Германската компанија за компјутерски игри „InnoGames“ од Хамбург на својата вебстраница ги објави платите на речиси сите вработени.
Според компанијата, околу 80% од платите сега можат да се видат на интернет.
„Транспарентноста на платите е прашање на чесност – не само кон вработените, туку и кон кандидатите за работа. Затоа решивме, по интерното објавување на нашите опсези на плати минатата година, платите годинава да ги објавиме јавно“, објаснува Мајкл Зилмер, ко-основач и главен извршен директор на „InnoGames“, за одлуката платите да бидат објавени јавно.
Објавувањето покажа дека жените не се наоѓаат во понеповолна положба во однос на мажите кога станува збор за платите.
Од она што го објави компанијата може да се забележи дека најмалку заработуваат тие што се занимаваат со таканаречената „QA“ или „контрола на квалитетот“, чија задача е да го проверуваат софтверот. Во овој оддел годишната бруто-плата почнува од 20.000 евра.
За дизајнерите на игри во компанијата од Хамбург се дели годишна бруто-плата во висина од 34.000 евра, пишуваат германските медиуми, а за оние што се таму подолго и се т.н „експерти“, платата изнесува 85.000 евра годишно. Највисоки плати имаат менаџерските позиции во различни оддели, каде што годишната бруто-плата започнува од 115.000 евра, пренесува „Fenix Magazine“.