На крајот на март, или поточно на 26 март, стрелките на часовникот уште еднаш се поместија за еден час нанапред, односно времето во 02 часот се смета како 03 часот. Ова уште еднаш ја покрена дебатата меѓу населението и бизнисот дали е ваквиот потег исправен. Анализи има многу – и „за“ и „против“. Копјата се кршат околу тоа како влијаат ваквите потези врз здравјето на луѓето, нивната безбедност, способност за работа и комуникација. Во земјава, во изминативе години имаше бројни дискусии дали да се задржи летното сметање на времето, она кое важи во моментов. Бизнисот е категорично за тоа Владата да ги следи директивите на Европската Унија. Стопанствениците велат дека и онака во западноевропските држави луѓето одат подоцна на работа, па какви било промени во часовникот и тоа како може да ја наруши комуникацијата со трговските партнери во странство. Сепак, во продолжение да видиме какви се поединечните одлуки на некои држави кога е во прашање оваа тема.
Какво сметање на времето сакаат луѓето?
Генералното мислење е дека луѓето се поделени во ставовите дали да се укине целосно поместувањето на стрелките на часовникот два пати годишно. Многумина се жалат на повремени здравствени проблеми во деновите по промената на времето. Несоница, влошување на хроничните болести, проблеми со спиењето кај бебињата, проблеми при учењето кај учениците и студентите итн. Оваа категорија сака целосно укинување на поместувањето на часовникот нанапред и наназад. Оние, пак, кои одат на работа подоцна, и тоа како сакаат да се задржи само летното сметање на времето. Од една страна стануваат и одат на работа кога сонцето е веќе изгреано, а од друга се стемнува подоцна, па имаат повеќе време попладне и навечер да поминуваат со семејството во прошетки при дневна светлина.
Истражувањата од 2020 година на професорката по неврологија и педијатрија на Универзитетот Вандербилт, Бет Ен Малоу покажале дека речиси една третина од Американците не се радуваат на поместување на часовниците двапати годишно, а речиси две третини посакуваат оваа долгогодишна практика целосно да се укине. Нешто повеќе од една петтина, 21 отсто, велат дека промените на часовникот придонесуваат за намалена безбедност на улиците, односно ширење на криминалот, додека само 16 отсто од испитаниците не гледаат потреба да се укине практиката на поместување на часовникот.
Сепак, се чини дека последиците кои ги предизвикува поместувањето на стрелките на часовникот по здравјето на луѓето не се само привремени непријатности, туку тие можат и подолготрајно да го нарушат здравјето на населението. Истражувањето покажало дека поместувањето на часовниците нанапред во март предизвикува сериозни негативни здравствени последици, како на пример, зголемување на срцевите удари и лишување од сон кај тинејџерите. Ова е многу поизразено при воведувањето на летното сметање на времето. Есенското менување на часовникот не е толку многу поврзано со овие последици.
Аргументи за задржување на зимското и на летното сметање на времето
Поместувањето на времето за еден час нанапред или наназад за некого се чини иста постапка, но за многумина предизвикува различни промени.
Зимското време се чини е најблизу до „часовникот“ на природата, односно обезбедува најблиску природна светлина, кога сонцето е директно над нас напладне. За време на летното сметање на времето, природната светлина се појавува еден час подоцна наутро и исчезнува еден час подоцна во вечерните часови, значи вештачки ја поместуваме природата еден час нанапред.
Утринската светлина е од суштинско значење за природниот ритам на телото и за вкупната благосостојба во текот на денот. Едноставно, светлината природно не буди, а не алармот на часовникот. Утринската светлина го подобрува и расположението. На пример, никој не се чувствува исто да оди на училиште или на работа во темница или пак кога е сонцето веќе изгреано и има природна светлина. Ефектот на светлината го зголемува нивото на кортизол, кој го подготвува телото да се справи со предизвиците на денот.
