Мал пораст на пензиите во Македонија, како живеат постарите граѓани на Балканот?

Мал пораст на пензиите во Македонија, како живеат постарите граѓани на Балканот?

На стартот на октомври, македонските пензионери добија едвај 5,3% покачување на месечните примања. Граѓаните од третото доба останаа со празни раце и очигледно незадоволни излегуваат на протести низ повеќе градови во републиката. Бараат линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари за секој пензионер, а не процентуален пораст согласно со сегашната методологија. Дополнително бараат зголемување на минималната пензија до нивото од 18.000 денари. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, застана категорично против ваквиот предлог. Вели дека методологијата мора да се почитува и пензионерите со поголеми примања не треба да се дискриминираат. За неа е доволно и тоа што во Македонија ќе немало пензија пониска од 13.000 денари. Сепак, состојбата на терен покажува дека и покрај порастот, најголем дел од пензионерите и натаму спаѓаат во категоријата сиромашни и едвај крпат крај со крај. Едноставно, зголемувањето не им го подобри нималку животниот стандард.

Ниту над 6, ниту 6%, колкаво покачување добија македонските пензионери?

Покачувањето е најголемо кај најбогатите, а најмало кај пензионерите со најниски месечни примања. Ова значи дека, на пример, ако пензионерот добивал минимална пензија од 12.500 денари, добил покачување од неполни 700 денари. Инаку, пензија до 13.000 денари земаат најголем дел од пензионерите во Македонија или 97.000 постари граѓани. Оние што земаат  просечна инвалидска пензија од околу 17.000 денари, добија речиси 900 денари покачување. Оние со примања од 22.000 денари, добија плус 1000 денари на своите трансакциски сметки. Што значи дека ако пензионер зема просечна воена пензија, на пример, од 27.000 денари, со новиот износ добил нешто над 1400 денари покачување, односно пензијата сега му изнесува 28.500 денари.

Пензијата, согласно со новата методологија, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени. И покрај тоа што Владата се фали со таканаречената „нова“ методологија, истата Влада, пред неколку години, кога просечната плата енормно порасна, намерно законски ги исклучи пензиите од „равенката“. Сега, пак, кога го враќа старото решение во сила, се фали дека направила нешто плус, односно дека пензионерите добиле нешто повеќе, а не нешто што претходно им било ускратено. 

Протест на пензионерите. | Извор: курир.мк

Протест на пензионерите. | Извор: курир.мк

Инаку, со исплатата во октомври, престанува и практиката за предвремена исплата на пензии. Оваа поволност пензионерите почнаа да ја добиваат за време на пандемијата со Ковид-19, кога деловните банки почнаа со исплата на пензии една седмица пред предвиденото, односно во последната недела од претходниот месец.

И во другите држави во соседството, инфлацијата „им ги јаде“ парите на граѓаните, меѓу кои се и пензионерите. Се чини, тамошните власти имаат повеќе слух од македонските кога се во прашање помошта и зачувувањето на стандардот на оние што заслужено бараат пристоен живот бидејќи веќе одамна „си го одработиле своето“ и придонеле со плаќање даноци и придонеси, како и со својот труд во развојот на државата каде што живеат.

Српскиот претседател Вучиќ пресметува повисоки пензии. | Извор: mondo.rs

Српскиот претседател Вучиќ пресметува повисоки пензии. | Извор: mondo.rs

Србија

Македонските пензионери со право се жалат со оглед на тоа дека нивните врсници во Србија ќе добијат по 170 евра повеќе на своите сметки. Имено, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во своето обраќање до јавноста најави историско зголемување на пензиите веќе од октомври од 5,5%, а освен тоа најави и низа поволности преку т.н. пензионерски картички. Тој најави дека над 1.600.000 пензионери ќе се радуваат бидејќи покрај најавените покачувања на пензиите, од 25 ноември до 5 декември, ќе добијат и по 20.000 динари (170 евра) еднократна помош. Според најавите, во соседна Србија, по Нова година во јануари, се очекува ново зголемување на пензиите и тоа од 14,6%. 

„Би ги замолил пензионерите да ги земат овие пензионерски картички, ќе има бројни попусти, ќе им значи сето ова. Многу работиме да им обезбедиме попусти во разни маркети“, рече Вучиќ.

