Лука Павичевиќ: Високото образование го продолжувам на Харвард

Лука Павичевиќ: Високото образование го продолжувам на Харвард

Амбициозен и одличен ученик, стипендист на прворангираниот универзитет во светот, „Харвард“ во САД, граѓански активист, колумнист. Лука Павичевиќ е еден од најперспективните млади луѓе во Република Македонија. Поранешен претседател на Сојузот на средношколци, сега пред ново животно поглавје и предизвик за студии на најпрестижниот светски универзитет. Смета дека македонското образование ќе мора да претрпи коренита и темелна промена ако сакаме да го подобриме квалитетот на нашиот образовен систем. „Не постои ниту еден млад човек што ја напуштил нашата земја бидејќи не ја сакал, туку тој бил приморан да се исели поради нефункционалноста на системот во сите пори од општеството живеење“, порачува овој млад човек кој по десет година сака да живее во Македонија каде што способноста и талентот ќе имаат примат над партиската припадност и семејните конекции.

Павиќевиќ, јавноста Ве препознава како поранешен лидер на средношколците. Веќе сте матурант и пред нови предизвици. Како почнаа вашите општествени активности и еден сублимат за средношколските денови?

Како стипендист на Фондацијата „Борис Трајковски“, гимназиското образование го завршив во Меѓународното училишта „НОВА“, каде што годинава матурирав на темата „Одржливоста на апсолутизмот во 17. век во Англија по Граѓанската војна и реставрацијата низ призмата на уставната моќ на монархот“. Во 2021 година со трудот „Британската трговска политика по Брегзит: пристапување кон Договорот за пацифичкото партнерство“ се стекнав со два факултетски кредита при Колеџот Оберлин. Јас сум независен истражувач, пишувам колумни на теми од јавен интерес за повеќе домашни и регионални медиуми. Високото образование годинава го продолжувам на Универзитетот Харвард како стипендист на Факултетот за науки и уметности при истиот универзитет. Како што наведовте и во воведот на ова интервју, јас бев претседател на Сојузот на средношколци од 2021 до 2023 година. Во текот на овие две години, дадовме предлози за подобрување на образованието: законот за средношколска демократија, законот за бесплатен јавен превоз за сите средношколци, белата книга за демократско-граѓанско образование и препораки за нов модел на работа на стручните служби.

Исто така, служев и како главен и одговорен уредник на мојот училиштен весник „НОВА Тајмс“. Во ова својство, го водев и го координирав процесот на пишување и објавување на седум од вкупно единаесет изданија, а ја интервјуирав и Наташа Ашгар, првата жена-пратеничка од етничко малцинство во Велшкиот парламент, инаку членка на Конзервативната партија. Три учебни години бев секретар на ученичкиот совет во моето училиште, Гимназијата „НОВА“.

Поради членството на „НОВА“ во Асоцијацијата на училишта во Централна и Источна Европа (CEESA), имав можност повеќепати да учествувам во меѓународни натпреварувања. Имам еден златен и два сребрени медали по дебата, но и бронзен медал на меѓународниот турнир во општо знаење (CEESA Academic Bee).

Членував и во советодавниот одбор за алатката „U-Report“ на УНИЦЕФ, како и во тимот „УРА“ на проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“. На 31 октомври 2022 година станав член на МЕНСА Македонија.

Павичевиќ: „Добри резултати се постигнуваат само со напорна работа и трудољубивост.“

Павичевиќ: „Добри резултати се постигнуваат само со напорна работа и трудољубивост.“

Од академска гледна точка, решив своето образование да го надоградувам и надвор од училиштето. Добив целосна стипендија да учествувам во Истражувачката програма „Pioneer“. Под менторство на професорот Игор Логвиненко, го напишав трудот „Британската трговска политика по Брегзит: пристапување кон Договорот за пацифичкото партнерство“, за што добив и два факултетски кредити. Учествував и во летната школа на Универзитетот „Јеил“, како и во Школата за политика и критика 2022 на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје.

Во текот на моето средно образование, запливав и во академските води. Во 2021 година, го презентирав мојот истражувачки труд за посетата на Маргарет Тачер на Македонија во 1980 пред Здружението на историчари на Северна Каролина, а на 31 мај 2023 година заедно со група автори составена од еминентни универзитетски професори и новинари, го објавивме првиот Речник на медиумската писменост на македонски  јазик.

