Изборна година во светот – ќе се промени ли нешто кај нас и во демократските држави?

Изборна година во светот – ќе се промени ли нешто кај нас и во демократските држави?

Анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ

Годинава ќе биде една од најзначајните на политички план не само во Македонија, туку на глобално ниво. Политичарите ќе си ги одмеруваат силите во повеќе од 60 држави во кои живее повеќе од половина население, па затоа и ќе биде особено важно кому ќе му даде народот доверба. Демократските сили уште еднаш ќе си ги премерат силите со националните чувства, кои сѐ повеќе земаат замав во одредени делови од светот. Изборни циклуси ќе има во Европа, САД, Русија, Британија, Индија, Мексико, Бангладеш, Азербејџан итн.

Македонија – парламентарни и претседателски избори

Кај нас, на сцената ќе се судрат веќе добро познатите играчи на македонска и албанска страна, проследени со неколку помали политички партии кои сѐ повеќе земаат замав кај гласачите и кои ако освојат доволно доверба, односно гласови кај граѓаните, можат да имаат клучна улога во формирањето идна влада. 

Главните претенденти кои ќе се борат да ја надмудрат конкуренцијата и да добијат што е можно повеќе гласови веќе се позиционираат и со готови програми полни со ветувања за подобар живот ќе се претстават пред граѓаните. Сепак, се чини, меѓу населението има таква апатија во последните неколку години, особено по пандемијата и економската криза, што повторно изборот ќе го сведе „да се гласа против, отколку да се гласа за некој“.

Тоа го покажуваат и истражувањата, во кои корупцијата со 18%, ниските приходи со 15,5% и криминалот со 14,% се детектирани како клучни проблеми на испитаниците, а повеќе од две третини од граѓаните или 68,3%, сметаат дека државата се движи во погрешна насока. 

Граѓаните немаат никаква доверба во судскиот систем. Целосна доверба во судството имаат само три отсто од граѓаните. Дури 60% од испитаниците воопшто не веруваат дека „во Македонија законот важи за сите подеднакво“. Катастрофална доверба има и во институциите.

„Имаме една перфектна совршена бура на разочарување, коешто најчесто оди во многу непосакувани правци кога немате кредибилна политичка понуда да го артикулира тоа незадоволство. Најчесто оди во радикални политички опции, кои понатаму ги влошуваат работите, и токму тоа очекувам во претстојниот период или години да биде перспектива на македонската политичка сцена“, вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

На прашањето дали се согласувате дека актуелната Влада заслужува повторно да биде избрана, 73,1% не се согласуваат со тоа, наспроти 22,3% кои се изјасниле со „да“. Истовремено, 60% од испитаниците се изјасниле дека не веруваат ниту дека ако дојде на власт опозицијата, ќе ги реши нивните најголеми проблеми.

Како најголеми предизвици со кои „во костец“ треба да се зафати идната влада, граѓаните ги посочиле здравствениот систем, владеењето на правото, односно проблемот со корупција и неказнивност и економскиот раст и стабилност.

Анкета: За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори? | Извор: 360stepeni.mk

Анкета: За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори? | Извор: 360stepeni.mk

Анкетите – трн во око на власта

На неполни три месеци до изборите, политичките партии го мерат расположението кај народот, но тоа го прават и рејтинг-агенциите. Последната анкета која за потребите на МРТВ ја изработи Институтот за политичко истражување во Скопје ги разгоре страстите кај власта, особено затоа што покажа дека партијата на власт и тоа како ја губи довербата кај гласачкото тело. Анкетата покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ, што беше причина доскорешниот премиер и лидер на СДСМ да го окарактеризира јавниот сервис како потсетување на тоа како изгледале медиумите до 2016 година. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, веднаш му возвратија на Ковачевски дека губи, па е нервозен, а за слабиот рејтинг велат дека му се виновни амбасадорите, анкетарите и телевизиите, само не и тој самиот.

Во анкетата на ИПИС, на прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 19,4% од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а речиси двојно помалку, односно 10% својот глас би го дале за СДСМ. Во втората изборна единица за Левица би гласале 3,8% од испитаниците, а за новоформираната партија ЗНАМ на Максим Димитриевски, својот глас би го дале 4,5%.

Анкета: За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори? | Извор: 360stepeni.mk

Анкета: За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори? | Извор: 360stepeni.mk

Од партиите од албанскиот блок, во втората изборна единица води ДУИ, за која гласот би го дале 6,5% од испитаниците. Веднаш зад неа е коалицијата на опозициските партии на Албанците „Европски сојуз за промени“, за која рекле дека ќе гласаат 5,4%. Нешто помалку од два проценти, односно 1,9% од испитаниците во втората изборна единица рекле дека својот глас ќе до дадат за Алијанса за Албанците.

