Македонија од почетокот на месецов и официјално е во енергетска кризна состојба. Ќе трае најмалку 30 дена, потоа ќе се бара „амин“ од пратениците во Собранието за да се продолжи до крајот на грејната сезона. Властите се однесуваат ноншалантно, упорно уверуваат дека 100% од енергетските капацитети ќе се стават во функција и дека проблеми ќе нема. Експертите, пак, се скептични дека ќе се реализира ветеното. Искуството покажало дека такво нешто досега не се случило – сите три блока на РЕК Битола да работат непрекинато на долг рок, а капацитетите на ТЕЦ Неготино и Осломеј да работат „со полна пареа“ без да се случат дефекти. Во услови на зголемени ризици и многубројни проблеми што се појавуваат како „печурки по дожд“ како резултат на континуираната незаинтересираност за вложување во енергетски објекти во земјава, трошокот падна врз грбот на граѓаните и на фирмите. Сепак, поскапувањата повеќе не можат да се издржат – голем дел од бизнисите најавија затворање до Нова година ако остане ситуацијата „статус кво“.
Триесетдневна енергетска криза со можност за продолжување до крајот на март наредната година – ова е второ прогласување на криза во енергетиката за само една година. Се прави со цел да се вбризгаат државни пари во домашните електрани. Токму тоа се случи уште на првиот ден. ЕСМ веднаш доби дополнителни 50 милиони евра и тоа директно од државниот буџет, откако неколку дена претходно министерството за финансии зема кредит во истата вредност од „Шпаркасе банка“. Парите треба да бидат наменети ЕСМ да го зголеми производството, да купи јаглен и мазут за потребите на термоелектраните, а ако има потреба, да купи и струја од странство. Претходно доби и 100 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за истата намена. Овие пари ЕСМ треба да ги искористи и за да купи гас за потребите на топланите во Скопје и непречено да го снабдува со парно греење главниот град.
Ковачевски од Бугарија бара струја и гас | извор: Влада
Ковачевски „во поход“ на енергетска поддршка од соседството
На стартот на месецов, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, тргна во поход за да бара помош од соседите за енергетските проблеми на земјава. Од српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот технички премиер Галаб Донев побара, од првиот, доволно извоз на храна и на енергија, од вториот струја и гас. Со својот бугарски колега, Ковачевски се договорил Бугарија да ја снабдува Македонија од октомври оваа година до крајот на март наредната година. Количините на струја што ќе пристигнат од источниот сосед треба да се искористат за да се покрие недостигот, главно во индустријата.
„Прво се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од Министерството за економија на нашата држава, Министерството за енергетика на Бугарија, ЕСМ и други компании од Бугарија, во која ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и на транспортот на електрична енергија, како и во однос на цените што ќе треба да бидат дефинирани во согласност со легислативата на Бугарија, директивите и легислативата на ЕУ и таа на Македонија. Исто така разговаравме и за количините што се потребни кај нас, со оглед на тоа дека Бугарија е земја-извозник на електрична енергија благодарение на капацитетите што ги има, особено ако се земе предвид електричната енергија произведена од атомските капацитети“, рече Ковачевски
Сите надежи насочени кон РЕК Битола
Најголеми ризици – испади на РЕК Битола и цените да продолжат енормно да растат
Иако Ковачевски упорно уверуваше дека барањето поддршка од соседите за справување со енергетската криза не било мерка што се носела во 5 за 12, на средбата на Советот за безбедност свикана од Претседателот на Републиката, Стево Пендаровски, тој призна дека постојат ризици што треба да се надминат за да ја поминеме мирно претстојната зима, без поголеми турбуленции и без потреба од рестрикции кон стопанството и кон граѓаните. Најави дека струјата по овие цени ќе има само до Нова година, по што ќе следи ново покачување. Исто така, ниту 150-те милиони евра за ЕСМ нема да бидат доволни. Тој најави дека на државата и требаат најмалку 300 милиони евра за да се „истурка“ зимата, односно до крајот на март 2022 година.
