Првите две седмици од февруари граѓаните влегоа во „цајтнот“ при промената на лични документи со новото име на државата. И тоа не по своја вина. Властите кои го потпишаа Договорот ниту се подготвија на време, ниту избраа фирма која ќе ги печати обрасците навреме, ниту пак ја искомуницираа соодветно и брзо целата ситуација со населението. Така, на само неколку месеци до истекот на крајниот рок, 12 февруари, граѓаните сфатија дека мора час поскоро да ги променат пасошите, личните карти, возачките дозволи, налепниците на регистарските таблички. Тоа создаде хаос од невидени размери. Толпа измрзнати луѓе кои цел ден чекаат за сликање за нови документи е сликата која секојдневно може да се види пред „апансас“ новоотворениот пункт во П.С. Пролет. Во „5 до 12“ новиот технички министер направи промени, но тоа секако нема премногу да го забрза процесот. Стотици илјади граѓани на 13 февруари нема да можат да излезат од земјата. Претходникот на техничкиот министер, Оливер Спасовски, предолго ја лажеше јавноста дека е сѐ во ред, кога со месеци немаше ниту термини, ниту обрасци за завршување на процесот. Кој е виновен? Власта која не се подготви навреме? Граѓаните кои не почнаа порано да ги менуваат ВАЖЕЧКИТЕ документи? Може ли трошокот за вадење нови пасоши и лични карти да им се рефундира од буџетот? Ќе одговара ли некој за целата ситуација? Дали ќе се одговори соодветно на кривичната пријава против поранешниот премиер Заев и министер за внатрешни Спасовски? Никој не знае да каже кога конечно ќе заврши целиот процес на промена на личните документи.
Турканица за сликање за лични документи.
Апокалиптични сцени пред пунктовите за сликање
Сликите кои можеме да ги видиме од пред пунктот за фотографирање за лични документи Пролет последниве неколку месеци наликуваат на сцени од некој апокалиптичен филм. Метеж од гневни и лути луѓе кои чекаат без никаква потреба да ги сменат своите веќе постоечки лични карти и пасоши. Вонредниот пункт беше отворен во ноември, 3 месеци пред истекот на крајниот рок кога веќе стана јасно дека нема ниту време, ниту капацитети за да се променат толкав број лични документи. Редиците од луѓе кои измрзнаа надвор чекајќи ред, меѓу кои имаше и бремени жени, деца, старци, болни, беа секојдневна појава. Граѓаните очекувано, беа револтирани, прво што тие самите мораат да ги менуваат личните документи, второ бидејќи целиот процес е хаотичен и нерегулиран.
„Дојдов во 8 часот утрово и еве уште чекам, овде бев и вчера. Не успеав да завршам работа“.
„Зошто да доаѓам пак да се сликам по две години? Нека ги искористат мојата слика и податоци и новиот пасош нека ми го пратат на домашна адреса“.
„Ова е голгота. Треба да одам да ја видам ќерка ми во Австрија и сега не можам бидејќи во март ќе немам валиден пасош“.
„Нема ниту ред, ниту поредок. Ни некој дава бројчиња, ни има листа кој е прв кој втор. Влегуваат преку ред. Ако завршиш работа, завршиш. Ако не, утре пак треба да дојдеш сабајле“.
„Пет години траело тоа, зошто уште тогаш не ни ставија РСМ, не малтретираат. Јас имам 63 години и сега морам да стојам, нели е срамота да малтретираат. Пет години имале време. Мојата лична карта трае до 2031 година, а до 2027 пасошот, зошто јас да ги плаќам, од нашиве пензии со 13.000 денари, ние сега даваме по 3.000 денари за документи, нема смисла, навистина претераа.“
Гужвите почнаа при крај на летово, кога веќе стана јасно дека Грција нема намера да попушти и да ни даде повеќе време. Дотогаш имаше проблем со предоцното закажување, но барем можеше да се извади пасош по брза постапка во разумен рок. Работите ескалираа есенва. Метежот малку се намали кога Владата соопшти дека личните карти ќе продолжат да важат за домашна употреба и кога полициски службеници почнаа да ги доставуваат готовите документи на домашна адреса. Но и овој потег ги разлути граѓаните. Многумина, особено постарите кои немаат намера да ја напуштат земјава, да патуваат и слично, велат дека за џабе се мрзнеле на студот да извадат лични карти кога тоа воопшто и не требало да го направат. Така само им ја отежнале и им ја забавиле постапката на оние на кои, на пример, итно им треба нов пасош.