И покрај најавените покачувања, претставниците на пензионерите во соседна Србија остануваат незадоволни. Велат дека просечната пензија во Србија изнесува 37.800 динари или 322 евра, додека просечната плата достигнала 85.000 динари или 723 евра. Не ги радува многу фактот што просечниот пензионер во Србија зема едвај 42% од она што го зема сега просечниот работник. 

Милан Грујиќ, претседател на Синдикатот на пензионери кој преговара со Владата, рече дека нивниот предлог е најавената солидарна помош за пензионерите која ќе се исплати еднаш, да не се распределува линеарно, туку селективно, со што пензионерите со најниски примања ќе добијат најголем износ. Бараат да бидат исклучени оние со пензии над 100.000 динари (853 евра).

Во барањето за средба со премиерката Брнабиќ, здруженијата на пензионерите наведуваат дека „во последните две години има драматично осиромашување на пензионерската популација предизвикано од постојаното зголемување на цените на прехранбените производи, енергијата, трошоците за домување и на лековите, поради што дури околу милион припадници на најстарата возрасна група се нашле на работ на физичкиот опстанок“.

Според податоците со кои располагаат здруженијата, во Србија пензија до 37.800 динари (322 евра) имаат 980.000 пензионери, а од нив 600.000 до 30.000 динари (256 евра). 178.000 добиваат пензија од 15.000 до 16.000 динари (или од 128 до 136 евра), а 300.000 до 25.000 динари (213 евра). Во Србија има 32.000 луѓе со приходи поголеми од 100.000 динари (853 евра), што е само 2,3% од вкупното пензионерско население.

Највисок раст на пензиите во Хрватска. | Извор: Patrik Macek PIXSELL

Највисок раст на пензиите во Хрватска. | Извор: Patrik Macek PIXSELL

Хрватска

Рекордно зголемување на пензиите најавува и хрватската Влада. Тамошните граѓани со нетрпение очекуваа државната статистика да излезе со информации за стапката на инфлација, па сега пресметката покажува дека процентот на усогласување и зголемување на пензиите е точно 8,42%.

Пензиите во Хрватска се усогласуваат на 1 јануари и 1 јули секоја календарска година. Исто така, важно е да се напомене дека ова е и најголемото усогласување досега, бидејќи овој модел на раст на пензиите заснован на промените на платите и на инфлацијата беше воведен во далечната 1999 година.

Хрватска е меѓу првите земји на Балканот која оваа година исплати еднократна помош за најстарите граѓани. Околу 50.000 пензионери летово добија од 60 до 160 евра плус на своите сметки како помош поради енормно високата инфлација што ја зафати земјата.

Просечната старосна пензија во Хрватска во моментов изнесува 436 евра, додека семејните и инвалидските пензии се пониски и до 100 евра.

Минималната возраст за пензионирање во Хрватска во моментов е 65 години и стекнат 15 години пензиски стаж за мажи и 63 години за жени. До 2030 година, возраста на пензионирање треба да се изедначи на 65 години за двата пола, а под одредени услови, предвремено пензионирање е можно дури и 8 години порано.

За оние што не сакаат да чекаат редовно пензионирање, хрватскиот закон им дозволува на работниците да го направат тоа предвреме, но неопходно е тие да исполнат одредени услови за да го остварат правото на пензија. За мажите тоа е 60 години живот и 35 години пензиски стаж, додека жените можат да одат во пензија со 57 години во периодот од 2020 до 2029 година.

Во овој случај, пензијата во Хрватска трајно се намалува за 0,2% за секој месец на предвремено пензионирање, без оглед на должината на пензискиот период. Исплатата на пензија не му се суспендира на корисник на предвремена старосна пензија кој е во постапка на остварување на правата во работен однос до половина од полното работно време.

5% зголемување за Црногорците. | Извор: AA

5% зголемување за Црногорците. | Извор: AA

Црна Гора

Во Црна Гора пензиите ќе бидат покачени за 5%, со што минималната пензија од октомври е околу 300 евра. Просечната пензија во Црна Гора досега изнесуваше 405 евра. Ваквата одлука тамошната Влада ја донесла кон средината на септември по бранот незадоволства на најстарата категорија граѓани по шокантните поскапувања на многубројни производи и услуги. 