Што Ве инспирираше да аплицирате на најголемите светски универзитети и како стигнавте до стипендија?

Бев инспириран од желбата да се здобијам со најдоброто образование што може светот да ми го понуди, но ме поттикна и предизвикот да се натпреварувам на глобалната сцена. Себеси се сметам за компетитивна личност, така што, знаејќи дека на истиот универзитет студирале 8 претседатели на САД и 49 добитници на Нобеловата награда, се мотивирав уште повеќе. Инспирацијата секако е важна, но не е клучна. Добри резултати се постигнуваат само со напорна работа и трудољубивост.

Што се однесува до стипендијата, „Харвард“ нуди стипендии исклучиво од финансиска природа. Имаат политика на покривање на сите трошоци поврзани со студирањето за сите примени кандидати ако нивното домаќинство не остварува приходи повисоки од 85 илјади американски долари годишно. Универзитетот смета дека финансиите не треба никому да му бидат (дополнителна) пречка за упис на посакуваниот факултет, бидејќи стапката на прием на „Харвард“ веќе е премногу ниска – оваа година беше само 3,41 отсто.

Што мислите за основното и за средното образование во Република Македонија? Кои се, според Вас, силните и слабите страни на образовниот систем?

Сметам дека македонскиот образовен систем е на прилично незавидно ниво. На сите нам ни е јасно дека квалитетот на наставата што се нуди е навистина низок, а, впрочем, ова го потврдуваат и сите релевантни меѓународни тестирања и мерења. Понатаму, образованието се соочува со структурни тешкотии, што од аспект на инфраструктурата и училишните згради, што од аспект на содржината на програмите и ефективноста на нивното изучување.  Ваквите проблеми се од врзан карактер. На пример, човек не може да очекува дека ќе има осовременување на изучувањето на предметите од природните науки ако притоа училиштата не се опремени со соодветни лаборатории и инструменти. Истовремено, сè додека не се обезбедат овие нужни помагала, секоја најавена реформа во наставната програма би била неизводлива, т.е. реформата ќе постои исклучиво на хартија.

Силната страна на нашиот образовен систем е фактот дека со години организираме настава од речиси сите научни области, што значи дека државата поседува значително искуство за сè што треба учениците да знаат. Од друга страна, пак, долги години наставниот кадар не е соодветно обучуван ниту пак му е дадена можноста професионално да се надоградува. Иако се организираат некакви обуки, никој не ја мери нивната ефективност. Изминатите децении доведоа наставниот кадар да стане пасивен и да не ги надоградува активно своите знаења, додека делот од наставниците што сакаат да бидат во чекор со времето, ја немаат оваа можност.

Останатите слаби страни на македонскиот образовен систем се, како што спомнав и погоре, недостигот од инфраструктура, застареноста на материјалот, неефективното пренесување на знаењата и на вештините, како и неквалитетната проверка на наученото, неможноста на учениците да учествуваат во одлучувањето и затрупаноста на стручните служби со административна работа.

Што треба да се подобри во образовниот систем?

Накратко, многу работи. Шегата на страна, сметам дека македонското образование ќе мора да претрпи коренита и темелна промена ако сакаме да го подобриме квалитетот на нашиот образовен систем.

Потребно е државата да инвестира во обновување на училишните згради, училниците, наставните помагала и лабораториите, како и во физичката состојба на учебниците. Исто така, повеќето од училишните згради не се пристапни за учениците со попреченост, па и ова мора да се промени. Со ова прашање треба да се занимава државата, а не поеднинечните вработени, служби и ученици.

Наставните програми се исто така застарени. Образованието не поттикнува критичко мислење, туку помнење и реплицирање на информации. Докажано е дека ова е  проблематично, но теориската дебата во образованието меѓу знаењето и вештините ја сметам за вештачка. Едноставно, човек не може да даде свој критички придонес кон наставната материја ако претходно не е запознаен со потребните информации за дадената ситуација. Оттука, македонското образование треба да им ги даде потребните податоци (читајте знаење) на своите ученици, но и да ги научи како да ги анализираат, евалуираат и да ги применат овие податоци (читајте вештини).