Предизборната анкета на ИПИС покажува дека во шестата изборна единица, која ги опфаќа општините во северозападна Македонија, тесна е предноста на ДУИ пред коалицијата „Европски сојуз за промени“ на трите опозициски партии на Албанците. На прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 17,9% од испитаниците во ИЕ 6 рекле дека ќе гласаат за ДУИ, а нешто помалку или 16% рекле дека својот глас ќе го дадат за коалицијата на опозицискиот албански блок.

За Алијанса за Албанците би гласале седум проценти од испитаниците во шестата изборна единица.

Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците. | Извор: Независен весник

Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците. | Извор: Независен весник

Раздор во Алијанса за Албанците

Токму во Алијанса за Албанците се случува предизборно најголемиот клинч меѓу актуелниот претседател кој е проопозициски ориентиран и поранешниот кој ја држи страната на актуелната власт и сака повторно да коалицира со неа. Судирот меѓу Таравари и Села почна со вербални расправи, па преку закани, заплашување со куршум и тепачки по кафеани заврши неминовно со поделба на партијата. 

Алијанса која „му дише во врат“ на ДУИ на претстојните избори, се чини е на „стаклени нозе“. Сѐ уште не се знае како ќе настапи партијата на изборите, дали во коалиција со албанската власт или како опозиција. Има и опција да истапат сами со гласачки листи, но доскорешниот министер за администрација Азир Алиу вели дека на тој начин партијата само ќе ѝ направи услуга на ДУИ.

Тој вели дека нивната црвена линија за евентуална владина коалиција е задржувањето на европскиот пат, при што подразбираат и обврска за усвојување на уставните измени. 

Алиу и поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити, беа разрешени откако отворено го поддржаа претседателот на Алијансата, Таравари, кој најави дека на претстојните избори ќе оди со албанската опозиција. Техничкиот премиер Талат Џафери образложи, пак, дека тие се разрешени бидејќи законски не можело да има два опозициски субјекти во Владата. Тие беа заменети со Илир Демири и Наим Бајрами.

Дали професорката Силјановска Давкова пак ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ? | Извор: Инфомакс

Дали професорката Силјановска Давкова пак ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ? | Извор: Инфомакс

Се стеснува изборот на претседателски кандидати

Политичките партии ги прават последните мерења на јавното мислење за да излезат со кандидати за претседател на државата кој би можел да стапи на функцијата. Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април. 

Од партиите досега се изјасни само Левица, која ќе ја номинира универзитетската професорка Билјана Ванковска и која најави дека ќе почнат со собирање 10 илјади потписи за нејзината кандидатура. 

Најголемите партии во македонскиот блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, сѐ уште тактизираат. ВМРО-ДПМНЕ има распишано оглас кој истекува на 21 февруари. Лидерот Мицкоски најави дека изборот се стеснил на тројца кандидати, но и дека огласот е сѐ уште отворен и независен процес од анализата која ја прави партијата. Во јавноста најмногу циркулираат имињата на универзитетските професори Гордана Силјановска Давкова и Александар Спасеновски. ВМРО-ДПМНЕ својот кандидат ќе го избере на партиска конвенција на 2 март.

СДСМ прави последни калкулации. | Извор: Лидер.мк

СДСМ прави последни калкулации. | Извор: Лидер.мк

Кај СДСМ, актуелниот претседател Стево Пендаровски најверојатно би можел да се бори за втор мандат. Во игра е и името на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но некако тој како да ги губи шансите по фијаското во справувањето со хаосот при издавањето лични документи со новото име на државата. Партијата прави последни калкулации и за евентуален консензуален кандидат со ДУИ, па вицепремиерот Фатмир Битиќи се изјасни дека би прифатил понуда да биде претседателски кандидат. Лидерот на партијата Димитар Ковачевски не потврди колку кандидати се во најтесниот круг. Само кажа дека има номинации на поранешни претседатели, секретари на партијата, судии итн.

ДУИ сѐ уште не се изјаснува дали ќе го поддржат кандидатот за претседател на СДСМ, но најверојатно би излегле со свој кандидат ако БЕСА, Алтернатива и Демократското движење номинираат свој шеф на државата. Како најсериозен кандидат се споменува министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Европскиот сојуз за промени најави дека ќе настапи со свој кандидат за изборите. Најверојатни имиња се Арбен Таравари (ако се предомисли, бидејќи претходно рече дека не е заинтересиран) или пак Билал Касами, лидерот на БЕСА.

Трамп води на анкетите за претседател на САД. | Извор: The Guardian

Трамп води на анкетите за претседател на САД. | Извор: The Guardian

Трката се вжештува во САД

Трката за нов шеф на државата се вжештува во САД. Според сите досегашни информации, можно е стариот судир Трамп – Бајден да доживее реприза. На стартот на февруари, врховните судии одлучуваа дали ќе му се дозволи на поранешниот претседател Доналд Трамп да учествува во изборната трка поради неговото наводно учество при немилиот настан од последните избори кога поддржувачите на Трамп упаднаа во американскиот Капитол, обидувајќи се да ја спречат потврдата за победата на Бајден. Се чини Врховниот суд сепак ќе му дозволи на Трамп да се кандидира, но тој и во текот на евентуалната кампања би морал паралелно да биде присутен на неколку судски спорови кои се водат против него.

