Моќна порака од Меѓународниот форум на градоначалници

Моќна порака од Меѓународниот форум на градоначалници

ВРАТЕТЕ ИМ ГИ НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ – САМО ТАКА ЌЕ ИМАМЕ ЕВРОПСКИ ГРАДОВИ, А ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОУБАВО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ

Како да се олесни животот на граѓаните во општините низ Македонија, зошто помалите општини не се пристојно место за живеење, зошто мора граѓаните да патуваат до поголемиот соседен град за да извадат, пасош, лична карта, да подигнат документ од Катастарот или од Центарот за социјални работи, или, пак, да регистрираат кола? Зошто општините во Македонија не се развиваат како градовите во западноевропските земји? Зошто инфраструктурните проекти речиси и да ги нема? Дали се ова дел од причините поради кои жителите од помалите општини масовно се селат надвор од државата?

Одговорите на овие прашања се едноставни. Неопходно е да им се вратат ингеренциите на општините во опсегот во кој беа пред 32 години.

Ова беше една од главните пораки што беше испратена на Меѓународниот форум за градоначалници, кој се одржа на почетокот на месецот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, под мотото „Модерна општина“.

Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје успеа на едно место да ги собере градоначалниците на македонските општини и градоначалници од Израел, Франција, Словачка и Бугарија, претставници од кабинетот на градоначалникот на Париз, претставници од дипломатскиот кор, како и организации што работат на развојот на општините, а со цел светските искуства за модерни општини да се применат дома.

„Идејата за организирање ваков престижен настан ̶ Меѓународен форум на градоначалници на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје ̶ дојде од роудшоуто што го имаше Универзитето низ општините во државата, односно од потребата и желбата да ѝ се помогне на државата, да им се подобри животот на граѓаните и да им се даде поддршка на градоначалниците да ги реализираат своите програми“, изјави проф. д-р Александра Стоилковска, деканка на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси при УТМС.

Проф. д-р Аце Миленковски - ректор на Универзитетот за туризам и менаџмент

Проф. д-р Аце Миленковски - ректор на Универзитетот за туризам и менаџмент

„Како општествено одговорна високообразовна институција, сакаме да дејствуваме, не да набљудуваме, и затоа решивме да организираме меѓународен форум, на кој домашните општини слушнаа светски искуства од градоначалници од Израел, Франција, Словачка, Бугарија“, истакна проф. д-р Стоилковска.

Ректорот на УТМС, проф. д-р Аце Миленковски, на Форумот порача дека е неопходна децентрализација на општините, со зголемување на нивните овластувања и степен на одговорност.

„Форумот за градоначалници што го организиравме, се однесува, пред сѐ, на една глобална тема за која се разговараше досега, а и ќе продолжи да се разговара. Темата е ‚модерна општина’. Зошто модерна општина и зошто потребата од сето ова? Знам дека со овој настан ќе предизвикаме голем интерес, особено дека мојата изјава ќе предизвика турбуленции во мислењето на високата политика, кај одредени политички владини претставници, меѓутоа, што е мојата директна порака и што е пораката на целиот тим на Универзитетот што го подготви овој настан? Општините во Македонија, градовите во Македонија, ќе мора да си ги добијат правата и обврските, меѓутоа правата и обврските бараат и даваат голема одговорност. Што значи тоа кажано со други зборови? Порака до Владата, порака до идните влади. Ние потрошивме 32 години со еден измислен термин, а тоа е децентрализацијата. Нас децентрализација, сега во моментов 32-годишна, не ни треба. Треба Владата да им ги врати на секоја општина, на секој град, правата и надлежностите што ги имаа до деветесеттата година. Секоја општина, секој градоначалник во тие времиња назад, секој претседател на општина, во своите надлежности, во надлежностите на општините имаше сѐ под свои ингеренции, освен државната безбедност, службите за државната безбедност и македонската армија“, изјави Миленковски.

Градоначалници од македонските општини присутни на Меѓународниот форум

Градоначалници од македонските општини присутни на Меѓународниот форум

„Кога ќе прошетате по европските градови, ќе забележите дека се добро средени и функционални, зошто да го немаме ние тоа?“, прашува Миленковски и додава: „Зошто во општините да дивеат бесправни објекти, зошто за реновирање на еден мал мост се потребни месеци, па и години?“

„Работејќи на Универзитетот и претходно патувајќи по европскиот континент и низ светот, не можев да не забележам дека градовите се добро уредени и средени, чисти, со одлични комунални решенија, со прекрасни сообраќајни решенија, со подземни сообраќајници, со надвозници, подвозници, сето тоа што ние во главниот град на нашата држава го немаме. А зошто да го немаме? Само единствено затоа што во 90-тите години, со една одлука на Владата, потврдена од Собранието, сите ингеренции на општините им беа одземени и пренесени на централно ниво, каде што државата се централизираше. И сега ние 32 години ја вртиме истата плоча и кажуваме дека се децентрализираме. Не може некаде во некоја општина и во некој град бесправно да се дигаат градби без комплетна документација, а притоа градоначалникот да нема право и да нема надлежност и да не може тоа да го сопре. Ние сето тоа го имавме до деведесетата година“, вели Миленковски.

