Двојните изборни процеси во Македонија завршија, притоа донесувајќи значителни промени на политичката сцена во земјава. По убедливиот, историски голем триумф на ВМРО-ДПМНЕ, се поизвесно е дека токму оваа партија ќе ги диригира економските и општествените одлуки во наредните четири години. Во текот на мај траат најважните советувања и преговори за наоѓање коалициони партнери во идната влада. Разговорите со Коалицијата „Вреди“, која беше втора кај албанското гласачко ткиво, се во полн ек, а не е исклучено ни приклучување на новооформената партија ЗНАМ на Максим Димитриевски. По две децении, ДУИ конечно оди во опозиција. Земјава првпат доби и жена-претседател во ликот на универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова. Она што по бурниот изборен период ги интересира граѓаните е дали ќе живеат подобро и што ќе промени новата влада на социјален, економски и политичка план.
Гордана Силјановска-Давкова – прва жена-претседател на Македонија
Универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова стана 6. претседател и прва жена-претседател на Македонија. Таа убедливо го победи противкандидатот, доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Гордана Силјаноска-Давкова даде заклетва пред стариот пратенички состав дека ќе ги почитува Уставот и законите на Македонија, ќе го штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија. Во првиот говор во Собранието, кој им го посвети на жените, таа вети дека ќе биде претседателка на сите граѓани, на левата и на десната страна во Собранието, ќе биде коректор и ќе реагира во Парламентот кога ќе биде потребно дури и со вето. Давкова повика на единство, кое во моментов е потребно повеќе од кога било затоа што Македонија има многу тешка лекција да научи. Добар дел од говорот го посвети на охрабрување на жените, а особено на оние што имаат политички амбиции.
„За жал, жените ги нема во политиката, затоа сум среќна што ќе инспирирам други жени. Ако јас можам да бидам претседателка, можете и вие! Запомнете, никогаш не ни било потребно поголемо единство, со нас жените ќе се менувате и вие мажите. Ајдете да исчекориме, лекција имаме, многу тешка лекција“, рече таа.
Уште на стартот, нејзиниот говор пред Собранието предизвика бројни реакции. Грчката амбасадорката Софија Филипиду во знак на протест ја напушти галеријата на собраниската сала за време на говорот на претседателката. Од амбасадата пак велат дека Филипиду ја напуштила салата по инструкции на грчкото МНР, веднаш по заклетвата.
Во свечената изјава напишана во Изборниот законик стои старото уставно име односно Република Македонија, додека во највисокиот правен акт, членот 81 предвидува новоизбраниот шеф на државата да даде ветување во Домот на демократијата, дека ќе ги почитува Уставот и законите. Во текстот таму, никаде не стои обврска да се каже државното име.
Од Кабинетот на претседателката, објаснија дека во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела.
Дел од правниците и универзитетските професори не гледаат ништо спорно во дадената изјава.
„Не можам да дадам конкретни забелешки затоа што не сум од дипломатскиот кор, нели, и не е моја задача да коментирам, но, нели, секој пат треба да се почитува волјата на народот и да се земе предвид правото на самоопределување на народите, затоа што тоа е принцип-темелник на меѓународниот поредок на кој се засноваат сите земји“, смета дел од академската фела.
За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски, заклетвата без „северна“ е добар дипломатски потег со кој Македонија по 7 години влезе во офанзива.
Примопредавање на функцијата. | Извор: фокус
„За жал, во минатите години, Владата на СДСМ создаде една практика на попустливост и кон соседите и кон други инстанции од Меѓународната заедница, притоа не водејќи сметка за суштинските интереси на Македонија особено во прашањата што се однесуваат на нашиот идентитет, јазик, култура и слични области. Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат еден различен став, особено кога се работи за позициите за заштита на националните интереси на меѓународен и на регионален план во однос на отворените прашања со соседите. Очекувам оваа принципиелна позиција да продолжи понатаму имајќи ги секогаш како приоритет интересите на Македонија за разлика од порано. Ние сега ќе бидеме сведоци на едни поцврсти ставови, потврди позиции кога се работи за односите со соседите почитувајќи ги сите норми на меѓународното право, во делот на заштитата на човековите права, правото на самоопределување и сето она што значи заштита на националниот идентитет“, вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и универзитетски професор Васко Наумовски.
