Хрватска ја имаше Колинда Грабар-Китаровиќ, која беше и прва директно избрана жена-претседател во државите на Западен Балкан. Косово може да се пофали со Атифете Јахјага. Јадранка Косор беше премиерка на Хрватска. На чело на владата на босанскохерцеговскиот ентитет застана Жељка Цвијановиќ.
И додека на прв поглед може да се каже дека на традиционално- конзервативниот Балкан дојде до позитивни движења во поглед на рамноправноста на половите во политиката, сепак промените се мали.
Луѓето може да ги перципираат жените само кога се претставуваат во некоја форма на фикус, украс на демократијата. Но, таму каде што жената има навистина моќ, каде што ги контролира процесите и парите, на таа позиција тешко може да се прифати. Често во медиумите се коментира и изгледот на политичарката. Многумина забораваат дека на изборите не се бира мис на парламентот, туку политичка личност.
Генерално живееме во реформите кои ги започна Маргарет Тачер, идејата која со колонијализмот ја спроведе Голда Меир и демонстрацијата на моќта, која ја бранеше Индира Ганди.
Во меѓувреме светската политичка сцена ја одбележа појавата и владеењето на германската канцеларка Ангела Меркл.
Непобитен факт е дека жените во европската политика сѐ уште немаат превласт. Иако според Форбс, највлијателна жена во политиката во 2023 година беше Урсула фон дер Лејн, претседателката на Европската Комисија.
Новите претседателски избори може да ја сменат комплетната слика на Македонија. На прагот сме да ја добиеме првата жена претседател, Гордана Силјановска-Давкова од редовите на ВМРО–ДПМНЕ.
Истото важи и за парламентарните избори. А за промените ќе бидат задолжени и Дафина Стојановска, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во 6. изборна единица, Жаклина Пешевска, претседателка на Унијата на жени и Марија Митева, портпаролка на истата партија.
Тие се автентични, со сопствен стил и влог, со себепочитување и почитување на своите. Доволно да заклучиме дека и македонските политичарки би можеле да станат пример за Европа.
Стојановска: „Никогаш не сум размислувала за тоа како ме гледаат или што зборуваат другите за мене.“
ДАФИНА СТОЈАНОВСКА
Дафина Стојаноска (49) е од Гостивар, по професија е доктор по стоматологија и магистер по менаџирање со човечки ресурси во областа на општествените и социјалните дејности. Мажена, мајка на две полнолетни деца. Комуникативна, посветена на зададените задачи, секогаш достапна за луѓето, секогаш со повратен одговор на добиено прашање. Колегите од пратеничката група ѝ го дадоа прекарот „класна“, веројатно поради заменик-координаторската позиција и грижата за нивната присутност, активност, подготвеност со материјали и „кондиција“.
„Редовно следам и читам вести, колумни, следам ТВ-гостувања и размислувам за секој следен чекор, коментар, говор или јавен настап. Сакам да слушам критики од искусни луѓе, но сакам и меѓу блиските да се исклучам од политиката или да пешачам со сестра ми и нејзиното куче, разговарајќи или молчејќи“, открива Стојаноска.
Мотивот за влез во политиката била поканата да помогне со дела за подобра држава и подобра иднина. На добиената понуда, веднаш позитивно одговорила и до денешен ден работи со максимална посветеност и енергија.
