Инфлацијата непријател број еден за сите граѓани

Инфлацијата непријател број еден за сите граѓани

Инфлацијата во земјава, регионот, Европа и во светот продолжува да расте до рекордно високо ниво. Граѓаните од ден на ден се во постојан страв од тоа што ќе донесе иднината поради драстичниот раст на цените на производите и на услугите. Пандемијата, конфликтот меѓу Русија и Украина, вклучително и прекините на синџирот на снабдување, предизвикаа долготрајни ефекти врз незапаметени високи стапки на инфлација.

Инфлацијата значи зголемување на цените во целата економија. Кога инфлацијата расте, потрошувачите треба да потрошат повеќе пари за да ги купат истите стоки и услуги. Неопходна е стапка на инфлација што не е премногу висока и не е премногу ниска за да се поттикне трошењето меѓу бизнисите и потрошувачите и за да се поддржи основната линија на економски раст. А, премногу инфлација сугерира дека е економијата во сериозна неволја.

Во вакви услови, поради притисокот од стопанството и незадоволството на граѓаните, државите носат различни мерки за поддршка. Трансфери за најранливите категории граѓани, пониски даноци, регулација на цените – сето тоа е дел од мерките што ги преземаат европските земји за зауздување на високата инфлација.

Во оваа анализа ќе направиме компарација на стапките на инфлација во нашата држава, земјите од регионот, но и во европските земји. Земјите во Европа не се исто погодени од инфлацијата, во некои има висока, во некои земји пониска инфлација, со што ударот врз стопанството и граѓаните секако е различен, зависно од стандардот на земјите.

Годишна инфлација во еврозоната во август 2022 година e 9,1% – во истиот период лани стапката на инфлација била 3%

Во најновите податоци објавени од статистичкото тело на Европската Унија, Евростат, се вели дека инфлацијата во еврозоната продолжува да се искачува на рекордно високо ниво. Според најновите информации, годишната инфлација во еврозоната изнесува 9,1%, а во ЕУ до 10,1%.

Годишната стапка на инфлација во еврозоната во август 2022 година е 9,1% и е повисока во однос на јули, кога беше 8,9%. Една година претходно, стапката била 3,0%. Годишната инфлација на Европската Унија во август 2022 година изнесува 10,1%, повисока од 9,8% во јули. Една година претходно, стапката изнесувала 3,2%, објави Евростат.

Во августовските пресметки се гледа дека цените на храната, алкохолот и на тутунот, неенергетските индустриски стоки и услугите се зголемени во однос на бројките во јули.

Гледајќи ги главните компоненти на инфлацијата во еврозоната, енергијата има највисока стапка во август (38,6% споредено со 39,6% во јули), проследена со поголемиот раст на храната, алкохолот и на тутунот (10,6% во споредба со 9,8% во јули), потоа неенергетските индустриски добра (5,1% споредено со 4,5% во јули) и услугите (3,8% во споредба со 3,7% во јули). Секоја од главните компоненти придонесува во различен степен врз вкупната инфлација во еврозоната.

Инфлација, еврозона | извор: Reuters

Инфлација, еврозона | извор: Reuters

Во кои земји има најголем раст на стапката на инфлација?

Од земјите во еврозоната, најголема стапка на инфлација имаат балтичките земји. И во порастот на цената на енергенсите тие се меѓу првите шест. Една од причините за тоа е што покрај увозот на руски суровини, трите земји трошеа и многу струја од Русија. Затоа откажувањето од увоз од Русија двојно ги погодува.

Естонија е жариштето на инфлацијата во Европа

Во услови на инфлациска бура предизвикана од руската инвазија врз Украина и од долгорочните ефекти од пандемијата, Естонија го има најбрзиот пораст на инфлацијата во еврозоната.
Според најновите податоци од Евростат публикувани за август, стапката на инфлација во оваа земја изнесува 25,2%.

Од 1996 година досега, најмногу се зголемиле цените на храната и на безалкохолните пијалаци. Граѓаните таму од месец во месец доживуваат нови ценовни шокови, а најголем пораст имаат трошоците за домување, електрична и топлинска енергија, облека, транспорт, рекреација и култура, разни стоки и услуги.