Од партиите во законодавниот дом, единствено реакција имаше од ДУИ. Интегративците продолжија со нападите. Ѝ замерија на Силјановска-Давкова бидејќи не ги спомнала Рамковниот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство. Според нив, го прекршила Уставот со тоа штоа ја нарече државата „Македонија“.
„Го згази Уставот уште на прва реченица не спомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа. Рече време е за единство, а спомна само двајца лидери од македонскиот блок, исклучувајќи ги сите останати“, нагласи Aрбер Адеми, координатор на пратеничка група на ДУИ.
Според досега прикажаното, се очекува Силјановска-Давкова да продолжи да се однесува како и досега, да ги брани националните и државните интереси и да не споменува „северна“, притоа не кршејќи ги законските прописи.
Средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Kоалицијата „Вреди“. | Извор: ВМРО-ДПМНЕ
Преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“
Си дадоа „ишарет“ уште во предизборниот период, а сега на големо преговараат за да создадат коалициона влада. Сепак, меѓу двете партии постојат неколку клучни разлики, а убедливо најголемиот проблем се усвојувањето на Уставните измени. Додека ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека за нив се неприфатливи во ваква форма, „Вреди“ одлучи да не коалицира со партија која нема да ги гласа и ќе го спречи напредокот на европскиот пат. Двете партии веќе формираа работни групи што ќе преговараат. Клучните теми вклучуваат дефинирање на принципите на Владата, решавање на економскиот развој и уставни амандмани. Меџити го пофали Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, што покажа скромност со посетата на седиштето на „Вреди“ и покрај тоа што држи 58 пратеници. Овој гест сигнализира ветувачки почеток на преговорите и одразува отстапување од ставовите од минатото. Според Меџити, секојдневно се водат дискусии за усогласување на принципите и на програмите на двете коалиции како подготовка за новата влада.
Сѐ поизвесно е дека во новата влада ќе влезе и новата партија ЗНАМ на Максим Димитриевски, која има пет пратеници, додека Левица засега не добила покана од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Меџити, формирањето влада се очекува да заврши до 15 јуни. Тој очекува владината коалиција да брои од 75 до 80 пратеници.
Мицкоски ќе стане премиер во новата влада. | Извор: ВМРО-ДПМНЕ
Клучна е имплементација на програмата
Од „Вреди“ во повеќе наврати истакнаа дека за Албанците е клучно исполнување на ветеното, а не симболиката и предизборниот фолклор. И покрај тоа што допрва треба да се разговара за распределбата на ресорите, Меџити нагласи дека „Вреди“ бара значајно учество во владата, со фокус на спроведување на програма што се однесува на клучните прашања како што се економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Нагласувајќи ја потребата од опипливи резултати, Мeџити ја истакна важноста од решавање на проблемите на граѓаните над политичките назначувања.
„Нашиот фокус е на клучните области како што се економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард. Иако сè уште не сме навлегле во конкретни детали, имаме цел да се осигураме дека нашето учество во Владата е конструктивно и репрезентативно за албанската заедница. Акцентот е ставен на имплементација на програма што се однесува на потребите на граѓаните и ги претвора идеите во опипливи резултати. Во текот на изминатите четири години, Албанците имаа значајни позиции во Владата, но нивното влијание беше ограничено на лични интереси, а не на поширокото население. Наш приоритет е да одговориме на грижите на граѓаните и да обезбедиме тие да доживеат вистинска промена, без оглед на тоа кој има министерски позиции“, вели тој.
Агенцијата за млади и спорт ќе стане министерство.
Се најавуваат две нови министерства
Една од клучните промени е реорганизација на министерските позиции во Владата. Две нови министерства – за енергетика, рударство и минерални суровини и за спорт најавува ВМРО-ДПМНЕ како идна владејачка партија. Енергетика и рударство го воведуваат бидејќи досега тоа бил еден сектор во Министерството за економија што многу слабо ја вршел работата. Планот е и досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во Министерство за спорт, а секторот млади да влезе во социјална политика, демографија и млади. Ресорот труд да влезе во Министерство за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура.