Би сакал да живеам во Македонија каде што граѓаните нема да бидат неми сведоци туку активни чинители. Би сакал да живеам во Македонија каде што способноста и талентот ќе имаат примат над партиската припадност и семејните конекции. Во Македонија каде што образованието, здравството и животната средина ќе бидат на многу повисоко ниво од сега.

За да се случи ова, потребно е да се работи со наставниот кадар и со педагошките факултети. На став сум дека двете поголеми реформи во нашето образование беа неуспешни бидејќи токму ова го превидоа. Наставниците не знаеја како, а ниту ги имаа потребните услови како да ја спроведат програмата „Кембриџ“. Сметам дека истата судбина ѝ претстои и на новата Концепција за основното образование, чија заложба за интердисциплинарност ќе се претвори во редуцирана мултидисциплинарност бидејќи никој не ги обучи наставниците да ги предаваат новите предмети, биле тие „Природни науки“ или „Историја и општество“.

Дали планирате да се вратите во Македонија по завршувањето на високото образование во странство?

Пред да одговорам на Вашето прашање, би се осврнал на моите планови за понатамошното студирање. Имено, американскиот универзитетски систем налага да се изучуваат предмети од сите области во првата година од додипломските студии, а кандидатот се фокусира на полето на концентрирање во текот на останатите три години. Јас би сакал да студирам Историја.

По завршувањето на додипломските студии, планирам да се запишам на шестгодишната постдипломска програма што Харвард ја нуди, која ќе ми овозможи да се стекнам и со докторат по Историја и со американската правна диплома (Juris Doctor, JD). Последователно, оваа програма ми дозволува да работам и како универзитетски професор и како адвокат.

Дури по завршувањето на овие студии, јас би размислувал дали би се вратил во Македонија или би останал во странство. Сметам дека е премногу рано да се произнесам со крајна одлука, имајќи на ум дека човек никогаш не знае што ќе му донесе животот. Затоа претпочитам да се движам чекор по чекор.

luka-pavicevic-2.jpg

Какви услови треба да се создадат во државата за да се намали иселувањето на младите и за да се мотивираат кадрите кои се образувани во странство да се враќаат во Македонија?

Ајде најпрвин да разгледаме зошто се иселуваат младите од Македонија. Според мене, три причини се клучни: корупцијата, партизацијата и неискреноста. Сметам дека не постои ниту еден млад човек што ја напуштил нашата земја бидејќи не ја сакал, туку тој бил приморан да се исели поради нефункционалноста на системот во сите пори од општеството живеење.

Корупцијата и партизацијата се присутни секаде, во сите сектори – од високата политика преку образованието, здравството и културата, до комуналната хигиена и администрацијата. Изборот на подобните наместо способните го донесе македонското општество до целосна дисфункционалност. Неискреноста јас ја изедначувам и со активистичкиот фетиш на нашите политички елити. Наместо да ги засукаат ракавите и да ги решат проблемите бидејќи ја имаат моќта тоа да го сторат, тие само констатираат дека работите се лоши, а тоа сите го знаат! Оттука, младите не гледаат надеж дека состојбата ќе се подобри, та решаваат својата иднина да ја гледаат во некоја друга земја.

Заклучно, мора да постои искрена волја меѓу политичките елити за суштинско решавање на нашите предизвици и проблеми преку искоренување на корупцијата и департизација на сите сектори во македонското општество.

Во претходните интервјуа имате споменато дека ја почитувате историјата како „наука над науките“. Како го гледате Вие минатото на Македонија и што од искуствата од историјата би можело да придонесе за подобра сегашност и стабилна иднина?

Историјата ја почитувам како наука над науките бидејќи за разлика од сите останати науки што имаат определен – да не речам ограничен – домен, историјата ја содржи целокупноста на човековото постоење. Историските процеси значително влијаат врз денешницата, а лекциите што минатото ги содржи се патоказ за подобра иднина.