„Активна сум повеќе од 15 години и воопшто не се чувствувам изморена или истрошена. Мене контактите со луѓето ме возобновуваат и ме мотивираат да продолжам со уште поголемо темпо. Мојот татко во 60-те години на минатиот век го напуштил Гостивар за да студира во Белград. Поради овој факт, сите очекуваа од него во време на распадот на поранешна Југославија, да биде најголемиот поборник за останување во нејзините ,прегратки‘. Напротив, и пред тоа да се случи, а особено за време на распадот, тој секогаш дома ни раскажуваше за Методија Андонов-Ченто, за самостојна Македонија и за македонската богата историја. Бидејќи за девојчињата се вели дека нивни први херои се татковците и дека и своите следни херои ги бараат по теркот на татковците, и за мој животен сопатник избрав личност која е „непоправлив“ Македонец и која секојдневието го користи за да зборува, чита и мисли за Македонија, за нејзините историски личности, за минатото и за иднината. Имајќи ги овие два хероја во мојот живот, многу логично и очекувано е да ја одберам ВМРО-ДПМНЕ за моја опција, мој идеал и моја опсесија“, вели Стојаноска.
Политичарите од Западот прво ја гледаат функцијата, а потоа жената што ја извршува. На оваа констатација има свој одговор: „Никогаш не сум размислувала за тоа како ме гледаат другите или што зборуваат за мене. На овој принцип сум ги воспитала и моите деца. Секогаш добро размислувам пред што било да преземам или да направам, па така дејствував и во периодот на мојата јавна функција како пратеничка. Ова е моето мото и сметам дека некогаш не ни требаат примерите од Западот, туку личните, кои, секако, ќе се обмислени, поткрепени со аргументи и сигурни во изложувањата. Жената-политичарка во Македонија не е никакво чудо. Таа треба само да е пример дека е рамноправна со колегите, а за тоа не ѝ требаат примерите од Запад, туку нејзината самодоверба, квалитет и достоинство.“
„По втор пат по ред ќе ја предводам листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во ИЕ 6. И во 2020, а и сега, на луѓето на кои ќе им се обраќам, како и на останатите кандидати од листата, ќе им кажам дека и тие се носители, дека сите сме носители на обврската да ја спасиме Македонија од овој хаос. Моите гласачи ќе ги добијам со мојата непосредност, нормалност и искреност. Во однос на ветувањата, тие ќе ги има во изборната програма, чија промоција е на 23 и 24 март. Според мене, огромна штета е што Македонија, земја богата со плодна почва, води, шуми и со сончеви денови, стана земја зависна од увоз на струја и увоз на храна, додека плодното земјиште ни се распродава или се искористува за намени што се сосема неприродни и неавтентични на поднебјето. За мене најбитно е да ја исправиме Македонија на нејзини ,нозе‘ и да направиме да биде промовирана од она што е нејзино, а тоа се плодната почва (од која може да си ги развиеме земјоделството и економијата), пребогатата култура и историја, како и исклучително преубавите места за развивање на туризмот“, цврста е Стојаноска во своите ставови и дополнува дека Македонија моментално се наоѓа во една длабока бездна. Секоја област е уништена и руинирана, институциите не ни функционираат, економијата ни е колабирана.
„Најнискиот економски раст е најголемиот проблем што, последователно, го носи вториот, а тоа е иселувањето. Трет проблем, според мене, но и според она што го слушам од загрижените сограѓани, е негрижата за здрава животна средина. За ова, секако дека се највиновни луѓето од власта, но не помалку виновни ќе бидат и оние што знаејќи за сета оваа негрижа и тотален колапс, ќе одлучат на следните избори да останат дома. Седењето дома нема да ја казни актуелната власт за уништувањето на Македонија. Седењето дома не е решение, туку немање храброст и одлучност“, посочува Стојаноска.
Според неа, младите се нашите сојузници во оваа битка и затоа, овие избори, тие ќе одлучат дали ќе останат и ќе се борат и изборат за својата подобра иднина или ќе се откажат од борбата и ќе си заминат.
