„Туристите можат да ги посетат локалните културни знаменитости и да се запознаат со богатата историја и традиции на Крушево, вклучувајќи го Меморијалниот центар на Тоше Проески и музеите кои го одржуваат духот на градот. И треба да се знае, во Крушево нема кафе без крушевски локум“, вели Стела Костовска-Сајновска за Магазинот за туризам и менаџмент. Таа е дипломка на УТМС, за кој вели дека бил клучен во градењето на нејзината кариера и денеска да стане менаџер на познатите крушевски хотели. Универзитет Скопје е бренд во високото образование, кој создава кадри подготвени да одговорат на пазарот на труд во областа на туризмот.
Највисокиот град на Балканот, сместен помеѓу Бушева и дел од Древеничка Планина, Крушево, ја има најубавата глетка во земјава. Слобода која ја отсликува шаренилото на пространствата на Пелагониското Поле. Богатата историја која гласно зборува на секоја уличка и тлото на висорамнините и шумите за битките кои се воделе за да живеат граѓаните денеска во својата Македонија. Духот на градот е една од причините што голем број домашни и странски туристи кои еднаш го посетиле, се враќаат повторно. Бројот на странци во градот од година во година се зголемува.
Градот полека се шири на мапата на Македонија како центар на алтернативен туризам. Тука можат да се видат првенства во параглајдерството на светско ниво, но и планински велосипедизам. Спортови кои се впечатливи само во Крушево, за домашните, а особено за странските туристи. Дали има градот капацитет за масовен туризам?
Крушево е токму такво место – високо, тивко, смирувачко, животот се случува со особен ритам. Тоа е град создаден за туризам, ги има сите капацитети за такво нешто. Животот во градовите ги натера луѓето да сонуваат за свежи планински утра и трчање под отвореното небо, возење велосипед по боровите шуми околу градот. А, во Крушево ние веќе престанавме нашите гости да ги делиме на странски и домашни, па сите се добредојдени, особено оние кои сакаат да се приближат кон природата. Крушево нуди посебна димензија која го прави незаборавно, па дури и со параглајдинг високо над градот! Магично е да се видат боите на есента од птичја перспектива, пространство кое многумина заборавиле дека постои во животот.
ОКТОМВРИ Иднина Костовска-Сајновска: „Крушево нуди посебна димензија која го прави незаборавно.“
Утринското кафе од „Хотел Панорама“ и „Хотел Монтана“ на дланка ја покажуваат архитектурата на Крушево која зборува за богата историја на градот. Празниците на кои присуствува државниот врв, фестивалите за младите, спомените за Тоше Проески, се белегот на градот под пазувите на Бушева Планина, познат и како ,,Градот на емоциите”. Дали имаат интерес странските туристи да слушнат за духот на градот кој неминовно се чувствува и во воздухот?
Старите велат, цело е кога има сѐ. Тоа важи и за Крушево. Не е романтично само пиењето кафе на терасите од двата најреномирани хотели во Крушево, „Панорама“ и „Монтана“, кои се комплетно реновирани. Гостите имаат можност да уживаат во соби со панорамски поглед кон Крушево, ресторани со панорамски прозорци со поглед кон Крушево и боровата шума, традиционални и интернационални јадења подготвени според врвни гурмански стандарди. Внатрешни базени со стаклен покрив и панорамска глетка од спа-центарот. И притоа да се воодушевуваат на панорамската глетка кон старите крушевски куќи, кои се уметнички дела, градени кон крајот на 18 и 19 век. Оваа архитектура е специфична само за Крушево. Автентични градби кои се резултат на архитектонската меморија на Власите од Москополе и на градителското искуство на Мијаците.
Туристите покажуваат интерес за уникатниот дух на Крушево. И за архитектурата, историјата, спомените за Тоше Проески и локалните фестивали создаваат посебна атмосфера што привлекува туристи. Овие елементи се важни за промоција на Крушево како дестинација која нуди не само физички, туку и емоционален доживувања.
Горди сме што секоја година сме клучен дел и од прославата на големиот Илинден. Прославите за Илинден и одбележувањата на Мечкин Камен се од особено значење за Крушево, град кој секоја година привлекува посетители кои сакаат да го почувствуваат историскиот и патриотскиот дух. Секој 2 Август, во Крушево се одбележува значењето на Илинденското востание, каде што државниот врв и бројни граѓани им оддаваат почит на хероите. Со новите капацитети ние комплетно ѝ даваме поддршка на манифестацијата.
Во што треба да инвестира државата за да се зголеми бројот на туристи во Крушево? Дали е клучен проблем инфраструктурата?
