Горан Ѓорѓиевски, Претседател на Комората на агробизнисот при Сојузот на стопански комори на Македонија
Граѓаните со нетрпение чекаат на зголемување на платите, бидејќи џебовите сѐ побрзо им се празнат. Поради пандемијата, но и војната во Украина, цените на храната и на енергенсите се вивнаа до небо. Веќе се точи поскап бензин, се плаќа повеќе за струја, гас и за парно, а енормно поскапеа и сите прехранбени продукти. Нагорните ценовни движења резултираа со остварена просечна годишна стапка на инфлација од 7,1% во првите два месеца од 2022 година. Властите се трудат преку откажување од дел од акцизата и од ДДВ-то, како и со ограничување на маржите во трговијата, да го стопираат растот на цените, но засега со ограничен успех. И покрај зголемувањето на минималецот, се чини дека граѓаните не добиваат повисок животен стандард. Напротив, платата поголема за 45 евра треба да ја искористат за да ги подмират зголемените трошоци за храна, струја, парно и за горива. Уште пред да се зголемат цените на основните прехранбени производи, Сојузот на синдикати на Македонија за јануари пресмета „посолена“ минимална синдикална кошничка. За да го купи најнеопходното, на едно четиричлено семејство во земјава му требаат 35.811 денари или 770 денари повеќе отколку во декември во 2021 година. Притоа, речиси 43% или 15.317,93 денари отпаѓаат на храната и на пијалоците. Со 11.447 денари односно 31,97% учествува домувањето, хигиената е застапена со 6,74% или со 2.415 денари, превозот со 2.652 денари односно 7,41%, облека и обувки со 2.165 денари или 6,05%, културата со 1.067 или 2,98% и одржување на здравјето со 745 денари, поточно 2%. Тоа значи дека и покрај порастот, речиси две минимални плати се едвај доволни за да се задоволат само најосновните потреби. За сите вонредни трошоци, граѓаните треба да се задолжуваат.
Дали ќе влијае негативно зголемувањето на минималната плата врз работењето на компаниите? Некои најавуваат дека ќе им се намалат драстично профитите, а други дека ќе бидат принудени да даваат откази.
Сојузот на стопанските комори го поддржува зголемувањето на минималната плата бидејќи работната сила е најголемиот капитал. Веруваме дека задоволните работници се главен предуслови за постоењето успешни компании. Но, во креирањето на политиките на една земја, треба да се водиме според здравата економска логика. Секој друг пристап носи дестабилизација, нарушени економски односи и поделби во општеството. Како претставници на бизнис-заедницата, секогаш поддржуваме зголемување на платите, ако е тоа последица на пазарните механизми, на зголемената продуктивност на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис-секторот. Посочивме и дека е можеби подобро во услови на криза да се разгледува решение што би значело намалување на придонесите за сметка на зголемување на нето-износот што им се исплаќа на работниците.
Можат ли фирмите да издржат ново зголемување и на останатите плати во вакви услови?
Зголемувањето на минималната плата ќе влијае и врз намалувањето на мотивацијата кај дел од вработените, особено кај оние што досега беа попродуктивни, бидејќи голем број деловни субјекти, особено микро- и малите претпријатија ќе немаат можност да постават соодветни скалила на плати, такви што ќе кореспондираат со продуктивноста и со перформансите на вработените. Растот на платите дополнително ќе ги зголеми трошоците на претпријатијата, кои во периодот и без оваа мерка значително се зголемуваат. Зголемените трошоци може да доведат до зголемување на невработеноста, да го отежнат процесот на отворање нови работни места, но и да предизвикаат понатамошен раст на цените на производите и на услугите кај нас. Минималната плата исто така ќе ги поттикне инфлаторните движења во македонската економија.
Владата ќе им подели субвенции на фирмите за да можат да исплатат минималец, но сите нема да може да добијат помош. Од оваа мерка се исклучени компаниите што досега примиле каква било државна поддршка. Сметате ли дека ќе има ефект оваа помош?
Концептот на зголемување на минималната плата, како и условите за остварување на ова право се утврдуваат во процес преку Економско-социјалниот совет. Законските измени се донесени, а од месецот кога ќе почне имплементацијата, ќе може да се види дали ќе се соочиме во практиката со некои предизвици што ќе треба да се надминат.
Фирмите се соочија со енормен раст на трошоците во последниов период (минимална плата, поскапување на енергенси, суровини, производи од увоз). Колку сте задоволни од новиот пакет антикризни мерки? Треба ли дополнителна помош за стопанството?
Ситуацијата во која се наоѓаме е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго. Почна со пандемијата и прекинот во светските ланци на снабдување, па следуваше светската инфлација, а сега и воениот конфликт во Украина. Прогнозите за наредниот период се неизвесни, без голема доза оптимизам за надминување на состојбите. Пакетот мерки што го донесе Владата ќе има позитивен ефект во надминувањето на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација. Во таа насока го истакнуваме нашето барање за активирање на стоковите резерви, кои се од круцијално значење во ваква кризна ситуација. Стоковите резерви треба да се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството со цел излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите. Важно е да се обезбеди и субвенционирање на цената на електричната енергија за деловните субјекти. Посебна поддршка треба да има за микрo-, малите и средните претпријатија, кои се најголеми носители на економските активности во нашата држава, тие се најголеми вработувачи и воедно имаат најголем удел во бруто-домашниот производ, а се најчувствителни на негативните ефекти.
Дали и покрај мерките за ограничување на маржите, намалување на ДДВ-то и акцизите, може да се очекува пораст на цените на основните продукти во наредниот период? За колку се зголемени во меѓувреме цените на пченицата, брашното и на другите влезови?
Извесно е дека глобално цените на храната ќе останат високи и во следниот период, на тоа предупредува и Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации, имајќи предвид дека Украина и Русија имаат значајно учество во вкупното количество на најважните житни култури. Како ќе се одвива воениот конфликт, дали ќе дозволи Русија извоз и дали ќе можат земјоделците во Украина да ги соберат житните култури и да ги достават на пазарот поради масовното раселување на населението што го намали бројот на работниците, засега е неизвесно. Како ќе се движат цените на основните прехранбени производи во најголем дел зависи од тоа како ќе се движат цените на влезовите за нивно производство, кои во последниов период имаат изразен нагорен тренд. Цената на енергенсите, особено на гасот, може да биде сериозен предизвик бидејќи не постојат алтернативи за негово обезбедување.