекуваме брзо да се реши инфлацијата. Сведоци сме дека нашата НБМ ја задржа референтната каматна стапка на 6,3%. Тоа сигнализира висока претпазливост, односно високи фактори на ризик“, вели тој. 

Владата потроши 3 милијарди евра поделени во 9 пакети мерки, но според него, со ограничен ефект.

Професорот Зоран Ивановски е дециден – ако сака Македонија да оди напред, економијата мора да остварува раст на БДП од најмалку 5% секоја година. Само на тој начин можеме економски да го достигнеме побрзо нивото до земјите членки на Европската унија.

„Тоа е минимална стапка и таа да биде издржлива. За да се достигне, според мене, треба да го промениме економскиот модел. Колку и да звучи дека е страшно и непријатно, мислам дека е тоа реалноста. Кај нас оваа либерална демократија се претвори во нешто спротивно и економскиот модел граден според неа гледаме дека нема ефект“, вели Ивановски.

Проф. д-р Благица Новковска, Универзитет Скопје: „Недостигот од економски интегритет, од економско достоинство, ги тера младите да изберат друга земја. Не само нив туку и нивните родители!“

Критикувајќи го високото ниво на иселување, професорката Благица Новковска вели дека тоа е очекувано бидејќи пензионерите како категорија која најмногу придонела за функционирање на државата во изминативе три децении, треба да молат за минимално зголемување на своите приходи, а работоспособното население во своите средни години не може достоинствено да живее од своите примања. Најлоша е состојбата кај студентите, кои не гледаат иднина во државата и кои се минимално или не се воопшто поддржани. 

„Ако сум јас млад човек и во позиција да размислувам, ќе се прашам: сега кога ќе влезам да студирам, што ме очекува? Каков квалитет на образование, какви бенефиции, каква поддршка? Исто така, ќе се прашам: ќе завршам, ќе бидам овде, ќе се вработам, кои се можностите за кариерен развој? Никакви или минимални. Зборувам генерално. И што ме очекува кога ќе дојдам во она старо доба? Недостоинствен живот, а сум придонел многу. Економското недостоинство, односно немањето соодветен економски интегритет, прави младите да си ги дадат одговорите на овие прашања и да одлучат каде ќе заминат. Најчесто бираат таму каде што ќе го добијат она што го нема овде“, вели Новковска.

Според професорката, треба да загрижува фактот што многу млади заминуваат трајно од државава, но со нив заминуваат и нивните родители. Алармира дека економските бројки на државата веќе одамна се во црвената зона, а сиромаштијата зема замав.

„Беше неколку пати спомнато дека Македонија не е сиромашна земја. Јас се согласувам. Македонија не е сиромашна земја, македонскиот народ е сиромашен. И се поставува прашањето: а кој е сиромашен, колку е сиромашен, колку е длабока сиромаштијата? За жал, ќе кажам, бидејќи и за тоа сум експерт, дека ние сѐ почесто зборуваме не за сиромаштија, туку за беда. И беше спомнато дека не сме толку сиромашни затоа што имаме огромен фонд станбени единици, имаме огромен фонд земја, а таа е во 80 или 90 проценти на населението. Но јас тука би додала: да, можеби не сме толку сиромашни, но сме нееднакви. Заборавате дека можеби многу поважно од сиромаштијата е да ја измерите нееднаквоста. А, за жал, во Македонија е огромен јазот, огромна е нееднаквоста, само во 4-5 проценти, а сега можеби тој јаз се зголемува, е сконцентрирано се“, завршува Новковска. 

Доц. д-р Викторија Трајков, Универзитет Скопје, кариерен дипломат: „На европскиот пат, не може Македонија да даде сѐ, а за возврат да не добие ништо!“

Професорката Викторија Трајков, зборувајќи за заштитата на брендовите што произлегуваат од Македонија, вели дека ги има многу малку. Смета дека определбата кон ЕУ е во ред, но граѓаните не треба да се доживуваат како Северномакедонци, ниту пак, брендовите да се етикетираат како северномакедонски. 

„Да, сум за Европа, но не за една скапо платена кампања за Европа, туку Европа да биде Македонија и сите оние принципи и правила што важат за Европа, да важат и за Македонија. Не Македонија да даде сѐ, а за возврат да не добие ништо. Не само што не го заштитивме македонскиот бренд, туку имаме уште многу, многу работа, затоа што Македонија е една непресушна ризница како на радиција, фолклор и сето она што се нарекува македонско, така и на сето она што Македонија го создава, го произведува под своето сонце“, вели Трајков. 

