Хрватска ги полни капацитетите со туристи, но нема доволно работници

Хрватска е полна со туристи, но нема доволно работници

Туристите оваа сезона се вратија во Хрватска откако пандемијата речиси го уништи нејзиниот клучен туристички сектор, но земјата на јадранскиот брег има проблем – ѝ недостигаат работници што ќе се грижат за големиот број посетители.

Поради хроничен недостиг од работници во туризмот, Хрватска бара луѓе од соседните балкански земји, па дури и од Азија. Ова е проблем со кој се соочуваат и другите популарни туристички дестинации во Европа како Франција, Шпанија и Грција по укинувањето на ограничувањата поврзани со Ковид-19.

Но, Хрватска, позната по своето идилично крајбрежје со повеќе од илјада острови, се бори со овој проблем со години, а ситуацијата се влоши по пандемијата.
Според официјалните процени, оваа година туристичката индустрија има недостиг од 10.000 работници, а прими повеќе од три милиони посетители во првите шест месеци од оваа година, што е речиси трипати повеќе од минатата година.

Во 2019 година, Хрватска била домаќин на рекордни 21 милион посетители. Но, по влезот на земјата во Европската Унија во 2013 година, повеќе од 150.000 работници ја напуштиле земјата и заминале во Германија, Австрија и во Ирска.

Поради недостиг од работна сила, Хрватска лани ги укина квотите за странски работници и прифати најголем број на работници од соседните балкански земји кои не се членки на ЕУ и од Азија. До јуни во минатата година, земјата издала повеќе од 51.000 работни дозволи за странци, главно во градежниот сектор, но и во угостителството и во туризмот. Оваа бројка е речиси двојно поголема отколку таа во истиот период во 2021 година. Во оваа година се очекува да бидат издадени речиси 100.000 дозволи.

Image
Newsletter