Инфлацијата ја изеде платата

Инфлацијата ја изеде платата

Миле Бошков, Претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија

Зголемувањето на минималната плата стана реалност. Почнувајќи од март, со исплата на мартовската плата во април, 80 илјади работници што досега земаа нешто над 15.000 денари, ќе одат на работа за месечни примања од 18.000 денари. Мачните преговори на синдикатите со Владата и со организациите на работодавачите траеја неколку месеци. Се разговараше многупати, копјата се кршеа околу висината на надоместокот, но сите пресекоа и си подадоа рака за сумата од 18.00 денари. Сега се поставува прашањето колку можат компаниите да го понесат овој финансиски товар. Исцедени од финансиските загуби поради пандемијата со вирусот Ковид-19, дотолчени од поскапувањето на енергенсите и на храната, порастот на минималецот на голем број работодавачи им дојде како „сол на рана“. Признаваат дека ќе биде тешко – многубројните кризи економски ги дотолчија. Не е мал бројот на компании што ставија клуч на врата и им поделија откази на вработените. Затоа и побараа Владата да интервенира од буџетот, да доделува субвенции за исплата на минимална плата.

„Зборуваме за една категорија луѓе што не знам дали сфаќаат, дали знаат како изгледа да се направи 22.000 бруто плата, чист профит од приходот што ќе треба да го поминеш низ сметка. Зборувам за оние што се во занаетчиство, трудоинтензивни дејности со мали можности за исплаќање плата или приходи, не само во пандемија и криза, туку воопшто. Ќе бидеме сведоци на засилување на сивата економија, но и на бран отпуштања, на крај ќе дојдеме во ситуација да бидеме уште позадолжени, до поголеми даноци“, реагираше Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

И од Организацијата на работодавачите признаваат дека за дел од фирмите исплатата на минималецот ќе биде предизвик. Економијата сѐ уште не е заздравена, продуктивноста е на ниско ниво, па не се исклучува можноста компаниите да посегнат по непопуларни потези како што е, на пример, намалување на вработените во некои сектори.

„Определени компании, определени дејности ќе се соочат со сериозен проблем со намалување на капацитетот на вработените, бидејќи знаеме дека нема да можат оние ексел табели со кои се пресметува платата да ги аплицираат во образецот за плата и да ги исплатат“, рече Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавачите.

За помош на фирмите за зголемување на минималната плата во буџетот се предвидени 16 милиони евра, кои ќе се искористат за покривање на разликата во придонесите во првата година. Сепак, првичниот оптимизам кај бизнисмените спласна откако се дозна дека Владата нема намера да им помогне на сите што имаат потреба од финансиска инјекција. Компаниите што веќе добиле државна помош за време на пандемиската криза, сега нема да може да добијат субвенции за минималната плата. Негативно изненадени, работодавачите веќе кажаа дека тоа не било фер кон дел од компаниите, зашто токму на помалите фирми помошта им била и повеќе од потребна. Се почувствуваа изиграни од власта бидејќи ова не било дел од договорот кога си подадоа рака.

„Искрено се чудам зошто е воспоставена ваква методологија. Не можеме да прфатиме ако не биде предлогот онаков каков што го предложивме и каков што треба да е исполнет. Тоа е фер дијалог од сите засегнати страни. Ние бараме Владата принципелно да си го одржи зборот, според договорот со Синдикатите“, рече Миле Бошков.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, признава дека тоа било намерно направено за да нема концентрација на државна помош на исто место и за иста намена. Клучен услов што ја ограничува можноста за субвенции од 1.197 денари по вработен за дел од придонесите е фирмата да не била корисник на државна помош за зголемени плати од 600 до 6.000 денари.

„Истите тие компании што се корисници на државна помош, не може да бидат корисници и на мерката за покривање на придонесите за субвенционирање на минималната плата. И тоа е логично. Ние не можеме да дозволиме да има две исти мерки за иста потреба и затоа е направена таква дистинкција“, вели вицепремиерот Битиќи.

Државната помош тешко дека ќе стигне на сметките на компаниите, предупредуваат од Организацијата на работодавачите. Субвенцијата по работник е утврдена на 1.197 денари, но пресметките на компаниите по работник изнесуваат 2.800 денари на нето-плата од 18.000 денари.