Револтирани беа и Македонците кои живеат во странство кои ги искористија новогодишните и божиќните празници за да си ги обноват документите. Некои од нив не успеаја да завршат работа на време, во голем дел поради метежот кој го правеа оние што вадеа лични карти.
Експертите негодуваат токму на ова. Сметаат дека Владата требала навреме да се подготви и да го искомуницира ова со јавноста, односно да одлучи дека личните карти ќе продолжат да важат за домашна употреба. Но, Владата не само што навреме не им соопшти на граѓаните за крајните рокови, туку и МВР не ја подготви да работи во вонредни услови за прием и за изработка на толку многу документи одеднаш. Не воведе дополнителни пунктови навреме, ниту пак ги екипираше со кадар. За набавка на обрасци (особено двојазични) да не зборуваме. Беа набавени едвај 1,7 милиони. Едноставно немаше никаков систем и сѐ беше хаотично.
Личните карти продолжуваат да важат за домашна употреба. Извор: МВР
Се направи ред на 5 дена до истекот на рокот
Конечно, ред се воспостави дури на 7 февруари или на само 5 дена до крајот на рокот. Техничкиот министер за внатрешни работи, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски направи ревизија на закажаните термини и утврди дека голем дел од граѓаните не се појавиле или нема да се појават на закажаните термини бидејќи веќе ја завршиле работата во пунктот „Пролет“ без закажување.
„165.000 граѓани во Скопје имаат закажано термин за вадење лични документи, кој што број вчера во неделата мојот тим со луѓето вработени во рамките на МВР констатираа дека е неточен. Откога направивме првично споредување на податоците, бројот падна за отприлика 20 отсто. Тоа значи дека некаде околу 30.000 телефонски закажувања се непотребни, односно несуштински и го оптоваруваат системот, и нереално наместо граѓаните да закажат во август – септември, закажувале во ноември – декември“, рече Тошковски.
Се промени начинот на работа, со кој треба да се забрза процесот. Сега 14 вработени од МВР сликаат за пасоши во пунктот „Пролет“, а од 12 февруари треба да се работи и во две смени. Со новината која ја воведе министерот Тошковски, тоа всушност значи зголемување на капацитетот од 4 базни станици на 28 во еден ден.
Пунктот Пролет функционира само со закажани термини. Граѓаните на територија на Скопје, кои добиле термин до крајот на април, ќе го искористат терминот, а оние кои првично требало да се пријават во пунктот од мај, веќе се информирани од службите за да дојдат да ја завршат обврската за смена на личните документи. Овој пункт функционира со 14 фотографи.
Иако, пред овој пункт нема долги редици и турканици, какво што беше искуството во изминатите месеци, сепак гужвата се префрли на телефонските линии. Граѓаните со поделени мислења. Дел од нив не чекале долго, други пак се соочуваат со зафатени телефонски линии за закажување.
Нема доволно обрасци за пасоши. | Извор: МВР
Македонците ќе се враќаат во земјава со патен лист
Допрва се чекаат одлуките што да се прави и како да им се олесни постапката на Македонците кои ќе се затекнат во странство со неважечки пасош по 12 февруари. Тие прво треба да се најават во дипломатско-конзуларните претставништва кои се најблизу нивното место на живеење и да закажат сликање за нов пасош. Сепак, целата процедура трае 30 дена, па нејасно е дали тие треба да се враќаат во амбасадите за да си ги подигнат готовите документи или пак можат да им стигнат на посакуваната адреса.
Сепак, Македонците во странство се жалат дека нашите амбасади се неорганизирани како и институциите во нашата држава, па за нов термин за фотографирање се чека со месеци. Освен тоа има многу Македонци кои живеат и работат во земји во кои Македонија нема амбасади, па мораат да патуваат или пак да ги чекаат службениците од најблиската амбасада да дојдат да го фотографираат за нов пасош. На пример, нашинците во Малта, ќе ги чекаат службениците од амбасадата во Рим кон крајот на февруари. За подигање на пасошите, пак, треба да чекаат нова посета (по еден месец) или пак да издвојат пари за достава (DHL).
Токму затоа, и по истекот на рокот ќе се обидат нови документи да извадат во земјава. Тие ќе треба прво да закажат термин во Македонија и да се вратат овде да се фотографираат. Но за да се вратат по 12 февруари ќе можат само со патен лист. Проблем е и цената на патниот лист, кој велат дека чини по 30 евра од човек. Засега нема информации дали ќе се забрза процесот на нивно подигање на пасошите во земјава.
