КОМПАРАЦИЈА: Дали живее регионот од туризам?

КОМПАРАЦИЈА: Дали живее регионот од туризам?

Македонија не живее од туризам, барем не во економска смисла како главна носечка гранка на економијата. Туризмот е важен, но не и доминантен сектор во македонската економија. Засенет од трговијата и индустријата, пред сѐ производството кое доаѓа од индустриските зони, оваа гранка некако паѓа во втор план и покрај тоа што има голем потенцијал за развој. Туризмот во Македонија учествува со помалку од 2,5 % во БДП на земјата. За споредба, земји како Хрватска, Црна Гора или Грција имаат учество од 15 % до 25 % во БДП од туризам. Македонија.ж, и покрај тоа што нема излез на море, има природни убавини и атракции кои можат да ги привлечат туристите на глобално ниво. Но, за помасовен туризам, на земјава ќе ѝ требаат години за да ги достигне резултатите на соседите.

Македонија

Туризмот бележи значителен раст во првите 5 месеци од годинава. Се чини, странските туристи „ја откриваат“ Македонија, додека полека спласнува интересот кај домашните. Според државната статистика, од јануари до мај 2025 година, споредено со истиот период лани, вкупниот број туристи е зголемен за 16,3 проценти. Странските туристи бележат раст од високи 23,6 проценти, додека кај домашните туристи има благо намалување од 1 процент. Вкупниот број на ноќевања, пак, се зголемил за 12 проценти, при што странските туристи оствариле 18,7 проценти повеќе ноќевања. Кај домашните е забележан минимален пад од 0,3 проценти.

Притоа, сѐ уште најбројни странски туристи доаѓаат од Турција. Над 28 илјади Турци ја посетиле земјава само во месец мај. По нив следуваат туристите од Германија, Франција, Србија, Полска и Холандија. Најпосетени дестинации се Охрид, Скопје, Маврово, Крушево, Преспа и винските региони во централна Македонија.

Според плановите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, до крајот на 2026 година. туризмот би можел да донесе над 600 милиони долари девизен прилив и да учествува со над 4 проценти во бруто домашниот производ. Бројките од 2024 година, кога во земјата беа евидентирани околу 1,26 милиони туристи и над 3,2 милиони ноќевања, веќе покажуваат дека секторот е на стабилен пат на заздравување и развој.

Родос, Грција.

Родос, Грција.

Грција

Грција убедливо најмногу зработува од туризмот во регионот. Земјата доживеа уште една силна година за туризмот во 2024 година привлекувајќи 40,7 милиони странски посетители и генерирајќи 21,6 милијарди евра приходи од туризам, според податоците објавени од Банката на Грција.

Бројките покажуваат зголемување од 12,8 % на бројот на посетители и зголемување од 4,8 % во приходите во споредба со 2023 година.

Полуостровот Атика привлече најголем број посетители, додека Јужниот Егеј регистрира најголем удел во вкупните приходи од туризам и ноќевања.

Туристите од ЕУ значително придонесуваат за растот на приходите. Приходите од жителите на ЕУ изнесува вкупно 11,97 милијарди евра (зголемување од 7,1 %), што претставува над половина од годишниот приход од туризам. Посетителите од земјите од еврозоната оствариле 9,5 милијарди евра (зголемување од 4,5 %). Оние од земјите од ЕУ кои не се членки на еврозоната придонесле со 2,5 милијарди евра (зголемување од 18,4 %). Крузерскиот туризам, исто така, забележал силен раст, при што приходите се зголемиле за 22,4 % на 1,11 милијарди евра.

Аеродромите како клуч за успех

Според периодичната студија на „INSETE“ насловена како „Меѓународни пристигнувања со авион: 2023-2024“, вкупниот број на пристигнувања во Грција достигнал 29,3 милиони во 2024 година. Тоа претставува зголемување од +2,6 милиони патници (+9,7 %) во споредба со 26,7 милиони регистрирани во 2023 година. Домашните летови се зголемиле за 4,7 %, додека меѓународните летови се зголемиле за 4,2 %.

Вкупно, бројот на патници на аеродромите во Грција достигна 36 милиони, што претставува зголемување од 44,1 % во последните години. Тоа се должи на инвестициите во инфраструктура, но и во концесионерите, како што е оној што го управува „Фрапорт Грција“, еден од 14-те регионални аеродроми.

