Во Европа изобилство од јавен превоз, скопјани осудени само на автобуси
Европските метрополи се менуваат со брза трансформација на јавниот превоз. Додека во нашата земја односно во главниот град за јавен превоз се достапни само приватните автобуси и тие на Јавното сообраќајно претпријатие, тоа не е случај со развиените европски метрополи, кои низ текот на годините реализирале огромни инвестиции со цел поголем избор на транспорт за своите граѓани.
Јавниот превоз е систем на превоз на патници, вообичаено управуван со распоред и со утврдени маршути, за што превозникот наплаќа објавена такса за секое патување. Примерите за јавен превоз вклучуваат градски автобуси, тролејбуси, трамваи (или лесна железница), патнички возови, брз транзит (метро) и траекти.
Повеќето системи за јавен превоз се движат по фиксни рути со поставени точки за качување односно симнување по однапред договорен возен ред.
Урбаниот јавен превоз јасно се разликува меѓу Европа, Азија и Северна Америка.
Од географски, историски и економски причини, меѓународно постојат разлики во однос на користењето и на обемот на јавниот транспорт. Во последниве години, во некои градови е забележан пад во користењето на јавниот превоз. Големите градови како Торонто, Париз, Чикаго и Лондон го забележаа овој пад, па се обидоа да интервенираат со намалување на цените и со охрабрување граѓаните да користат нови начини на транспорт, како што се е-скутери и е-велосипеди. Поради намалените емисии и другите влијанија врз животната средина од користењето на јавниот превоз во однос на приватниот превоз, многу експерти укажаа на зголемената инвестиција во јавниот транспорт како важна тактика за ублажување на климатските промени.
Во оваа анализа ќе направиме компарација на јавниот превов во неколку европски метрополи и во Скопје, што имаат тие, а што му недостига на нашиот главен град.
Метро во Лондон | извор: fizikhaber.com
Јавниот превоз во Лондон
Главниот град на Велика Британија е еден од најпознатите градови во светот. Не е изненадување што градот има значајна јавна транспортна мрежа, која вклучува различни транспортни средства за да им помогне на локалното население и на посетителите да се движат низ градот.
Лондон има широка и развиена транспортна мрежа што вклучува и приватни и јавни услуги. Една од најдобрите работи при патувањето во Лондон е тоа што можете ја да користите не само картичката за патување туку и која било друга дебитна или кредитна картичка со бесконтактна технологија. Притоа, системот автоматски ги пресметува најниските цени за вас.
Услугите за јавниот превоз се доминирани од извршната агенција за транспорт во Лондон, која го контролира поголемиот дел од јавниот транспорт вклучувајќи ги метрото, автобусите, трамлинкот и лесната железница.
Тип на превоз: брз транзит, приградска железница, лесно метро, лесна железница, автобуси.
Метро во Мадрид | извор: telegra.ph
Јавниот превоз во Мадрид
Мадрид го опслужува високо развиена транспортна инфраструктура. Патните, железничките и воздушните врски се од витално значење за одржување на економската позиција на Мадрид како центар за бизнис, претпријатија, трговија и туризам, обезбедувајќи ефективни врски не само со другите делови од регионот, туку и со остатокот од Шпанија и од Европа како целина. Три четвртини од милион луѓе што патуваат во градот до работа, како и другите локални патници имаат на располагање градска патна мрежа со голем капацитет и систем за јавен транспорт базиран на метро, локални железници и густа мрежа од автобуски линии.
Мадридското метро е едно од најобемните и најбрзорастечките метро-мрежи во светот. По лондонското, метрото во Мадрид е втор најдолг метро-систем во Западна Европа. Неговиот брз раст во последните 20 години го позиционираше меѓу најбрзорастечките мрежи во светот, на исто ниво со метрото во Шангај и со подземната железница во Пекинг. Метро-мрежата се состои од 302 станици.