Дијаспората нема да може да гласа?
Од Обединетата македонска дијаспора алармираат дека се работи за илјадници Македонци кои живеат во странство, најмногу во Европа и во САД, кои за неколку дена остануваат без валидни документи. Дополнително, според нив без нови документи дијаспората ќе има проблем при гласањето на изборите, односно нашинците во странство нема да можат да го искористат правото на глас на претседателските и на парламентарните избори.
„Илјадници случаи, ние мислиме дека се 100.000 државјани засегнати со ова. Но, ние како граѓани сме имале простор од 5 години, а тоа не е направено. Дефинитивно сите они кои се надвор, со стари документи ќе мора да извадат патни листови. Доколку летаат, не очекуваме проблем, но доколку транзитираат не се знае. МНР не може да гарантира дека некоја од државите не може да направи проблем“, вели Гордан Јорданов од Обединета македонска дијаспора.
Грчката амбасадорка Софија Филипиду потврди дека Грција не одобрува пролонгирање. | Извор: МВР
Обид да се пролонгира рокот
Никој, ниту тогашниот премиер Ковачевски, ниту министерот за внатрешни Оливер Спасовски, ниту пак претседателот Стево Пендаровски не се одважија да зборуваат со своите грчки колеги и барем да се обидат да добијат некакво одложување. Грчкото „охи“ конечно стигна откако техничкиот министер за внатрешни Панче Тошковски ја презема функцијата и разговараше со грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис кон средината на јануари порача дека Договорот од Преспа е меѓународен, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од некоја од двете страни.
„Континуирано сум истакнувал дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот парламент и, како што налага Уставот, овој договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки што беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго да го почитува“, истакна Герапетритис.
Сепак, грчкиот министер вешто го избегна одговорот зошто грчката страна, исто како и Македонија, не го запази рокот до кој требаше да ратификува три меморандуми во својот парламент. „Сакале да не го нарушат сентиментот на граѓаните во Северна Грција“, беше одговорот зошто не се променети имињата на географските локации и зошто не е пуштен во употреба граничниот премин Маркова Нога кај Долно Дупени.
Задоцнета реакција – хаосот лесно можеше да се избегне
Владата имаше цели пет години да се подготви за оваа операција. Прво да го почне процесот уште во 2019, односно да распише тендер за избор на компанија која ќе ги печати личните документи со новото име на држава. Процесот на издавање на лични документи со новото име почна предоцна – кон средината на 2021 година, дури две години откако Договорот од Преспа стапи на сила. И покрај тоа што две години уште во старт беа изгубени, министерот за внатрешни Спасовски уште две и пол години залудно ги убедуваше и Грците и македонските граѓани дека во предвидениот рок сите граѓани ќе се снабдат со нови документи.
Освен тоа, мнозинството граѓани не сакаат, прво, воопшто да ги менуваат важечките документи. Второ, гневни се што и покрај тоа што некои имаат пасоши извадени во 2021 со старото име, но печат со ново име, немаат валидни документи, односно пасошите не им се признаваат. Трето, кога веќе се принудени да извршат промена, таа да не падне врз нивен грб, туку трошокот да биде на државна сметка.
Многумина очекуваа дека МВР самата ќе се организира навреме и ќе им подготви нови документи со познатите податоци и фотографии и ќе им ги достави до домашната адреса или пак ќе ја ангажира Македонска пошта. Сметаат дека со ваква организација ниту ќе имало гужви, ниту граѓаните на крајно понижувачки начин ќе чекаа со часови и денови пред пунктовите на МВР. Вакви се примерите во европските земји и Австралија. Некои одат дури дотаму што велат дека кога веќе земјава била принудена без амин од граѓаните да го промени уставното име за да ги забрза евроинтеграциите, тогаш и самата Европска Унија можела да издвои од некој свој фонд пари и да и ги даде како грант на земјава, за да не ги удри промената на личните карти, пасоши и возачки дозволи граѓаните по џебот (парите да не бидат од буџетот, туку европски). Сметаат дека срамот паѓа и врз Унијата, која и покрај декларативните заложби дека сака да бидеме дел од европското семејство, ја третира државава како сираче кое го остава само да се снаоѓа во хаосот во кој го вплеткала.
Ќе има ли одговорност?
Дали поради ова доцнење кое ги доведе граѓаните во крајно незавидна ситуација, надлежните можат да одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување поради неизвршување на своите службени должности? Токму така мисли правничката од Скопје Олгица Н. Трајковска која минатиот август до ОЈО поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски и Зоран Заев поврзана со принудната замена на документите со важечки рок.