„Јас ќе им подадам рака на младите, ќе им ги покажам нашите планови за следните 4 години и ќе ги замолам да ни ја дадат последната шанса. Ја знаеме сериозноста по изборната победа, а таа е одговорноста за квалитетно образование, за отворање на вратите за успешните и квалитетните, за вработувања без партиски влијанија и за напредувања по заслуги, а не по врски. Младите не сакаат никакви привилегии, туку сакаат квалитетни и навремени услуги, плати според сработеното и нивно активно вклучување во креирањето на нивната иднина. ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период издвои и им даде шанса на многу млади и квалитетни луѓе како што се пратениците: Бојан Стојаноски, Јован Јаулески и Марија Петрушевска, како што се и членовите на техничката влада: Стефан Андоновски, Ѓоко Велковски и Панче Тошковски, како што е портпаролката Марија Митева, како што се градоначалниците на Бутел, Охрид, Кисела Вода, Ресен, Штип, Аеродром, Гази Баба, Карбинци. Истиве овие млади луѓе на дело покажаа и докажаа дека квалитетот и младоста се силното оружје на ова ВМРО-ДПМНЕ. Тие се предвесниците на нашите промени и адутот за реализација на нашите ветувања“, истакнува Стојановска.
На прашањето кој е нејзин идол во политиката, избира да се угледа на личности кои ѝ се поблиски по менталитет и по начин на живот.
„За мене одличен пример за жена-политичарка е Маријана Петир, актуелна хрватска пратеничка и бивша европратеничка. Ми се допаѓа што е скромна, пристојна, културна, народна, природна и многу активна. Посебно ја ценам затоа што е наша силна и искрена поддржувачка. Петир, со нејзината борба за Македонија, стана поголема Македонка од многу Македонки. По примерот со Гоце Делчев, можеби и ,ризикува‘ во некоја далечна иднина некои квазиисторичари да ја оквалификуваат за Македонка“.
Стојаноска појаснува на кој начин жена-политичарка може да остави трага не само овде, туку и на европската политичка сцена.
„Природноста и својот начин на работа, борба и изразување се нешта што треба да се одлики за секој поединец. Неодамна добив оцена од еден мој соработник и строг критичар. Ми напиша: ,Нема поискрена и попозитивна личност во политиката на Балканот‘. За мене, познавајќи го соработникот во неговата искреност и експертиза, ова значи многу, но уште повеќе ми е сатисфакција дека може да се успее и да се остави трага, па и во Европа, единствено со едноставност, силна посветеност и свој стил, без никакво и ничие имитирање. Народот знае да препознае и само народот може да ве направи славни или омилени. Ниедна скапа реклама не може од вас да направи нешто повеќе ако нема во вас нешто навистина искрено и природно. А, трагата како трага, ја оставаат или не, подеднакво и жените-политичарки и мажите-политичари. За мене полот воопшто не ја менува улогата во оставањето трага“, вели Стојаноска.
За промените со кои ќе ги направат среќни Македонците, истакнува дека среќата е релативна работа. Некој се чувствува среќен со многу пари, некој само со здравје, друг со искрена љубов, трет со независно живеење.
„Ако се обидеме барем малку да ги растераме овие темни облаци над Македонија, сметам дека тоа ќе е доволен предзнак за сонцето што ќе ја огрее. Тоа значи дека, за почеток, ќе треба да го направиме функционален системот на казнивост за оние што ги прекршуваат законите и Уставот, кои крадеа и склучуваа тендери во четири очи, да започнеме со една робусна работна акција и да поставиме компетентни квалитетни луѓе на секоја одговорна позиција. Луѓе што ќе се подготвени за соочување со криминалци и со неработници и кои ќе се доволно храбри и одлучни да им се противстават и да им го покажат соодветното место. Од нас се очекува многу затоа што во нас се гледа единствениот излез и последната можност за спас. Мотивирани сме и подготвени за овој предизвик. Личниот пример е единствениот доказ за нашата подготвеност. Христијан Мицкоски досега на дело покажа дека избира само квалитетни луѓе. Оние што ја изневерија неговата доверба и кои не го испочитуваа договореното, ја почувствуваа неговата одлучност и спремност за расчистување по брза постапка. Така беше досега. Така ќе биде и во иднина. Македонија нема повеќе време и простор за грешки“, посочува Стојаноска.
