Македонија се претстави на најпрестижниот саем на Балканот — „САЈАМ ТУРИЗМА“ во Белград

Македонија се претстави на најпрестижниот саем на Балканот — „САЈАМ ТУРИЗМА“ во Белград

УТМС им даде одлична можност на студентите за учење и за практика на самото место на меѓународниот саем во Белград

Македонските убавини, потенцијалот за авантуристите, планинскиот и езерски туризам, во најдобро светло беа претставени на најпрестижниот саем за туризам на Балканот „САЈАМ ТУРИЗМА“ во Белград. Различните култури, дестинации и народи собрани на едно место им овозможија на посетителите на саемот да ги запознаат туристичките можности што ги нуди секоја земја во регионот.

Ова саемско претставување од највисок степен го искусија и студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Тие се сретнаа со претставниците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и со туристичките агнции што ги претставија македонските потенцијали на највисоко ниво. УТМС им даде можност одблиску да видат како се работи во туризмот и на тој начин да стекнат непроценливо практично знаење, но и нови контакти во оваа област. Студентите се запознаа и со начинот на кој Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и туристичките агенции ја промовираат нашата земја и се обуваат да привлечат странски туристи.

Меѓународниот саем во Белград се одржа од 24. до 27. март годинава. На македонскиот изложбен простор, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски и в.д. амбасадорот на Република Македонија во Република Србија, Михаела Веселинов, остварија средба со министерот за туризам на Република Бугарија и со амбасадорот на Бугарија во Република Србија. Се согласија дека треба да се следат новите трендови, како потребата од зголемување на соработката во делот на информативните патувања на новинари, блогери и инфлуенсери со цел да се промовираат туристичките потенцијали, да се подобри промоцијата и да има повеќе туристи во 2022 година од двете дестинации.

Студентите од УТМС на промотивниот штанд на Универзитетот „Сингидунум“

Студентите од УТМС на промотивниот штанд на Универзитетот „Сингидунум“

Секоја година, „САЈАМ ТУРИЗМА“ се оддржува на површина од 30.753 m2. Србија е домаќин на 65.000 посетители, над 12.500 професионалци од туристичката индустрија и 900 излагачи од 50 земји, од кои 650 се домашни во рамките на програмата „Србија на едно место“, а 250 се странски излагачи. Настанот е покриен од над 1.000 новинари од Србија и од регионот.

За Македонија, српскиот туристички пазар е еден од најзначајните, па токму затоа се преземаат промотивни активности со цел да се зголеми бројот на српски туристи и на остварени ноќевања. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот договори медиумски активности за промовирање на туристичките потенцијали на Македонија во Србија, а тие ќе се реализираат и преку онлјан кампања на најчитаните портали на интернет во земјата.

Image
Newsletter