Бат Јам во Израел е туристички град во централниот дел на земјата, во предградијата на Тел Авив, кој се се наоѓа на брегот на Медитеранот. Градот е заслужен за статусот на најудобното и најубавото израелско одморалиште. Привлекува посетители со чистите песочни плажи, одличната туристичка инфраструктура, голем избор на хотели, апартмани и хостели. Накратко, Бат Јам е прекрасно место за лежерно и богато искуство.
Овој град е и одлично место за шопинг. Тука има многу луксузни продавници и трговски центри. Згора на тоа, цените се малку пониски отколку во Тел Авив. Друга карактеристика на туристичкиот град е тоа што е совршен за лежерен одмор со целото семејство. Многу хотели нудат одлични капацитети за семејства со деца од сите возрасти, а речиси сите хотели се изградени токму на плажа. Градскиот парк е омилено место за одмор за локалното население и за гостите на одморалиштето. Бат Јам има и вештачко лизгалиште во текот на целата година. Должината на плажата на Бат Јам е околу 3 км.
Локалните архитекти се обидоа да ги надминат предизвиците што ги поставува географијата со комбинирање на природните карактеристики со архитектонскиот стил. Не е изненадувачки што Бат Јам се смета за стандард меѓу туристичките градови на плажа и привлекува голем број посетители.
Ваквите достигнувања Бат Јам ѝ ги должи на посебната општинска програма, според која одговорноста за чистотата и за благосостојбата на градот припаѓа на неговата жители. Една од целите на градскиот совет беше да им обезбеди на туристите и на посетителите во Бат Јам удобно и достапно домување со целосен опсег на потребни услуги.
Цвика Брот - Градоначалник на Бат Јам, Израел
За тоа што е Бат Јам, тоа што е денес, разговараме со градоначалникот на овој град, Цвика Брот, во ексклузивното интервју што го даде за Магазинот за туризам и менаџмент. Тој зборува за проектите во градот, а сѐ со цел привлекување туристи од целиот свет.
„Во моментов градиме обновена програма за туризам. Со нашата агенда да го поттикнеме развојот на бизнисот во градот, една од работите што ќе се случат во наредната година е хотелот „Сансет“, кој ќе се отвори во Бат Јам, а ќе вклучува околу 500 соби на првата линија до плажата во јужниот дел на градот. Истовремено, општината промовира нова плажа во близина на хотелот, како дел од развојот на туризмот во таа област. Дополнително, имаме и уникатна програма за настани, која вклучува фестивали на плажа и низ градот, како и соработки со различни институции и организации со цел промоција на туризмот“, вели Брот во изјава за Магазинот за туризам и менаџмент.
Ако ја направиме нашата стандарна компарација со градови од нашата земја, лесно можеме да дојдеме до заклучок дека и во Скопје (град што го посетуваат многу туристи) и во Охрид (главен туристички центар) нема јасна визија и стратегија за привлекување поголем број туристи.
Панорама на Бат Јам | извор: tekportal.net
Скопје може да се пофали со неколку хотелски брендови што ги има, меѓутоа ако зборуваме за Охрид – тоа воопшто не е случај. До ден-денеска, ниту една власт не успеа во најпознатиот туристички центар да привлече светски познат бренд во хотелиерството иако имаше неколку најави.
Во Охрид, секако, туриститите се воодушевени од езерото, како и од старите карактеристични градби, но понудата за туристите е далеку од доволна.Туристичките содржини не се развиваат согласно потребите и трендовите во туризмот, со цел туристите не само да останат повеќе денови, туку и да дојдат повторно. Во градот отсуствуваат големи шопинг и трговски центар, а за пристуство на луксузни брендови не станува ниту збор. Ова може истовремено да се потенцира и за градот Скопје, во кој има големи трговски центри, но не и светски познати брендови.
И додека израелскиот град Бам Јам ги нуди сите услови за одличен одмор, како на пример, музеи, градски паркови, вештачки лизгалишта во текот на целата година, во Охрид, на пример, нема вакви или слични содржини, освен Музејот на вода и многуте цркви во градот.