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ИСТОРИЈА И КУЛТУРА – ДАЛИ ГИ ЗАШТИТИВМЕ ДОВОЛНО?

Д-р Елка Јачева-Улчар, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков: „Се откажавме од историјата на македонскиот јазик!“

„Македонскиот јазик во изминатите години ги доживува своите најдраматични моменти. Ги изгуби позициите што веќе ги имаше пред својата стандардизација. Небулозно е да се дискутира дали постои или не!“, категорична е д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик. Таа е загрижена бидејќи македонскиот јазик се враќа на позиции за кои е тешко да се вратат назад.

„Со таа еднострана изјава потпишана од наша страна, излегува дека нашиот јазик започнува во 1945 година. Ние практично се откажуваме од историјата на македонскиот јазик. Тоа не соодветствува на реалноста, па и на научната вистина. Од друга страна, ние правиме и просторно ограничување на јазикот, затоа што во таа еднострана изјава се вели дека македонскиот јазик е јазик на Република С. Македонија. Практично јазикот е официјален во државните рамки. Со тоа, ние добиваме еден непознат ексклузивитет во европски рамки, бидејќи не постои јазик кој завршува на самата државна граница“, вели Јачева-Улчар. 

Според неа, има многу празнини кои ѝ недостасуваат на македонистиката, на науката, кои ќе мора да се пополнат. Како пример, го наведе Институтот за македонски јазик од каде што доаѓа, на кој не се финансираат научни проекти веќе 14 години.

На прашањето дали има Македонија борци за јазикот, Јачева-Улчар одговара дека јазикот не може да се зачува толку лесно. Тој ќе биде жив додека живее и последниот Македонец што зборува македонски. Според неа, за да остане јазикот витален, потребен е што поголем број говорители на јазикот.

„Ние треба час поскоро да почнеме да работиме секој во својата област. Да ја закрепнеме земјата, да ги задржиме младите. За жал, бројот на говорители на македонскиот јазик рапидно се намалува. Имаме цели села опустени, таа средна генерација масовно заминува од земјата. Македонија, за жал, се претвора во една земја на стари луѓе, и затоа треба час поскоро да работиме на економското закрепнување“, вели Јачева-Улчар. 

Проф. д-р Наташа Котлар, Национален институт за историја: „Обидите за бришење на историјата можат да се спречат со совест, знаење, чест!“

„Институциите треба да го чуваат, да го градат и да го развиваат идентитетот. На Македонија ѝ се случи политички партии да дрзнат да се мешаат во македонската историја, наука, култура. Затоа, наместо да го развиеме, идентитетот треба да го штитиме уште долго време, бидејќи имаме таква политичка конјуктура што не знае дека во своите институции има луѓе, знаење кои треба да ги црпи и да ги вгради во она што го нарекуваме македонски идентитет“, вели Наташа Котлар од Институтот за национална историја. 

„Обидите за бришење на историјата можат да се спречат со совест, знаење, чест“, вели Наташа Котлар и додава дека политичарите што ги направиле овие промени многу лесно ја добиле власта, но не умеат како да владеат. За да се вратиме на првобитните позиции, на земјава ќе ѝ треба наука, култура, фолклор, меморија, сеќавања. Сето тоа треба да биде во доменот на институциите.

„Ако сакаме да ја заштитиме историјата и народот кој создава историјата, ќе почнеме да ги почитуваме институциите и луѓето што знаат и се чесни, совесни и имаат волја, бидејќи не можете да градите држава, а да ви е Архивот во мувла, а Институтот за национална историја да ви биде кокошарник“, завршува Котлар.

 

Конески – пример дека вдахновените луѓе ги вдахновуваат другите

Проф. Атанас Конески, генерален секретар на Фондација за македонскиот јазик „Небреговo” со свјот остар ум, животна мудрост и бескрајна посветеност кон ликот и делото на Блаже Конески, постојано го нагласува значењето на македонскиот јазик. Во својата книга „Вдахновенија“ посебно место му дава на јазикот. Проф. Конески, рече дека со овој Универзитет го поврзуваат многу работи: почитуваниот татко на ректорот, негов пријател, но и сите напори на Универзитетот да чекори по стапките на Коневски и на Мисирков“.

Камиказа: „Пеам само на македонски!“

Петар Георгиевски-Камиказа, актер, музичар и уметник најголем белег остави со култната „Меморија“. Зборуваше за возобновувањето на Скопскиот фестивал и што е потребно да се врати македонската музичка пролет. Раскажа приказни од минатото и потенцираше: „Пеам само на македонски!“

Image
Newsletter