Приказна за визионерот, креаторот и за градителот на ски-центарот и Маврово
На падините на планината Бистра, веднаш над селото Маврово, се наоѓа популарниот скијачки центар познат под името „Заре Лазаревски“, а сега преименуван во „Ресорт Маврово“. Ова чудо од градба го замисли и го реализира мавровецот Заре поради кого овој импозантен скијачки комплекс, кој беше направен речиси од ништо, го доби неговото име. Крајот со преубави природни убавини, но запустен и испустен, особено по Втората светска војна кога населението присилно се иселува, за Заре Лазаревски значел предизвик да создаде нешто вредно и трајно за да го препороди целиот Мавровски Регион. Голем визионер, харизматичен и авторитетен, успеа невозможното да го направи возможно и по три децении работа Маврово и пустиот планински предел да ги претвори во познат туристички центар не само во земјава туку и во целиот регион. Тој остави зад себе едно капитално животно дело: две жичарници, 9 ски-лифтови поврзани онака како што се европските скијачки патеки за слалом, велеслалом, спуст, како и бројни сместувачки објекти со целосно изградена инфраструктура. Оттаму, несомнено е дека Заре Лазаревски и Скијачкиот центар „Маврово“ се синоним за една неделива целина.
Потомците на Заре: „Беше смирен, не повишуваше тон и работите ги кажуваше само еднаш“.
Лазаревски живее и создава во еден период на социјалистичко општество во кое државата беше сопственик на сите национални добра, време кога личните иницијативи не се доживуваа позитивно, туку најчесто тешко се прифаќаа. Тоа беше време кога во тогашната Социјалистичка Република Македонија (сега Република Македонија) како дел од државата Југославија, немало никакви приватни донации, спонзорства и слично. Тогаш беше исклучително тешко самоиницијативно да се зафатиш за еден таков проект каков што бил развојот на скијачки и туристички центар. Ова особено затоа што Маврово и мавровскиот крај биле мошне убави, но пусти планински предели, особено опустошени, опљачкани и напуштени за време на Втората светска војна (1941 – 1945). Да се врати населението кое побегнало од теророт и од ужасите на војната, било незамисливо. Заре Лазаревски токму тоа го сакал, а во еден период и успеал да го постигне. Овој визионер со неисцрпна енергија, оптимизам и со постојан ангажман, ѝ се посветил безрезервно на својата мисија. Оттаму, не изненадува тоа што сите соговорници и негови современици, за него зборуваат со посебен пиетет, со почит, со воодушевување за неговата работа, посветеноста и за неговиот ентузијазам.
Според изјавите и сеќавањата на пријателите и на блиските соработници, станува збор за исклучително харизматичен господин во секоја смисла на зборот, шармантен, авторитетен, а воедно тивок и благ. Заре Лазаревски важел за човек кој има време за сѐ, грижлив кон семејството и целосно посветен на изградбата и развојот на скијачкиот центар и Мавровскиот Регион. Пријателите и соработниците го карактеризираат како: едноставен човек со неисцрпна енергија, крајно совесен во извршувањето на одговорната функција заменик на републичкиот јавен обвинител, кој слободното време го посвети на остварувањето на својот животен сон – создавањето на скијачкиот комплекс на падините на планината Бистра.
Човек кој никогаш не се ставал себе си во прв план, ниту своите лични интереси, туку, пред сѐ, интересите на заедницата, работејќи тимски и водејќи грижа за сите соработници и помошници. Иако, според сеќавањата, имало и лица кои со скептицизам гледале на неговата идеја и кои во тоа време ваквиот зафат го сметале за вистинска утопија. Тие, особено на почетокот, иницијативата ја етикетирале како импровизација без претходна подготовка. Меѓутоа, вистината е дека Заре Лазаревски никогаш ништо не правел случајно, набрзина, неплански и неподготвено. Тој со години мошне прецизно ја разработувал идејата до детали и токму затоа од започнувањето на изградбата на скијачкиот центар сè се одвивало програмирано и плански. Омилен меѓу другарите и пријателите, човек особено почитуван од пошироката јавност, најчесто наидувал на големо разбирање кај сите оние кај кои се обраќал за поддршка и за финансиска помош. Благодарејќи на личните контакти, како и со аргументираниот настап, најчесто наидувал на позитивен одговор. Согласно со можностите, некои помагале финансиски, други со материјали, а особено скапоцена била помошта од стручни поединци и од организации.
