Очекувано жестока кампања за двојните избори – се наѕира ли промена на власта по 7 години?

Очекувано жестока кампања за двојните избори – се наѕира ли промена на власта по 7 години?

Дали ќе гласаат граѓаните „ЗА“ или „ПРОТИВ“? Контурите на расположението кај гласачите ќе се забележат на првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април, а конечниот епилог ќе се знае на 8 мај. Седумгодишното владеење на коалицијата на СДСМ и ДУИ може да се сведе на галопирање кон кулминирачка корупција на сите полиња во општеството. Народот добро ги памети аферите со „Бехтел и Енка“, обидот за приватизација на енергетскиот сектор, растечките цени, нискиот стандард, лошото справување со пандемијата и енергетската криза, политичкиот ќорсокак до кој доведе промената на името на државата и Договорот со Бугарија со условот за уставни измени за влез во Европската Унија и многу други. Сега сѐ се сведува на едно – дали ќе ѝ дадат граѓаните црвен картон на власта и дали ќе замине ДУИ конечно во опозиција. Токму албанскиот блок од повеќе опозициски партии што во моментов ѝ дише на ДУИ во врат, се надева дека ќе го прекине дводеценискиот монопол на ДУИ во власта. Од друга страна, свои математики имаат и Левица и ЗНАМ на Максим Димитриевски, кои се трудат да им ги помешаат сметките на главните претенденти за формирање влада.

Ќе успее ли Силјановска-Давкова да биде првата жена-претседател на Македонија?

Ќе успее ли Силјановска-Давкова да биде првата жена-претседател на Македонија?

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова

Под слоганите „Македонија повторно горда“ и „Македонија повторно твоја! - промените во твои раце“, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе ја бараат довербата на гласачите на парламентарните избори и изборите за претседател на државата, за кое место ја номинираа професорката и пратеник Гордана Силјановска-Давкова.

Кампањата за претседателските избори е во полн ек. Иако кандидатите се обврзаа на позитивна кампања, сепак, жестоката политичка битка несомнено предизвика и удари „под појасот“. Еден од главните адути на актуелниот претседател Стево Пендаровски е дека Давкова нема никаква програма и план како ќе ја води државата. Сепак, таа образложува дека слоганот не е случајно избран. Додава дека е потребно да се проблематизира односот кон малите држави и дека не случајно, како што вели, големите или оние однадвор понекогаш да се однесуваат кон нас како да не заслужуваме гордост.

„Зошто? Зашто погрешната слика за нас ја даваат оние што треба да бидат најгорди – претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието. Нивната слика е сликата за државата. Тие не заслужуваат почит, и се разбира, во односите на сите кон нив, ова се повторува. Затоа мислам дека ако не се почитуваме самите, не треба и не можеме да очекуваме почит однадвор, ако немаме самите самодоверба, нема да ни веруваат. Овие луѓе не заслужуваат доверба, знаат дека тоа не го заслужуваат, а немаат ниту самопочит. Затоа, мислам дека е време за длабоки промени и реформи. Време е луѓето да се идентификуваат со оние што треба да ги застапуваат нив и националните и државните интереси, луѓе што имаат самодоверба. Кога сте успешни, вие верувате во себе и ја заслужувате довербата“,  рече таа.

Гордана Силјановска-Давкова порача дека Македонија мора да оди во Европската Унија, меѓутоа, со почитување на меѓународното право, но и на националните и на државни интереси. Најави политичко помирување и консолидација и правда за 27-темина осудени од април. Таа вети дека ако стане претседател на државата, повторно ќе ја отвори Народната канцеларија на претседателот, која беше отворена од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Рече дека нема да оди надвор од Македонија и да преговара без да оствари консензус за клучните прашања за државата.

„Само најуспешните, најстручните и најпочитуваните можат да ни ја вратат гордоста, само така веќе нема да бидеме најнесреќниот народ“, порача Силјановска-Давкова.

Според неа, истовремено менувајќи ги работите и европеизирајќи се, ние ќе наидеме на подобар однос и подобар одговор. Таа смета дека ситуацијата со уставните измени „апсолутно не држи“, дека ЕУ ќе ни стави вето и, како што кажа, „ќе добиеме не знам колку вета поради непочитување на Копенхашките критериуми“.

„Во ЕУ треба да сте компатибилни, а не само да ја глорифицирате ЕУ. Не правејќи ја догма, и истовремено, менувајќи ги работите односно европеизирајќи се, ние ќе наидеме на подобар однос и на подобар одговор. Тоа што велат дека ако не го смениме Уставот, ќе бидеме аут е илузионизам. Колку пати ние всушност ги почнавме преговорите – прво ги отпочнавме преговорите во авион, па до почнати преговори во Солун со изјави на некогашниот премиер, па Преспански договор, дали сте за членство во ЕУ и НАТО прифаќајќи го Преспанскиот договор, сето ова е илузионизам“, оценува Силјановска-Давкова.