Мерки против високата инфлација

Од министерството за финансии на Естонија неодамна најавија дека владата планира мерки за да го намали притисокот од порастот на цените врз домаќинствата. На пример, заработката до 654 евра месечно ќе биде ослободена од данок на доход во споредба со 500 евра претходно. Акцизата за струја и за гориво ќе биде замрзната до април 2024 година. Од субвенциите профитираат домаќинства со ниски примања. Потоа се замрзнаа и цените за гас и за струја.

Веднаш по Естонија, највисоката инфлација има во Латвија. Според последните податоци на Еуростат, оваа земја има стапка на инфлација од 21,4%

Во Латвија, најважна категорија во индексот на потрошувачките цени се храната и безалкохолните пијалаци, домувањето и комуналните услуги, транспортот, алкохолните пијалаци и тутунот, рекреацијата и културата, облеката и обувките, здравјето, разните стоки и услуги.

Мерки во Латвија – антиинфлацискиот план може да вклучи понизок ДДВ за храната

Министерството за економија на Латвија во моментов работи на мерки против инфлацијата, вклучително и можноста за намалување на стапката на данокот на додадена вредност за храна и акцизата за гориво. Една од мерките оценети во антиинфлацискиот план е намалување на стапката на ДДВ-то од 21% на 5% за свежата риба и свежото месо, како и за лебот и за млечните производи. Се оценува и примената на намалената стапка на ДДВ-то од 5% за угостителските претпријатија.

Исто така, се смета дека може да се намали акцизата на горивото, како и да се надомести тарифата за дистрибуција на електрична енергија. Латвија на економски слаби домаќинства им плати месечен паушал од 20 евра и ги намали трошоците за дистрибуција на електрична енергија.

Маркет во Литванија | извор: The lithuania tribute

Маркет во Литванија | извор: The lithuania tribute

Во Литванија, пак, последната стапка на инфлација изнесува 21,1%

Инфлацијата е главно поттикната од повисоките цени на храната и на енергијата, а тренд на пораст имаат и цените на транспортот.

Мерки – Литванија го усвои најголемиот енергетски пакет од трите балтички држави и вториот најголем од земјите во Европа опфатени со статистиката. Речиси две милијарди евра треба да се одлеат во директни олеснувања. Со другата половина, владата треба да поттикне инвестиции во енергетската независност преку обновливи извори на енергија.

Високи стапки на инфлација во Унгарија

Во Унгарија инфлацијата за август, споредена со истиот месец лани, изнесува 18,6%, највисока од мај 1998 година. Инфлацијата во оваа земја се очекува дополнително да се зголеми во наредните месеци.

Мерки – Унгарија ги продолжи ограничувањата на цените на горивата и на основните прехранбени производи за три месеци, односно до крајот на годината, во обид да ги заштити домаќинствата од зголемените трошоци. Будимпешта остро ја критикуваше Европската Унија за воведувањето санкции кон Русија, велејќи дека тие не успеале да ја ослабат Москва на смислен начин, а истовремено се предизвикало пораст на цените на храната и на енергијата.

Во комбинација со падот на форинтата на рекордно ниско ниво, зголемените цени ја турнаа инфлацијата во Унгарија на највисоко ниво во последните две децении, принудувајќи ја Националната банка на Унгарија нагло да ја зголеми основната стапка на 11,75%. Од Владата на Унгарија информираа и дека ќе се продолжи ограничувањето на хипотекарните стапки за најмалку уште шест месеци.

По 13 месеци, инфлацијата во Чешка почна да забавува, но сепак е висока

По 13 месеци, инфлацијата во Чешка почна да забавува и додека во јули изнесуваше 17,5% во однос на истиот месец од претходната година, во август благо се намали на 17,1%.
Најголемо учество во инфлацијата во однос на истиот период лани му се припишува на порастот на трошоците за енергија и за домување.

Мерки – Владата во Чешка предлага да се утврди максимална цена на струјата за домаќинствата и за јавниот сектор, како и за стопанството.

Утврдувањето на максималната цена треба да почне од ноември или најдоцна од јануари 2023 година, а веќе од октомври домаќинствата ќе добијат субвенции од државата за струја и за парно во износ од 625 евра, од кои помал дел ќе бидат платени преку авансни плаќања и сметки во октомври, а поголем во текот на следната година.

