Нов европски закон ќе ја уништи здравата храна

Нов европски закон ќе ја уништи здравата храна

Европската Унија се наоѓа на крстопат за иднината на своето земјоделство, со преговори за нови регулативи кои ќе го регулираат пазарот на семиња. Овие регулативи, кои се во тек на разгледување и измена, имаат далекусежни импликации за биолошката разновидност, земјоделците и целокупниот земјоделски сектор во Европа. Сегашните правила, кои се воведени во 1960-тите години, ја поддржуваат индустриската агрокултура, базирана на монокултури, пестициди и синтетички ѓубрива. Оваа практика, иако е економски корисна за големите агрокомпании, носи со себе сериозни опасности по екосистемите и здравјето на земјоделците, како и по правата на малите производители.

На овие преговори, агробизнис-секторот се залага за понатамошно хомогенизирање на семињата и проширување на правата за индустриски развој. Овие нови предлози, ако се прифатат, можат да доведат до значителни ограничувања на правото на земјоделците да користат, да разменуваат и да продаваат сопствени семиња, што е фундаментално за одржливото и локализирано земјоделство.

Регулативи, кои ја фаворизираат индустријата за производство на семиња, најверојатно ќе им бидат од корист на глобалните корпорации како што е Монсанто, кои доминираат на пазарот со генетски модифицирани организми (ГМО) и патентирани семиња. Ова ќе доведе до поголема зависност од корпоративни гиганти за снабдување со семиња, додека малите земјоделци и локални производители на семиња ќе бидат исклучени од пазарот. Штом се создадат законски услови кои ќе ги фаворизираат индустриските семиња и ќе ги потиснат локалните и разновидни сорти, тоа ќе ја зголеми зависноста од ГМО храна, која е вклучена во бројни контроверзи и ризици за здравјето и за животната средина.

„Суверенитетот на храна се базира на можноста секоја поединечна земја да може сама да се исхранува, без да зависи од увозот, а ретките и локалните сорти даваат можност малите производители и луѓето во селата да произведуваат сами својата храна, како што било секогаш до сега. Земјоделските култури се адаптирани на конкретно место и преку семето земјоделците ја чуваат разновидноста на растенијата, што се пренесува во хранливата густина, ароматите и вкусот на овошјето и зеленчукот“, нагласи д-р инж. Светла Николова од здружението АГРОЛИНК од Софија, кое долги години ги обединува експертите и земјоделци во мрежа на партнерство и соработка. d r svetla nikolova

„Во цела Европа, градинари и земјоделци работат, често на доброволни основи, за зачувување на генетската разновидност на културите за сегашните и идните генерации. Овие луѓе значително придонесуваат за нашата безбедност во обезбедувањето храна. Но, со овој регулатива, тие ќе бидат казнувани со сложени одредби, наменети за трговскиот пазар на индустриски хибридни семиња“, вели Магдалена Прилер, експерт за политиката за семиња во „Ноевата арка“ од Австрија, организација основана во 1990 година како иницијатива на љубители на стари сорти, земјоделци и новинари загрижени за иднината на семињата и наследените сорти.

d r svetla nikolova

Проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар на Универзитетот Скопје

Проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар на Универзитетот Скопје

На темата мислење побаравме од експертите.

Проф. д-р Јана Илиева од Универзитетот Скопје е согласна дека новата регулатива за семенски материјал, предложена од Европската комисија уште во јули 2023 година, предизвикува сериозни загрижености.

Преговорите за нови правила за пазарот на семиња, предизвикани од намерата земјоделството да се приспособи на индустриските стандарди, носат со себе ризик од уништување на биолошката разновидност и нарушување на правото на земјоделците да користат, да разменуваат и да продаваат сопствени семиња. Ваквиот правен пристап, ако се прифати, може да доведе до значајни последици не само за здравјето на околината, туку и за правата на земјоделците, кои се темелат на меѓународни конвенции и декларации како Декларацијата на Обединетите нации за правата на земјоделците и Меѓународниот договор за растителни генетски ресурси за храна и земјоделство. Истовремено, забраната за различност во семињата ќе ја намали можноста за создавање на иновативни и решенија приспособени да се справат со глобалната климатска криза, како и со други предизвици со кои се соочуваат земјоделците.

Особено загрижува фактот што предложените регулативи веројатно ќе им одат во корист на големите корпорации, кои се светски лидери во производството на генетски модифицирани семиња и агрохемикалии. Овие корпорации, кои контролираат значителен дел од глобалниот пазар на семиња, имаат интерес да ја зголемат зависноста на земјоделците од нивните патентирани и индустриски произведени семиња. Ако се прифатат новите регулативи, тоа ќе значи дека земјоделците ќе бидат принудени да купуваат семиња од овие корпорации, додека ќе бидат ограничени во користењето на своите сопствени семиња, што е директно во спротивност со правото на земјоделците да разменуваат и да користат семиња.

Ова дополнително ќе ги поттикне употребата на генетски модифицирани организми (ГМО), кои ги контролираат големите корпорации, и може да доведе до зголемена зависност од пестициди и хемикалии што се нераскинливо поврзани со овие сорти. Во светло на климатската криза и намалувањето на биолошката разновидност, ова не е само неефикасно, туку и опасно за долгорочната одржливост на земјоделството.