„Постојат ризици од непредвидени испади на термоблоковите на РЕК Битола поради апсолутната застареност на опремата, непредвидливи ризици во цената на берзата за гас и за струја до ниво на неиздржливост, забрани за извоз од соседите на природен гас и суровини за производство на електрична енергија. Затоа имаме состаноци со соседните земји, со Бугарија, која има базна енергија и со Грција како логистички центар. Приоритети се обезбедување јаглен за РЕК Битола, мазут за ТЕЦ Неготино, гас за ТЕ-ТО Скопје и Когел на ЕСМ, обезбедување дизел-гориво и дополнителна увозна електрична енергија. Ова е ужасно тешка ситуација, но немам намера да се правдам со тоа“, рече Ковачевски.
Мерки за штедење – дали може реално да се заштедат 15% енергија?
На стартот на месецов стапија во сила и мерките за штедење што треба да траат до крајот на грејната сезона. Слично како и колегите од Европа, и домашните политичари на власт ги пресликаа тамошните мерки со кои се бара штедење од сите – за граѓаните и за фирмите има само препораки, а за институциите задолженија за кои ако не се исполнат, ќе следат санкции за директорите. На месечно ниво треба да доставуваат извештаи колку заштедиле споредено со истиот месец лани. Токму овие мерки беа дочекани со хумор од страна на граѓаните. И населението и фирмите велат дека одамна штедат, па овие мерки не биле ништо друго освен само препишани зборови на хартија. Велат нема од што да се штеди струја кога се џебовите празни и кога е дното одамна допрено. Граѓаните бесни откако министерот Бектеши излезе да ги советува кога да се бањаат и да перат алишта. За населението, мерките за штедење се бесмислени бидејќи поради прескапата живејачка и масовната беспарица одамна готват, перат и се тушираат по 22 часот навечер. Особено се револтирани откако се укина евтината тарифа преку ден од 14 до 16 часот, па многумина морале да јадат ручек направен претходниот ден. Сметаат дека советите на Владата веќе одамна ги применуваат, па надлежните не треба да очекуваат заштеди од граѓаните.
„Не паметам дали сум вклучила некогаш машина за перење или бојлер пред 22 часот. Тоа стана начин на живот, а не штедење.“
„Убаво беше додека имаше евтина дневна тарифа. Откако се укина таа, тешко може да се намали сметката за струја.“
„Многу не сме обрнувале внимание, па ќе треба да се консултирам со жена ми, јас не готвам.“
„Како може старите со над 70 години да одат по скали? Тоа нека каже министерот. Па четиричлено семејство во колкаво тенџере да готви? Нека дадат во колкави димензии треба и така ќе живееме по неговите правила.“
„Зошто да не може да се користи лифтот? Старите луѓе што не можат да се качат до осми кат?“
„Како во помали тенџериња? Ако се двајца добро, ама ако се 5-6 луѓе?“
„Сега ќе ни дојдат ниски сметки бидејќи е лето, па бевме на одмор. Од есен лошо ќе биде. Не може да се грее некој на 20 степени, особено ако е постар човек“, велат граѓаните.
Препораките за граѓаните вклучуваат и совети да се оди по скали наместо да се користи лифт. Бојлерот не само да не се користи во скапа тарифа, туку и да не се загрева водата премногу и да се пушта тенок млаз вода. Фрижидерот да не се позиционира на најниска температура. Во текот на денот во летна сезона да се спуштат ролетните и завесите. Да не се блокираат радијаторите со мебел и завеси. Да се користат машините за садови и за перење секогаш полни и на евтина тарифа. Има и совети за минимално користење на компјутери, полначи за телефони, замена на стари со нови штедливи сијалици, како и готвење во помали тенџериња на помалите рингли на шпоретите. За оние поимотните, препораките се да инвестираат во изолација на домовите, да купуваат бела техника со висока енергетска ефикасност и да вградат сончеви колектори.