Односот кон жената-политичарка се гради во самата партија и многу зависи од самиот лидер. Меѓу своите колеги не се чувствува поинаку, ниту помалку ниту повеќе.
„Кај нас важи правилото за рамноправност и демократија во искажувањето став или мислење, како и во носењето одлуки. Со Мицкоски се запознав во партијата и нас нѐ поврза единствено работата, искреноста и посветеноста. Во секое време можам да го консултирам, да го прашам или да му дадам свое мислење. Тој цени луѓе со став и со аргументи и на таквите секогаш има дава простор. Ниту еден мој сопартиец не направил да се почувствувам непријатно или загрозено. Впрочем, секоја релација вклучува минимум две страни. Јас никогаш не дозволувам да ги преминам границите на пристојноста или на привилегираноста. Нудам и барам фер и искрен пристап кон секого и кон сѐ. Такви луѓе има во ВМРО-ДПМНЕ, таков е и лидерот Мицкоски, и затоа ова ВМРО-ДПМНЕ е моментално најсилната политичка организација во Македонија. Нашата сила е во поединецот, но и во меѓусебното почитување и поддржување“, појаснува и дополнува дека очекуваат победа на изборите, пред сѐ затоа што ќе е заслужена и сработена.
„Сепак, иако сите анкети и секој човек знае и зборува за нашата победа, јас сметам дека најточната анкета ќе биде исходот од изборите. Никогаш не се радувам на брз успех, ниту пак живеам од стара или нова слава. Успехот и победата мора максимално да се сработат и да се заслужат. Победата ни е на дланка и секако дека сме подготвени за неа. Но, кога велам подготвени, мислам на изборот на кандидатката за претседателка Гордана Силјановска-Давкова, на кандидатите за пратеници и на нашата целокупна мотивираност за работа и за ангажман за целосна обнова на Македонија“, заклучува Стојаноска.
За разликата меѓу македонска политичарка и балканската и на прашањето ќе дојде ли време за жена-премиерка во Македонија, вели дека не се доживува себе си воопшто поразлично од која било балканска или европска политичарка.
„Јас ја сакам автентичноста, а таа се гради со сопствен стил и влог, со себепочитување и почитување на своите. И Македонија е држава која се наоѓа во Европа и зошто некогаш не помислиме дека и македонските политичарки би можеле да станат пример за Европа? Жалам кога ќе ја видам понизноста кон туѓите авторитети и неценењето на домашните. Јас верувам и се борам за тоа еден ден Македонија да стане пример за добри вредности. И не треба да се чека да дојде тоа време, туку треба да се сработи во ова време, да му се остави простор на квалитетот и да се заборави на негативната селекција. Стоејќи во окружување со неквалитетот, не напредуваме, туку се залажуваме дека сме најдобрите и дека оние отстрана што ни се потсмеваат – нѐ мразат и ни завидуваат. Огледалата да си ги скриеме во фиоките и да се соочиме со реалноста, а таа нѐ предупредува и ни алармира дека е крајно време за освестување и за градење на авторитетна Македонија. Македонија во која премиерка нема да биде чудо, туку заслужена и сработена позиција“, вели Стојаноска.
Жаклина Пешевска во македонскиот Парламент.
ЖАКЛИНА ПЕШЕВСКА
Жаклина Пешевска (45) дипломиран инженер-технолог е мажена и мајка на три деца.
Мотивот за влез во политика ѝ бил предизвикот за промени, можност за професионален раст, учење и надградување. Во политиката интензивно е активна, тоа значи 12 години речиси по цел ден, а член во партијата е 19 години. Речиси 8 години е пратеник во Собранието. Патем била три години потпретседателка на Унијата на жени на ВМРО–ДПМНЕ во Гази Баба, потоа пет години претседателка на УЖ Гази Баба и веќе четврта година претседателка на УЖ на републичко ниво.
