Моќта на интеркултурната размена: Мадрид – искуство кое останува незаборавно за студентите на Универзитетот „Скопје“

Престижниот Меѓународен саем за туризам FITUR, незаборавно искуство за студентите на Универзитетот „Скопје“

Седум величествени погледи од Мадрид и безброј слики кои остануваат во меморијата засекогаш. Студентите од прва до трета година на Универзитетот „Скопје“ имаа исклучителна можност за патување од збир на различни активности. Почнувајќи од посета на најпознатите знаменитости, преку запознавање на шпанската култура, па сè до спојот на различната традиција на едно место, на престижниот Меѓународен саем за туризам FITUR. Еден од најубавите европски градови со фантастични вибрации ги остави со одушевување младите академци, кои секојпат преку различни активности, патувања, случувања, имаат можност да стекнат знаење и искуство надвор од амфитеатрите. Таа практика е добропозната на светските универзитети и е една од најважните по што се разликува Универзитетот „Скопје“ од другите академски студии во Македонија.

Најголемиот и главен град на Шпанија, кој брои околу 3,3 милиони жители, а вкупно со предградијата над 6,3 милиони граѓани, се смета за еден од најатрактивните и најбараните студентски дестинации во Европа, особено поради врвните универзитети и динамичен живот. Токму Универзитетот „Скопје“, кој ги следи трендовите, може да застане рамо до рамо со сите европски метрополи во поглед на вештините со кои се стекнуваат студентите. Но, покрај големиот број академци во овој град, тој постојано циркулира со бројни млади од светски метрополи, кои сакаат да ја вдишат шпанската култура, како и софистицираниот начин на размилсување, особено од големите домашни и странски коорпорации во земјата. Токму тоа беше и причината за одлуката на нашиот универзитет да се посети убавата и луксузна шпанска престолнина.

Студентите на Универзитетот „Скопје“ имаа значајна привилегија да го посетат седиштето на Светската туристичка организација (UN Tourism) во Мадрид. Беа пречекани од директорот за иновации и едукација, Антонио Лопез де Авила. Ректорот на Универзитетот „Скопје“, проф. д-р Аце Миленковски, ги запозна студентите со членството во оваа престижна меѓународна организација, истакнувајќи ги придобивките, можностите и престижот од тоа што универзитетот е единствена членка од Македонија.

Во рамките на активностите на престижниот Меѓународен саем за туризам FITUR во Мадрид, ректорот на Универзитетот „Скопје“, професорите и студентите го посетија и штандот на нашата Република Македонија. Посетата беше збогатена со присуството на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со кого студентите имаа можност да поразговараат за промоцијата на македонската култура, туризам и културно наследство на меѓународна сцена. Ова искуство претставува значаен поттик за младите академци и уште една потврда за важноста на поврзувањето на образованието со реалните културни и туристички практики.

На самиот саем студентите се запознаа не само со шпанската, туку со културата на над 150 земји, распределени на повеќе од девет илјади излагачи. Студентите од Универзитетот „Скопје“, во текот на посетата на саемот за туризам FITUR, имаа можност директно да комуницираат со изложувачите, да присуствуваат на професионални презентации и одблиску да се запознаат со начинот на функционирање на меѓународниот туристички пазар. Ова искуство им овозможува теоријата, која ја учат во клупите, да ја препознаат преку практични искуства, да добијат нови перспективи и важни контакти што во иднина можат да бидат значајни за нивниот професионален развој.

Ива Каимовска

Ива Каимовска

„Посетата на други земји има огромно значење за академското и професионално унапредување бидејќи овозможува директно запознавање со различни образовни системи, култури и начини на работа. Преку ваквите меѓународни настани се разменуваат знаења, искуства и добри практики кои придонесуваат за проширување на перспективите и развој на нови идеи. Истражувањето на културата и функционирањето на туристичките пазари помага подобро да се разберат глобалните трендови и да се применат иновации во академската и туристичката сфера“, вели Ива Каимовска, студентка на Универзитетот „Скопје“.

За неа особено впечаток оставил начинот на кој Македонија го презентирала своето богато културно и историско наследство, традицијата, гастрономијата и природните убавини.

„Штандот беше одлична можност да се прикаже автентичноста на нашата земја и потенцијалот за развој на одржлив туризам. Голем интерес покажаа и странските посетители, што укажува дека Македонија има значајно место на меѓународната туристичка мапа“, додава таа.

Таа проценила дека меѓународниот туристички пазар во Шпанија функционира на високо професионално и организирано ниво, со силен фокус на иновации, дигитален маркетинг и партнерства меѓу институциите и приватниот сектор.

„Забележлива е силната соработка помеѓу туристичките организации, универзитетите и бизнис-секторот, што придонесува за континуиран развој и конкурентност на туристичката индустрија. Шпанија претставува пример за успешно управување со туристичкиот бренд на национално ниво. Искуството во Мадрид беше исклучително инспиративно и значајно, како од професионален така и од културен аспект. Учеството на еден од најголемите туристички саеми во светот овозможи нови контакти, размена на идеи и увид во современите трендови во туризмот. Покрај деловниот дел, градот остави силен впечаток со своите култура, организација и динамичен начин на живот, што дополнително го збогати целокупното искуство“, објаснува Ива Каимовска.

