Нафтениот пазар во земјите од регионот се менува од ден на ден. Цените кои го достигнаа својот пик, почнаа да паѓаат, но не доволно за да ги израдуваат возачите. Горива не можат да се наточат ниту по приближно исти цени од оние кои важеа пред пандемијата и енергетската криза. На крајот на мај, сите почнуваат да ги планираат своите годишни летни одмори. Не е тајна дека туристите од регионот повеќе патуваат со сопствени автомобили, а поретко користат авионски превоз, особено на поблиските дестинации. Во продолжение, направивме споредба на цените на нафтените деривати во различни земји на Балканот.
Регулаторните комисии за енергетика во земјите од регионот најчесто еднаш неделно донесуваат одлуки за регулираните цени на нафтените деривати. Некои од нив имаат и либерализирани цени, а некои сѐ уште „играат“ со маржите на трговците, за да можат што повеќе да ги заштитат граѓаните од ценовни шокови поврзани со движењето на цените на нафтените деривати на светските берзи.
Македонија со најниски цени на горивата
Компаративната анализа покажува интересни податоци. Токму, Македонија има најниски цени на горивата во регионот. Со цена на дизелот од 1,10 евра по литар, цена на бензинот од 95 октани од 1,26 евра по литар и на 98-ката од 1,29 евра, земјава е лидер на Балканот според цените на нафтените деривати. Сепак, треба да се има предвид дека ова посебно не ги радува возачите, бидејќи земјава исто така е на најниските нивоа според платите на работниците, па трошокот за гориво сѐ уште останува доста висок како процент од месечната заработувачка. Дополнително, ако сакаат Македонците да летуваат во некоја соседна или подалечна држава, трошокот за превоз ќе им биде прилично голем.
Хрватска има ниски цени споредено со животниот стандард. | Извор: bp-jozinovic.eu.hr
Хрватска веднаш зад Македонија
Изненадувачки, втора држава според најниските цени на горивата е Хрватска. Таму 95-ката чини 1,32 евра, 98-ката 1,67 евра, додека дизелот се продава за 1,23 евра по литар. Сепак, треба да се има предвид дека тамошните регулаторни власти одредуваат цени на секои две седмици, а не еднаш неделно, па затоа во одредени периоди можеби се чини дека горивата се поевтини, додека друг ден можат лесно да преминат во највисоката категорија. Исто така, Хрватска и Словенија ги регулираат цените надвор од главните автопатишта. Треба да се знае дека на бензинските пумпи на главните патни правци се точи значително поскапо гориво споредено со пумпите во градовите и селата.
Инаку, Владата на Хрватска постојано има мерки за да го заштити стандардот на граѓаните во овој случај. Малопродажните цени на нафтените деривати се формираат по формула споредено со претходните 14 дена, но со значително снижување, односно ограничување на премијата од 0,09 евра по литар за бензините и дизелот, 0,05 евра по литар за синиот дизел, 0,82 евра по килограм за боца пропан-бутан.
Селведин Шаторовиќ - претседател на Сојузот на независни синдикати на Босна и Херцеговина.
Босна и Херцеговина
Веднаш зад Хрватска, Босна и Херцеговина е на трето место според најниските цени на нафтените деривати. На крајот на мај, литар 95-ка чини 1,34 евра по литар, 98-ката се продава за 1,53 евра, а дизелот за 1,29 евра по литар.
Сепак, населението во оваа држава е и тоа како незадоволно и покрај релативно ниските цени, главно поради ниските примања на граѓаните кои во изминативе две години не растеле согласно стапките на инфлација.
Главна причина за револтот на граѓаните е неприфаќањето на предлогот за укинување на акцизите на горивата и промените во Законот за данок на додадена вредност, според кој, требало да се воведе прогресија кај овој данок, со намалување на ДДВ-то за нафтените деривати да се намали, а со зголемување на стапките за луксузните добра.
Синдикатите барањето за укинување на акцизите и намалување на ДДВ го доставиле уште во февруари минатата година, но оттаму се пожалиле дека политичките партии намерно калкулирале и го одложувале неговото ставање на дневен ред. Состојбата дополнително ја влошил и фактот што Босна и Херцеговина е федерација, па за ваквите одлуки е потребна согласност од различните кантони, што дополнително го усложнува процесот. Кон средината на април, овие барања и официјално се отфрлени, односно не се изгласани од парламентот.
