Сојузното министерство за правда на Германија изрече две казни за апликацијата „Телеграм“, во вкупна вредност од 5,125 милиони евра, пренесува „Шпигел“.
Компанијата, која ја поседува апликацијата за пораки, беше обвинета за прекршување на обврската за „одржување канали за комуникација во согласност со законот“ (4,25 милиони евра казна), како и за одбивање да назначи овластен претставник во Германија (875 илјади евра казна).
Германскиот закон за програма за онлајн комуникации ги обврзува давателите на социјалните медиуми да обезбедат канали за повратни информации, за корисниците да можат да пријават содржина што го прекршува националното законодавство. Дополнително, од платформите се бара да назначат овластено лице или институција со адреса за кореспонденција во Германија за да можат германските судови и власти да им достават правно обврзувачки документи.
Казните беа изречени затоа што од април 2021 година, германското Министерство за правда направи неколку неуспешни обиди да испрати правни документи до седиштето на компанијата во Дубаи. Во март годинава, Министерството ги објави во државниот весник, но ниту на тоа не се јави „Телеграм“. Матичната компанија може да ги обжали казните со поднесување жалба до германското Министерство за правда, во спротивно ќе мора да ги плати.
„Телеграм“ во Германија станува сѐ покритикувана апликација поради можноста за бесплатна дистрибуција на материјали со говор на омраза. Апликацијата главно се користи од скептици за коронавирусот, антиваксери, теоретичари на заговор и неонацисти.
Сепак, и покрај казните и заканите, Шпигел тврди дека „Телеграм“ и германските власти создале директен приватен канал за интеракција, преку кој апликацијата ѝ дава на германската полиција податоци за корисници што се сомнителни и кои би можеле да извршат криминал.