Награда за трајни вредности за ректорот проф. д-р Аце Миленковски

Награда за трајни вредности за ректорот проф. д-р Аце Миленковски

Ректорот на Универзитетот за Туризам и менаџмент, проф. д-р Аце Миленковски ја доби наградата „Маж со трајни вредности“ на официјалниот избор на манифестацијата Мажи на годината за 2022 година во организација на „Џентлмен магазин“. На гала-вечерта што се одржа во „DoubleTree by Hilton Skopje“, во присуство на голем број јавни личности од бизнис-заедницата, политичари и дипломати, беа наградени 13-те најуспешни мажи во Македонија за 2022 година.

На официјалното доделување на оваа награда, ректорот Миленковски изјави дека му преставува огромна чест и задоволство да го добие ова значајно признание за неговата професионална и академска кариера.

„Задоволството е огромно кога вашиот труд и посветена работа ќе бидат препознаени од експертската јавност, но и од пошироката јавност. Ова е и голема обврска за мене лично, но и за Универзитетот со кој менаџирам, да продолжиме со професионалната работа и да креираме нови академски кадри што ќе останат да работат овде во Македонија. Не е лесно да се биде најдобар. Тоа е привилегија, но и тежок товар“, рече пред присутните ректорот Миленковски.

Тој се осврна и на целите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, кој ја исполнува својата мисија да создава, да спроведува и да одржува највисок квалитет во образованието.

„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот. Овој цитат на Нелсон Мандела е една од најпознатите изреки за вредноста на образованието. Убавата страна на учењето е тоа што никој не може да ви го одземе ниту наученото ниту процесот на учење“, порача ректорот пред присутните во салата.

Ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, со дел од професорскиот тим на Универзитетот и лични пријатели

Ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, со дел од професорскиот тим на Универзитетот и лични пријатели

Миленковски рече дека знаењето само по себе не вреди ништо ако не е споделено. Само споделеното знаење ја има моќта да создава нови светови, нова реалност. Само споделено знаење може да ја придвижи оваа земја напред.

„Нашата мисија е да создаваме и да споделуваме знаење. Да пишуваме книги со кои знаењето на нашите професори ќе им го пренесеме на нашите студенти. Да држиме часови на кои заедно со нив ќе создадеме ново знаење. Да учиме едни од други, студентите од своите професори, професорите од своите студенти. Впрочем, ние и постоиме за нашите студенти. Зошто ќе ни е знаењето ако не го вградиме во нашата иднина, а како да го сториме тоа без нашите студенти?“, потенцираше ректорот, кој истакна и дека за наградата се заслужни неговото семејство и целиот тим на Универзитетот, кои ги повика на сцената.

И годинава домаќини на овој гламурозен настан беа актерот и водител Жарко Димоски и водителката Миа Костова. Моќна музичка изведба на сцената имаше Павле Камилоски, кој беше добитник на наградата „Маж со најдобар стил“.

Избрани беа 13 најуспешни мажи, во 13 категории, мажи што ја одбележале 2022 година. Маестро Симон Трпчески ја доби наградата „Маж на годината“ за 2022 година. Симон Трпчески е еден од најафирмираните македонски изведувачи и најдобриот македонски пијанист на сите времиња, човек со беспрекорен музички стил. Тој ја доби и наградата за „Маж со најголем придонес во културата“. Наградата „Маж странец на годината“ ја доби амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, а во категоријата Маж на годината според социјалните медиуми, публиката го одбра отец Оливер Петровски, најголемиот хуманист во Македонија за изминатата година.

Тринаесетте најуспешни мажи за 2022 година

Тринаесетте најуспешни мажи за 2022 година

Наградата „Маж на годината според организаторите“ ја доби легендарниот Игор Џамбазов, кој ги претстави сите свои актуелни проекти, но и не заборави емотивно да ѝ се обрати на саканата Илина, која периодов живее во САД.

На петтиот јубилеен избор се избираа мажите на годината што оставиле белег во нашето општество преку своите достигнувања во 2022 година. Изборот го вршеше жири-комисија сочинета од членови од реномирани институции, новинари, претставници од бизнис-секторот, режисери, стилисти. Оваа манифестација традиционално се одржува во ноември, месецот посветен на машкото здравје.

Image
Newsletter