Четири величествени музички вечери остануваат запишани на страниците на општина Кисела Вода под насловот „Кисела Вода – 68 години незаборавна приказна која станува сѐ подобра“. Како никогаш претходно, културното лето и роденденот на Општината собраа на едно место преку 80.000 гледачи. Од 22 јуни до 29 јуни на повеќе локации се одржаа низа настани наменети за сите генерации и за сите музички вкусови.
Случувањата почнаа на 22 јуни со сетот на „DJ Mats“. Популарниот диџеј кој редовно ги полни дискотеките низ Македонија овој пат беше брилијантен на сцената пред салата Расадник. Младата генерација уживаше час и половина во најпопуларните хитови, а потоа незаборавен концерт одржаа „2 бона“, чии песни наизуст ги пееше целата публика. Во редици се чекаше за фотографија со ѕвездите на вечерта кои и самите се жители на оваа општина и во моментот работат на химна за Кисела Вода.
Петочната вечер од културното лето, се одржа во Драчево на верско-рекреативниот центар „Три Круши“. До полноќ одекнуваше квалитетна македонска народна музика. Честа да ја отвори ја имаше КУД „Китка“, културен ентитет, коj е создаден и функционира во Драчево и кој успешно придонесува за афирмација на македонскиот фолклор и традиција низ светот.
По шареноликоста од носии и богатството од кореографии кои на сцената ја донесоа играорците од „Китка“, започна концертот на Сузана Спасовска. Не постоеше песна на која не се играше. Публиката на нозе ги пееше сите нејзини хитови, се вееја и знамиња, одекнуваа аплаузи. Ништо помало воодушевување немаше и за концертот на Миле Кузмановски, драчевскиот крал без круна, чија музика секогаш е барана и очекувана на културното лето на општина Кисела Вода. Сѐ на сѐ, задоволството на присутните и од втората фолк вечер, беше на многу високо ниво.
Настап на македонската дива на народна музика, Сузана Спасовска.
Саботниот ден почна со програма за најмладите. „Игри без граници“ за децата од сите градинки на територија на општина Кисела Вода, на кои им се придружија и децата од публиката. Меѓу нив и маскотите Маша и Медо, аниматори, забавувачи, хорот на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, музички настапи од градинките, како и зумба и латино-танци со студиото за танц од Кисела Вода „Данса латина Стефи“. Ден за паметење за сите дечиња кои беа во Расадник, како и за нивните родители.
Преубава атмосфера за време на настапот на Жаре Бербер и Галама Бенд.
Вечерните случувања почнаа и покрај невремето што се закануваше, жителите на Кисела Вода, но и од сите други општини, вклучително и оние кои специјално за настанот тргнаа од градовите надвор од Скопје, со чадори се упатија пред салата „Расадник“, каде што атмосферата веќе се загреваше. Жаре Бербер, кој секогаш со гордост истакнува дека води потекло од Кисела Вода генерации наназад и кој назначи дека му е чест да пее и да настапува за својата општина, ја имаше одговорната задача да биде првиот кој ќе ја отвори вечерта за која се собраа преку 30.000 лица во публиката. И времето беше на страна на Општина Кисела Вода бидејќи дождот сопре со првата песна отпеана од Жаре Бербер и неговиот „Галама бенд“. Преубава атмосфера, познати рефрени и публика жедна за забава, која со аплаузи го испрати Жаре и го дочека Петар Грашо.
Дел од перформансот на хрватската музичка ѕвезда, Петар Грашо.
Концертот кој потоа уследи, беше, едноставно кажано – магија. Петар Грашо не ја освои само сцената, тој испиша една од најубавите страници во историјата на културно-забавниот живот на Општина Кисела Вода. Со неговата најнова „Јел ти река ко“, Петар Грашо уште од првата песна ја освои публиката. Речиси два часа, 30.000 луѓе во еден глас ги пееја силно емотивните хитови на можеби најголемата балканска ѕвезда во моментов „Ко нам брани“, „Срце за водича“, „Уторак“, „Моје злато“. Дел од концертот Грашо му го посвети и на Оливер Драгојевиќ преку прекрасна изведба на незаборавните „Цесарица“, „Два пут сам умра“ и многу други. Не изостанаа ни желбите на публиката, а за крај и огномет…
Концептот кој годинава ги обедини културното лето и роденденот на Општина Кисела Вода, предвиде и низа инфраструктурни проекти кои се случуваа во периодот меѓу 24 и 29 јуни, односно меѓу последната вечер од културното лето и вечерта во која се одбележа 68-миот роденден. Симболични 8 крупни проекти во чест на 68 години постоење, промовираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, за кои назначи дека се работи за решенија на повеќедецениски проблеми.