„До ОЈО поднесов Кривична пријава против министерот О. Спасовски и поранешниот претседател на Владата З. Заев, за кривичното дело: Злоупотреба на службената положба и овластување (чл. 353 ст.3 од КЗ) поради НЕИЗВРШУВАЊЕ на своите службени должности за усогласување на документите од страна на ЈАВНАТА администрација (меѓу кои и на личните документи на граѓаните), а О. Спасовски и за ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на своите службени должности извршено, спротивно на правниот систем, со негово УСНО прогласување за неважечки на издадени важечки документи согласно законите за лични документи во рокот од петте години, во кој јавната администрација била должна да ги усогласи, а поради нивна вина тоа не го сторила… со што се предизвикува ЗНАЧИТЕЛНА материјална штета за граѓаните, покрај другите штети по здравјето, уставното начело за правна сигурност…итн! Господ на помош!“, стои во објавата на Трајковска на Фејсбук.
Дел од политичарите дадоа поддршка на оваа идеја
„Моите лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола) со името Република Македонија се важечки уште неколку години и не мислам да ги менувам. Ако некој не ги усогласил на време, нека одговара! И ќе одговара бидејќи г-ѓа Олгица Трајковска им поднела тужби на Заев и на Спасовски. Алал да ѝ е“, коментираше претседателката на Глас за Македонија, Солза Грчева.
Дали Пендаровски, Ковачевски и Спасовски ја запоставиле службената должност?
За запоставување на службената должност на претседателот, претходниот премиер Ковачевски и поранешниот министер за полиција Спасовски, според Ивица Боцевски, станува збор и во делот на непреземање акција во комуникацијата со нивните грчки колеги.
„Меѓусебното префрлање на обврската за воспоставување контакт со грчките власти за спроведувањето на Преспанскиот договор во делот за важноста на личните документи, покажува крајна неодговорност спрема македонските граѓани. На крајот, новиот министер за внатрешни работи презема конкретен чекор барем околу информацијата за можноста за одложување на рокот за замена на документите. Но преземањето одговорност на новиот министер за внатрешни работи е логично и во интерес на граѓаните, додека однесувањето на надлежните институции, односно личности со извршна функција за ситуацијата што претходно самите ја креираа, е повеќе како на слободни филозофи без извршна одговорност и затоа би требало да одговараат барем за запоставување на службената должност“, пишува Ивица Боцевски.
Дали ќе го реши проблемот испраќањето дипломатска нота?
Поранешниот амбасадор и дипломат од кариера Ристо Никовски уверува дека Владата погрешно наместо да моли за одложување, требала да го реши проблемот по дипломатски пат. Сѐ можело да се реши само со дипломатска нота кога се сфатило дека ќе нема доволно време и капацитети за да се запази дадениот рок. Требало само да се извести Атина дека земјава не е во можност да ја исполни обврската за рокот за замена на личните документи на граѓаните со што привремено би се суспендирал дел од договорот.
„Објаснувањето е кусо – не можеме да ги оставиме граѓаните без лични документи! Никој не може да го оспори тоа, та да сме потпишале дури и капитулација во војна. Грција е без никаков маневарски простор. Ако реагира, се отвора мал фронт. Ќе им се врати дека нашата позиција е дефинитивна, бидејќи немаме простор за поинакво решение и ако сакаат поинаква разврска, без меѓусебната согласност, макар и премолчена, можат да се обратат до надлежните меѓународни институции. Друго решение – немаат! И што мислите, ќе одат на суд? Во никој случај. Тоа би траело три, пет… години. И, што? Изгубено време и пари. Ништо друго. Истовремено, ќе се потсетат дека тие ништо не спровеле од Нивици. Трите протоколи сѐ уште не ги ратификувале, а морале одамна…“, пишува Никовски во колумна за Нова Македонија.
Аналитичарот Сашо Клековски потенцира дека Владата ужасно лошо го изменаџирала целиот процес и однапред не го набавила потребниот број обрасци, поради што над еден милион граѓани можат да останат без соодветни документи. Уверува дека старите лични карти и пасоши можеле да важат и по 12 февруари.
