Ѓоко Таневски: Факултетот за туризам ми ја даде најголемата поддршка и како пејач кога ја претставував Македонија на Евровизија

Ѓоко Таневски: Факултетот за туризам ми ја даде најголемата поддршка и како пејач кога ја претставував Македонија на Евровизија

Ѓоко Таневски (47) еден од најдобрите вокали во Македонија, во 2012 година завршил Факултет за туризам, а подоцна и магистрирал. Студентските денови ги опишува како „интересни и напорни“ бидејќи во тој период бил татко на двегодишна ќерка, секоја вечер имал настап по скопските клубови и надвор од главниот град, а се трудел да биде редовен на предавањата. Негова главна професија е музиката, но се надева дека во иднина, ако му се укаже можност, „понуда што не се одбива“, ќе ја искористи дипломата.

Како пулсира Охрид надвор од сезоната? Колку е привлечен во овој период за македонските и за странските туристи? 

Често велам дека надвор од сезона е пензионерски град. Но, за викенди и кога е убаво времето, има многу туристи од Македонија, но и од Малезија, Јапонија, Турција, Романија. Навистина е убаво да ги сретнеш шетајќи низ охридските улици, со некои да помуабетиш и да слушнеш колку се импресионирани од Охрид. Но, мене секогаш ми е полно срцето, без разлика дали е градот мирен или раздвижен.

Да се биде жител на македонскиот бисер е привилегија од повеќе аспекти. Кои од нив би ги издвоил, како човек кој е роден во овој град?

Чистиот воздух пред сѐ, со оглед на загаденоста на градовите во Македонија. Езерото ти дава мир, а истовремено и сила. Еден поглед во него те рестартира. Имаме  365 цркви, каде што може да си го најдеш мирот. Сите сме сплотени. Имаме можност и за маалски живот. Пролетта е прекрасна. А летото ни нуди и плажа и работа, и забава и мир. Сѐ што ќе посакаме.  

Живееше во Скопје поради работните обврски поврзани со музиката. Која беше причината што повторно се врати во Охрид, од оваа перспектива ја донесе ли вистинската одлука?

Живеев во Скопје 10 години. Се обидовме со жена ми таму да создадеме свој дом. Ни се роди и првата ќерка Анастасија. Кога наполни две години, решивме да се вратиме во Охрид. Тоа беше нашата најдобра одлука. Најглавна причина беше загадениот воздух. Особено во зима, не сакавме да дише смог. Решивме нашата ќерка да расте во чиста и здрава средина како што е Охрид. Поради мојата музичка кариера, сметав дека е најдобро да сум во главниот град, во центарот на случувањата. Но, ако работиш со љубов, ако се вложиш максимално во музиката, публиката тоа го препознава без разлика каде живееш.

Во тој период ѝ се посвети и на твојата дообразба, поточно се запиша на Факултетот за туризам. Зошто беше токму тој твој избор?

Мојата постара ќерка имаше две години кога се запишав на факултет. Дипломирав во 2012 година. Сакав да учам, да се образувам, а со оглед на тоа што сум роден и живеам во туристички град, логично беше да го одберам овој факултет. И не погрешив. Прекрасни професори, тим, студенти.

Со оглед на тоа  што настапувавте претежно во ноќните часови, како успевавте да стигнете на предавања или да учите?

Тоа беше како некоја магија. Мислев дека можев сѐ и успевав во тоа. Навечер пеев, помагав околу ќерка ми, која беше бебе. Олеснителна околност ми беше што живеев спроти факултетот и лесно стигнував на предавања. Бев редовен студент. Ми беше задоволство да сум присутен на предавањата бидејќи професорите и асистентите беа непресушен извор на знаење. Имаа трпение за сите. Ни објаснуваа детално и практично.

Танески: „Семејството ми е ветер во грб во професиналната кариера.“

Танески: „Семејството ми е ветер во грб во професиналната кариера.“

Која беше олеснителната околност што Ви ја овозможија професорите за да бидете успешен и како пејач и како студент, односно полесно да го совладате материјалот и да полагате испити? 

Многу ми дадоа поддршка, особено кога бев избран да ја претставувам Македонија на Изборот за песна на Евровизија во 2010 година. На Факултетот ми ослободија просторија, ми направија постери, ми помогнаа во промоцијата. И бескрајно сум им благодарен. Просторот го користев за интервјуа, подготовки. Многу ни обрнуваа внимание на сите студенти. Се обидуваа да имаат разбирање за нашите потреби, но и тешкотии. Ги учев сите предмети. Многу олеснителна околност ми беше фактот што веќе имав познавања за туризмот од животот во Охрид и дружбата со туристичките работници.

Кои се спомените од факултетските денови, какви чувства Ви будат?

Голема дружба, музички настани. Со мене студираа и моите колеги Дани Димитровска, Елвир Мекиќ, Слаткар. Но, се дружев и со другите колеги што не беа од сферата на музиката. Останав во пријателски односи со дел од нив и со некои професори.

Танески: „Професорите и асистентите на Универзитет Скопје се непресушен извор на знаење.“

Танески: „Професорите и асистентите на Универзитет Скопје се непресушен извор на знаење.“

Живеете во туристички град. Планирате ли во иднина да го искористите знаењето стекнато на факултетот и да се докажете на тоа поле?

Магистрирав на туризам, имав желба да го надополнам образованието и да стекнам поголемо знаење. Ориентиран сум комплетно кон музиката. Но, ако добијам „понуда што не се одбива“, ќе ја искористам дипломата.

Го наследија ли ќерките талентот за музика?

Да, двете се многу музикални и убаво пеат. Помладата, Михаела, која има 12 години, свири клавир и планира да се запише во средно музичко училиште. Постарата, Анастасија, е четири години повозрасна и сака да студира стоматологија.

Кои се новостите поврзани со кариерата?

Имам настапи низ Македонија. Подготвувам и ново цеде. Две песни ќе промовирам со спотови. Веќе го закажав и концертот, кој на 20 јули ќе го одржам во Античкиот театар.

Танески: „На 20 јули ќе одржам концерт во Античкиот театар.“

Танески: „На 20 јули ќе одржам концерт во Античкиот театар.“

Image
Newsletter