Нова гламурозна промоција на дипломци и магистри од Универзитетот Скопје

Нова гламурозна промоција на дипломци и магистри од Универзитетот Скопје

„Нашата диплома е ваш пасош за светла иднина, таа е вашиот пасош за влез во компании, државните институции. Но, вашата вистинска моќ произлегува од вашето знаење, од вашите вештини и од вашите компетенции што ги стекнавте на нашиот Универзитет во текот на повеќегодишното учење“, ова на дипломците и магистрите им го порача ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски во својот инспиративен говор на Свечената промоција на 15. генерација дипломирани студенти и 13. генерација дипломирани магистри за 2023 година.

На почетокот на свечената промоција, гостите во салата уживаа во перформансот на балетот „Simply the best“ во кореографија на Олга Панго, чија изведба низ музика и игра ги доловија сите важни мигови во образованието на една личност, а бура од емоции предизвика и изведбата на дел од култната група „Меморија“ на една музичка изведба составена од четири различни рефрени. 

Балетот „Simply the Best“, симболика на најважните образовни моменти на еден студент.

Балетот „Simply the Best“, симболика на најважните образовни моменти на еден студент.

Настанот во преполната сала на МОБ започна со интонирање на химната и поздрав кон државното знаме, а во присуство на амбасадори, градоначалници, претставници на државните институции, родители, студенти и јавни личности. Ректорот Миленковски им порача на дипломците и на магистрите дека образованието е најголемата сила на човечката цивилизација, која дава моќ што нема крај.

Сакам да кажам дека дипломата што ќе ја примите, што ќе ви ја доделам јас вечерва, иако е обично парче хартија, не е без посебно значение. Што ви значи таа вам? Ви значи како пасош со кој патувате низ светот, таа е вашиот пасош за влез во националните компании за влез во државните институции и установи, за влез на вашите работни места. Почитувани членови на Советот за доверба и соработка, ве молам, слушнете ме добро, видете ги нашите магистри и дипломци и знајте дека тие се идните ваши вработени. Вашата моќ не произлегува од вашата убавина, ниту, пак, од вашите прекрасни фризури, не произлегува од вашата доминација. Вашата моќ произлегува од вашето знаење, од вашите вештини и од вашите компетенции што ги стекнавте на нашиот Универзитет во текот на повеќегодишното учење и студирање. Вашата супер моќ произлегува од вашите вештини и компетенции. Едно нешто треба да запаметите, да знаете дека мојата сила не ми ја дава физичката сила, мојата сила и вашата сила произлегуваат од образованието, затоа што образованието е најголемата сила во светот на човечките цивилизации, од нивниот почеток, па сѐ до денес. Тоа ја претставува вашата моќ, образованието ви дава моќ што нема крај. Вие денес овде пред вашите родители го поднесувате својот извештај за постигнатиот успех во вашиот едукативен процес на нашиот Универзитет. Ниту една друга институција и установа во државата на која можам да помислам во овој момент не троши толку многу енергија и не вложува толку напори за креирање и создавање на кадар што ќе биде финален производ на трудот во нашата татковина колку што трошиме и вложуваме ние, изјави ректорот Миленковски во преполната сала во МОБ. 

Затоа, мојата татковина им ја давам на идните поколенија, на моите магистри, на моите дипломци, затоа што знам дека во нивните раце таа ќе биде сигурна и стабилна, истакна Миленковски во својот говор.

Интонирање на македонската химна.

Интонирање на македонската химна.

И мојата татковина не ја давам никому, не ја давам! Но, дозволете ми да им ја дадам на вашите деца, на нашите идни поколенија, на моите дипломци и на моите магистри, да им ја дадам на овие млади луѓе затоа што верувам дека таа во нивните раце ќе биде стабилна и сигурна. Во нашата земја историјата се пишувала со крв, со болки, со неправди, таа повеќе пати од пепел се кревала, но молкум истрајува до денес. Тоа е мојата Македонија, онаа што јас ја носам во моето срце, таа што ми трепери во мојата душа, таа што ги топли моите гради. Прифатете ги моите најискрени честитки и желби за среќен и успешен живот, мои драги магистри и мои драги дипломци, и за уште поуспешна кариера. Уште еднаш ви честитам и вам, и на вашите родители, и на вашите професори, за нова, чесна и истрајна генерација што знае што сака, изјави Миленковски.

Дигиталната технологија е сѐ повеќе распространета, вашето знаење треба постојано да расте, и тука нашиот Универзитет е оној што вистински може да ги исполни вашите желби и да ви помогне да ги остварите вашите соништа, констатира Миленковски. 