„Се утврдува да се даваат субвенции за придонеси на минималната плата, односно за плата до 18.000 денари. Тоа значи дека компаниите ќе имаат проблем да исплатат ваква плата и да добијат субвенции за неа. Поконкретно, ако сакаат да добијат субвенции, работодавците ќе треба да не ги исплаќаат ниту законскиот минат труд од 0,5 отсто ниту другите додатоци на плата (прекувремени часови, работа во празник и во недела, робота ноќе, работа во три смени), кои износот на најниската плата го зголемуваат над 18.000 денари, односно над износот за кој е утврдено да се добиваат субвенциите“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите.

Субвенции да нема за компании со високи добивки, побара економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, инаку поранешен советник во министерството за финансии.

„Државата не треба да помага фирми што можат сами да ја покачат минималната плата и фирми што остваруваат големи добивки. На пример, ако имате голема фабрика што вработува 5.000 луѓе, од кои 90% се на минимална плата, а таа фабрика остварува милионска добивка, зошто да ѝ помага државата на таква фирам? Таа може и самата да ги зголеми платите. Нема никакво оправдување“, вели Јовановиќ.

organizacija-na-rabotodavaci.jpg

Токму потребата од државни субвенции за исплата на минималецот, според Благица Петрески од Фајненс тинк е показател дека компаниите се во тешка финансиска состојба и едноставно не можат да ја исплатат ниту најниската сума. Долгорочно решение, според неа, би било државата долгорочно стратешки да се насочи кон едуцирање на повисоко платени кадри.

„Со новиот праг од 18.000 денари, една четвртина од вработените ќе бидат на минимална плата и ќе направи притсок за пораст на платите особено кај оние вработени што претходно биле во тој ранг од околу 18.000 денари. Во спротивно, ако нема таков пораст, тоа може да влијае демотивирачки кај попродуктивните вработени. Да почнеме да генерираме кадри што нема да таргетираат нископлатежни работни места. Само така ќе може да имаме долгорочна одржливост и задоволни работници“, вели Благица Петрески од Фајненс тинк.

Од здружението „Гласен текстилец“ не се задоволни од сегашното законско решение. Тие побарале раст на минималецот по моделот во Црна Гора, но без да се „чепка“ во државната каса. Државата да се откаже од дел од даночните приходи, но и да се врати кон прогресивниот данок за оние што имаат за да им даде на оние што имаат многу помалку, во име на праведноста и на еднаквоста. Кристина Ампева од здружението вели дека наместо само да се преслика една програма што дава резултати, се најавувале небулози како ослободување од даноци за најбогатата ИТ индустрија. Стравува дека ќе се вратат старите појави на злоупотреба на државната помош и проширување на сивата економија.

„Ќе се вратат појавите дел од плата да им се враќа на газдите, ќе има проблем со непријавени работници, ќе има исплата под минималец или пријавување од 8 на 4 часа работно време, ќе има урамниловка на плати што ќе направи незадоволство кај поискусните работници и намалена продуктивност“, вели Ампева.

Реално, треба ли туристичко-угостителскиот сектор да „стравува“ од покачувањето на минималецот? Не е тајна дека дел од вработените во угостителството се пријавени на најниската плата, но не е редок ниту пак бројот на случаи кога газдите и управителите го сторија тоа по стартот на кризата предизвикана од пандемијата. Сепак, од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори смируваат. Платите кај нив биле нешто повисоки од просекот во другите сектори и најновото поместување нагоре немало да има некое посериозно влијание врз ликвидноста на деловните субјекти. Многу поголем проблем бил недостигот од кадар.

„Кога е во прашање човечкиот капитал во овој сектор, мора да истакнеме дека e сериозен проблем недостигот од квалитетен кадар, што се должи на миграција во европските земји, каде што постојат многу подобри условите за живеење и за работа и каде што, секако, и примањата се многу повисоки. Поради овој дефицит во секторот, а со цел постигнување и одржување на високо ниво на квалитет на туристичката понуда, мора да се најде начин како да се продуцира потребниот кадар за непречена дејност на компаниите.Туристичко-угостителската дејност како брзо растечка дејност што може да повлече кон економски раст и развој, треба да добие вистинска поддршка за да ги оствари своите потенцијали“, велат од ССК.