Освен тоа, при летното сметање на времето, природната светлина наутро ја нема, за сметка на еден дополнителен час светлина навечер. Учениците поради ова се лишени од сон, па можат да потфрлат на училиште, во спортските и во другите активности, а последици трпи и нивниот социјален живот. Со оглед на тоа што учениците пристигнуваат на училиште од 7:30 до 8 часот наутро, тоа значи дека од крајот на март, многу млади луѓе стануваат и патуваат во темница.
Токму поради овие причини, Американската медицинска асоцијација предложи трајно, преку целата година да се прифати зимското сметање на времето.
Најголемата предност на летното сметање на времето е тоа што обезбедува дополнителен час светлина доцна попладне или навечер, во зависност од годишното време. Тоа им овозможува на луѓето еден час повеќе за дополнителни активности кога ќе завршат со работа. Еден час повеќе за да поминат време со своите деца, за дополнителни активности, прошетки, курсеви, социјализирање со пријателите итн. Сепак, со оглед на тоа што затемнувањето доаѓа еден час подоцна, овој процес и тоа како влијае врз сонот на луѓето. Се одложува ослободувањето на мелатонин од мозокот, хормон кој е главен за предизвикување замор и овозможување побрзо заспивање.
Како влијае географската положба?
Географијата може многу да влијае кога се менуваат стрелките на часовникот. При летното сметање на времето, оние што живеат на крајниот запад од една временска зона, добиваат повеќе светлина подоцна наутро и подоцна навечер. Тоа предизвикува нарушување на спиењето, па тие спијат помалку и повеќе страдаат од несоница споредено со оние на крајниот исток од истата временска зона. Тоа, пак, води до низа други здравствени проблеми, како дебелина, дијабетес, срцеви заболувања, рак на дојка. Сите овие проблеми се предизвикани од хроничното нарушување на сонот и неусогласеноста со принципот на природата, туку со часовникот.
Многумина сметаат дека со летното сметање незначително се заштедува енергија | Извор: InSpain.news
Бизнисот бара да се почитуваат директивите на ЕУ
Бизнисот во Македонија е на цврст став – бара земјава да продолжи со летно и со зимско сметање на времето ако тоа продолжи и во Европската Унија или, пак, останување на летното сметање на времето, исто, само ако донесе Унијата таква одлука. Причината е што речиси целата меѓународна трговска размена е заснована на увоз и извоз со ЕУ. Германија е наш најголем трговски партнер. Со оглед на тоа што тамошното работно време секако почнува подоцна по 9 часот, а кај нас многу фирми и државни институции работат од 8:00 или од 8:30 часот, неусогласеноста при сметањето на времето може да доведе до тешкотии при закажување онлајн состаноци, одложување на плаќањата, трансакциите, договорите, и сето тоа поради разликата од час или два што би можела да се појави поради различните политики при сметањето на времето.
„Ако сакаме да бидеме дел од европската економска зона, тогаш апсолутно мора да ја следиме Европа во однос на часовите, односно сметањето на времето. Какво било поместување, па и од еден час, би нанело огромни штети. Ако не го менува Европа начинот на сметање на времето, не треба да го правиме тоа ниту ние. Не сме ниту Истанбул, ниту Пекинг, ниту Шангај. Напротив, мала земја сме и ако направиме какви било поместувања во однос на временската зона, ќе настанат сериозни нарушувања. Воопшто, за временската разлика нема ниту една оправдана причина, да ја следиме ЕУ што прави зашто сакаме да сме дел од европското семејство“, рече неодамна Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори.
Во минатиот октомври, премиерот Ковачевски најави дека е сосема можно и сериозно се размислува Македонија конечно да го задржи само летното сметање на времето, односно стрелките на часовникот требаше да не се поместат во последната недела од октомври. МАНУ изработи студија, но крајната одлука на Министерството за економија беше да се задржи моменталната состојба со две промени годишно.
Од прикажаната пресметка за потребна топлина и од анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, беше воочено дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Со оглед на тоа што земјава беше во огромна енергетска криза, се чини оваа одлука беше и повеќе од оправдана.