Автобусите во Мадрид се единствениот јавен транспортен систем достапен деноноќно со оглед на тоа дека метро-мрежата се затвора помеѓу 2.00 и 6.00 часот наутро. Отежнатиот сообраќај во Мадрид понекогаш може прилично да ги успори градските автобуси, но градот има повеќе од 90 километри специјални автобуски и такси-линии за да помогне во решавањето на овој проблем.
Тип на транспорт: автобуси, метро, локална железница.
„S-Bahn“ во Берлин | извор: commons.wikipedia.org
Јавниот превоз во Берлин
Берлин има развиено многу сложена транспортна инфраструктура што обезбедува многу различни начини на мобилност. Низ градот поминуваа 5.334 километри пат, од кои 73 километри се автопатишта.
Транзитните мрежи на градот вклучуваат урбани железнички линии (U-Bahn и S-Bahn), регионални железнички услуги, трамвај, автобуска мрежа и голем број фериботски услуги.
Подземната железница (U-Bahn) е урбан брз транзитен железнички систем што функционира во границите на градот. Најголемиот дел од системот е под земја, но на некои делови, возовите возат на издигнати патеки или на нивото на улиците. Во однос на должината, берлинската подземна железница е најголемо подземно метро во Германија и петто по големина во Европа.
Брзата железница (S – Bahn), пак, сообраќа по пруги што се одвоени, но честопати паралелни со другите возови. Поголемиот дел од системот е управуван на ниво на земја, но има значителни делови од издигнати патеки и тунели. Во однос на должината на системот берлинскиот брза железница е меѓу првите 10 најголеми системи од овој тип во светот.
Берлин има мрежа од 149 дневни автобуски линии, кои опслужуваат 2.643 автобуски постојки, со вкупна должина на рута од 1.675 километри.
Просечното време што луѓето го поминуваат патувајќи со јавен превоз во Берлин, на пример од и до работа, во работен ден е 62 минути.
Тип на транспорт: U-Bahn, S-Bahn, трамваи, автобуси, фериботи.
Трамвај во Париз | извор: paris.fr
Јавниот превоз во Париз
Париз е центар на национален, меѓународен и комплексен транспортен систем. Овој современ систем е составен од сложена мапа на улици и широки булевари. Најфреквентниот јавен превоз во Париз е метрото со над 15 линии што се протегаат далеку во предградијата. Ова е надополнето надземен транспорт со доста сложена мапа од 347 автобуски линии. Париз е исто така центар на Регионалната експресна мрежа (Reseau Express Regional – RER), железничка мрежа со голема брзина над и под земја, која го поврзува главниот град со подалечните приградски региони.
Сите париски трамваи престанаа да сообраќаат до 1937 година, но овој начин на транспорт се врати во 1992 година.
Париските автобуски линии ги поврзуваат сите точки на главниот град и неговите најблиски приградски градови.
Просечното време што луѓето го поминуваат патувајќи со јавен превоз во Париз во работен ден, на пример до и од работа, е 64 минути. Петнаесет проценти од луѓето што користат јавен превоз се возат повеќе од 2 часа секој ден.
Тип на превоз: метрo, RER, транзилен, трамвај, автобус.
Трамвај во Хелсинки | извор: commons.wikipedia.org
Јавниот превоз во Хелсинки
Јавниот превоз во Хелсинки се состои од автобуси, трамвај, метро, локална железница и траект. Педесет проценти од патувањата во границите на градот се изведуваат со јавен превоз, а 28% со приватен автомобил. Само 48% од домаќинствата во градот имаат сопствен автомобил.
Метрото во Хелсинки, отворено во 1982 година, моментално ги опслужува источните предградија на градот, како и некои области блиску до центарот.
Локалните возови сообраќаат по одделни, посебни пруги на три железнички линии што зрачат од централната железничката станица Хелсинки.