Државата треба да инвестира во подобрување на инфраструктурата, вклучувајќи патишта и јавен транспорт. Подобрувањето на овие аспекти е клучно за зголемување на бројот на туристи. За промоцијата на Крушево на национално и интернационално ниво, треба да се вклучени сите, и приватните бизниси и државните институции.
Костовска-Сајновска: „Туристите покажуваат интерес за уникатниот дух на Крушево.“
„Хотел Панорама“ со кој раководите е спа-центар, но поседувате и ски-центар. Колку имаат младите интерес за зимски спортови во Крушево?
Денешните генерации имаат огромен интерес за активности во природа и многу полесно ги препознаваат придобивките од спортските авантури. Нашиот ски-центар, заедно со спа-центарот во „Хотел Панорама“, нуди комплетно искуство кое го комбинира адреналинот од скијањето со релаксација и удобност. Младите особено го посетуваат спа-центарот по долги денови исполнети со пешачења, планински авантури и зимски спортови, уживајќи во мирот на природата што ја нуди нашиот комплекс. Секоја година забележуваме пораст на бројот на млади посетители кои доаѓаат токму заради нашите ски-терени, бидејќи тие нудат идеални услови за учење и рекреативно скијање. Преку нашите напори да ги подобриме услугите и да организираме дополнителни активности, како курсеви за скијање и ноќни забави покрај планинските терени, создадовме вистинска привлечност за младата генерација. Со поддршка од локалната заедница и на општинските власти, се надеваме дека ова ќе продолжи да биде популарна зимска дестинација, која овозможува вистинско уживање за младите.
Каква сезона очекувате и кои активности ги подготвувате за посетителите во хотелите „Панорама“ и „Монтана“?
Оваа сезона очекуваме зголемен број на гости во хотелите „Панорама“ и „Монтана“, особено благодарение на уникатните активности и искуства што ги нудиме. Во планинската област како Крушево, посетителите можат да уживаат во разни активности. За љубителите на природата има организирани тури за планинарење и пешачење низ патеки кои ги истражуваат живописните пејзажи на Бушева Планина. За оние кои бараат поголем предизвик, планински велосипедизам на специјално означени патеки нуди вистински адреналински доживувања. Потоа, за параглајдинг искуствата веќе зборував. Во хотелот „Панорама“, спа-центарот со внатрешен базен и џакузи е идеално место за релаксација. Нудиме и различни видови масажи и третмани со врвна козметика, гастрономско уживање во рестораните во хотелите, предвидени се и организирани културни настани. Туристите можат да ги посетат локалните културни знаменитости и да се запознаат со богатата историја и традиции на Крушево, вклучувајќи го Меморијалниот центар на Тоше Проески и музеите кои го одржуваат духот на градот. И треба да се знае, во Крушево нема кафе без крушевски локум.
Костовска-Сајновска: „За промоцијата на Крушево на национално и интернационално ниво треба да се вклучени сите - приватните бизниси и државните институции.“
Дали се врати туризмот во Македонија на ниво пред пандемијата? Како менаџер на хотели, што сметате дека може нашата земја да направи за да го зголеми бројот на туристи низ целата земја? Дали е потребна стратегија на државно ниво?
Туризмот во Македонија бележи раст, а ние ги надминавме рекордите кои беа и пред пандемијата. Нашите капацитети во хотелите „Панорама“ и „Монтана“ се преполни, што укажува на тоа дека има интерес за посетите само ако добро се осмисли престојот на гостите и, се разбира, ако се обезбедат супер услови за престој. А ние тоа го средивме. Државата треба да развие стратегија за промоција на различни туристички атракции и поддршка на приватниот сектор, но и да најде начин да ја подобри инфраструктурата.
Костовска-Сајновска: „Се надевам дека Крушево ќе продолжи да биде популарна зимска дестинација која овозможува вистинско уживање за младите.“
Дали имаат надлежните државни институции слух за потребите на хотелиерите и идеите за подобра туристичка сезона?
Нашата цел е постојано да ја развиваме туристичката понуда и да ги зголемуваме стандардите во угостителството, а во тоа државните институции играат важна улога. Ние се трудиме да градиме партнерски односи со нив, со цел да создадеме заедничка стратегија за развој на туризмот која ќе го подобри туристичкото искуство во Крушево и ќе придонесе за економскиот развој на целиот регион. Одличната соработка со општинските власти е клучна за нас, бидејќи преку заедничките напори успеваме да реализираме проекти кои придонесуваат за подобра туристичка инфраструктура, уредување на околината и организација на настани што ги привлекуваат и домашните и странските туристи. Нашиот успех е успех за цела Македонија, бидејќи Крушево, како туристичка дестинација, носи економски бенефити за сите граѓани. Во иднина се надеваме на уште подлабока соработка и поддршка од државата, многу се важни инвестициите и промоцијата на нашите природни и културни убавини.