Лазаревски секогаш лично се ангажирал за секој зафат, од почетните активности, па сè до финализацијата на замисленото. Оние кои го познаваа, го знаеја како непоколеблив оптимист. Иако почетоците биле мошне скромни, речиси со никакви финансиски средства, неговата голема визија, желба, иницијативност и упорност, направија Маврово и регионот да станат еден од најпознатите туристички центри во Македонија, но и пошироко. Токму заради сето тоа, Собранието на Општината Гостивар, на иницијатива и на предлог од долгогодишниот соработник и близок роднина Александар Груевски-Санде, во 1990 година донесе одлука скијачкиот центар да го добие името „Заре Лазаревски“.
Такво беше Маврово тогаш, во времето на осумдесеттите години од дваесеттиот век, кога центарот којшто го осмисли и го изгради Заре Лазаревски, заживеа и стана хит во регионот. Имаше навистина еден незаборавен, посебен сјај во тие мавровски монденски денови. Таа особеност на Маврово како скијачки туристички центар остана и како пример за тоа дека и од ништо се може многу во какви и да е услови. Трајна вредност и спомен на нешто што замисли и создаде еден човек, харизматичниот, вредниот и упорниот Заре Лазаревски, креаторот на градбата на ски-центарот и на развојот на Маврово.
Според изјавите и сеќавањата на пријателите и на блиските соработници, станува збор за исклучително харизматичен господин во секоја смисла на зборот.
„Каков беше татко ми и како го доживував јас. Беше смирен, не повишуваше тон и работите ги кажуваше само еднаш. Ако требаше да ме разбуди за на факултет, само еднаш ме викаше, а ако не станам од прв пат, тоа е мој проблем и јас ќе задоцнам. Генерално беше смирен, трпелив, не влегуваше во конфликт. Единствено што можеше да го изнервира беше ако работите во Маврово не одеа така како што треба, но затоа, пак, се радуваше најмногу на свет кога нешто ќе поминеше одлично. Сѐ уште ми е во најсвежо сеќавање колку беше среќен кога се поставуваа столбовите на двоседот со хеликоптер на тогашната ЈНА. За таа 1979 год (пред 45 години) тоа беше невиден спектакл и успех за само 2-3 дена во зимски услови да се постават столбови за жичарница на стрмни делови од планината. Притоа, РТС го снимаше поставувањето и го емитуваше на вести. Беше голема работа, а Заре беше неизмерно среќен“, изјави неговата ќерка Јованка Лазаревска-Станчевска на промоцијата на монографијата „Сто години од раѓањето на Заре Лазаревски“.
Ски-центарот „Заре Лазаревски“ во Маврово.
На што се должи неговиот успех да ја спроведе својата визија и во временски период од 25 години да создаде комплекс од жичарници, ски-лифтови, ноќно скијање, хотели, целосна инфраструктура од пристапни патишта, паркинзи, електрификација, воспоставување телефонија, пренасочување на речни текови и слично? Најпрвин имал визија, упорност да ги комплетира работите, поседувал мека моќ благодарение на својата позиција во општеството, но и од сѐ што е кажано во книгата од тие коишто соработувале со него е дека, пред сѐ, бил тимски играч, им ја доверувал работата на професионални луѓе во коишто имал доверба и едноставно не бил суетен. За сето ова доказ се жичарниците, ски-лифтовите, ски-патеките, кои сѐ уште ги користиме, а очигледно се добро направени кога функционираат и по 50 години откако се поставени.
Семејството Лазаревски: „Сакавме оваа книга да остане запис за тоа што успеал да создаде еден човек воден од својата желба и љубов да создаде нешто што ќе остане за сите, без личен интерес“.
„Сакавме оваа книга да остане запис за тоа што успеал да создаде еден човек којшто бил единствено воден од својата желба и љубов да создаде нешто што ќе биде добро и ќе остане за сите, а без притоа да имал каков било личен интерес. Таков беше Заре, светски, а сепак наш“, истакнува неговото семејство. Авторите на оваа монографија се Јасмина Миронски и Бранислав Станчевски, кои изразуваат благодарност до ќерката Јованка Лазаревска-Станчевска и до синот Бодан Лазаревски за нивниот ангажман. Посебна благодарност упатуваат и до Зоге Груевски, кој ја систематизирал хронологијата на изградбата на скијачкиот центар во Маврово, од која се преземени дел од податоците користени во оваа монографија, како и до фирмата „Гоинвест“ ДООЕЛ Скопје, чиј сопственик е Вељко Лазарески, внук на Заре Лазаревски од неговиот најмлад брат Крсте.