Експанзија на крузерскиот туризам во Грција.

Експанзија на крузерскиот туризам во Грција.

Грција како дестинација за пензионери

Во 2024 година, Грција продолжи да ја промовира својата понуда како идеална дестинација за пензионери, особено од ЕУ. Се очекува стратегијата да даде конкретни резултати и да придонесе за понатамошен раст во туристичкиот сектор. Токму оваа категорија туристи, придонесува Грција да има многу посети и надвор од летната сезона.

Успехот на Грција во туризмот во 2024 година покажува дека земјата не само што ја одржува својата популарност, туку и ја проширува својата туристичка понуда во текот на целата година. Инвестициите во инфраструктурата, дигитализацијата и одржливиот туризам, како и промоцијата на туризмот надвор од шпицот, ја поставуваат основата за понатамошен раст во наредните години.

Цетиње, Црна Гора.

Цетиње, Црна Гора.

Црна Гора

И покрај тоа што е  една од најмалите држави на Балканот (13. 800 км2), Црна Гора доминира во овој сектор, па туризмот има и тоа како влијание врз вкупната економија со учество од околу 30 % во БДП. Почнувајќи од морскиот брег во вкупна должина од 294 километри, преку историската престолнина Цетиње, природните одлики на Бока Которска, богатиот ноќен живот во Будва, монденскиот Порто Монтенегро, главниот град Подгорица, Скадарското Езеро, како и петте национални паркови, Црна Гора има и тоа како што да им понуди на туристите.

Недоволно брзо се обновува инфраструктурата

Сепак, оваа сезона не поминува и таму без проблеми. Туристичките работници се жалат дека за џабе инвестираат во подобрување на понудата, кога властите недоволно брзо ја градат инфраструктурата. Така, на самиот старт на сезоната, тотално разорана е делницата Јаз – Тиват, чија реконструкција е во тек. Еден од клучните проекти кој треба да го намали сообраќајниот метеж е планираната изградба на обиколница околу Будва.

Експертите предупредуваат дека на туристичката сезона може негативно да се одрази континуираниот пад на руски туристи, кои порано носеа значителен приход во Црна Гора. Одлуката за забрана на летови и воведување визен режим за руските граѓани ја чини Црна Гора повеќе од 500 милиони евра годишно. Затоа е неопходно да се биде политички флексибилен по ова прашање ако сака државата да ги стабилизира приходите од туризам и да ги зголеми девизните приливи.

Со оглед на тоа што туризмот е клучна гранка на црногорската економија, со учество од речиси 30 % во БДП, падот на приходите од туризам во 2024 година за 3,6 % во споредба со претходната година предизвика загриженост кај бизнисмените. Тие ја нагласуваат потребата од итни мерки за да се спречи продолжувањето на негативните трендови во 2025 година. Сепак, негативниот тренд продолжи и годинава. Во првите три месеци, регистрирани се 10 проценти помалку туристички ноќевања отколку минатата година, а приходите од туризам се намалија за 6,4 проценти.

Пераст, Бока Которска.

Пераст, Бока Которска.

Хрватска

Хрватска, исто така една од најатрактивните земји за посета на Балканот, бележи скромни резултати на стартот на сезоната. Државата се помалку ја посетуваат туристи од Германија, кои се едни од најстабилните во хрватскиот туризам. Во мај, речиси половина помалку Германци летувале во Хрватска отколку минатата година, а оваа бројка се намали на онаа од пандемиската 2022 година. Така, Германците го преполовија својот удел во вкупниот туристички сообраќај. Наместо минатогодишниот удел од 30 проценти во ноќевањата во мај, оваа година овој удел падна на 16,5 проценти. Сепак, зголемување има кај бројот на туристи кои доаѓаат од Италија и САД.

Туристите се жалат на поскапувањата

Германците, а и останатите туристи, се пожалија на огромното зголемување на цените во Хрватска, особено во продавниците и рестораните. Сместувањето на некои места забележа двоцифрено зголемување на цените втора година по ред. Туристите анализираат дека да се летува во Хрватска сега е поскапо од Грција и Шпанија.