Слични мерки има и за фирмите и за општините, а за јавните институции дополнително треба да се намали декоративното осветлување. Сепак, првите неколку дена во септември, мерките ретко кој ги почитуваше. Навечер светеше цела зграда на Владата и неколку објекти на музеи во строгиот центар на Скопје. Остана вклучено декоративното осветлување на најголемиот дел од спомениците на Плоштадот Македонија, но и на споменикот на Прометеј спроти Собранието, но беа исклучени светилките на фонтаната „Воин на коњ“ и на подната фонтана на Плоштадот. По неколку дена, најголем дел од институциите решија дека сепак целосно ќе го исклучат осветлувањето.
Бочварски – папа над папата
Особено интересен во однос на мерките за штедење беше министерот за транспорт, Благој Бочварски. Тој на универзалните мерки за штедење додаде и свои. Дополнително забрани службениците да ги полнат електричните тротинети во канцеларија. На известувањето закачено на секое од нивоата на петкатната зграда на Министерството за транспорт и врски, покрај стандардните мерки, стои и: „забрането качување со лифт на веспи, велосипеди и електрични тротинети и нивно полнење во канцелариите“.
Бучим привремено престана со работа | извор: Бучим
Редовни средби, но епилог нема
Мерките за штедење и незаинтересираноста на власта не им се интересни на стопанствениците. Повеќе од половина година бараат помош од државата со високите сметки за струја, но освен само делумно олеснување на процедурите за поставување фотоволтаици, не добија ништо. Многу компании ќе стават клуч на врата и ќе бидат принудени да поделат откази ако не им помогне Владата под итно. Стопанската комора цело време алармира дека цената на струјата е најголем проблем за македонската економија, а надлежните се глуви на предупредувањата на бизнисот. Барањата за помош што ѝ ги испорача комората на Владата уште пред еден и пол месец, не се исполнети. Од ден на ден, фирмите се сѐ помалку конкурентни, а бројот на затворени компании се искачи на 5.400 од стартот на годинава. Лани од регистарот, пак, биле избришани 7.000 фирми. Бизнисите револтирани – бараат Владата да престане да „глуми“ дека сè е нормално во време на енергетска криза. Бараат да се обезбеди поевтина струја за да се спаси економијата од колапс. Во моментов цените биле шест пати повисоки од истиот месец лани.
Во најлоша состојба се рудниците. „Бучим“ привремено го прекина производството, а како причина ги наведоа поставувањето фотонапонска централа и инвестициите во опрема. Вработените се жалат дека се тие во лоша финансиска состојба веќе подолго време. Загубите биле огромни поради 10 пати поскапата струја и ниските цени на обоените метали.
„Бучим исто така се наоѓа во тешка состојба. Се разгледуваат разни варијанти за стопирање на производството. Набрзо може да престане да работи рудникот во кој работат околу 700 луѓе. Состојбата ќе стане посериозна и во пошироката околина на Радовиш, каде што и онака има проблем со вработувањето“, вели Николајчо Николов од МАР, инаку поранешен прв човек на Бучим.
Стопанските комори неколку пати беа на средби во Владата со ресорните министри, но засега епилог нема. Не се знае ниту кога ниту какви мерки би имало за помош на бизнисот. Компаниите бараат итна набавка на мазут и на јаглен за ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО да работи цела година, како и струјата од обновливи избори да биде наменета исклучиво за индустријата. Исто така да се намали на нула ДДВ-то за струјата и да се ограничат маржите на трговците со електрична енергија. И додека чекаат, цената на струјата на слободниот пазар руши рекорди. На релевантната регионална берза во Унгарија HUPX, цената на еден мегаватчас струја достигна неверојатни 700 евра, по што се стабилизираше одреден период на околу 500 евра за мегаватчас.
HPUX берза | извор: HPUX
Како европските држави им помагаат на своите граѓани?
И додека во Македонија има само декларативни заложби за помош, земјите-членки на Унијата сериозно ја сфатија енергетската криза и побрзаа да им помогнат на граѓаните. Сепак, дури ниту ова не го спречи незадоволството, па масовни демонстрации имаше во повеќе градови во Германија и во Чешка.
