Македонија повторно горда на ракометната репрезентација

Македонија повторно горда на ракометната репрезентација

Деценија и пол наназад, уште од 2009, секој јануари Македонија се обединува и застанува зад најдобрата национална репрезентација во некој спорт, машката ракометна. Среде зима, во спортска смисла секоја година за нас почнува со континуираните настапи на најдобрите македонски ракометари на големите натпреварувања. Така беше и на стартот на оваа 2025, кога нашата селекција повторно беше дел од смотрата на најдобрите ракометни нации на планетата, Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.

Сплетот на околности и ждрепката при составувањето на мундијалските групи сакаа Македонија во групната фаза повторно да игра во Вараждин, хрватскиот град во кој пред 16 години на тогашниот светски шампионат го почна подемот во меѓународни рамки. Иако во меѓувреме македонската репрезентација се етаблираше како постојан учесник на континенталните и на планетарните првенства, нашата спортска, а особено ракометната јавност и овој пат, исто како и во годините наназад, подеднакво жестоко и немирно ги живееше деновите на одржување на турнирот, со истиот борбен дух ги подгреваше еланот и ентузијазмот на нашите ракометари и им го креваше адреналинот, инспирирајќи ги понекогаш дури и да се надминат себеси и реалните можности и способности. 

Поради бројноста на земјите-учеснички на најголемите натпреварувања, ракометот ни ја нуди можноста, особено кога станува збор за европските првенства, речиси по правило и без преголем напор да бидеме на листата перманентни партиципиенти. Затоа, за разлика од порано, веќе не нѐ возбудуваат до тој степен самите пласмани на завршните турнири, иако и во понови времиња знаеме добро да се помачиме во мундијалските баражи, па пеколниот амбиент и силната поддршка од публиката во скопската арена „Борис Трајковски“ да ни бидат клучната помош за обезбедување место на последните два светски шампионата. 

И токму оттука обично произлегува замката во која запаѓаме сите заедно, целата нација – и ракометарите и нивните водачи, и ракометните стручњаци и пошироката јавност. Речиси секоја година ја повторуваме суровата лекција, но никако да запаметиме дека преголемите очекувања по правило носат големи разочарувања. Сонувајќи и мечтаејќи за значајни успеси и за врвни резултати, неретко се судираме со ѕидот на реалноста. Како гледачи и како јавност завршуваме незадоволни, иако ракометарите сфаќаат дека објективно не можеле повеќе и најчесто многу искрено го признаваат тоа.

Сепак, годинешното светско првенство за нас е многу поразлично од претходните три. Конечно повторно насмевки и конечно задоволни лица кај сите. 

Воопшто не му беше лесно, ниту нему ниту на момците што во меѓувреме го облекоа и веќе неколку години го носат репрезентативниот дрес.

Воопшто не му беше лесно, ниту нему ниту на момците што во меѓувреме го облекоа и веќе неколку години го носат репрезентативниот дрес.

Во 2019, во 2021 и во 2023 нашиот национален тим беше под нивото на стандардите што ги наметна од 2013 до 2017, кога трипати беше 1/8-финалист во периодот на најдобри игри и изданија на генерацијата на чело со Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Ристовски... Но, доцневме со почетокот на подмладувањето, немавме на повидок нивни вистински наследници, а и оние што отскокнуваа од просечноста, никако не можеа да се охрабрат конечно да почнат да преземаат лидерска одговорност на теренот. Најтешката можна задача што се најде пред Кирил Лазаров беше да ја увери скептичната јавност не само дека тој може да биде квалитетен и успешен како лидер и од селекторската позиција, туку и дека сепак располагаме со играчки потенцијал којшто може да ја однесе Македонија многу поблиску до нивоата на велесилите во овој спорт.   

Воопшто не му беше лесно. Ниту нему, ниту на момците коишто во меѓувреме го облекоа и веќе неколку години го носат репрезентативниот дрес. Квалификациите за европските првенства воопшто не им беа товар, баражите за светските првенства ги минуваа потешко, но на завршниците на големите турнири не само што не можеа да остварат забележлив резултат, туку не успеваа да остават ниту задоволителен впечаток. За вљубениците во ракометот цела деценија навикнати на нешто многу поинаку, настапите на Македонија на ЕХФ ЕУРО 2022, на СП 2023 и на ЕХФ ЕУРО 2024 останаа безлични и во бледи сеќавања. Но, за разлика од публиката која остануваше разочарана, Лазаров не дозволи неговите избраници да ја загубат вербата во себе и во патот по кој беа тргнати. Благодарение и на хемијата и на заедништвото што неколку години се создаваа меѓу дел од помладите играчи низ клупскиот проект „Алкалоид“, токму на трите неуспешни големи натпреварувања во минатите три години, почна да се создава новиот дух на репрезентацијата, кој конечно излезе од ламбата на овој светски шампионат. 

Овој пат имаме многу причини да бидеме задоволни од сето она што селекцијата го покажа на шесте меча на шампионатот.