Денес мои дипломци и магистри, сѐ повеќе е распространета употребата на дигиталната технологија. Циркулацијата на знаење се одвива многу брзо, вие сте најдобри сведоци на тоа. Затоа, сега вашето знаење треба перманентно да расте во големите, средните и во малите претпријатија. Ваквите случувања создаваат нови можности, но и нови предизвици, размената на знаење е различна од размената на информации, размената на знаење е консултативно и вклучува социјална интеракција и комуникација заснована на меѓусебна доверба. Главно, тоа е човечки културен процес, а не само формален и механички. Затоа, размената на знаење бара вештини и способности за интеракции, да соработувате во процесот на решавање на проблемите. Ако ги извршувате вашата задачи, само со упорна работа ќе придонесете вашите вештини да се развијат и да се зајакнат. Затоа, драги дипломци и магистри, младиот човек што успешно го завршува своето образование, треба да има квалитет, храброст и одлучност, за да може да плови по бурните мориња, да се справи со промените, да ги прифати можностите и да води добар живот. Нашиот Универзитет е оној што вистински може да ги исполни вашите желби и да ви помогне да ги остварите вашите соништа, изјави Миленковски. 

„Никогаш да не престанете да учите“, им порача ректорот Миленковски на студентите.

„Никогаш да не престанете да учите“, им порача ректорот Миленковски на студентите.

Да не престанете со учење, затоа што дипломирањето не е крај на учењето, туку нов почеток, да ја сакате вашата татковина и да се стремите за поголеми достигнувања, им порача на крај ректорот Миленковски на своите студенти

Се надевам дека ќе бидете храбри да барате нови гледишта и никогаш да не престанете да учите, ама баш никогаш. Светот сега поминува низ период на големи турбуленции, трансформации и длабоки приспособувања, новиот круг на технолошки револуции и индустриска реформа водена од иновациите се формира со огромна брзина. На социјалната мрежа Фејсбук, на пример, ѝ требаа речиси четири и пол години да достигне една база од 100 милиони корисници, а на Инстаграм, сега внимавајте, му беа потребни само две и пол години за 100 милиони корисници. На Тик-ток, пак, му требаа само два месеци да добие 100 милиони корисници! Ете, тоа се должи на оваа технолошка трансформација, и затоа вие мора да бидете во тек со сите иновации. Затоа, за вас, мои дипломци и магистри, вашето дипломирање не е крај на вашето учење, туку нов почеток, и само ако продолжите да учите, можете да летате високо. 

Второ, се надевам дека ќе ги преземете одговорностите на времето и ќе го искористите најдоброто од вашата младост. Иако секоја генерација има свои предизвици, вие, младите во нашата татковина Македонија, денес морате да ѝ бидете посветени на нашата кауза, да ја сакате нашата татковина. Со соништа во срцето и со одговорност на рамењата да марширате напред одлучно и со огромна сила. Се надевам дека ќе го искористите најдоброто од вашата младост и ќе продолжите со основната вредност на љубовта кон нацијата и кон нашата татковина, Република Македонија. И што е уште поважно, не сакам да кажам дека се надевам, туку сигурен сум дека ќе го усогласите вашиот личен раст со развојот на нашата земја, со развојот на нашата татковина, со развојот на Република Македонија. Сигурен сум дека целосно ќе ја одиграте вашата важна улога како млада генерација што ќе нѐ води напред развивајќи ја Македонија, нашата татковина.

Трето се надевам дека ќе се стремите кон поголеми достигнувања, за нашата земја, за вашата земја, за мојата земја. Како млада генерација соочена со комплексна и постојано менлива средина дома и во странство, треба да имате оптимистичка визија за иднината на човечката цивилизација. Затоа што, драги мои дипломци и магистри, сите ние ја делиме истата судбина и чекориме и одиме по истиот пат. Потребно е постојано да работите на себе, да го развивате вашиот карактер, да го развивате вашиот ум, да развиете меѓународна перспектива поддржана со опширно и длабоко знаење. Треба да се вклопите во повикот на нашата татковина и на нашето време и да се стремите да му служите на човечкиот род , но и на целиот македонски народ. Да се охрабрите да ги остварите благородните соништа, да ги остварите поголемите цели, и со поголема амбиција, со визија, сите заедно да ја оствариме нашата цел, изјави Миленковски. 

Обраќање на најдобриот дипломец, Мартина Нанева.

Обраќање на најдобриот дипломец, Мартина Нанева.

На свечената промоција беа прогласени и најдобрите студенти, а пред гостите се обрати Мартина Нанева, првенец на генерацијата. 

Напорно работевме за тоа што го вечерва го добивме. Тој пат бара упорност, работа и квалитетни професори, кои успешно нѐ водеа до нашата крајна цел, кажа Нанева пред присутните гости. 

