Кина врбува активни и поранешни британски воени пилоти, Пекинг им нуди 275.000 евра за да им го пренесат своето воено знаење на кинеските колеги!

Кинески авион

Велика Британија најави „силна акција“ против напорите на Кина да регрутира пилоти од британските воздухопловни сили. Медиумите тврдат дека поранешните воени пилоти биле намамени со големи суми пари да ѝ го пренесат своето знаење на кинеската војска.

Се вели дека пензионираните британски пилоти им помагаат на Кинезите да ја научат работата на западните авиони и обуката на пилоти, информации што би можеле да бидат клучни во случај на потенцијални конфликти, пренесува британски Би-би-си.

Кина им нуди на поранешните британски пилоти до 240.000 фунти (275.000 евра) за таква обука. Слична практика се спроведува уште од 2019 година, но од неодамна се интензивираа, пишуваат британските медиуми. Иако засега нема докази дека некој пилот го прекршил законот или сторил кривично дело, Лондон најави „силна акција“.

„Со закон ќе обезбедиме пилотите да добијат прво предупредување, а ако продолжат потоа со обука, тоа ќе биде дефинирано како кривично дело“, изјави министерот за одбрана Џејмс Хепи во интервју за Скај њуз.

Односите меѓу Лондон и Пекинг неодамна се заладија по задушувањето на протестите во Хонг Конг и споровите околу вмешаноста на кинескиот технолошки гигант „Huawei“ во британското воведување на 5G, како и загриженоста на Лондон за економското и за технолошкото влијание на Кина низ светот.

Image
Newsletter