Македонија меѓу земјите со највисока стапка на инфлација

Последните податоци на Евростат покажуваат дека инфлацијата во август во Македонија изнесува 16,7% и е веднаш зад земјите што имаат највисока стапка на инфлација, а кои сепак имаат далеку подобар стандард од македонскиот.

Најголем придонес за растот на домашната инфлација има порастот на увозните цени на храната и на енергијата, вклучително и на домашната цена на електричната и на топлинската енергија, кои се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија.

Македонските граѓани, а и стопанството, не почувствуваа некои сериозни бенефити од мерките на Владата, иако ќе има и нов пакет мерки.

Извор: ЕВРОСТАТ

Извор: ЕВРОСТАТ

Македонија има и највисока инфлација споредено со земјите од регионот

Ако се анализираат податоците од Евростат, може да се заклучи дека Македонија има највисока инфлација во споредба со земјите од регионот.

На пример, стапката на инфлација во Бугарија за месец август изнесува 15%, во Србија 12,8%, Хрватска 12,6%, Словенија 11,5%, Грција 11,2%. Во Албанија изнесува околу 8%, а во Косово 13%.

Извор: ЕВРОСТАТ

Извор: ЕВРОСТАТ

Во кои земји има најниска инфлација?

Швајцарија, земја што не е член на ЕУ, но е дел од Шенген-зоната, во август регистрира инфлација од 3,3%. Швајцарија е една од најбогатите земји во светот, а економијата на оваа земја важи за една од најстабилните.

Лихтенштајн, која е една од најмалите, но и најбогати земји, со висок животен стандард, исто така има една од најниските инфлациски стапки. Оваа минијатурна земја, која е даночна оаза за многу бизниси, има инфлација од само 3,5% за месец август. Лихтенштајн не е формално членка на ЕУ, а и досега нема пројавено желба да стане дел од Унијата.

Ниска инфлација има и во Исланд, земја што не е дел од ЕУ, а е членка на Шенген-зоната, и таа изнесува 5,5% за август, во однос на истиот период лани. Норвешка, земја што исто така не е членка на ЕУ има инфлација од 7,1%.

Во делот на земјите-членки на ЕУ, најниски годишни стапки се регистрирани во Франција (6,6%), Малта (7,0%) и Финска (7,9%). Во споредба со јули, инфлацијата падна во дванаесет земји-членки и се зголеми во петнаесет.

Како се справуваат со инфлацијата Германија и Франција, најмоќните европски земји

Германија најави трет пакет помош – 65 милијарди евра за борба против инфлацијата и за преживување на зимата

Германската влада најави пакет од повеќе од 65 милијарди евра за да им помогне на жителите да се справат со зголемените трошоци за енергија и со инфлацијата. Билетите за јавниот превоз ќе поевтинат, пензионерите и студентите ќе добијат парична помош.

Мерките вклучуваат нов, поевтин билет за национален јавен превоз (претходно заврши проектот „Билет за девет евра“, кој траеше во текот на летниот период), паушална стапка за пензионерите и за студентите од 300 односно 200 евра за помош во трошоците за енергија, зголемување на бенефициите за оние што не можат да работат и зголемување на месечната сума што ја добиваат родителите за секое дете. Од Нова година детскиот додаток ќе се зголеми за 18 евра месечно за прво и второ дете, и ќе изнесува 237 евра.

Коалициските партии се договорија и за исплата на бонус од 300 евра за вработените, со што ќе се обидат да им помогнат да се справат со поскапувањето на енергенсите.

Владата ќе воведе и пониски цени за основното ниво на потрошувачка на енергија, така што потрошувачите ќе мора да плаќаат повисоки цени само кога ќе ја надминат оваа сума.

Германија, како и другите европски земји, се соочува со долгорочни последици од пандемијата и од економската криза, зголемувањето на цените на енергијата поради руската инвазија на Украина и намалувањето на извозот на руски гас и нафта во Европа.

Инфлација во Италија | извор: Reuters

Инфлација во Италија | извор: Reuters

Во Италија највисока инфлација во последните 36 години

Во Италија, инфлацијата измерена во август изнесува 9,1%. Ваква инфлација државата нема забележано од јануари 1986 година.

Новиот пакет помош на државата е вреден 14,3 милијарди евра, чија цел е да ги заштити компаниите и домаќинствата од наглиот пораст на трошоците за енергија и на цените на производите за широка потрошувачка.