Голем дел од луѓето што се дел од туристичко-угостителскиот сектор се пријавени на минималец. Меѓу оние со најниски плати се вбројуваат и агентите за резервации во туристичките агенции, туристичките водичи, собарките, вработените во службите за перење, чистење и за пеглање во хотелите, келнерите, рецепционерите итн.

Меѓу оние што први се кренаа на нозе околу порастот на минималната плата, а особено поради забраната да се работи во недела, беа трговците од „Чаршискиот еснаф“ во Охрид. Велат дека речиси сите имаат и така ограничени примања, а дека неработната недела уште толку ги дотолчила. Тие бараат Владата да размисли да ги исклучи од ова правило или пак да им дозволи да работат во недела додека трае сезоната, од 1. мај до крајот на септември. Вака, постојното законско решение може да предизвика долгорочни негативни последици врз туризмот во охридско-струшкиот регион. Веќе ги почувствувале првите негативни реакции.

„Сите тури се откажуваат кога ќе разберат дека ништо не работи. Гостите не може три дена во кафана да поминат. Тотален колапс за нас, намалување на работните саати на вработените, вишок вработени. Охрид отсекогаш работел и празници и недели. Овај закон ја сотре охридската чаршија“, вели Соња Јосифоска, сопственичка на дуќан во Охрид.

Договор за минималец

Договор за минималец

Наместо Охрид да печали пари во викендите, потенцијалните купувачи и гости се одлучуваат да заминат во соседна Албанија, се пожалија од „Чаршиски еснаф“.

„Сега имаме уште еден поголем проблем. Се јавува туроператор дека гостите сакаат да купат бисери и добива одговор од дуќанџиите дека не смеат да отворат. Колку наш народ заминува во соседна Албанија на шопинг, не само на ручек во Поградец! Има битолчани, прилепчани што доаѓаат, овде – велат – пиеме кафе, немаме што да правиме, одиме Албанија, блиску е“, вели Маја Бакалова, претседател на „Чаршиски еснаф“.

Едни од најзасегнатите се и туристичките водичи. Откако останаа без работа поради рестрикциите за патувања и едвај потоа финансиски застанаа на нозе, ова дополнително им ја влошува состојбата.

„Како туристички водичи ние сме дирекно засегнати со овој нов Закон, бидејќи сме дел од туристичкиот систем, а Охрид како туристичко место трпи големи загуби. Последиците се далекусежни. Едноставно, од понеделник до сабота да работите, а во неделата да одмарате, тоа никаде го нема во ниту една турстичка дестинација. Со тоа трпи и македонскиот и охридскиот туристички производ, кој повеќе не може да се нарече целосен“, вели претседателот на здружението на туристички водичи „Кеј", Климент Наумов.

РАСТЕ ПРИТИСОКОТ ЗА ПОРАСТ НА ОСТАНАТИТЕ ПЛАТИ

Синдикатите ја извојуваа битката за минималецот, но незадоволството нема да се смири сѐ додека не успее притисокот за скалесто зголемување и на другите плати. Усогласувањето со минималецот мора да биде направено за да се избегне изедначувањето во примањата кај различни категории работници со различен обем и тежина на работа. Кога се гласаше законот за минималецот во собранието, беа одбиени амандманите на опозицијата за раст на сите плати. Владата остана на ставот дека другите плати ќе се уредуваат со други акти. Се преговара, синдикатите организираат протести, но на сметките на работниците засега нема покачување. На прашањето дали можат компаниите што работат во областа на туризмот и на угостителството да издржат ново зголемување и на другите плати, од Туристичко-угостителската комора при ССК посочуваат дека се работи за еден од најпогодените сектори во кризата. И покрај напредокот, финансиската состојба им е далеку од сјајна. Бараат поддршка за исплата на платите на сезонските работници од странство.

„Во минатата година имаше позитивно придвижување во однос на 2020 година. Сепак, негативните ефекти сѐ уште се чувствуваат, а деловните субјекти сѐ уште не се финансиски стабилни. Сојузот на стопански комори и Туристичко-угостителската комора секогаш поддржувале зголемување на платите кога е тоа економски оправдано, во секој друг случај такво решение е неодржливо и може да предизвика поголема штета од корист. Сметаме дека за компаниите од туристичко-угостителскиот секторот би требало да има поволности во однос на намалување на стапките на придонеси за исплата на плата на сезонските работници од соседните држави што се ангажирани во нашата земја“, одговараат од ТУК.

Image
Newsletter