„Човекот учи додека е жив“ – ова е една од најцитираните реченици и една од најточните констатации до кои може да се дојде во текот на животот. Осум години основно образование, четири години задолжително средно, потоа факултет, а неретко и определба за магистерски и докторски студии. Вака отприлика се одвива едукативниот формален пат на луѓето во Македонија. Во меѓувреме постои надградба на знаењата, практична примена на наученото, разни курсеви, обуки и неформална едукација. Зошто е тоа толку важно? Затоа што знаењето никој не може да ви го одземе – тоа е непроценливо богатство и најголемиот влог во себе. Ако се земе предвид дека работната седмица во Македонија изнесува 40 работни часа неделно, а неретко и повеќе, се доаѓа до огромното значење што го има работата во животот на секој човек. Ако најмалку една третина во текот на денот ги поминуваме во работа, тогаш многу е важно што работиме. Изборот на професија и ангажман се едни од најголемите одлуки кои секој треба да ги донесе. Тоа треба да се направи со огромно внимание кое овој процес на долгогодишно учење го бара, бидејќи и тоа како е важно како некој ќе се однесува на работното место, кои вештини ќе ги покаже, дали е свесен за своите права и обврски и најнакрај, дали ќе биде задоволен, исполнет и мотивиран од својот избор.
Проф. д-р Виолета Миленковска: „Реформи во високото образование мора да се спроведат.“
Симнати розовите очила на образовниот процес во Македонија
Не е тајна дека актуелната состојба во образованието во Македонија не е розова. Таа од година в година само се влошува, почнувајќи од слабостите на реформираното основно образование, па сѐ до лошиот студентски стандард кој ги демотивира академските граѓани. На оваа тема, но и за предизвиците во професионалната кариера, масовното иселување на младите и како да се избере образовниот пат, се дискутираше на панелот „Образованието – патоказ во животот“ во рамки на Регионалната конференција за жени „Профемина 2023“, поддржан од Универзитетот Скопје.
Една од говорничките на Панелот за образование беше и професорката Виолета Миленковска од Универзитетот Скопје, која зборуваше за значењето на образовниот процес, но истовремено се осврна и на катастрофалната политика во однос на образовните реформи.
„За подобрување на нашиот образовен систем се дискутира со децении наназад, но сепак, квалитетни системски промени досега немало. Мојата порака до сите чинители во образовниот процес е да се вложува во знаењето, бидејќи тоа е најмоќната алатка која придонесува во надминување на сите предизвици во животот. Вината за сите пропусти и за вака осакатено образование не е во реализаторите на наставата, туку повторно во оние кои се задолжени да ја креираат и да ја контролираат имплементацијата на образовните програми. Несредениот и колабиран образовен систем како суштинска алка во општеството е само еден дел од мноштвото причини за одлив на младите кадри надвор од татковината. Затоа, образованието треба да биде приоритет на сите идни владини политики за закрепнување и поправка на штетата предизвикана од пандемијата, но и од експерименталните реформски зафати“, смета професорката Миленковска.
Според неа, годините на пандемијата значеле чекор наназад во поглед на напредокот во образовниот сектор во земјава. Истовремено, многумина ученици во руралните средини во овој период останале без образование, што тешко може да се надомести. Таа зборуваше за неконзистентните политики кои ги наметнува една влада, а друга ги отфрла и креира нови, кои само го поткопуваат евентуалниот напредок на ова поле.
„Знаеме дека најважен столб за да се возвиши една држава е доброто образование. За жал, на овој план ние се наоѓаме во еден колапс. Со доаѓањето на секоја политичка гарнитура, се нудат некои концепции, кои придонесоа за вакво еродирано образование. Се изгубија некои предмети, а наставниците почнаа да предаваат други предмети за кои не се стручни. Имаме една хаотична ситуација, збунети ученици, незадоволни наставници и разочарани родители“, вели проф. д-р Виолета Миленковска.
Според Миленковска, соодветни и исцрпни реформи се неопходни за да ја гледаат младите и натаму својата иднина во Македонија, а не да се иселуваат, да живеат и да работат во странство.
„Јас сметам дека реформите треба да се спроведат во универзитетското образование. Мора да се изнајде програма која ќе им овозможи на учениците од средните училишта да го пронајдат своето место на нашите универзитети, а не да заминуваат во странство. Мора да се реформираат студентските домови, мензи, превозот. Студентите бегаат од нашето образование во држави каде што имаат подобри услови за учење – бесплатно образование и европска диплома“, дополни проф. д-р Виолета Миленковска.
Доц. д-р Викторија Трајков: „За мене поразително е што секој ден се полнат автобусите и авионите со студенти што заминуваат од нашата држава.“
Корупцијата – клучен проблем
Универзитетската професорка и кариерен дипломат, доц. д-р Викторија Трајков, ги посочува високото ниво на корупција и нефункционалниот систем како клучни причини за иселувањето на младиот кадар.
„За мене е поразително што секој ден се полнат автобусите и авионите со студентите што заминуваат од нашата држава. Жално е кога гледате дека еден млад човек учи и се развива тука за да го примени своето знаење во странство. Затоа ние во Универзитет Скопје нашите студенти ги учиме како да ги применат своите вештини во својата земја, а не во странство, каде што би биле граѓани од втор ред. Потребно е промените да не остануваат на ниво на дискусии, секоја држава треба сериозно да се занимава со образованието и со спроведувањето на стратегиите во дело“, вели таа.