Секому му е јасно дека нашето минато е тешко, но едно искуство што го согледувам е дека нам ни недостига единство за клучните прашања на дадениот историски момент. Сеприсутната поделеност дополнително нè ослабува и не дозволува коренито решавање на проблемите, туку нивно ставање под тепих. Ваквата состојба мора да биде надмината ако навистина сакаме да ги подобриме сегашноста и иднината. Насушно ни е потребен консензус за најважните прашања како сега, така и историски.

Павичевиќ: „Би сакал да живеам во Македонија каде што способноста и талентот ќе имаат примат над партиската припадност и семејните конекции.“

Павичевиќ: „Би сакал да живеам во Македонија каде што способноста и талентот ќе имаат примат над партиската припадност и семејните конекции.“

Во каква Македонија би сакале да живеете по 10 години?

Би сакал да живеам во Македонија каде што граѓаните нема да бидат неми сведоци туку активни чинители. Би сакал да живеам во Македонија каде што способноста и талентот ќе имаат примат над партиската припадност и семејните конекции. Во Македонија каде што образованието, здравството и животната средина ќе бидат на многу повисоко ниво одошто се сега. Во Македонија каде што етничката припадност и религијата нема да бидат одлучувачкиот фактор ниту пречки за меѓучовечките односи, туку само уште еден податок за една личност, која општеството ќе ја вреднува според нејзините професионални и морални одлики, како и посветеноста кон подобрувањето на својата татковина – Македонија.

Што би им порачале на младите, а што на повозрасните кои ќе го читаат ова интервју?

Доколку во изминативе години сега веќе возрасните и родителите научија дека сè што имаш во животот се заработува со чесна работа, без клиентелизам и без партиска припадност, сите ќе успеевме да воспитаме генерации кои така ќе постапуваа кон себеси и своите поколенија. Не велам дека сите постапувале на погрешен начин, но фактите говорат дека значителен дел од населението така правело.

Во ваквото општество е многу тешко да им се покаже на учениците кој е правилниот начин на однесување и на работење. Речиси е невозможно да се убедат дека талентот и квалитетот секогаш ќе испливаат на површината.

Со овие искривени вредности и порастот на социјалните медиуми, сè почесто се јавува еден налудничав натпревар за што поголем број следачи и моментална атракција, која наметнува едноумие, едноличност и конформизам. Затоа бидете свои, бидете некоформисти, бидете убави луѓе во вистинската смисла на овој збор – добри личности со цврст морал.

luka-pavicevic-4.jpg

Што би изјавиле за случајот со препишување на државната матура кој одекна во јавноста?

Да не се повторувам, но тоа што се случи претставува пропаст на нашата колективна свест и совест. Вината им припаѓа на сите – и на тие што препишувале и на тие што дозволиле да се препишува. Масовното препишување нема само морален туку и емотивен аспект. Па зарем не е тажно да се заврши задолжителното образование со измама? Како се гледаат професорите и учениците меѓусебно знаејќи дека воспитно-образовниот процес потфрлил во двата дела на оваа кованица?

Решението е можно и потребно. Краткорочно, треба соодветно да се имплементираат постојните одредби што се однесуваат на препишувањето и на присуството на телефонските уреди за време на тестирањето. Понатаму, итно треба да се воведе новата Концепција за матурата која предвидува сите четири предмети да се полагаат екстерно во големи училишни простории, какви што се спортските сали, читалните и холовите.

Долгорочно, треба да се прошири скалата на оценување бидејќи постојната не ги рефлектира соодветно знаењата на учениците. На пример, сегашната скала (1 до 5) треба да биде замената со поширока скала (1 до 7, до 9 или до 12), која ќе овозможи поголемо разликување меѓу оценките. Впрочем, ова е препорака на ОЕЦД. Исто така, притисокот за „сите петки“, меѓу другото, е создаден од моделот на упис во средното образование и на факултетите, имајќи предвид дека сегашните модели ги вреднуваат само просечните оценки на кандидатите. Потребен е холистички пристап при уписот.

Не мислам дека враќањето на интерните испити е вистинското решение, оти кој ќе гарантира дека и таму нема да се препишува? Има и други причини за моево мислење, но зошто Македонија мора да биде исклучокот кога матурските испити се спроведуваат насекаде во светот?!

Image
Newsletter