Во 2024 година меѓународниот саем FITUR го достигна рекордот на учество со повеќе од 9.000 излагачи од 152 земји/региони, 153.000 туристички работници/професионалци и 97.000 посетители од општата јавност. FITUR претставува водечки саем за туризам кој поврзува повеќе континенти и преку кој постои можност за вмрежување помеѓу македонскиот и не само шпанскиот, туку и европскиот и светскиот приватен сектор.

Градот, кој се наоѓа покрај реката Мансанарес, поради своето економско производство, животниот стандард, како и големината на пазарот, се смета за главен финансиски центар на Пиринејскиот Полуостров. Токму затоа е домаќин на седиштата на мнозинство од главните шпански компании, како и седиште на дел од 100-те светски најголеми фирми. Мадрид низ годините е рангиран на 10. место заедно со Хонгконг на најмоќните градови во светот, пресметани во топ 20 градови во 5 од 6 категории.

Искуството во овој град е почетна точка во големата иднина на младите академци на Универзитетот „Скопје“. За време на посетата, покрај Меѓународниот саем FITUR успеаја да ги посетат и најзначајните знаменитости во Мадрид. Искусија дека градот нуди богат ноќен живот, културни настани и многу места за учење. Шпанската престолнина како честа дестинација за меѓународна мобилност преку универзитетски размени го пленува секој што ќе се прошета по нејзиното тло.

Студентите, преку беспрекорно чистите улици, ја дополнија сликата со убавината на големиот плоштад во срцето на Мадрид и централно јавно место за собирање, „Пуерта дел Сол“, кој првпат е изграден кон крајот на 15 век. Студентите на Универзитетот „Скопје“ ја посетија Кралската Палата од 18 век, една од најдобро зачуваните во Европа, симболот на Мадрид, каде се одржуваат најзначајните кралски церемонии, гала-вечери, приеми. Не изостана ниту главната точка на сите туристички понуди, познатиот стадион на Реал Мадрид, „Сантјаго Бернабеу“. Тој, практично, е музеј, кој го покажува историјатот на клубот од почетоците до денес на фасцинантен начин, влегувајќи од една просторија во друга со видеобимови, со слики и текстови за соодветна година на успех, натпревари, освоени трофеи, изјави итн. Но најголемата убавина доаѓа на највисокото ниво на стадионот, од каде што се пружа целиот фудбалски терен кој го одржуваат армија од луѓе.

Јане Милошевски

Јане Милошевски

Дарио Јањиќ

Дарио Јањиќ

Нашето универзитетско патување во Мадрид беше неверојатно и многу топло им го препорачувам на сите. Беше совршен спој на истражувања, позната култура и одлична забава со екипата“, вели Јане Милошевски, студент во трета година на Универзитетот „Скопје“.

„Сакам да се заблагодарам за можноста што преку Универзитетот можев да се прошетам во Мадрид и да добијам незаборавно искуство коешто се учи надвор од амфитеатрите“, рече Данило Јањиќ, прва година на Универзитетот „Скопје“.

„Патувањето во Мадрид за мене беше едно големо искуство каде што стекнав нови пријателства. Имавме посета на саемот за туризм FITUR, при што посетивме штандови на многу земји, вклучувајќи ја и Македонија. Топло им го препорачувам овој практикум на сите студенти на Универзитетот ‘Скопје’“, со целосно задоволство по патувањето вели Љубица Ивановска, студентка во трета година на Универзитетот „Скопје“.

Дариа Димитровска

Дариа Димитровска

Михаела Чачиќ

Михаела Чачиќ

„Заедно со моите колеги и професори посетивме голем број познати туристички дестинации, како плоштадот во ‘Пуерта дел Сол’, Кралската палата и најпознатиот стадион ‘Сантијаго Бернабеу’“, вели Дариа Димитровска, студентка на Универзитетот „Скопје“, по посетата на Мадрид.

„Преубаво си поминав на овој практикум во Мадрид со моите колеги“, посочи Михаела Чачиќ, студентка, која беше дел од тимот предводен од ректорот на Универзитетот „Скопје“, проф. д-р Аце Миленковски, заедно со група професори.

Мадрид е туристички, космополитски, административен, но и политички град, со седиште и на владата и на кралот. Оваа шпанска престолнина влијае глобално на трговијата, културата, уметноста, модата, образованието, но и на спортот во светот. Во историјата, па и во иднината покажува голема моќност во културните, уметничките и во спортските активности. А, тука е и ноќниот забавен живот.

Туризмот во Мадрид во 2025 година

Мадрид доживеа огромен туристички бум во 2025 година, кршејќи рекорди со над 19,5 милиони ноќевања. Како водечка дестинација за минатата година, градот е поттикнат од големата побарувачка од САД, Италија и значителното зголемување од 53,8% на патници од Народна Република Кина. Растот е поттикнат од културни, историски и гастрономски атракции.

Image
Newsletter