Внатрешните автобуски линии на Хелсинки може да се најдат речиси насекаде во градот. За некои делови од градот, дури и со висока густина, овие автобуси го обезбедуваат столбот на системот за јавен превоз.
Трамвајската мрежа на Хелсинки се работи континуирано со електричен погон од 1900 година и таа е главно од традиционален тип.
Мрежата ги покрива густо населените централни области и некои од соседните области. Составена е од 10 линии, од кои сите освен една поминуваат низ некој дел од центарот на градот. Секоја година се прават преку 50 милиони патувања со трамваи.
Тип на транспорт: автобус, метро, трамвај, фери.
Јавен превоз во Скопје
Јавниот превоз во Скопје
Скопје по се изгледа е еден од ретките главни градови во кој има ограничена и многу сиромашна понуда на јавен превоз. Граѓаните може да ги користат автобусите на јавното сообраќајно претпријатие или автобусите на приватните превозници.
Идејата за трамвај во Скопје е стара четири децении. Со поголемото загадување на воздухот и сообраќајниот метеж, хроничниот недостиг од паркинг места, експертите со години апелираат да се имплементира јавен превоз што ќе развие поголеми брзини, ќе понуди зачестеност на услугата и возила со поголем капацитет за превоз на патници. Но, досега ниту една политичка гарнитура не успеа да ја реализира идејата за трамвај иако поради огромниот прилив на население во метрополата, автобускиот превоз сам по себе не е доволен.
Досега имаше иницијативи за изградба на трамвај, но сето тоа беше сведено на изработка на физибилити студии, идејни и делумни изготвени проекти. Идеите за типот на трамвај се различни, според некои експерти наместо класичен трамвај, во Скопје би требало да се изгради брз трамвај (ЛРТ) или брз автобуски систем (БРТ).
Последната иницијатива за воведување брз автобуски превоз беше во мандатот на претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Тој го најави воведување на „бас рапид транзит“, односно трамвај на тркала.
Но, засега, со доаѓањето на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, проектот е стопиран, но не и отфрлен, а можно е и организирање на референдум за ова прашање.
Трамвајот, според познавачите, на долг рок може да ги реши постојаните проблеми во сообраќајот на главниот град, да го намали сообраќајниот метеж, да ги поттикне граѓаните да користат јавен превоз наместо автомобил и да го намали аерозагадувањето.
Тролејбус во Белград | извор: commons.wikipedia.org
Јавниот транспорт во Белград
Од градовите во регионот ќе направиме компарација на Белград. Во овој град има обемен јавен транспортен систем, кој се состои од автобуси, трамваи, тролејбуси и возови управувани од градска сопственост и неколку приватни компании.
Трамвај и тролејбуси
Првата трамвајска линија беше воведена во 1892 година. Сегашниот обем на мрежната патека е непроменет од 1988 година, иако со одредено пренасочување на трамвајските линии. Има 11 редовни трамвајски и 7 редовни тролејбуски линии.
Белград е еден од ретките европски престолнини и градови со население од над милион жители што немаат метро или друг систем за брз транзит. Но, белградското метро почна да се гради во ноември во 2021 година, а првата линија треба да се отвори во 2028 година. Се смета дека е трет најважен проект во земјата, по работите на патишта и на железниците.
Тип на транспорт: автобус, трамвај, тролејбус и метро во изградба.
Во кои европски градови има бесплатен јавен превоз?
Луксембург Сити, Луксембург
Оваа листа мора да ја отвориме со Луксембург. Луксембург е пионер во бесплатната мобилност: таа беше првата земја во светот што воспостави национална бесплатна мрежа за јавен превоз. Со оваа сосема нова иницијатива, владата сака да го охрабри своето население да не ги користи своите автомобили.
Талин, Естонија
Во главниот град на Естонија, јавниот превоз е бесплатен од 2013 година. На референдумот, жителите со големо мнозинство гласаа за бесплатен јавен превоз. Проблемот во Талин може да се спореди со проблемот во градот Луксембург: илјадници патници патуваат до центарот на градот секој ден.