Затоа, во контекст на тековните преговори, потребна е сериозна ревизија на предложените регулативи со цел да се создадат услови што ќе ја поддржат и ќе ја прошират биолошката разновидност, ќе ги почитуваат правата на земјоделците и ќе обезбедат одржливи и еколошки решенија за иднината на земјоделското производство. Екстремните климатски услови и новите штетници бараат разновидност во семињата, не нивно хомогенизирање. Земјоделството мора да остане основа за здрава, разнолика и одржлива храна.

Според Обединетите нации, 75% од земјоделската разновидност е изгубена, а она што останува е клучно за иднината на земјоделството и безбедноста на храната. Ќе треба да ја зачуваме преостанатата разновидност на растенијата и да ја користиме како основа за адаптирање на земјоделството на новите климатски и биолошки предизвици. Иако новите сорти се неопходни за поефикасно справување со климатските промени, тие не смеат да зависат од пестициди и од синтетички ѓубрива. Треба да се стимулираат органски и земјоделски методи со низок интензитет, кои ќе ја заштитат животната средина и ќе придонесат за одржливото производство на храна.

Системот на производство на семенски материјал мора да се пренасочи кон поддршка на различноста, одржливоста и правата на земјоделците. За да се оствари ова, мора да се осигура дека новите регулативи нема да доведат до ограничувања кои ќе ги стават под закана локалните сорти, како и правото на земјоделците да ги контролираат своите ресурси. Европската Унија мора да го постави новиот правен режим кој ќе овозможи разноликост во пазарот на семиња, ќе ги поддржи земјоделците и ќе ја осигура иднината на одржливото земјоделство.

М-р Милица Петрушевска, проектен координатор и задолжена за зелени практики на Универзитетот Скопје.

М-р Милица Петрушевска, проектен координатор и задолжена за зелени практики на Универзитетот Скопје.

М-р Милица Петрушевска, проектен координатор и одговорна за зелените практики на Универзитетот Скопје нагласува дека новата регулатива за семиња на ЕУ може да доведе до последици спротивни на нејзините главни цели. Таа е особено загрижена за можните последици од спроведувањето на регулативата врз иднината на македонскиот земјоделец, здравјето на македонскиот потрошувач и целокупната безбедност на храната за македонското општество.

Спроведувањето на регулативата ќе доведе до ограничување на пристапот до некомерцијални, традиционални и локални сорти на семиња, за чие сочувување се грижат главно малите земјоделци и тие што се занимаваат со органско земјоделство, главно преку сопствено производство на семе и размена на семињата. Барањето за употреба на сертифицирани семиња и строгите процеси за сертификација што ги наметнува регулативата во комерцијалното земјоделско производство, ќе го оневозможат овој процес. Ова особено важи за земји како Македонија, која нема сопствено комерцијализирано производство на семенски материјал. Земјоделците во Македонија што произведуваат комерцијално ќе бидат принудени да употребуваат „увозни семиња“ што не се приспособени на климатското поднебје на нашата земја, а традиционалните и некомерцијалните сорти добро приспособени на локалните услови, ќе бидат исклучени од комерцијалната циркулација и ќе станат тешко достапни или целосно недостапни за земјоделците. На овој начин, ќе замре практиката за сопствено производство на семенски материјал клучна за одржување на локалната разновидност, што  ќе доведе до намалување и на генетската разновидност на долг рок, односно до генетска ерозија. Така, многу традиционални или наследени култури со генетски особини што би можеле да бидат од полза во услови на климатски промени или нови штетници со времето ќе исчезнат. Ова може да го ограничи и да го поткопа капацитетот на локалните земјоделски системи да се приспособат на идните предизвици што ги носат со себе климатските промени (суши, поплави или нови болести), а со тоа и да ја поткопа и долгорочната безбедност на храната во нашата земја.

 Различни сорти македонски пиперки од територијата на целата држава. | Извор: „Зелена Република“, органски производител од Македонија

Различни сорти македонски пиперки од територијата на целата држава. | Извор: „Зелена Република“, органски производител од Македонија

М-р Петрушевска сумира дека со новата европска регулатива, ако се земе предвид како стојат работите во нашата земја со производството на семенскиот материјал, македонскиот земјоделец ќе биде принуден да „увезува“ семе што не дава добар плод во Македонија, со што неговите производи ќе станат неконкурентни во однос на увозните.

За да ја одржи евентуално својата конкурентност, македонскиот земјоделец ќе мора да се потпре на генетски модифицирани семиња на големите компании, а за да го направи своето производство економски исплатливо, ќе мора да се потпре на монокултурно производство, односно на садење големи површини со генетски униформни култури. Монокултурите се многу ранливи на болести, штетници и променливи услови на животната средина и се во целост спротивни на принципите на органското производство. Како резултат на процесот, македонското општество ќе стане уште повеќе, ако не и целосно зависно од увоз на земјоделски производи добиени од генетско модифицирано семе – со недокажано влијание врз човековото здравје и докажано штетно влијание за долгорочното сочувување на способноста на хумусниот слој на земјата да создава храна. Македонија, од земја со невидени природни ресурси за земјоделско производство, препознавана на просторите на поранешна Југославија по својот домат и пипер, ќе стане земја што увезува домат и пипер, нејзините природни ресурси евентуално ќе ги користат големи агробизниси што ќе го „испостуваат“ плодниот слој на нејзината почвата правејќи го долгорочно неплоден, а македонскиот потрошувач ќе консумира „индустриски“ земјоделски производ со сомнителен квалитет.

Image
Newsletter