Промената на времето во летно сметање треба да донесе заштеда на енергија во потоплите месеци. Предностите се дека поместувањето на стрелките за еден час нанапред ќе ја намали потрошувачката за осветлување. Но, според експертите, ефектите за заштедата на енергија би биле незабележителни.
Ниту ЕУ нема цврст став околу ова прашање
Пратениците на Европскиот парламент во март 2019 година донесоа одлука за укинување на сезонските промени на времето и им оставија простор на земјите-членки самите да одлучуваат. Тие дозволија последното заедничко поместување на часовникот на летно сметање на времето да се случи во последната недела од март 2021 година, а земјите-членки што сакаат да останат на зимското сметање на времето, требаше да се приспособат во последната недела од октомври 2021 година. Но, одлуката требаше да биде потврдена од Советот на министри на ЕУ, до што не дојде, па консензус меѓу членките нема.
Уште во 2018 година, Европската комисија спроведе онлајн анкета на која својот став го искажаа 4,6 милиони учесници. Мнозинството од нив побараа да се запре со промената на времето.
Гренланд трајно се префрли кон летното сметање на времето | Извор: nbc news
Гренланд
Владата на Гренланд на крајот на март во 2023 година соопшти дека 56 илјади луѓе одлучиле последната промена на времето да биде направена овој март. Тоа значи дека земјата одлучила трајно да премине кон летното сметање на времето. За жителите во областите на островот кои се под арктичкиот круг, тоа ќе значи еден час светлина подоцна во текот на денот – иако како турист веројатно нема да ја забележите разликата со оглед на сезонските екстреми на изгрејсонце и на зајдисонце. Главниот град Нуук може да има и до 20 часа сончева светлина во лето, но во зима добива само околу четири часа сончева светлина.
Главниот аргумент на Гренланд во корист на промената е тоа дека промената е шанса да се биде поблиску до европското работно време, што ќе биде од корист за економијата, објаснува Тани Пор, шеф за меѓународни односи во „Визит Гренланд“.
Германија
Истражување на германската здравствена осигурителна куќа ДАК покажа дека дури 72 отсто од испитаниците се против промената на времето. Истражувањето на институтот „Форса“ покажува дека 24% од над 1.000 испитаници имале здравствени проблеми поради промената на сметањето на времето. Најчесто пријавени проблеми се замор и исцрпеност (85%), проблеми со спиењето (70%) и тешкотии во концентрацијата (48%). 12% од оние кои имале здравствени проблеми поради поместувањето на часовникот, изјавиле дека се во депресивна состојба.
Токму Германија за првпат го вовела летното сметање на времето во 1916 година, со цел работниот ден да се одвива што подолго додека има светлина. Требало да се заштедат јаглен и струја, а другите држави почнале да ја следат оваа практика. Токму Германија е најголем лобист да се задржи летното сметање на времето.
Полноќно сонце во Финска - северните земји немаат ќар од промената на времето | Извор: rez-photography.com
Финска
По бројните здравствени проблеми во најсеверната држава во Европа, Финска, тамошните власти беа првите кои го кренаа гласот во Унијата за да се напушти поместувањето на часовникот нанапред и наназад. Според нив, во најсеверните точки од земјата, има помалку од 6 часа дневна светлина во декември секоја година, па честите промени и тоа како влијаеле врз сонот и врз работоспособноста на населението. Финците имаат и дополнителен проблем, а тоа е што граничат токму со Русија, држава која одамна се откажа од заштедата на дневната светлина.
Исланд, Белорусија, Русија, Ерменија, Грузија
Исланд, Белорусија, Русија, Ерменија и Грузија одамна не ги поместуваат стрелките на часовникот. Островот од далечната 1968 година, Белорусија од 2010, а Русија од 2014 година. Главна причина зошто Исланд како држава се одлучила на овој чекор е тоа што за земјите во регионите на Арктикот, промената на времето навистина нема многу смисла бидејќи во пикот на летото и на зимата е тешко да се зборува за ден и ноќ. Русија се префрли на постојано зимско сметање на времето во 2014 година по неуспешниот експеримент да ги постави часовниците на целогодишно летно сметање на времето во 2011 година. Политиката предизвикала здравствени проблеми во северна Русија, каде што утрата биле значително потемни подолго време во зимските месеци.