„Во последните три години, цените во хрватскиот туризам се зголемија за дури 50 проценти. Тој скок ја направи Хрватска поскапа од нејзините два најголеми конкуренти – Шпанија и Грција. Таму, цените се зголемија за само 15 до 20 проценти во истиот период“, пишува британскиот весник Експрес.

Хрватска меѓу најпосакуваните дестинации во Европа. | Извор: antena zadar

Хрватска меѓу најпосакуваните дестинации во Европа. | Извор: antena zadar

Седма најпосакувана дестинација во Европа

И покрај сѐ поголемите поскапувања, Хрватска е сè уште на врвот на најбараните дестинации во Европа. Според најновите податоци од Европската комисија за патувања (ETC), Хрватска се наоѓа високо на седмото место на листата составена од европски туристи оставајќи зад себе дестинации како Португалија, Белгија и Обединетото Кралство. Токму затоа, Хрватска мака мачи со прекумерниот број туристи. Според „Дејли паспорт“ на првото место е Дубровник во Хрватска. Напливот на туристи кои пристигнаа откако овој хрватски град беше избран за локација за снимање на „Игра на тронови“ беше неочекуван. Според истражувачите од Економскиот институт во Загреб, во Дубровник имало 245.000 повеќе туристи и 1,5 милиони ноќевања од 2012 до 2015.

Во 2024 година, Хрватска забележа 21,3 милиони туристички пристигнувања (+4 % во однос на 2023 година) и 108,7 милиони ноќевања (+1 %). Од тие ноќевања, 103,3 милиони се регистрирани на јадранското крајбрежје, додека 2. 7 милиони во внатрешноста на земјата, вклучувајќи и Загреб – каде што бројката на ноќевања пораснала за 6 % до 2,7 милиони.

Во 2024 година, Хрватска оствари рекордни приходи од странски туристи, кои изнесуваа речиси 15 милијарди евра, што е зголемување од 2,7 % во однос на 2023 година, односно 388,6 милиони евра повеќе. Евростат наведува дека туризмот сочинува околу 20 % од БДП‑то на Хрватска и дека странските туристи значајно го подобруваат трговскиот биланс на земјата.

Албанија

Почнувајќи од пандемиските и посткризните години, туризмот во Албанија доживува неверојатен развој. Последниве години приливите од туристичка дејност рушат рекорди. Од 3 милиони туристи во 2015  година, бројката се зголеми на 6 милиони во 2019, за да лани надмине неверојатни 10 милиони луѓе, што е зголемување од 56 % во споредба со бројките пред пандемијата. Минатата година туризмот во Албанија пораснал за неверојатни 15,2 % во споредба со претходната година. а сега е речиси двојно поголем од оној во 2019 година. Лани земјата ја посетиле 11,7 милиони туристи.

Официјалните податоци покажуваат дека речиси 5 милиони странски посетители влегле во Албанија од јануари до јуни 2025 година, што е зголемување од 5 % во однос на истиот период од 2024 година. Премиерот Еди Рама ова го нарече „доказ за стабилизиран влезен тек и избалансирано управување со нашата туристичка понуда“.

Тунелот Логара го скратува патувањето кон јужна Албанија.

Тунелот Логара го скратува патувањето кон јужна Албанија.

Туризмот рапидно расте

Албанија е најбрзорастечката дестинација за одмор во Европа, а на глобално ниво се наоѓа на 3. место, веднаш зад Катар и Порторико. Албанската Влада објави дека очекува до 30 милиони странски посетители до 2030 година. Државата во последниве години забележа брз раст во туристичката индустрија. Отворени се нови хотели, се градат луксузни приватни апартмански комплекси, плажите се исполнети со лежалки по целата должина.

Со текот на годините, Албанија стана топ локација за туристи кои се привлечени од нејзиното културно наследство и прекрасните пејзажи. од планинските масиви до недопрените плажи. Овој пораст на посетители имаше трансформативно влијание врз економијата генерирајќи 3,8 милијарди евра приходи од туризам во текот на првите девет месеци од 2024 година. Тоа ги одразува успешните напори на Албанија за консолидирање на клучните пазари во Западна Европа, како што се Италија, Германија и Франција, а истовремено се шири во нови региони, вклучувајќи ги Азија и Америка.