Додека делегатите се „правдаат“ дека во меѓувреме цените на горивата се спуштиле на слично ниво како во времето кога измените биле предложени, од босанскиот синдикат жестока реакција. Од Сојузот на независни синдикати на БиХ, велат дека кога цените достигнуваат одредено високо ниво, тешко се враќаат назад и дека едни од главните виновници биле инспекциските служби кои не го контролирале наплаќањето на повисоките маржи на трговците.
„Во земјите од западна Европа, кога ќе паднат цените на барел нафта, тоа се гледа и на бензинските пумпи и на полиците во маркетите. А ние тоа го чувствуваме само кога треба да се подигнат цените нагоре. Мислам дека таквата политика на дистрибутерите и трговците има тивка согласност од Владата, за да се слеат повеќе пари од даноци во буџетот“, вели Селведин Шаторовиќ од Сојузот на независни синдикати на БиХ.
Цените во Црна Гора се менуваат на секои две недели. | Извор: republika.rs
Црна Гора
Црна Гора се наоѓа меѓу земјите со поевтини горива во регионот, па ако се има предвид дека таму платите прогресивно растат, се чини дека превозот за тамошните граѓани и не би требало да биде некое големо оптоварување. Цените се движат од 1,33 евра за литар дизел до 1,53 евра за бензин од 98 октани. Во Црна Гора, акцизите на горивата беа ограничени од истиот период минатата година. Сепак, владата на Дритан Абазовиќ реши постепено, на секои две седмици до еден месец, да ја зголемува акцизата на старите нивоа согласно намалувањето на цената на нафтата на светските берзи.
Во Словенија точењето на гориво долж автопатите е поскапо. | Извор: ostro.si
Словенија
Словенија важи за земја со највисок стандард во регионот, но ако ги погледнете цените на горивата, ќе забележите дека тие се и тоа како прифатливи за џебот на населението. Според цените на горивата, оваа држава се наоѓа на средина на листата. Литар 95 чини 1,39 евра, литар 98 се продава за 1,66 евра по литар, додека цената на дизелот изнесува 1,42 евра по литар.
Во Словенија цените на нафтените деривати на неделна основа се регулираат од 21-ви јуни минатата година. Посебни цени има за главните автопатишта и експресни патишта, односно тој пазар е либерализиран. Регулираната цена на литар бензин од 95 октани и цената на дизелот на словенечките регионални патишта се преутврдува секој втор вторник од минатиот јуни.
Формулата за регулирање на цените често се менуваше во последните година и пол. Цената беше зголемена – или подобро кажано – беа спречени поголеми намалувања, со еколошки давачки за оптоварување на животната средина со емисии на јаглероден диоксид и придонес за енергетска ефикасност. Во минатиот август се зголеми и дилерската маржа (од 0,0591 евра за литар дизел на 0,0983 евра, со бензин од 0,0607 евра до 0,0994 евра за литар). Почнувајќи од минатиот декември, дел од формулата повторно е биокомпонента, која особено го поскапи дизел-горивото (или подобро кажано ги спречи повисоките цени) за неколку центи. Зголемени се и маржите за дизел-горивото и маслото за греење.
Доколку владата не се меша во поглед на еколошките такси, акцизите и маргините за трговците, цената би била речиси половина евро пониска од пред една година.
Вјолди Данај - Албанците плаќаат поскапа нафта од онаа на берзите. | Извор: apel media
Албанија
Цените на нафтата на берзата паднаа на нивоата што беа пред војната во Украина. Сепак, се чини во Албанија цените како да не се намалуваат согласно светската динамика. Литар 95-ка таму се продава за 1,46 евра по литар, слично како и дизелот, односно цените на двата нафтени деривати се изедначени.
Енергетските експерти во Албанија критикуваат дека наместо пазарна логика, зад одлуките за цените стои штитењето на крупни бизнис-интереси во нафтениот сектор.
