Хаос на аеродромите – летовите се откажуваат, куферите се губат

Летовите се откажуваат - причини безброј, одговори малку

Се подготвувате за патување. Со часови пеглате гардероба, внимателно ја диплите за да собере што повеќе парчиња во куферот, ставате средства за орална и друга хигиена и слични ситници, го мерите куферот колку тежи за да не доплаќате, земате пасош, картички и доволно пари, нарачувате такси до аеродром. И по неколку часови сериозни подготовки, конечно стигнувате на аеродром. Се разбира, два часа пред полетувањето. Ако не важат Ковид-мерките. Ако важат, и повеќе часови пред полетувањето на вашата птица со челични крилја.

И само што сте го испиле апчето за смирување (поради стресот со летањето и одамна научениот мит за Икар) со чашата вода, која што на аеродромите чини колку 2 литри вода во продавница, дежурниот спикер на аеродромот јавува дека токму вашиот лет е откажан. И што сега?

Ваква судбина летово (а и секое друго лето) делат огромен број патници, кои се одлучуваат на овој начин да патуваат на својата одбрана дестинација. Причини – безброј. Одговори – малку. Процедури – познати. Пенали за авиокомпаниите – да, околу 600 евра ако успеете некогаш да им ги наплатите. Висината на оштетата, замислете, зависи од далечината на која сте требале да патувате, а не од големината на стресот и од интензитетот на загубените нерви.

За летови до 1.500 километри, ви се рефундираат само 250 евра, а максимумот од 600 евра важи само за летовите кои полетуваат од Европа и се подолги од 3.500 километри! Ако пропадне летот, некои авиокомпании ги рефундираат парите, а некои не. Зависи каква ви е среќата. А има и одредени правила, кои не е лошо да се знаат. Ако доцнењето на авионот е помалку од два часа, сите патници имаат право на храна и пијалак. Веројатно станува збор за некој смешен ланч-пакет. Ако пак се откаже летот, авиокомпанијата треба да ве информира што понатаму и кои се законските правила на игра во такви случаи, да ви обезбеди хотелско сместување, како и превоз до таму, да ви овозможи две бесплатни телефонски јавувања и праќање пораки и да ви ја надомести материјалната штета.

И летово се случува вистински хаос на аеродромите ширум Европа и во светот

И летово се случува вистински хаос на аеродромите ширум Европа и во светот

Прогнозите на ревносните аероматематичари велат дека во наредните осум недели треба да се очекуваат околу 33 илјади летови дневно, што е повеќе за 8% во однос на претходната година.

И летово се случува вистински хаос на аеродромите низ Европа и во светот. Поради штрајк, во Италија се откажани илјада летови. Главните аеродроми се парализирани, а од ситуацијата се погодени неверојатни 250 илјади патници. Веста е од 16 јули оваа година, а Танјуг објави многу интересна фотографија од аеродромот „Фјумичино“ во Рим, на која мајката се држи за половината и се чуди што ќе прави со откажаниот авионски лет, а малечкото девојче до неа прави стој на раце! Италијанското здружение за заштита на потрошувачите пресметало дека се милионски направените штети поради откажувањето или доцнењето на авионските летови. На почетокот на јули е забележан и општ хаос на аеродромите во САД, при што се откажани или поместени околу 3.000 авионски летови. Причината бил рекордниот број патници пред прославата на националниот празник Денот на независноста. Според американската Управа за безбедност во сообраќајот, тој ден на аеродромите во САД е забележан најголем број патници во историјата. Како друга, екстерна причина, се наведуваат и временските услови. На истокот на САД беснеела бура, а на југот и на западот – владееле големи горештини. Тоа предизвикало огромен притисок врз системот, што резултирало со откажување на голем број авионски летови.

Причини за авио-проблеми има безброј, колку и човечки судбини. Најчесто се споменуваат следните: недостиг од персонал на аеродромите, штрајкови, бури, проблеми на аеродромите се преобемниот патнички сообраќај, но и бизарни причини, од типот на блокирање на аеродромски писти од страна на климатски активисти, што пред некое време беше случај на два германски аеродроми. Чаре? Мерки? Решенија? Има повеќе идеи како да се надмине аеродромскиот хаос, од типот на: да се стави ограничување на бројот на патници или да се побара од авиокомпаниите да ја ограничат продажбата на билети. Непопуларни и непопулистички мерки, во секој случај.

Во меѓувреме, луѓето не спијат, па дури и направиле ранг-листа на најдобри и најлоши аеродроми во Европа, според процентот на доцнења, прекини и пренасочувања. Па, така, според процентот на нарушени распореди на летови, најлоши се аеродромите во Лондон („Гетвик“), Лисабон („Хумберто Делгадо“), Копенхаген („Каструп“), Париз („Шарл де Гол“)“, Анталија, Истанбул („Сабиха Гокчен“) – токму по овој редослед, а најдобри се и најмалку доцнат аеродромите во: Хелсинки, Дизелдорф, Осло, Варшава, Виена итн.

Патниците се жалат дека багажот им е изгубен

Патниците се жалат дека багажот им е изгубен

Друга тема е изгубениот багаж. Не помалку непријатна. Таа приказна има две можни сценарија. Првото е кога ќе пристигнете на посакуваната дестинација, некаде во странство, и ќе ви кажат дека немате ништо освен тоа што сте го облекле тој ден. Можности има две, а можеби и три: да чекате да ви го најдат и да ви го вратат куферот и да седите во истите алишта со денови – што секако не е благопријатно ни за себе, ни за околината. Можност два: да појдете во најблискиот трговски центар и да си купите нова гардероба, од маици и гаќи, преку панталони и кошули, па сѐ до чорапи. Што е возбудлива, но скапа опција. Или да позајмите гардероба од роднините каде што сте на посета, ако носите ист или сличен конфекциски број. И ако не сте некаде на посета, туку сте во хотел – тешко дека некој од персоналот ќе се понуди да ви позајми или да ви подари некои свои алишта. Има две можни разврски, како и во секој филм. Една Романка која дојде во посета во Македонија, ја снашле двете сценарија.

„Мојата релација беше Тенерифе – Барселона – Белград – Скопје. Кога слетав во Македонија, сфатив дека ми го нема багажот. Поточно куферот со облека и со подароци за роднините. Се надевав дека ќе ми стигне со следниот лет од Белград. Но, багажот не го пронајдоа една недела. Мои пријатели од Белград отидоа до аеродром и успеаја да дознаат дека куферот е таму. Им рекле дека мора лично да го подигнам. Морав да купам гардероба додека престојував во Македонија.  На враќање се пријавив на белградскиот аеродром и не ми го дадоа куферот. Ми рекоа ќе ми го испратат на домашна адреса. Кога слетав на Тенерифе, повторно ми го немаше куферот. Пријавив и ми рекоа дека ќе ми го испратат дома“, вели таа.

Среќен крај и тажен. Во првиот случај, ќе го најдат и ќе ви го вратат куферот, но ќе морате повторно да одите до аеродром за да си го земете. И во вториот случај – засекогаш ќе се збогувате од омилените парчиња гардероба и ќе ги заборавите.

Image
Newsletter