„Политиките што се однесуваат на енергетиката се спорадични, ад хок, без системски решенија, и поради тоа сметавме дека производството на квалитетна електрична енергија, со која ќе направиме енергетски стабилна држава, но и грижата за животната средина и за климата, треба да бидат обединети во едно министерство што целиот фокус ќе го има на енергетиката. Затоа ги извлекуваме секторите од Министерството за економија и дополнително ова министерство ќе има надлежност над сите јавни претпријатија за енергетика“, вели Стефан Андоновски, дополнителен заменик-министер за МИОА.
За реализација на плановите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе му биде потребно двотретинско мнозинство во Парламентот. Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е да не се зголемува бројот на вработените, но ќе има реорганизација со цел новите институции да бидат пофлексибилни и максимално да им служат на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ во програмата 1198, објави дека планира намалување од 10% на бројот на јавните институции. Се предвидува укинување на позицијата заменик-директор, како и намалување на управните и на надзорните одбори и на бројот на учесници во нив за да се намали бесполезното трошење народни пари.
„Институциите што имаат слични или сродни надлежности ќе се спојат во една, со што ќе се намали бројот на директори, управни и надзорни одбори, како и непотребни трошоци. На овој начин ќе се намалат трошоците за функционирање на јавниот сектор. Со оваа реорганизација, институциите ќе ги зајакнат своите капацитети, административните службеници ќе добијат можност за напредок, ќе се воспостават јасни линии на отчетност и транспарентност, и на оптимален начин граѓаните ќе добијат квалитетни и ефикасни услуги“, најави ВМРО-ДПМНЕ.
Предвидена е и изработка на анализа за потребата од дисперзирање на дел од државните институции во другите градови, со цел да се создадат институционални услови за рамномерен регионален развој и доближување на институциите еднакво до сите граѓани. Таа анализа ќе биде изработена во соработка со ЗЕЛС и со научните институции.
Мицкоски најави милијарда евра финансиски пакет. | Извор: ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски договорил милијарда евра по поволни услови?
Уште во првото интервју по изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека договорил финансиски пакет по поволни услови од друга земја, притоа не спомнувајќи повеќе детали.
„Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс-период со исклучително атрактивна каматна стапка“, рече Мицкоски.
Додека некои аналитичари се загрижени дека ова дополнително ќе придонесе за зголемување на јавниот долг, други сметаат дека ако е задолжувањето поволно, само ќе биде поттик за македонската економија.
Засега не се знае за што ќе бидат употребени парите.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска рече дека претпочита задолжување пред меѓународните финансиски институции бидејќи тие даваат најповолни услови. Таа рече дека мора да се оправда толкавото задолжување на државата.
„Прво, намената на задолжувањето мора да е оправдана, да е за нешто што ќе го зголеми потенцијалот на државата и второ, треба да се фокусираме на извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови за финансирање на нашата економија. А меѓународните финансиски институции вообичаено обезбедуваат такви услови за финансирање. Секако, ако има и други извори што би дале такви услови, треба да се земат предвид“, кажа Ангеловска-Бежовска.
Претставници на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите тврдат дека финансиите нема да бидат земени од Кина, Турција или од Русија, а на прашањето дали станува збор за пари од Обединети Арапски Емирати немаше прецизен ниту потврден одговор.
Договарањето за овој финансиски пакет со странската држава се одвивал за време на кампањата.
Мицкоски најави и енергетска инвестиција од 400-500 милиони евра „која ќе произведува некаде околу 1 терават часови електрична енергија годишно“.
Граѓаните очекуваат нивниот глас да значи подобар живот. | Извор: Драган Митрески
Граѓаните сакаат борба со корупцијата и справување со инфлацијата
Во последното испитување на јавното мислење во Македонија, Републиканскиот институт ИРИ ги детектираше економијата, скапиот живот, невработеноста и корупцијата како најголеми проблеми за населението. Тие треба да бидат главните задачи на идната влада, според истражувањето на Меѓународниот републикански институт.
25 отсто од испитаниците во Македонија одговориле дека високите цени и трошоците за живот треба да бидат приоритет на владата, а потоа следуваат корупцијата со 22 отсто и невработеноста со 10 отсто. Во однос на Европската Унија и интеграцијата на Македонија, само еден отсто од граѓаните рекле дека тоа треба да биде приоритет.
34 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ е сериозна во намерата да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, наспроти 47 отсто кои сметаат дека не е сериозна.19 отсто не знаат или не одговориле. На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ ако се одржи денес референдум, 68 отсто од граѓаните би гласале „за“, додека 13 отсто би биле „против“.