Од стартот на месецов, ТАВ Македонија има нов генерален директор. Местото на досегашниот генерален директор Метин Батак го презема Неџат Курт. Батак, пак, ќе биде назначен за член на Извршниот одбор на компанијата ТАВ Тунис, која управува со аеродромите Енфида Хамамет и Монастир.
Неџат Курт работи во воздухопловството 23 години, а уште од влезот на ТАВ на македонскиот пазар е дел од високиот менаџмент на ТАВ Македонија. Во 2008 година беше еден од менаџерите кои го водеа проектот за концесија во земјава. Тој работеше на Скопскиот аеродром 2 години, а во 2010 година беше назначен за менаџер на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. По 2 години, во 2012 година, беше назначен за менаџер на скопскиот аеродром и управуваше со целокупните аеродромски операции во македонскиот главен град.
Во 2014 година, ТАВ Аеродроми го назначи Курт за координатор за транзиција на меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија. Од биографијата на Курт може да се забележи неговото огромно менаџерско искуство како координатор за оперативна подготвеност и аеродромски трансфер во терминал и во јавна зона на аеродромот во Загреб во Хрватска. Тој бил и координатор за аеродромски операции на 3 аеродроми кои се преземени под концесија од Кралството Саудиска Арабија од страна на ТАВ Аеродроми.
Кон крајот на 2018 година, Курт повторно работи во Македонија како координатор за аеродромски операции, одговорен за целокупното оперативно работење на аеродромите во Скопје и во Охрид. Во првиот квартал од 2019 година, Курт беше назначен за заменик-генерален директор за операции на ТАВ Македонија.
Инаку, ТАВ Македонија, ги заврши првите четири месеци од 2023 година со 753.377 превезени патници на двата македонски аеродрома, што е зголемување за 44% во однос на истиот период во 2022 година, a 8% во однос на 2019 година, која се смета за референтна. Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 6.010, со годишен пораст од 35% и 4% во однос на 2019 година.