Обраќање на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Љубовта кон својата општина, кон својот народ се покажува преку дела, па така, во оваа роденденска седмица, секојдневно промовиравме, завршивме или започнавме крупни проекти кои претставуваат значајно подобрување на животот во оваа наша заедница, во нашата Кисела Вода. Годинава 8, во знак на 68-те години на најстара скопска општина, Кисела Вода. Граѓаните добија проширување на капацитетот на градинката ,Кокиче‘ и изготвен проект за изградба на нов дел. Обезбедивме средства со кои населбата Стаклара за првпат ќе добие водовод и фекална канализација. Започнавме со изградба на околу половина километар нова водоводна мрежа на улицата ,Речиште 2‘ со нејзините четири краци, го финализиравме проектот за реконструкција на улица ,Локов‘ и проширување на просторот за паркинг, почнавме со изградба на 4 нови паркинзи за околу 80 возила во Потстаница. Започнавме со изградба на мини рекреативен центар во Усје, кај крстот, изградивме нов паркинг и реконструиравме парк во Драчево, започнавме со целосна реконструкција на улицата ,Емил Зола‘ со краците и паркинзите. Динамиката на работа, ќе ја задржиме и во периодот што е пред нас“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски со работни активности во деновите на одржување на културното лето.
Заокружувањето на настаните се случи во четврток, на 29 јуни, со прославата на 68-миот роденден на Општина Кисела Вода. Настаните траеја во текот на целиот ден. На свечената седница на Советот на Општина Кисела Вода беа доделени награди-статуетки во форма на клуч и благодарници за заслужните жители, а обраќање во кое беа наведените најзначајните инфраструктурни проекти во изминатата година, имаше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Информираше за изведба на значајни преку 50 км патна инфраструктура во речиси сите месни и урбани заедници, за околу 3.600 метри водоводна мрежа, атмосферска канализација од околу 4.500 м и фекална над 5.000 метри, за изградба на над 50.000 m2 зелена површина, инвестиции во училиштата, отворени преку 300 места во градинките и други значајни капитални инвестиции во сите сфери од работењето на ова локална самоуправа.
Групата „Егзибит А“ прогласени за најдобри.
Роденденските случувања продолжија во паркот „Шопен“, каде што се одржа хуманитарна „Коријада“ во организација на Здружението на пензионери од Кисела Вода, дополнета со богата музичко-сценска програма од страна на највозраснитe лица од општината. Прославата продолжи пред салата Расадник со „Битка на бендови“. Жири комисијата во состав Дани Димитровска, Мишко Парушев и Сашо Стојановски одлучи дека титулата најдобри треба да ја понесе „Егзибит А“, кои добија награда концерт организиран од страна на Општина Кисела Вода и снимање на албум со 100 цедеа. Награда имаше и за второнаградените „Арте-факт“ кои исто така ќе добијат снимање на албум и 100 цедеа, а третонаградениот, Матеј Николовски, доби снимање на авторска песна како гостин на победничкиот албум. Додека се чекаше одлуката на жири-комисијата, одличен настап имаа „Д Далтонс“.
Спектакуларен концерт на македонската музичка група Нокаут.
Еден час подоцна, истата сцена во огромна дискотека на отворено ја претвори ДЈ Мац. Прекрасно музичко патување со најголемите денс-хитови за публиката која не престана да игра. Потоа, публиката ја поздрави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Ѝ го честиташе роденденот на општина Кисела Вода и се заблагодари за целата поддршка и за тоа што сите заедно направија бескрајната приказна за Кисела Вода да биде сѐ подобра. Го испратија со огромни аплаузи, а потоа, со огномет започна спектакуларниот концерт на „Нокаут“. И повторно... преку 30.000 публика и она магично чувство што може да го направат само најдобрите меѓу најдобрите. Во навистина незаборавна атмосфера, „Фатална опсесија“, „Лебедот бел“, „За нас“, „Знаеш каде да ме најдеш“ и многу други нумери одекнуваа два часа во чест на славеничкиот ден на најстарата скопска општина. „Нокаут“ уште еднаш покажа зошто веќе 26 години го држи тронот во македонската забавна музика, а Кисела Вода уште еднаш покажа што значи квалитетен избор на програмските содржини и сериозен пристап при нивната организација.
Кисела Вода- 68 години незаборавна приказна која станува се’ подобра собра преку 80 000 публика.
Сумарно, манифестацијата „68 години Кисела Вода – бескрајна приказна која станува сѐ подобра“, со вкупна бројка од 80.000 посетители на музичките концерти и атмосфера што може само да се доживее, трајно ќе остане запишана во сеќавањата на жителите на општината и на сите нејзини пријатели.
„Постојат моменти кои покажуваат дека сме го направиле вистинскиот избор, кои ни потврдуваат дека вложениот труд и целите кои сме си ги поставиле пред себе, биле и повеќе од вредни. Јас, како градоначалник и целиот тим кој работеше на овој проект, успеавме во планираното. Испишавме историски моменти, овозможивме преку 80.000 публика да ужива и да ги слави заедничките свечени моменти, во исто време креирајќи повисоки стандарди за она што стои како задача пред нас за следните години. Впрочем, како да ја направиме приказната за Кисела Вода сѐ подобра, треба, мора да биде и е наша мисла која нѐ води напред. Им благодарам на сите кои со својата доверба се стимул и извор на инспирација за секоја нова иницијатива и проект кој го остваруваме. Се надевам дека заедно ќе прославиме уште многу родендени на Општина Кисела Вода“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.