Истражувачите од Националната лабораторија за заразни болести на Универзитетот во Бостон создадоа нов вид на Ковид-19, кој има 80% смртност кај тестовите на глувци, пишува британскиот весник Дејли меил.
Тимот создаде хибриден вирус кој ги комбинира Омикрон и оригиналниот вид од кинескиот град Вухан. Експериментите на глувци што ги спроведоа научниците покажаа стапка на смртност од 80%. Во исто време, кај групата глодари што беа заразени со вообичаениот Омикрон не умре ниту еден глушец. Работата на американските научници предизвика критики во меѓународните научни кругови, нагласува весникот. Истражувачите од Израел, Обединетото Кралство и САД истакнаа дека „таквите експерименти си играат со оган“ бидејќи „тие би можеле да предизвикаат друга пандемија“. Според нивната проценка, „модификациите насочени кон зајакнување на вирусите се неприфатливи“, тие „мора да бидат забранети“ на законско ниво.
Весникот наведува дека активноста на менување на структурата на вирусите за подобрување на нивните карактеристики била забранета во САД од 2014 до 2017 година, но оттогаш ограничувањата постепено се укинати. Како оправдување за ваквите експерименти, американските власти укажаа на потребата „проактивно да се предвидат можни нови епидемии на инфекција“. Покрај лабораторијата во Бостон, слична работа се врши и во 13 други истражувачки центри во САД, пишува весникот.