„Процесот на обучување на жените што веќе се вклучени во партијата, некои од нив на одредени функции, го спроведуваме преку својата политичка академија на УЖ, конференции и обуки со меѓународни организации, форуми, здруженија, соработка со невладини организации. Паралелно работиме на привлекување нови кадри, жени препознаени во своите средини, општини. Ги мотивираме да работат на себе преку образование, надградба на своите знаења и вештини за да можат да се интегрираат и во општеството и во политиката. Најголема промоција правиме преку своите активности низ целата држава во текот на целата година. Годишно имаме околу 2000 активности на централно ниво, кои ги опфаќаат сите целни групи, жени, млади, пензионери, лица со попреченост, жени-претприемачки, занаетчики, земјоделки, самохрани родители, семејства во социјален ризик, многудетни семејства. Активности посветени на актуелни теми и случувања во државата“, вели Пешева и дополнува дека не е доволно жените да бидат само амбициозни за високи функции. Треба и мора да поседуваат свои способности, образование, квалификации за да успеат и да се задржат на функционерските места. Вештините се учат попатно.
Пешевска: „Работиме на привлекување нови кадри, жени препознати во своите средини, општини.“
„Притоа, жената на функција во исто време е и домаќинка и мајка. Рамнотежата се постигнува со поддршка и разбирање од семејството. Дополнителен бенефит за семејството е добрата економска состојба на жената, нејзиното активно вклучување на пазарот на трудот во која било област придонесува и за нејзин поквалитетен и поисполнет живот. Плус придобивка за општеството“, вели Пешевска.
Во Шведска е забранета работата на парламентот по 17 часот за да може жената како мајка да има свој придонес во семејството. На прашањето дали сме далеку од тој закон и дали со нивната активност ќе се обидат да сменат нешто, Пешевска посочува дека би сакала како мајка да има повеќе време со семејството и секако би се борела за таков закон да се донесе и кај нас.
„Иако ангажираноста на жената не зависи само од нејзината работа, посебно во политиката. Односот на жената-политичарка се гради уште од семејството. Ако е таа прво пример во семејството, станува пример и во партијата, а потоа и во општеството. Зависи и од лидерот, кој за среќа во нашата партија ни дава целосна слобода и секоја функција е голем простор за работа, докажување и надградување. Христијан Мицкоски е претседател што не попречил никого во дејствувањето и во нашето учество и во меѓународни конференции, напротив, нѐ мотивира да учествуваме секаде. Со тоа поттикнува креативност и мотивација за уште повеќе да работиме“, појаснува Пешевска.
Има неколку жени политичарки за идоли. Една од нив е Маргарет Тачер поради нејзината цврстина, став, мудрост и прецизност во искажувањето.
„Од истокот Индира Ганди, која покажа ретка храброст во едно многу комплицирано општество. Ангела Меркел, германската канцеларка, која функционираше во неколку големи кризи во Европа. Фасцинирана сум од некои жени кои беа своевремено први дами, а некои од нив потоа и многу политички активни, како Хилари Клинтон, Мишел Обама. Од оние кои лично ги познавам, Дорис Пак, бивша европратеничка и политички активна неколку децении, 20-ина години претседателка на жените во Европската народна партија, Маријана Петир, бивша европратеничка, сега пратеничка во Хрватскиот сабор и голема пријателка на Македонија. Последниве години фасцинантна и многу динамична кариера има Роберта Метсола, претседателката на Европскиот парламент“, открива Пешевска, која очекува голема победа на следните избори и која вели дека се подготвени за тоа. Време е да почнат да се менуваат работите на подобро во државата. Пешевска има моќна порака до сите жени.
„Секоја жена да биде вклучена во процесот на носење одлуки на кое било ниво, интегрирана во општеството преку својата работа и ангажман. Бидете тимски играчи, опкружете се со успешни жени, тие не се ваша закана туку ваша додадена вредност. Најдете време за себе, за семејството и за пријателите“, апелира Пешевска.