Овој пат имаме многу причини да бидеме задоволни од сето она што селекцијата го покажа на шесте меча на шампионатот.

Македонија е повторно горда на најдобрите македонски ракометари.  

Ние одамна не смееме да се задоволуваме само со пласманите и со учествата на завршните турнири, така што 15. место на овој мундијал само по себе и не може да се смета за врвен резултат или за спектакуларен дострел. Но, овој пат имаме многу причини да бидеме задоволни од сето она што селекцијата го покажа на шесте меча на шампионатот, иако забележа само две победи – очекуваната против Гвинеја во групната фаза и онаа против Катар во главната рунда. Со европски ривали сѐ уште никако да се израдуваме на вакво првенство, но иронијата е во фактот што токму со нерешените резултати со Унгарија на стартот на групната фаза и со Австрија во клучниот натпревар од главната рунда, националниот тим дефинитивно си ја врати довербата кај пребирливата спортска јавност. Токму со овие реми-исходи на кои апсолутно заслужи да триумфира, репрезентацијата потврди дека созрева во ракометна смисла и јасно нѐ увери дека чекорот по нагорна линија може само да продолжи ако остане на истиот курс со поддршката од федерацијата, од клубовите, од јавноста, од државата. 

Манифестирајќи пожртвуваност, максимално залагање, крајна посветеност, огромна самодоверба, храброст, беспоштедност, подготвеност за надигрување до последен миг и невидена желба за успех, ракометарите овој јануари во Вараждин ја пренесоа на теренот огромната страст што им ја вдахна Лазаров, кој изминативе години веруваше во нив дури кога и самите тие беа колебливи околу реалните капацитети. Таков беше рецептот на нашиот најдобар ракометар во историјата и кога речиси две децении беше водач на црвено-жолтиот тим како капитен и како бомбардер од десната бековска позиција, а таква му е формулата и сега, кога од поинаква позиција се обидува да ги надомести вонсерискиот квалитет, недоволната физичка подготвеност и тактичката незрелост што ни недостасуваат за да им бидеме рамноправни на ракометните големци. 

Филип Кузмановски конечно стана цврстата карпа на која можат да се потпрат сите други околу него. Мартин Велковски и Мартин Серафимов го играат најдобриот ракомет, иако и тие од поодамна не се новаци во репрезентацијата. Искуството на Никола Митревски и смиреноста на Жарко Пешевски добиваат на значење и влијаат како силна инспирација за младиот бран. Милан Лазаревски, Игор Ѓорѓиев и Иван Џонов сѐ повеќе и сѐ подобро ја користат шансата што им се укажува, времето на браќата-близнаци Петар и Павле Атанасијевиќ допрва претстои, а иако според возраста е речиси најмлад во тимот, веќе му е дојдено времето и на Марко Митев. Со експлозивноста, со непредвидливоста во движењата, со луцидноста во играта и со брзината на мислата, со начинот на кој си поигрува со противничките одбрани, средниот бек кој идниот месец ќе наполни 22 години, јасно отскокнува во секоја смисла. По ланското европско првенство на кое беше нашата единствена светла точка, Митев одигра второ големо натпреварување на исклучително високо ниво и со право може да го сметаме за наш најскапоцен ракометен бисер во моментов. Не случајно за него и среде сезона постои големо интересирање од силни клубови низ Европа, коишто лицитираат со суми на коишто дури и неговиот „Алкалоид“ не би можел да им одолее. Без оглед дали ќе продолжи во „Автокоманда“ или ќе замине во Бундес-лигата, Марко Митев долги години ќе биде харизматичниот главен играч на најдобрата македонска ракометна репрезентација.

Пожртвуваност, максимално залагање, крајна посветеност, огромна самодоверба, храброст, беспоштедност, подготвеност за надигрување до последен миг и невидена на желба за успех. Ракометарите ја пренесоа на теренот огромната страст што им ја вдахна Лазаров.

Пожртвуваност, максимално залагање, крајна посветеност, огромна самодоверба, храброст, беспоштедност, подготвеност за надигрување до последен миг и невидена на желба за успех. Ракометарите ја пренесоа на теренот огромната страст што им ја вдахна Лазаров.

По настапот на мундијалот, поопуштена година го очекува националниот тим. Оваа пролет ќе треба да го завери пласманот на идното ЕХФ ЕУРО 2026, и покрај кикс-поразот од Литванија пред два и пол месеци во лесната квалификациска група во која се уште и Словенија и Естонија. Дотогаш и РФМ по повеќе од една деценија ќе добие ново раководство, коешто се очекува да продолжи по насоката на сегашниот претседател во заминување. Иако селекторот Лазаров по завршувањето на настапите во Вараждин најави дека со ладна глава ќе треба да се размисли околу неговата иднина на позицијата, речиси и да не постојат дилеми дека сигурно ќе се совпаднат неговата визија и стратегијата на новиот лидершип на федерацијата за тоа како понатаму. Сѐ поинаку би било само враќање наназад, на штета на сите. 

Со нетрпение уште отсега го очекуваме идниот јануари.

Image
Newsletter