Вјолди Данај, експерт за економија, неодамна за тамошните медиуми изјавил дека цената на нафтата во Албанија е „значително повисока“ од она што всушност се продава на берзата тврдејќи дека треба да биде најмалку 50 центи поевтина. „Изгледа како владата да им ги остава 50-те центи на компаниите, а тоа е нешто навредливо“, рече тој.
Жестоките реакции во Албанија за високите цени на горивата ги натера властите да почнат да ги бранат своите одлуки. Одборот за транспарентност соопшти дека строго го следи движењето на цените на Медитеранската берза „Platts“ за дизел, бензин, како и официјалните фактури на операторите.
Министерството за финансии и економија, пак, објаснува дека секое движење на берзата за сурова нафта не се одразува истовремено и во иста мера на берзата за дизел и бензин.
Високите цени на нафтата, меѓу другото причина за протести на земјоделците во Србија. | Извор: politika.rs
Србија
Неочекувано, на врвот на листата, со едни од највисоките цени на нафтените деривати се најде Србија. Кај нашиот северен сосед, 95-октански бензин се продава за 1,53 евра, исто како и дизелот, додека бензинот од 98 октани чини 1,63 евра за литар.
И покрај високите цени, тие во последниве неколку недели континуирано паѓаат. Инаку, во Србија малопродажните цени на пумпите се одредуваат според Правилникот за ограничување на цените на горивата, кој беше донесен кон средината на февруари минатата година, а чија важност се продолжува секој месец.
Незадоволството во Србија од високите цени на горивата кулминираа со незадоволството на земјоделците, кои излегоа на петдневни протести. Меѓу другото, тие бараа субвенции за трошокот за нафта. Српската влада се обврза да не им пресметува и наплатува акцизи и данок на додадена вредност за 100 литра по хектар.
Косово
Косово се најде убедливо на првото место според најскапото гориво. Едно и пол евро, граѓаните на Косово плаќаат и за бензин и за дизел. Ова е дури и поевтино, бидејќи на почетокот на мај литар нафта се продавала и за евро и 73 центи. Сепак, не сите малопродажни капацитети ја зголемуваат цената идентично. Се чини дека во вакви услови, трговците калкулираат со маржите поради големата конкуренција, па на некои бензински пумпи може да се најде и поевтино гориво.
ДРЖАВА | 95 | 98 | ДИЗЕЛ | ДАТУМ НА ПРОМЕНА |
СРБИЈА | 1,53 евра | 1,63 евра | 1,54 евра | 19.05.2023 |
ХРВАТСКА | 1,32 евра | 1,67 евра | 1,23 евра | 16.05.2023 |
КОСОВО | 1,55 евра | / | 1,55 евра | 19.05.2023 |
ЦРНА ГОРА | 1,49 евра | 1,53 евра | 1,33 евра | 19.05.2023 |
БиХ | 1,34 евра | 1,53 евра | 1,29 евра | 19.05.2023 |
СЛОВЕНИЈА | 1,39 евра | 1,66 евра | 1,42 евра | 21.05.2023 |
АЛБАНИЈА | 1,46 евра | / | 1,45 евра | 19.05.2023 |
Најниски цени на горивата имаат Романија и Молдавија. | Извор: profit.ro
Цени на нафтени деривати во Европа
На европскиот континент цените варираат согласно движењата на цената на нафтата на светските берзи. Бензинот од 95 октани е најевтин во Молдавија (1,19 евра по литар), во Романија (1,30 евра) и во Унгарија (1,43 евра). Најскапо се продава во Исланд. Во оваа земја тој надмина две евра и се продава за цена од 2,10 евра. Следуваат Финска и Франција со цени од 1,9 евра по литар, додека во соседна Грција е исто така прескап, со цена од 1,83 евра за литар.
98-ката во Европа, исклучувајќи ги земјите од Западен Балкан, е најевтина во Романија (1,41 евро), во Унгарија (1,51 евро) и во соседна Бугарија (1,54 евра). Најскапо се продава, пак, во Финска, Грција, Италија, Холандија, Норвешка и Швајцарија, каде што неговата цена надминува две евра.
Дизелот исто така држи висока цена во Исланд, каде што се продава за 2,07 евра, додека најевтин е во Бугарија (1,27 евра), Литванија (1,33 евра) и во Романија (1,31 евро).