Според неа, никој не сака да живее во целосно распаднат систем кој не нуди никакви можности и фер услови за наоѓање работа и достоинствен живот. Македонија опасно потфрлила на испитот за тоа како да ги задржи младите во земјава.
„Ниту еден човек не би сакал да живее, пред сѐ, во распаднат систем, корумпирано општество без основни услови за живот, во сиромаштија и со дисфункционални институции, со здравство кое разболува, а не лечи. Секој млад човек, без разлика каде и да живее, сака среден систем, систем на вредности, мерит-систем во кој ќе биде вреднуван како индивидуа. Македонија е бренд сама по себе, како велат, само сонцето е постаро од Македонија. Но, ние не научивме дека треба да го искористиме секое нејзино „ќоше“, кое е инспиративна приказна за секој еден кој живее надвор и кој сака или има тенденција да биде макар и на неколку дена дел од приказната за Хераклеа, Кокино, Калеш Анѓа, македонскиот Ерусалим – Охрид итн. Под итно треба да го смениме односот кон нашето, македонското! Само така ќе одиме напред“, вели професорката Викторија Трајков.
М-р Билјана Трендафилова: „Само образовани луѓе можат да го менуваат општеството.“
Само образовани луѓе може да прават промени
„Само образовани луѓе можат да го менуваат општеството и да ги следат светските трендови“, истакна м-р Билјана Трендафилова, која го модерираше панелот посветен на образованието.
Таа порача: „Не можете да очекувате развој на општеството ако немате развиено и модерно образование, а во Македонија нема елементарни услови. Веќе втора година, учениците наместо од учебници, учат од скрипти. Првото полугодие е при крај, а книги недостигаат по многу предмети. За подобрување на нашиот образовен систем се дискутира со децении наназад, но сепак, квалитетни системски промени досега немало. Сведоци сме на парцијални решенија, главно на ниво на експерименти и на пилоти, на избрзано и неаргументирано внесување наставни програми осудени на неуспех во нашето општество. На нашиот образовен систем му се потребни итни и квалитетни реформи за постигнување на долгорочните цели“, оцени Трендафилова.
Александра Митрова: „Процесот на образование отвора можности за личен професионален раст.“
Универзитетската диплома – пасош за подобра иднина
Универзитетската диплома е само почеток, отскочна штица која го трасира идниот пат во кариерата. Не значи нужно дека таа ќе ви донесе успех, не без идно надградување на знаењето. Сепак, според Александра Митрова, директор за продажба и маркетинг во Скопје Мериот хотел, квалитетното високо образование дефинитивно е пасош за подобра иднина.
„Универзитетската диплома е пасош за подобра иднина, а од нас зависи колку труд ќе вложиме за да го искористиме – дали ќе го оставиме во фиоката или ќе го искористиме да патуваме и да се развиваме. Процесот на образование отвора можности за личен професионален раст и развој. На Универзитетот Скопје, јас се стекнав со сознанија кои ми помогнаа да откријам што ме привлекува најмногу професионално и ме вооружи со знаење што ми беше неопходно за мојата професија“, вели директорката за продажба и маркетинг во Скопје Мериот хотел.
Мартина Нанева: „Репутацијата на универзитетот може да отвори многу врати за нови кариерни можности.“
Изборот на Универзитетот е значаен патоказ во животот
Дел од панелистите на темата образование беше и најдобрата дипломка на генерацијата на Универзитетот Скопје, Мартина Нанева. Таа зборуваше за своето универзитетско искуство кое треба да ѝ помогне во идните кариерни предизвици.
„Да се биде избран за најдобар дипломец на генерацијата е чест за моето образовно патување, во кое Универзитетот Скопје ми беше главен патоказ. Универзитетското искуство го сметам за најголемо достигнување засега, кое ми го одреди патот по кој сакам да се движам во животот. Универзитетот Скопје беше клучен во усовршување на моите вештини во областа на меѓународниот маркетинг менаџмент. Репутацијата на Универзитетот може да отвори големи врати за нови кариерни можности. Работодавците ги препознаваат младите луѓе со знаење, посветеност и талент. Како што влегувам во следното поглавје од мојот живот, така ја носам не само академската титула дека сум најдобра дипломка, туку и непроценливите лекции и искуства стекнати токму на Универзитетот Скопје. Ги охрабрувам сите идни студенти да одберат да учат од најдобрите, по светски искуства, но дома на мојот и ваш Универзитет Скопје“, истакна Нанева.
Да се разбуди и да се одржува страста кон учењето значи континуирано да се созрева. Образованието нуди стекнување знаења од различни области и науки, но и можност за добивање искуство во она што нѐ интересира, па на тој начин да се изградиме како личности. Токму затоа е многу важно да се создаде систем на квалитетен образовен процес кој ќе креира оформени, едуцирани, самоуверени индивидуи, кои не само што ќе донесуваат добри и тешки одлуки во областите во кои ќе работат, туку ќе бидат и лојални и совесни граѓани на државата во која живеат.
Од Универзитетот Скопје посочуваат дека се општествено одговорна институција што помага секаде каде што е потребен капацитетот на академскиот кадар за да се промени системот кој не функционира. „ProFemina 2023“ на едно место ги собра сите кои сакаа да дебатираат на тема образование, како и на други теми кои ги засегаат жените од аспект на предизвиците и можностите со кои се соочуваат.
За да ги мотивира младите постојано да вложуваат во своето образование, Универзитетот Скопје на настанот додели и целосна стипендија за постдипломски студии.