Ники Хејли нема големи шанси против Трамп кај Републиканците. | Извор: Sean Rayford

Ники Хејли нема големи шанси против Трамп кај Републиканците. | Извор: Sean Rayford

Трамп е оптимист дека ќе победи и тврди дека води на сите анкети. Тој веќе победи на прелиминарните избори на Републиканската партија во Њу Хемпшир и Ајова. Следниот судир ќе биде во Јужна Каролина и тоа веројатно ќе биде насока за неговите вистински шанси. Таму ќе се судри директно со поранешната гувернерка на Јужна Каролина и поранешна амбасадорка на САД во Обединетите Нации, Ники Хејли. Се смета дека ако таа изгуби на „своја територија“, тоа ќе биде крај  за нејзината кандидатура. Тоа е и мошне веројатно, бидејќи Трамп води на анкетите на Републиканската партија, а доби и поддршка од гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, кој се повлече од изборната трка. Шансите на Трамп да добие втор мандат се големи, иако многумина се против хаосот во кој ја остави државата по својот прв мандат и изјавите кои ги дава во врска со НАТО-алијансата, односно дека би дозволил Русија или некоја друга земја да бомбардира земја членка ако таа не си ги подмирува обврските. Неговите поддржувачи се за него во овој дел, особено поради високите трошоци кои САД ги имаат во оваа Алијанса, која се потпира главно и исклучиво на нив.

Мнозинството Американци смета дека Бајден е престар претседател, кој почнува да ја губи меморијата. | Извор: The Guardian

Мнозинството Американци смета дека Бајден е престар претседател, кој почнува да ја губи меморијата. | Извор: The Guardian

За претседателот Џо Бајден уште отсега може да се прогнозира дека би бил најверојатен кандидат на Демократската партија. Нема некој истакнат противкандидат кој би можел посериозно да го загрози. Аналитичарите „се чудат“ зошто во Демократската партија нема други кадри кои би се натпреварувале за шеф на државата и како Бајден остана единствена опција. Според последната анкета на стартот на февруари, мнозинството од испитаниците го оцениле како премногу стар за оваа функција. На крајот на евентуалниот мандат, Бајден би имал 86 години. Сепак, Трамп, на пример е само 5 години помлад. Мнозинството Американци го опишале Бајден како „добронамерен, постар човек со лоша меморија“. Ваквите квалификации доаѓаат откако тој имаше неколку гафови, при што делуваше изгубено и не можеше да се сети на важни настани и датуми од американската политика и неговиот личен живот. Најголем дел од кампањата на Бајден очигледно ќе биде да се убеди јавноста дека тој е ментално способен за уште еден мандат.

Путин треба само да се прошета на изборите .

Путин треба само да се прошета на изборите .

Во Русија – Путин неприкосновен

Во Русија ништо ново. Според сите анкети, очекувано, сегашниот претседател Владимир Путин би требало само да се прошета низ изборите. Претседателот на Русија има мандат од 6 години, Путин е веќе 23 години на власт, а го измени и Уставот за да може да владее до 2036 година. 

Во последниве неколку години, тој ги отстрани од политичката сцена противниците и неистомислениците, па тешко дека би имал некоја посериозна пречка до уште еден мандат. 

Негова најголема пречка беше Борис Надеждин, познат по својата остра реторика против војната што Путин ја води во Украина. Откако Државната изборна комисија му забрани да се кандидира поради наводни пропусти во собирањето потписи. Тој најави жалба.

Другите кандидати се кандидирани „про форма“. Тие се Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума, Леонид Слуцки, лидер на ултранационалистичката Либерално-демократска партија, и Николај Харитонов од Комунистичката партија.

Европското десно крило води на анкетите за изборите во ЕУ. | Извор: politico.eu

Европското десно крило води на анкетите за изборите во ЕУ. | Извор: politico.eu

ЕУ

Повеќе од 400 милиони гласачи од 27 земји на ЕУ на изборите од 6 до 9 јуни ќе изберат 720 членови на Европскиот парламент. Ова ќе биде тест за десничарските кандидати, кои имаат сѐ поголем политички успех во Унијата. Сите анкети го покажуваат токму тоа, значителен успех на десничарските партии, наспроти централно-левичарските и зелените, кои ќе изгубат значителен дел од гласовите и ќе добијат помалку пратенички места во Парламентот. 

Антиевропските популисти имаат најголеми шанси за победа во 9 земји членки: Австрија, Белгија, Чешка, Франција, Унгарија, Италија, Холандија, Полска и Словачка.

„Вртењето надесно“ во европската политика ќе има огромно влијание врз политиките кои ќе ги води Унијата, особено во делот на надворешната политика и еколошките прашања, каде што се очекува новото мнозинство да се спротивстави на амбициозниот план за справување со климатските промени.

Image
Newsletter