Митева: „За нас на 9 мај започнува работа и оправдувањето на довербата на граѓаните.“
МАРИЈА МИТЕВА
Марија Митева (32) магистер по деловно право на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со положен правосуден испит.
„Моето потекло и семејно воспитување играат значајна улога во обликувањето на моите политички убедувања и мотивации. Поврзаноста со ВМРО-ДПМНЕ произлегува од моето длабоко вкоренето чувство на љубов, обврска и должност да ги поддржувам македонските национални интереси и да гледам со особена почит на жртвите на нашите предци поради кои ние денес имаме држава. И мислам дека не е невообичаено како поединци да чувствуваме силна приврзаност кон одредена политичка партија врз основа на споделените културни или историски искуства како и поради чувството на континуитет со минатите генерации. Често велам дека мојата посветеност на ВМРО-ДПМНЕ ја одразува намерата да го продолжам наследството на политичката идеологија на моето семејство и да придонесам за подобрување на мојата земја и нашиот народ“, открива Митева и дополнува дека тука некаде лежи и мотивација за политичкиот ангажман, исклучиво во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, што во целост се согласува со нејзините вредности и верувања.
„Политиката би ја дефинирала како брза, динамична и интелектуално стимулирачка. Водена сум од желбата да развијам и да имплементирам ефективни политики што го подобруваат општеството и ги решаваат итните прашања. Но, имам и силно чувство на должност да придонесам преку моето дејствување и постапување за Македонија. Оваа длабоко лична мотивација веќе 14 години ме поттикнува да дадам свој значаен придонес за ВМРО-ДПМНЕ и за поширокиот политички пејзаж во остварувањето на целите и идеалите“, вели Митева.
Митева како портпаролка стекна нови симпатии кај народот, со убавината, но и со елоквентноста, брзината на реагирање, соодветен одговор. Според неа, да се биде прва жена портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ е огромна чест, но уште поголема одговорност. Самата позиција бара силни комуникациски вештини, вклучително и способност да се артикулираат идеите јасно и убедливо. Ова често вклучува самоуверено зборување на јавните настапи, ефикасна и ефективна комуникација со медиумите со цел пренесување на клучните пораки до различна публика. Јас и приватно сум личност која кога давам ветување не отстапувам од тоа, така беше и за оваа работа. Пред официјално да застанам зад партиската говорница како портпаролка, посветив време на усовршување на своите комуникациски вештини, справување со интервјуата и ефикасни одговори на предизвикувачки прашања. Портпаролската позиција според мене е комбинација од повеќе нешта, но најпрво длабоко разбирање за прашањата што ги претставуваме, подготвеноста да се одговорат прашања на јасен начин и да се даде свој придонес кон развојот на политиките и позициите на партијата“, вели Митева и ги акцентира суштинските особини за успешно извршените задачи.
„Тие се довербата и сталоженоста бидејќи многу често треба да останеме смирени и присебни под притисок, особено за време на интервјуа или прес-конференции од висок профил. А, можеби најтешката задача е да инспирираме доверба кај публиката. Како и секоја вештина, да се биде портпарол бара постојано учење и развој. За мене лично, одлуката да се преземе улогата на портпарол на ВМРО-ДПМНЕ и храброста да се направи тоа произлезе од комбинација пред сѐ на лично убедување, но и од поддршката на моите најблиски, кои веруваа дека мојата темелна посветеност ќе ги унапреди целите и вредностите на нашата организација“, појаснува Митева.
Митева: „Уверена сум во победата, ќе биде огромна победа. Верувам во нашиот тим и во нашата платформа.“
Според неа, перцепцијата на жените на политички позиции варира во зависност од културните, општествените и политичките норми во одредена земја или регион.