Обањ, Франција
Во овој јужен француски град, јавниот превоз е бесплатен од 2009 година. Започна како едноставен тест, а иницијативата се покажа како голем успех. По три години, секој ден низ градот возат 5.000 автомобили помалку, што е намалување за 10%. Популарноста на јавниот превоз исто така порасна за 235%.
Данкерк, Франција
Овој северен француски град, на границата со Белгија, од 2018 година ја прави достапна бесплатно својата мрежа за јавен превоз. По неколку месеци, четвртина од местата за паркинг што претходно недостигаа во градот, останаа празни.
Самоков, Бугарија
Самоков е планински град во Бугарија и има околу 27.000 жители. Иницијативата првично беше наменета само за жителите, но две години по нејзиното лансирање, јавниот превоз беше понуден бесплатно за сите.
Фридек-Мистек, Чешка
Од 2011 година, можете да користите бесплатен јавен превоз и во Фридек-Мистек, град на истокот на Чешка. Бројот на патници во првите две години е зголемен за дури 40%.
Страконице, Чешка
Од 1 јануари 2018 година, јавниот превоз во центарот на градот Страконице е целосно бесплатен. Совет: ако го посетите градот, не заборавајте да го погледнете замокот Страконице, прекрасен културен споменик.
Манчестер, Англија
Во британскиот град Манчестер, три бесплатни метро-шатлови им овозможуваат на туристите да го истражуваат градот без трошок.
Марихамн, Финска
Марихамн е главен град на финскиот остров Аланд и нуди бесплатен јавен превоз и за локалното население и за посетителите од 2000 година.
Атика, Грција
Во регионот Атика во Грција, каде што Атина е главен град, има 34 општини кои нудат бесплатен јавен превоз. Затоа, секој што планира да ја посети Атина може да ја користи бесплатната мрежа за јавен превоз за да го открие регионот.
Ливињо, Италија
Секој што го знае ова место е веројатно страствен скијач. Ова село на италијанските Алпи го нуди својот јавен превоз бесплатно од седум и пол наутро до осум навечер. Градот е многу јасен за своите посетители: никому не му треба автомобил за да го открие Ливињо.
Акурејри, Исланд
Акурејри е еден од најголемите градови во Исланд и нуди бесплатни автобуси за своите жители и посетители. Ова магично место на северот на Исланд е опкружено со прекрасни природни сцени. Градот е исто така идеална основа за одење во природни бањи, или на посета на водопади.
Амстердам, Холандија
Во Амстердам не е целиот јавен превоз бесплатен, за жал, но траектите се.
Велење, Словенија
Велење е шести по големина град во Словенија и има мрежа на бесплатни жолти автобуси што ве превезуваат низ градот. Веднаш до градот ќе најдете зелена оаза, до која може да стигнете бесплатно со автобус.
Женева, Швајцарија
Швајцарија е еден од европските пионери кога станува збор за одржливоста, а тоа го покажува и со својата бесплатна мрежа за јавен превоз. Освен во иконскиот град Женева, посетителите (кои плаќаат туристичка такса) можат бесплатно да користат јавен превоз и во Лозана, Базел и Берн.
Зори, Полска
Ако ја погледнете комплетната листа на полски градови што нудат бесплатен јавен превоз, ќе забележите дека тој е значително подолг од оној на другите европски земји. Во Зори, туристите уживаат и целосна бесплатна мобилност. Со многубројни други одржливи иницијативи, Зори има цел да стане најамбициозниот град во Полска во смисла на бесплатна и одржлива мобилност.
Во Скопје, превозот е бесплатен за неколку категории граѓани, како ученици, студенти и пензионери. Најавите од градските власти се дека за две години и во Скопје јавниот превоз ќе биде – бесплатен за сите.