Градоначалници од македонските општини присутни на Меѓународниот форум

Градоначалници од македонските општини присутни на Меѓународниот форум

Сите проблеми што ги имаат општините се должат на централизацијата на државата.

„Ако добијат општините систем по кој ќе функционираат како Софија, Атина, Белград, Париз, Њујорк, Чикаго, Хелсинки, Прага, Братислава, каде што надлежностите се комплетни, тогаш и ќе имате решение. Кога имате надлежност, кога сте носител на одлука, имате решение. Кога немате право, тогаш не можете да донесете решение. И да донесете какво било решение, тоа ви е невалидно. Замислете што кажува градоначалникот на Битола. За реновирање на едно мало мовче од само 14 метри, потрошил четири и пол месеци во комуникација со органите за добивање на досега триесетина решенија, во фаза на одобрување на реконструкција, а камо ли да градите, замислете! Па ги прашав колешките од Битола, дали е изградено нешто ново во Битола во овие 32 години, основно или средно училиште, нешто друго, дали е во Скопје изградено ново основно училиште? Ќе речеме ‚да’, основното училиште ‚Киро Глигоров’ во Капиштец во Скопје и со тоа се испофали Владата, па беше премиер на сечење лента! Тоа е неприродно за светот. Премиерите и министрите не се занимаваат со примарна работа – тоа е работа на општините“, изјави Миленковски.

Можеби ние нема да можеме нешто веднаш да смениме, но за мене е значајно дека од некаде ќе почнеме. Да почнеме со гласно зборување, со барање решение и со покажување на реалните состојби во кои се наоѓаат нашите општини и нашите градоначалници“, порача на крај ректорот Миленковски.

Цвика Брот - градоначалник на Бат Јам, Израел

Цвика Брот - градоначалник на Бат Јам, Израел

На Форумот, домашните градоначалници имаа можност да слушнат и да се информираат од експертската јавност и од првите луѓе на европските и на светските метрополи како функционираат модерните развиени европски општини, какви практики користат и кои политики ги применуваат.

На пример, најмладиот градоначалник на израелскиот град Бат Јам, Цвика Брот, кој бил и советник на поранешниот претседател Доналд Трамп, појасни дека општините во Израел одлично функционираат, без разлика од која партија доаѓа градоначалникот.

„Јас направив широка коалиција на локално ниво. Во таа коалиција се речиси сите партии, без разлика на политичката ориентација. Соработката со Владата оди одлично иако доаѓам од опозицијата, зашто како новинар лично ги познавав сите министри, па на тој начин доаѓам до решенија“, вели Брот.

Специјалниот советник на градоначалникот на Париз, Франција, д-р Жан-Ив Ками, рече дека во Париз, за големите и значајни објекти што се сметаат за историски, ингеренциите ги има Владата. Тој порача дека Скопје и другите градови во Македонија треба да бидат дел од Унијата на европски градови. Унијата има големи фондови, кои можат да помогнат во предизвиците со екологијата.

Жан Ив Ками - специјален советник на градоначалникот на Париз

Жан Ив Ками - специјален советник на градоначалникот на Париз

„Повеќето пари од фондовите на ЕУ одат во државите, а тие пари не стигнуваат до општините. Затоа треба да се лобира, како претендент за членка на Европската Унија, македонските градови да бидат дел од таа мрежа“, рече Ками.

Локалната самоуправа мора да работи на решавање на зелените проблеми ако сака да се смета за модерна општина, истакна Карлос Јанас, градоначалник на Поважска Бистрица, Словакија.

„Тоа подразбира: ниски емисии на штетни гасови во воздухот, ограничување на патниот сообраќај и бесплатен јавен превоз, користење велосипеди, ефикасно управување со отпад преку ригорозна легислатива за класификација и селекција на отпадот. Локалната самоуправа се грижа и за културното наследство и сакралните споменици, спортот и спортските објекти“, истакна г-н Јанас на панелот „Размена на искуства“ на Меѓународниот форум на градоначалници на УТМС.

Карол Јанас - градоначалник на Поважска Бистрица, Словакија

Карол Јанас - градоначалник на Поважска Бистрица, Словакија

Како дел од Форумот, беа организирани неколку панели на различни теми, на кој професорите ги елаборираа своите научни експертизи релевантни и применливи во општините.

Проф. д-р Зоран Ивановски, проректор за меѓународна соработка на УТМС, нагласи дека на општините им се потребни свежи финансии за да ги реализираат капиталните проекти.