„Целта на нашите демонстрации е да бараме промени, главно во решавањето на прашањето за цените на енергијата, особено на струјата и на гасот, кои ќе ја уништат нашата економија оваа есен“, вели Јири Хавел, еден од организаторите на протестите во Прага, каде што на улиците излегоа 70.000 луѓе.
„Бидејќи нема гломазен пакет помош, ќе има силни протести на улиците. Почнавме во Лајпциг, веќе имавме демонстрации и во Франкфурт, а ќе имаме и во Ерфурт. Ќе има многу други демонстрации низ цела Германија. Овие ,жешки протести‘, се надевам, ќе го одржат притисокот врз германската влада“, вели Мартин Ширдеван од левичарска партија во Германија.
Унијата се подготвува да ги ограничи максималните цени на енергенсите, но секоја држава поединечно има мерки за помош на населението и на стопанството.
Во Чешка електричната енергија и гасот се ослободени од ДДВ. Енергијата од обновливи извори е ослободена од даноци. Националната банка ги кредитира малите и средни претпријатија преку финансиска помош без камата, додека пак за индустријата се воведени цела серија даночни ослободувања.
Во Германија на сиромашните семејства државата им ги покрива сметките за греење и финансиски ги подржува преку еднократни субвенции. Таму е намален и данокот на доход, како и даноците за превоз на студенти и на лица со ниски примања, како и многу други финансиски олеснувања.
Франција се одлучи за енергетски ваучер за оние со плата пониска од 2.000 евра, ограничување на цените на бензинот до крајот на 2022 година, намален данок за струја и попуст на дизелот за возачи.
Австрија дели енергетски ваучери од 150 евра, не се плаќа царина за зелена струја, до 90% се намалени тарифите за гас и електрична енергија до средината на 2023 година, дели субвенции за превоз на вработените, им нуди поддршка на компаниите во случај на доцнење со плаќањето на даноците и на другите јавни давачки и дава инвестициски субвенции за намалување на зависноста од руски гас.
Холандија го намали данокот на енергија за домаќинствата и компаниите за 2022 година, нуди поддршка за ранливите домаќинства со високи сметки за енергија, дава енергетска социјална помош за лица со примања до 800 евра, ја намали стапката на ДДВ од 21% на 9% и ги намали акцизите на дизелот и на бензините на 21%.
Шведска дава 195 евра за најпогодените семејства, намалување на даноци за дизелот и за бензините и замрзнување на обврската за намалување на стакленичките гасови.
Белгија има предвидено енергетски ваучери од 100 евра, Фонд за гас и за електрична енергија за домаќинствата, намалување на ДДВ-то за струја од 21% на 6%, намалување на даноците на дизелот и на бензинот за 17,5 центи на литар, како и продолжување на животниот век на два нуклеарни реактора за 10 години.
Данска дава 800 евра помош за греење за најпогодените домаќинства и поддршка за замена на системите за греење со природен гас.
Естонија ги намали цените за домаќинствата со ниски приходи и надоместоците за мрежата за 50%.
Финска презема постојани насочени мерки фокусирани на транспортот и на претприемачите во земјоделството, како на пример, зголемување на максималната одбивка за патни трошоци од 7.000 евра на 8.400 евра, намалување на цената на дизелот за професионални возачи, намалени даноци за струја, директни субвенции за земјоделскиот сектор, трајно ослободување од плаќање данок на недвижен имот за земјоделски објекти и за логистичкиот сектор, инвестиции во водородни батерии.
Ирска воведе даночни олеснувања за гарантираните трошоци за греење и за електрична енергија и поволни кредити за реновирање станови.
Италија се одлучи за отстранување на општиот систем на давачки во енергетскиот сектор и намалување на општиот данок на сметки за гас, намалување на ДДВ-то за користење гас, плаќање сметки за енергија на рати, поддршка на домаќинствата со ниски приходи, 20% даночни олеснувања за сите енергетски интензивни компании, зголемување на социјалните бонуси и намалување на цените на бензините до 25 центи, како и за даночно олеснување за фирмите за набавка на струја за 25%.