„Сите три документи, пасошите, личните карти и возачките дозволи, се валидни сѐ додека документите имаат рок на важност. Повозрасните се сеќаваат дека пасошите на СФРЈ се употребуваа и по независноста на Македонија, дури и по службениот крај на СФРЈ во 1992 година. Така и сегашните документи се валидни до нивниот рок на важност. Зошто тогаш се лаже? Да не се налути Грција, па да поведе спор пред меѓународен суд? Или ќе ни стави ново вето за ЕУ? Затоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до Уставниот суд за укинување на законот, со што би се овозможило пасошите да се употребуваат до нивниот рок на важност“, вели Клековски.
Привремената мерка предложена од ВМРО-ДПМНЕ со која би се овозможило важечкиот рок на личните документи да се пролонгира, засега не наиде на реакција од Уставниот суд. Оттаму нема никаков коментар ниту за неможноста илјадници граѓани навреме да извадат нови патни исправи поради кои им се ограничува уставното право на слободно движење.
Граѓаните слободно можат да поднесуваат претставки
Народниот правобранител, пак, Насер Зибери ги охрабри граѓаните дека можат да поднесат приговори пред повеќе институции, меѓу кои и Уставниот суд. Според член 27 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, но само заради заштита на безбедноста на Републиката, водење кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
„Уставот го гарантира правото на слобода на движење и прецизно одредува во кои услови истото може да биде ограничено. Овој проблем кој сега се создаде не го опфаќа, па со неиздавањето валидни документи на граѓаните им се прекршува ова право. Тука мора да се земат предвид сите патувања, како лекување во странство, посета на семејствата, одмор, заминување на студии, работа, склучување на бизнис зделки и слично. Што се однесува на прашањето кому да се пожалат, секој граѓанин може да поднесе претставка до канцеларијата на Народниот правобранител, да достави поплака до МВР, а воопшто не е спорно дека заштита на своите права може да ги бара во постапка пред надлежните судови како и пред Уставниот суд“, рече Зибери.
Ова би значело дека ако некој е оневозможен да ја напушти државата бидејќи навреме не можел да извади валиден пасош, а пропушти испит на факултет во странство, закажана операција, се соочи со откажан работен договор, може да покрене постапка пред надлежните судови. По овој основ се смета дека судовите би можеле да бидат преполнети со вакви предмети. Сепак, правните експерти сметаат дека ретко кој ќе се одлучи да посвети толку време на тужби и да има нерви и мотивација за такво нешто. Исто така, ретко кој верува дека може да добие судски процес против државата.
Владата размислува за обесштетување на граѓаните. | Извор: Влада
Можат ли граѓаните да бидат обесштетени?
Граѓаните со право негодуваат дека поради фактот што веќе поседуваат важечки документи, особено оние издадени по 2019 со сега веќе старото име на државата, а се принудени да извадат нови, трошокот наместо да го поднесат тие, треба да падне на товар на државата.
„Како обврска што ја наметнува државата, поседувањето на личната карта, а како резултат на одлука на државата, да се променат личните карти, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци. Таа обврска им се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, туку како резултат на одлука на владата, на собранието, односно, државата. И од тие причини сметам дека граѓаните треба да бидат поштедени од еден ваков трошок“, реагира народниот правобранител Зибери.
На првата седница на техничката влада, меѓу другото се разговарало и за ова, па оваа опција е можна за реализација во иднина. Во врска со обврските за промена на личните документи согласно договорот, формирана е работна група за да се изнајде соодветно решение за надминување на проблемите. Таа работна група треба да одлучи дали на граѓаните ќе им се враќаат парите, на кој начин, во кои временски рокови, по кои критериуми и слично. Исто така треба да се најдат и пари во државниот буџет, да се пренаменат, да се изврши прераспределба од други ставки, ребаланс и слично, за да се смири гневот кај населението. Ваквата одлука задолжително треба да се преточи во закон кој би го гласале пратениците во законодавниот дом. Сепак, треба да се има предвид дека техничката влада има мандат уште неполни 3 месеци, па ваквите одлуки и кога би се донеле, би можеле да се реализираат со огромно задоцнување.
Трошокот за промена на личните документи за едно семејство изнесува 200 евра, откако во март минатата година, поскапеа сите документи. Па така, пасош за луѓе над 27 години чини 2.000 денари, 500 денари повеќе од претходно. Личната карта поскапи за 120 денари и чини 320, а возачката дозвола 410 денари. Пасошот по брза постапка чини дури три пати поскапо или над 6 илјади денари.
Според последните податоци од средината на јануари, МВР издала над милион лични карти, 1,2 милиони пасоши и 550 илјади возачки дозволи. Според Министерството за внатрешни работи, досега повеќе од 80% од граѓаните ги смениле своите документи со новото уставно име.