Ја користам оваа можност вечерва на сите професори и асистенти искрено да им се заблагодарам во името на генерацијата дипломирани на Универзитетот Скопје. Нашето место и улога во целиот тој процес на стекнување знаења, вештини и компетенции се огледува во нашите континуирано извонредни резултати во студирањето, со што создаваме релевантна слика во јавноста за квалитетот на Универзитетот, кој се позиционира како лидер во високото образование во меѓународни рамки.

Нашите постигнати резултати во студирањето и знаењето што го стекнавме на Универзитетот со помош на вашето лидерство, се основа за градење и унапредување на довербата на македонската економија и општество во целина во потенцијалот на Универзитетот Скопје. Што се однесува до нашите размислувања и очекувања во иднина, во професионалните сфери, дозволете ми со вас да ја споделиме нашата увереност дека Универзитетот Скопје и понатаму ќе остане на врвот на македонското високо образование, пример на функционирање според најрепрезентативна и најуспешна високо-образовна филозофија. Увереност дека ќе бидеме пример што придонесува кон зацврстување на довербата и кон заинтересираност на поголем број студенти. Во името на сите дипломирани студенти на Универзитетот, би сакала особено да им се заблагодарам на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, и на неговиот тим за сите нивни заложби, напори и дела со кои ни го креираа патот во иднината. Упатуваме порака дека сме горди што од денес ги имаме и ги претставуваме стекнатите знаења и добиените дипломи од Универзитетот Скопје и ве уверуваме дека ќе останеме на врвот на македонското високо образование, изјави Мартина Нанева, студентка на генерацијата.

Обраќање на најдобриот магистер, Светлана Пеншовски.

Обраќање на најдобриот магистер, Светлана Пеншовски.

Ние сме горди затоа што нашата диплома е препознатлива во целиот свет, а Универзитетот Скопје е етаблиран лидер во високото образование, кажа магистер Светлана Пеншовски, која се обрати на Свечената промоција и изјави дека ректорот, професорите и асистентите ги исполниле сите нивни очекувања, а дека овој момент ќе го паметат цел живот. 

Во името на сите магистри, сакам да ја искажам неизмерната благодарност до Вас, ректоре, до вас, професори и асистенти, за тоа што ги исполнивте сите наши очекувања. Вие, кои преку квалитетните предавања, истражувачките проекти, како и низ многу други активности нѐ воведовте и ни ги откривте тајните на успехот во бизнисот. Вие го поттикнавте лидерството во нас, вие ги зацврстивте етичките принципи во нас, вие нѐ убедивте дека треба да имаме високи цели. Визијата во секој од нас за професионална кариера ја поставивте на реални основи, и затоа ние веруваме во себе, во нашите можности, во нашите извонредни компетенции. Вие нѐ поддржавте, а ние успеавме нашиот сон да го живееме. Ние сме горди магистри на Универзитетот Скопје затоа што нашата диплома е препознатлива во целиот свет, затоа што Универзитетот, вие и ние, сме препознатлив, цврсто позициониран бренд во високото образование на глобално ниво. Вие нѐ брендиравте со моќта на знаењето, ние од денес сме БРЕНД-АМБАСАДОРИ на Универзитетот Скопје. Успешната приказна за нашите мисли, за нашите импресии, за нашите силни емоции ќе ја раскажуваме секогаш и секаде, затоа што вие од нас креиравте уникатен модел на исклучително квалитетни и конкурентни професионалци. 

Ние и по нашето магистрирање остануваме нераскинлив дел од Универзитетот Скопје, од Вас, почитуван Ректоре, од вас, почитувани професори и асистенти, од вас кои од нас креиравте престижен модел на бренд-лидери. Вечерва е нов почеток на нашата соработка во нови области, од нов аспект, како дел од Алумни-асоцијацијата на Универзитетот. 

На крајот, од името на сите магистри сакам да упатам апел: да ги негуваме, зацврстуваме, оплеменуваме со силата на умот и со силата на говорот, со апликативни активности, иновативни содржини, сите квалитети кои ги дава оваа високо-образовна институција, бидејќи тоа нѐ води сите нас во глобалното семејство на културни и едуцирани народи.

Воедно, на Универзитетот Скопје како етаблиран лидер во високото образование му посакуваме уште многу успешни генерации дипломци и магистри, кажа во својот говор магистер Светлана Пеншовски. 

Традиционално фрлање на студентските капи.

Традиционално фрлање на студентските капи.

Ректорот Миленковски на крај им порача на дипломците и на магистрите дека сите треба да ги запаметат вредностите всадени од Универзитетот. Вие, рече Миленковски, го имате клучот на успехот, на јачината, на силината, вие ги имате клучевите на иднината на нашата татковина, секој од вас држи по една низа клучеви и со нив отворете ја вратата на стабилноста на нашето општество! 

Image
Newsletter