Франција
Да нема годишни промени на часовникот и повеќе дневна светлина во зимските вечери – вака се изјасниле француските испитаници во врска со дебатата за промена на часовникот во ЕУ. 84 отсто од вкупните 2,1 милиони испитаници рекле дека се за укинување на системот со кој часовниците се менуваат два пати годишно. Повеќето, исто така, се за префрлување на постојано летно сметање на времето со 59 проценти во споредба со 37 проценти во корист на задржување на зимското време.
Италија, туризмот ќе трпел ако сонцето заоѓа порано | Извор: gettyimages
Италија
Во Италија се кршат копјата околу тоа дали да се прифати летното или зимското сметање на времето. Едни не сакаат да се будат во темница, додека други тврдат дека туризмот ќе трпи ако заоѓа сонцето порано. Додека дебатата трае, земјата два пати годишно ги поместува стрелките на часовникот. Тамошниот министер за еколошка транзиција Роберто Чинголани тврди дека сите членки на ЕУ треба да донесат заедничка, а не самостојна одлука. Во спротивно, тоа би можело да предизвика проблем поради можната разлика од дури два часа на границите меѓу две држави.
Ирска
Некои држави би можеле да го имаат токму овој проблем на границите. На пример, Ирска. Откако Британија ја напушти Унијата, тамошните жители не се многу засегнати поради одлуката на Европскиот парламент. Но тоа не важи за нивните соседи Ирците, кои можат да бидат погодени од промената во сметањето на времето, особено комплицирајќи го поминувањето на границите кон Британија.
Турција
Турција редовно ги поместуваше стрелките на часовникот, се до 2016 година, кога трајно го воведе летното сметање на времето.
САД
Во САД продолжува дебатата дали летното сметање на времето да остане преку целата година. Сенаторот од Флорида, Марко Рубио е главен иницијатор за додавање еден час светлина плус во текот на сите 365 дена во годината. Засега, тој има поддршка од околу 20-ина држави, но проблемот е што овие промени во САД е многу тешко да се направат бидејќи бараат неопходна промена на статутите на секоја сојузна држава одделно. Во САД, надвор од практиката за промена на сметањето на времето засега се само Хаваи и Аризона.
Јапонците стравуваат дека децата немало да учат ако денот е подолг | Извор: japan consulting office
Јапонија
Јапонија не ги поместува стрелките на часовникот уште од 1952 година. Не биле прифатени предлозите на Министерството за меѓународна трговија и индустрија да се воведе подолго дневна светлина за да се намали потрошувачката на енергија, поради противењето на земјоделците (премногу темно за работа) и Министерството за образование (подоцното заоѓање на сонцето ќе го намали интересот за учење).
Мексико
Пред две години Мексико усвои постојано зимско сметање на времето, наведувајќи ги придобивките за здравјето, продуктивноста и нивото на енергија.
Кина
Огромната територија на Кина се наоѓа во една временска зона. Летното сметање траело кратко, од 1986 до 1991 година, по што се напуштило.
Индија
Индија не применува заштеда на дневна светлина од 1947 година. За време на Втората светска војна, кратко се вовело летното сметање на времето за да се заштеди енергија. Еден од аргументите зошто денеска ова е тешко остварливо е големината на државата. Цела територија на Индија е под една временска зона.
Во Бразил карневалот е поважен од тоа колку е часот | Извор: PBS News Hour
Бразил
Бразил е интересен случај. Во 10 од 26 федерални држави се применува летното сметање на времето. Летното сметање почнува во третата недела од октомври, а завршува во третата недела од февруари. Интересно е тоа дека оваа постапка се одложува за една седмица ако карневалот во Рио де Жанеиро се организира токму во тој период.