Меѓународната заедница треба да ги намали трговските бариери за да се бори со инфлацијата, порача извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева. Ова воедно стои и во заедничката статија објавена од неа, од нејзиниот прв заменик Гита Гопинат и директорката на Одделот за стратегија, политика и анализа на ММФ, Џејла Пазарбасиоглу.
Авторите повикаа на „враќање на довербата во глобалниот систем заснован на правила“.
„Можеме да почнеме уште сега со намалување на трговските бариери за да се надмине недостигот и за да се намалат цените на продуктите и на другите стоки. Не само државите, туку и компаниите треба да го диверзифицираат увозот за да се обезбедат синџири за снабдување и за да се зачуваат огромните деловни придобивки од глобалната интеграција“, се вели во статијата.
Кристалина Георгиева - извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) | извор: reuters.com
Во објавениот текст се потенцира дека тензиите околу трговијата, технолошките стандарди и безбедноста, „се зголемуваат со години поткопувајќи ги растот и довербата во сегашниот глобален економски систем“.
Според ММФ, „само несигурноста околу трговската политика довела до пад на светскиот БДП за речиси еден процент во 2019 година. Во меѓувреме, од почетокот на војната во Украина, околу 30 држави ја ограничија трговијата со храна, енергија и со други клучни стоки“