Инаку, косовските државјани се најбројни меѓу странските посетители, додека Италијанците ја формираа втората најголема група со 510.000 посетители. Значителен број на туристи има и од Германија, Велика Британија, Франција, Швајцарија и САД. Само во јуни, пристигнале 1.329.204 странски туристи, што е зголемување од 7 % во однос на 1.244.967 во јуни 2024 година.

Министерството за туризам веќе најави дека планира да ги прошири промотивните кампањи на клучните европски пазари и да ги надгради транспортните врски до крајбрежните и планинските дестинации. Официјалните лица велат дека насочените инвестиции ќе обезбедат инфраструктурата да биде во чекор со зголемениот број посетители.

Аеродромот во Валона.

Аеродромот во Валона.

Огромни инвестиции во инфраструктурата

Со оглед на тоа што земјата многу зависи од туристичката дејност (приливите достигнуваат 4,8 милијарди евра), секторот заедно со придружните дејности брои 265 илјади вработени, а уделот во БДП достигнува 26,4 %. Албанската влада и тоа како го промовира туризмот и интензивно вложува во инфраструктурата.

Почнувајќи од двата нови аеродроми во Валона и Кукс, преку тунелот Логара, па се до реконструкција на пристаништата во Валона и Саранда за да можат да примаат крузери, Албанија е во своевиден инфраструктурен бум.

Тунелот Логара е стратешки инфраструктурен проект вреден над 250 милиони евра кој драматично го подобрува пристапот до јужна Албанија и ја зајакнува позицијата на ривиерата како целогодишна туристичка дестинација. Тој е најдолг тунел во Албанија (6 километри), кој го скратува патувањето за 30-40 минути.

Аеродромот во Валона допрва ќе стане комерцијализиран. Првиот сертифициран лет беше на стартот на мај.

„Ова е историски момент за Валона, но и за Косово, бидејќи станува збор за инвестиција на косовскиот претприемач Беџет Пацоли“, изјави министерката за инфраструктура Белинда Балуку. Тој истакна дека „пистата е сертифицирана, по што чекор по чекор ќе се продолжат сите процедури за да биде подготвен овој аеродром во текот на летото, да биде оперативен со сите услуги“.

Со големите инфраструктурни зафати, меѓу другото и на автопатските делници кои ја поврзуваат Албанија со Македонија, Косово и Црна Гора, евидентна е заложбата на Владата за модернизација и забрзување на економскиот развој токму преку зголемување на приходите од туристичка дејност.

Панорама на Белград.

Панорама на Белград.

Србија

Србија, како и Македонија не излегува на море, па растот на туризмот е помал споредено со другите земји од регионот. Девизните приливи од туризам во Србија надминуваат 2,5 милијарди евра.

Од Националната туристичка организација на Србија наведуваат дека  туристичките посети во Европа минатата година се вратиле на нивоата од 2019 година, додека Србија ги надминала бројките од 2019 година за 30 проценти.

Србија минатата година примила 2,4 милиони странски туристи, регистрирајќи 4,4 милиони туристички посети и 12,6 милиони ноќевања.

Фактот дека поголемиот дел од туристите што ја посетуваат Србија доаѓаат од Русија. Турција и Кина се должи на билатералните односи што Србија ги одржува со тие земји, објасни таа.

„Авиокомпанијата ,Ер Србија‘, покрај врската со Кина како далечен пазар, има врска и со Америка, како и со повеќе од 90 дестинации низ целиот свет. што е многу важно бидејќи тоа е еден од предусловите - кој ќе дојде и од каде, зависи од леснотијата на вашата достапност“, вели директорката на НТОС, Марија Лабовиќ.

Убедливо најпосетувана дестинација од туристите е главниот град Белград, по кој следуваат термалните бањи „Соко бања“ и „Врњачка бања“, Националниот парк Ѓердап, како и Паличкото Езеро.

Србија сериозно вложува во развојот на туризмот преку повеќе инфраструктурни и финансиски иницијативи насочени кон урбан, рурален и регионален туризам. Од 2016 досега, одобрени се 17 проекти во хотелскиот сектор (спа, клима-бањи, Белград на вода) во вкупна вредност од речиси 300 милиони евра.

Во 2025 се доделени 1,3 милиони евра во вид на субвенции за развој на рурален туризам: гостински куќи, услуги за велнес, локални производи. Притоа, двојно се зголемени руралните сместувачки капацитети: од 700 на 1. 350 пријавени објекти.

Image
Newsletter