Министерот за финансии, Александар Дамјановиќ, изјави дека на овој начин минималната пензија ќе изнесува две третини од минималната плата, која е 450 евра.

„Тоа беше нашето ветување за пензионерите. Има околу 30.000 пензионери. Споредено со она што го најдовме во минатата година во април, ова е евидентна промена. Желбата е да се создадат услови Фондот ПИО да ги финансира сите овие обврски преку сопствени приходи и без трансфери од буџетот. Со ова силно потврдуваме дека сите разговори за укинување на Фондот на ПИО би биле катастрофални. Фондот на ПИО во најголем дел сам се финансираше во оваа година. Пожелно е во наредниот период да се создадат услови да профункционираат доброволните пензиски фондови кои никогаш не оживеаја“, рече Дамјановиќ.

Тој рече дека ќе се зголеми и просечната пензија, која сега е на нивото од 405 евра, а желбата е таа да достигне 60% од просечната плата во земјата.

Најголеми корекции на пензиите во Босна и Херцеговина. | Извор: slobodnabosna.ba

Најголеми корекции на пензиите во Босна и Херцеговина. | Извор: slobodnabosna.ba

Босна и Херцеговина

Просечната пензија во Босна и Херцеговина е околу 674 конвертибилни марки, што е еднакво на 344 евра. Мајската пензија со исплатата во јуни претрпе нагорни вонредни корекции. 

Според ова вонредно усогласување на пензиите, најниската пензија за мај изнесува 538,27 КМ, гарантираната е 642,40 КМ, додека највисоката пензија е 2.626,42 КМ. Најголем број пензионери, 358.471 лица, се корисници на просечна пензија, која сега изнесува 674,68 КМ. Босна и Херцеговина исплаќа примања на 436.337 корисници.

И покрај порастот на пензиите, пензионерите во БиХ не живеат подобро од претходно. Со овие примања не покриваат ниту 24% од потрошувачката кошничка што ја пресметува синдикатот.

Делина Ибрахимај, министер за финансии на Албанија. | Извор: argumentum.al

Делина Ибрахимај, министер за финансии на Албанија. | Извор: argumentum.al

Албанија

Пензиите претрпеа зголемување и во Албанија. Премиерот Еди Рама во септември најави дека сите пензии ќе бидат покачени, со што просечната пензија  се зголеми на 18.794 денари (305 евра), а дополнително е најавен бонус од околу 5.000 леки за секој пензионер на крајот на годината.

Министерскиот совет кон крајот на септември веќе го одобри индексирањето на пензиите со стапка од 8,6%. Според напишаното во одлуката, корисници на ова зголемување ќе бидат повеќе од 767.000 граѓани низ државата. Одлуката предвидува индексирање на 8,6% од сите категории пензии (старосни пензии, целосни пензии, делумни пензии, намалени пензии, инвалидски пензии, пензии во градот, на село, пензии дадени за посебна државна помош итн.) .

Имплементацијата на оваа одлука започна на 1 октомври и само за периодот октомври – декември 2023 година, финансискиот ефект врз државниот буџет се пресметува на околу 3,1 милијарди леки, додека за 2024 година ќе изнесува 12,1 милијарди леки.

Во текот на изминатата година беа извршени две индексации на пензиите, вкупно по стапка од 9,5%, со финансиски ефект од 5,4 милијарди леки.

И со покачувањето пензионерите сиромашни.

И со покачувањето пензионерите сиромашни.

ПРОСЕЧНА ПЕНЗИЈА

МАКЕДОНИЈА

327 ЕВРА

СРБИЈА

340 ЕВРА

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

344 ЕВРА

ЦРНА ГОРА

425 ЕВРА

АЛБАНИЈА

305 ЕВРА

ХРВАТСКА

436 ЕВРА

Од прикажаното претходно, јасно се гледа дека македонските пензионери се едни од најсиромашните на Балканот. И со пресметаното покачување на примањата од 5,3% во октомври, просечната пензија во државата од 327 евра (зголемена од 311 евра), со исклучок на Албанија е најниска на полуостровот. 

Со најголеми примања на Балканот, остануваат пензионерите од Словенија со 810 евра и Грција со 727 евра во просек на месечно ниво.

Image
Newsletter