Според извештајот во „Инет“, градот Бат Јам стана лидер во Израел во урбанизмот. Голем дел од постарите градби се реновираат за да се зајакнат нивните темели и за да се подобри нивниот изглед. Дали е ова проект за зачувување на автентичниот изглед на градот или се оди на помодернизирани градби, ни одговара градоначалникот.
Уреден парк во Бат Јам | извор: discount-house.ru
Развојот на градот се состои од разновидни проекти, кои заедно креираат една целина што, од една страна, ја задржува, а од друга, ја обновува основата на постоечката општинска мрежа Бат Јам, преку надградба на отворените јавни површини и преку подобрување на пристапноста до јавниот превоз и до урбаните средини. Новите згради се модерни, во повеќето случаи се висококатници, но сите се интегрирани во уникатниот карактер на градот, вели тој.
Во Македонија, пак, секако ако ги споредиме Скопје и Охрид, во последните години сме сведоци на урбанистички хаос во кој голем удел имаат политичките и бизнис-елити. Се гради без план и без визија и се користи секој слободен простор без да се размислува за присуство на паркови или на зеленило.
Од друга страна во туристичкиот град Бат Јам, локалната власт обнови многу паркови и ги направи многу подостапни за посетителите со посебни потреби.
Урбаниот развој секогаш треба да се состои од многу параметри. Реновирањето само згради, без обновување на јавните површини, не е вистинска урбана обнова. Затоа, заедно со масовниот станбен и комерцијален развој, градот развива значајни јавни простори во корист на жителите и на посетителите, со цел да се произведе урбан квалитетен живот за сите корисници. Како дел од ова, се развиваат нови паркови и градини за целата популација во градот, мрежа од велосипедски и од пешачки патеки, нови спортски и рекреативни капацитети, заедно со дополнителна пристапност до прекрасната патека по должината на градската плажа, која е од посебна важност за градот.
Шеталиште во Бат Јам | извор: kuku.travel
Сѐ повеќе туристи од целиот свет, како и локални туристи од Израел, повторно го откриваат Бат Јам како атрактивна туристичка дестинација. Плажите, живописните и иновативни урбани простори, висококвалитетните и разновидни културни настани, интригантните архитектонски локалитети, сето ова го прави Бат Јам град што има многу да им понуди на своите туристи.
Визијата за туризмот на Бат Јам ја гледаме во пространата плажа како едно „игралиште“. Создаваме атрактивни содржини во и околу градската плажа, како културни манифестации. Покрај прекрасната плажа, на која сме особено горди, нашата визија е да создадеме врска помеѓу урбаниот простор и плажите, вели Брот.
Кога пак зборуваме за развој на туризмот во Охрид, еден од најголемите проблеми е патната инфраструктура. Неодамна токму за ова јасна критика ни испрати и нобеловецот Пол Кругман, кој присуствуваше на економски форум во Скопје, а кој претходниот ден беше и во Охрид. Освен катастрофалната инфраструктура, Охрид не е славен ниту на полето на места за паркинг, а има недостиг и од катни гаражи.
Градночалникот на Бат Јам, Цвика Брот ни одговори какви совети им даде на нашите градоначалници за да создадат модерни општини.
„Мојот совет е да ги согледаат работите низ очите на жителите. Не плашете се да ги прашате граѓаните што мислат. Ние како креатори на политики, јавни службеници и избрани функционери не знаеме сè. Треба да бараме, да учиме и да се консултираме, за да бидеме успешни во она за што сме избрани“, одговори Брот додавајќи дека еврејскиот народ и Израел како земја имаат долга историја, па оттука зачувувањето на историјата им е особено важно. „Да не заборавиме што се случило во минатото, да ја зачуваме нашата разновидна култура и да учиме од минатото за да се развиваме и да имаме корист за иднината“, изјави градоначалникот на Бат Јам.