„Факт е дека во западните земји има сѐ поголем акцент на родовата еднаквост и признавањето на лидерските способности на жените. Но, сепак, дури и во овие општества, родовите предрасуди и стереотипи сè уште влијаат на перцепциите за жените-политичарки. Во Македонија жените многу често се соочуваат со нееднаквости на работното место, пониски плати, ограничени можности за напредок во кариерата и дискриминација врз основа на пол. За мене е неприфатливо во XXI век на жените сѐ уште да им се оневозможува еднаков третман и можности само поради тоа што се жени. Мора да се стремиме да создадеме работна средина каде што жените ќе бидат ценети и почитувани. Често велам дека кога ќе имаме исти можности, тогаш нема да зборуваме за жени или мажи лидери, туку само за лидери. Тогаш ќе дојде времето кога ќе се зборува за можности врз основа на знаења, способности, компетенции и вештини без разлика дали станува збор за мажи или жени“, вели Митева.
Жените во Македонија се доволно амбициозни да сакаат битни функции во општеството, но од друга страна, колку е општеството организирано на соодветен начин за да им даде можност подеднакво да му се посветат и на семејството? На ова прашање Митева одговара дека балансирањето на аспирациите за кариера со семејните обврски е предизвик со кој се соочуваат многу жени низ светот, вклучително и во Македонија.
„Способноста на жените да извршуваат важни позиции, а истовремено да управуваат со своите семејни обврски зависи од различни фактори: политичките, општествените ставови, но и индивидуалните околности. Сепак, степенот до кој Македонија е организирана на адекватен начин за поддршка на жените во овој поглед многу варира. Кај нас општествените ставови и културните очекувања многу влијаат врз остварувањето на овој баланс. Во некои случаи, традиционалните норми наметнуваат поголем товар на жените, да им дадат приоритет на семејните обврски пред својот напредок во кариерата. Напорите овие состојби да се подобрат за мене подразбира работа заедно за да ги срушиме бариерите што ги кочат жените и да создадеме поправеден систем. Со инвестирање во образование и еднаков пристап до ресурси, можеме да го отклучиме нашиот целосен потенцијал и да обезбедиме посветла иднина за сите. Само така ќе им овозможиме на жените да ги реализираат своите професионални цели, а истовремено да ги исполнуваат своите семејни обврски“, посочува Митева.
Како жена, секогаш вели дека е природно и нормално да црпиме инспирација од жените што пред нас ни го отвориле патот за ова што ние денес го имаме како можност или привилегија.
„Но, лично, мојот карактер не идеализира, мислам дека таквиот пристап ѝ оневозможува на секоја индивидуа да биде најдобрата верзија од себе. Во обликувањето на личноста никогаш не се доживувам себе само како жена-политичар, не го користам фактот дека сум жена за да барам поволности или привилегии поради тоа. Мојата реакција на тоа е дека ова е најголема чест што ми беше дадена и можност да ги променам работите, па подобро да продолжам со фокус на тоа. Најважно е да знаеме дека предизвиците и неуспесите се неопходни компоненти на успехот. Кога работите стануваат тешки, тоа не е секогаш знак дека правиме нешто погрешно, често е знак дека правиме нешто правилно. Мои идоли се жените-политичарки што преку дела ја подржувале оваа филозофија“, појаснува Митева и дополнува дека нивната кампања е фокусирана на решавање на проблемите и на лошите состојби, на претставување на нивната визија за иднината на нашата Македонија.
„Уверена сум во победата, ќе биде огромна победа, убедена сум во нашиот тим и во нашата платформа. Победата на изборите би била резултат на напорната работа и посветеноста на целата наша партија, а јас сум посветена и подготвена да го дадам својот удел и да придонесам. Да ја соопштам победата е чест, се разбира дека сум и повеќе од подготвена да ја артикулирам нашата порака јасно и убедливо до електоратот. За нас, од 9 мај започнува работа и оправдување на довербата на граѓаните“, заклучува Митева.