„Над еден градоначалник или раководител на јавно претпријати има различни шефови, на државно ниво, министри, па шефови на партии, па шефови на локално ниво. На помош градоначалниците може да ја повикаат науката, односно дел од науката да пресликаат во општините со цел да ги имаат финансиите под контрола“, изјави проф. д-р Зоран Ивановски, проректор за меѓународна соработка на УТМС.

На панелот со наслов „Стратешко планирање и финансирање“, проф. д-р Наташа Ристовска, деканка на факултетот за претприемачки бизнис на УТМС, истакна дека паметните градови вложуваат во модерна инфраструктура и чиста околина. Целта е одржлив развој, помала сиромаштија во градовите, пристап до чист воздух и обновливи извори на енергија.

На панелот, пак, на тема „Човечки ресурси, потенцијал и недостиг“ излагања имаа проф. д-р Александра Стоилковска, деканка на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси и проф. д-р Валентина Муцунска-Палевска од истиот факултет.

Проф. д-р Зоран Ивановски - проректор за меѓународна соработка на УТМС

Проф. д-р Зоран Ивановски - проректор за меѓународна соработка на УТМС

„Истражувањата на светските експерти укажуваат дека работната сила се автоматизира побрзо од очекуваното, а усвојувањето на технологијата на компаниите ќе ги трансформира задачите, работните места и вештините до 2031 година“, изјави проф. д-р Стоилковска. Според анализите што ги презентираше, до 2031 година аналитичкото размислување, креативноста и флексибилноста ќе бидат меѓу најбараните вештини. Нова појава е потребата од вештини како што се активно учење, еластичност, толеранција на стрес и флексибилност. „За да останат во своите улоги во следните пет години, речиси на половина од работниците ќе им треба преквалификација. Токму поради тоа, локалните заедници треба да обезбедат посилна поддршка за преквалификации на своите вработени“, истакна Стоилковска на Меѓународниот форум на градоначалници на УТМС.

Проф. д-р Александра Стоилковска - деканка на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси

Проф. д-р Александра Стоилковска - деканка на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси

„Живееме во време на суфицит на образовани кадри и дефицит на талентирани апликанти. Секоја модерна општина треба да се посвети на регрутирање талентирани апликанти, кои ќе ја зголемат нејзината функционалност. Модерната општина денес е своевиден бенчмарк што подразбира: пронаоѓање и прифаќање модел по кој ќе работи, промовирање на човечките ресурси во брeнд-амбасадори на работењето на општината и креирање политики што ќе придонесат кон брендирање на општината“, истакна проф. д-р Валентина Муцунска-Палеска, учесник на панелот на тема „Предизвикот на човечките ресурси како бренд-амбасадори на општините“.

На прашањето што треба да преземат општините за да станат атрактивни за туристите, на панелот „Развој на туризмот и меѓународна промоција на општините“ одговори дадоа доц. д-р Сашко Граматниковски, декан на Факултетот за туризам и доц. д-р Викторија Трајков.

„Пандемијата го наруши развојот на туризмот. Се сменија навиките на патниците. Неопходни се иновативни решенија за подобро управување со туризмот, како и да се дигитализира целокупната понуда на градот. Дестинациите низ светот почнаа да инвестираат во технологии за патување како одговор на интензивниот процес на дигитализација на туризмот. Подигнувањето на статусот на градот во интелигентна дестинација е процес кој бара инвестиции и координирана работа помеѓу приватниот и јавниот сектор“, истакна деканот Граматниковски на Меѓународниот форум на градоначалници на УТМС.

„Да се брендира еден град или општина значи да се креира атрактивна приказна. Голем удел во градењето на имиџот имаат граѓаните, кои заедно со туристите, може да имаат носечка улога во промоција на општините. Важни за брендирањето се и локалните компании и странските инвестиции. Процесот на брендирање ќе придонесе да се инвестира во иновативни стратегии, како и да се зголемат инвестициите со цел зголемување на локалните буџети", изјави г-а Трајков на панелот.

Данела Арсовска - градоначалничка на градот Скопје

Данела Арсовска - градоначалничка на градот Скопје

На првиот Меѓународен форум за градоначалници што се одржа во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која истакна дека градот Скопје континуирано работи на зголемување на своите капацитетите за да им овозможи подобри услови за живот на своите граѓани.

„Преку следење на актуелните трендови во европските метрополи и политиките што тие ги спроведуваат на локално ниво, се настојува дел од тие практики да се имплементираат и во Скопје. Главните области на кои посветено работиме се дигитализација, заштитата на животната средина, подобрување на јавната чистота, како и имплементација на проекти за енергетската ефикасност, затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во поубав град. На денешната дискусија се разменуваат искуства и добри практики што може да се применат за добро на граѓаните“, истакна Арсовска.

Арсовска им се заблагодари на присутните градоначалници, претставници од европските градови и експерти и ја изрази својата желба за унапредување на соработката со Градот Скопје, како и за нови можности за пренос на знаења и на позитивни практитки што ќе помогнат да се подобрат условите за живот на граѓаните и нивното непречено функционирање.

Image
Newsletter