Се планира продолжување на постојните мерки насочени кон намалување на сметките за струја и гас за домаќинствата со ниски приходи до четвртиот квартал од оваа година, како и намалување на т.н. давачка за „системски трошоци“. Италијанската влада ќе им исплаќа по 200 евра на оние со ниски и со средни примања

Италија во втората половина од годинава ќе одвои 1,6 милијарди евра за намалување на даночното оптоварување на платите за вработените со годишен приход помал од 35.000 евра, а со цел да се поддржи куповната моќ на постарата популација. Владата ќе ги зголеми пензиите за 2% веќе од четвртиот квартал на 2022 година наместо претходно планираното во јануари 2023 година, што државната каса ќе ја чини околу 2,4 милијарди евра.

Франција со антиинфлаторен пакет од 20 милијарди евра

Франција во ноември минатата година презеде неколку мерки за заштита на куповната моќ на домаќинствата. Замрзнати цени на гасот и на струјата со т.н. „тарифен штит“, исплатен е додаток за инфлација од 100 евра на сите чиј нето-приход е помал од 2.000 евра месечно, енергетски ваучер од 100 евра им е поделен на оние што се во категорија најниски приходи. Попуст од 15 центи за литар гориво на бензинските пумпи е мерка што важи од први април.

Новиот пакет, кој беше одобрен минатиот месец, предвидува 20 милијарди евра за помош на домаќинствата што се борат против зголемените цени на енергијата и на храната.

„Вашата куповна моќ е наш приоритет“, напиша на Твитер портпаролот на француската влада Оливие Веран. „За да ве заштитиме од инфлација, го задржавме ограничувањето на цената на гасот и на електричната енергија и поставивме ограничување на цените за да го ограничиме зголемувањето на киријата на 3,5%.

Предлог-законот вклучува и зголемување на пензиите и дел од социјалната помош за 4%. За горивото, сегашниот попуст финансиран од државата ќе се зголеми на 30 центи во септември и октомври. Приватните компании, исто така, се охрабруваат да им понудат на вработените годишен бонус без данок до 6.000 евра.

И Велика Британија се соочува со инфлација највисока во изминатите 40 години

Британците се соочуваат со највисока стапка на инфлација во изминатите 40 години. Трошоците за живот се зголемуваат со речиси најбрзата стапка, а главно се поттикнати од зголемените трошоци за храна и за гориво. Цените во август беа за 9,9% повисоки отколку пред 12 месеци. Сепак, по владиното соопштение за сметките за енергија, инфлацијата нема да го достигне врвот што беше претходно прогнозиран.

Гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, рече дека „рускиот шок сега е најголемиот придонесувач за инфлацијата во Обединетото Кралство“. Но, економистите се согласуваат дека има многу други фактори.

Банката на Англија ги зголеми каматните стапки пет пати од декември 2021 година во обид да ја запре растечката инфлација и да спречи таа да се вкорени во британската економија.

Инфлација во Турција | извор: AFP

Инфлација во Турција | извор: AFP

Што се случува во Турција со инфлација од над 80%

И додека западните земји се тркалаат со највисока инфлација доживеана во последните децении, Турција се соочува со стапка на инфлација речиси десет пати повисока. Според податоците на Евростат за август, измерената инфлација во Турција изнесува 80,1%.

Главниот начин на кој владите ја намалуваат растечката инфлација е со зголемување на каматните стапки, што го одвраќа задолжувањето и трошењето, но Турската централна банка го прави токму спротивното.

Турскиот претседател инсистира дека заострувањето на монетарната политика со зголемување на каматните стапки не е рецепт за намалување на инфлацијата, поради што Турската централна банка ја намали основната каматна стапка пет пати по ред во минатата година и во претходната година, што моментално изнесува 14 проценти.

Независните стручњаци сметаат дека е инфлацијата многу повисока од официјалните податоци. Економистите, исто така, оценуваат дека порастот на инфлацијата е предизвикан од уверувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган, и покрај утврдената економска теорија, дека до инфлација доведува високата цена на задолжување.

На крај, светските економисти констатираат дека ерата на постојано растечки цени можеби е завршена, но високата инфлација веројатно ќе остане наоколу уште некое време.

Image
Newsletter