Европската комисија бара начин да привлече мигранти во ЕУ за да ја пополни работната сила што ѝ недостига. Проектот е наречен „партнерство за таленти“.
Европската комисија денеска предлага „партнерство за таленти“ за да привлече компетентни мигранти во ЕУ во контекст на демографската криза на континентот, јави дописничката на МИА од Брисел. Комисијата сака да ревидира две директиви, со што ќе овозможи зајакнување на оперативната соработка помеѓу земјите на ЕУ и земјите-партнери.
Европската комисија ќе создаде таканаречена „резерва на таленти на ЕУ“ за да ја направи ЕУ поатрактивна за граѓаните од трети земји што сакаат да најдат работат во Унијата и за да им олесни на работодавачите во ЕУ да најдат работници од тие земји.
Проектот ќе почне со пилот-фаза ова лето со специфичен фокус и мерки за Украинците, за да се олесни нивната интеграција на пазарот на трудот на ЕУ, велат од Европската комисија.
„Потребни ни се мигранти затоа што имаме недостиг во многу сектори во речиси сите земји-членки, и тој само ќе се зголемува од демографски причини. Потребни ни се повеќе легални патишта за да можат луѓето да придонесуваат за нашата економија“, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, објасни дека околу пет милиони мигранти од Украина пристигнале во ЕУ, а околу милион и половина се вратиле назад. Потенцира дека е важно да се менаџира заедничкиот пристап на ЕУ кон трудовата миграција, за да се одговори на потребата на ЕУ од таленти.