Таа смета дека со соседите треба да се разговара со аргументи.

„Кога велам јас дека треба да се разговара со соседите, со аргументи, еве на што мислам. Соседите треба да ги признаваат европските вредности. Дали не е европска вредност да се почитуваат пресудите од Стразбур? Каква е таа држава чиј судија суди од Стразбур, а не признава пресуди од Стразбур што важат за неа?“, вели Силјановска-Давкова.

„Платформа 1198“ за 1.198 проекти во следните 4 години

„Платформа 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на исто толку проекти во различни сфери што коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да ги оствари во следните 4 години. Таа се потпира на пет клучни столба: активна и постојана борба за квалитетен животен стандард, отворање фронт против корупцијата, работа на институциите според закон, обезбедување функционален систем за граѓаните и заеднички патриотизам, а доминантна во програмата е економијата. Се предвидува укинување на балансерот, реорганизација на институциите и нови министерства за енергетика и за социјална политика, демографија и млади.

„Со ,Платформата 1198‘ се обврзуваме на раст на БДП до 5 проценти годишно, ниска стапка на инфлација – не повеќе од 2 до 2,5 проценти годишно, буџетски дефицит што постепено ќе се намалува до ниво под 3 проценти од БДП, намалување на невработеноста до 7,5 проценти односно создавање нови 55 илјади работни места“, рече претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој им порача и на пензионерите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се грижи за нив. Тие би требало да добијат зголемување на примањата од 5.000 денари.

„Вие сте биле што сме, ќе бидеме што сте. И вие добро знаете дека вашето достоинство е нарушено од неодговорното владеење. Притиснати сте со проблеми. Наместо на вашата возраст да ги минувате најубавите времиња и да уживате во плодовите од вашата децениска работа, принудени сте да протестирате за правата што ви следуваат. Ќе ги покачиме пензиите за 5 илјади денари, но и ќе им го вратиме достоинството на пензионерите. Верувајте во нас и дајте ни ја вашата поддршка“, им вети Мицкоски на пензионерите.

Ќе седне ли Мицкоски на премиерското столче?

Ќе седне ли Мицкоски на премиерското столче?

Тој најави задржување на рамниот данок, незголемување на данокот на личен доход и на данокот на добивка, даночно ослободување кај данокот на личен доход за нововработените млади до 29 години, целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ги поддржи младите парови со враќање на програмата „Купи куќа“.

Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека било голем предизвик да се направат проекциите за буџетот 2024-2028 година ако се земе предвид дека владата на СДСМ и ДУИ ќе оставела пустош во буџетот и речиси банкротиран буџет. Главниот фокус во следните 4 години ќе бил ставен врз инвестициите, а не врз потрошувачката, како што е сега.

„Прво што планиравме како ВМРО-ДПМНЕ е реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра. Станува збор за инфраструктурни проекти, за проекти во образованието, во здравството, проекти што ќе имаат вистинска додаден вредност“, вели Димитриеска-Кочоска.

Голем дел од проектите се однесуваат на реформи на Управата за јавни приходи за таа да може да ги наплати парите што сега се губат во сивата економија.

Голем акцент ќе биде ставен врз инфраструктурата, односно за довршување на постојните и отпочнување нови проекти.

„Ќе го завршиме и Скопје – Блаце, два километри од единствениот автопат што го почнаа и не го направија седум години. Ќе го направиме и автопатот Кичево – Букојчани бидејќи е предвидено да има автопат Гостивар – Букојчани, и би сакале да го поврземе тој регион до Охрид. Ќе инвестираме многу и во Пелагонискиот Регион на Македонија, кој со години и со децении досега можам да кажам дека е прилично запоставен“, вети Синиша Ивановски, претседател на Комисија на ВМРО-ДПМНЕ за инфраструктура, урбанизам и транспорт.

Партијата планира да креира 10-годишна нова стратегија за привлекување гринфилд- и браунфилд-инвестиции, но и да направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот.

Во делот на внатрешното уредување, претседателот Мицкоски смета дека првата клучна промена за која очекува поддршка од сите партии е парламент со 90 пратеници, наместо 120, и реформа во изборниот законик со која земјата ќе биде една изборна единица. Се предвидува и распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и формирање нови врз основа на вистински критериуми.

Во однос на ставот на партијата околу уставните измени и т.н. „џентлменски договор“ на албанските партии дека нема да бидат дел од владата без јасен договор за уставни измени, Мицкоски го нарече договорот „предизборен фолклор“. Тој е дециден дека уставните измени нема да бидат вклучени во преговорите за влада, а условите на сите партии ќе се диктираат по 8 мај. Од неговата партија остануваат на претходниот став дека ако сака Бугарија какво било придвижување во однос на ова прашање, мора да ги спроведе пресудите на судот во Стразбур.

Пендаровски без постојана подршка од Ковачевски. | Извор: zoom.mk

Пендаровски без постојана подршка од Ковачевски. | Извор: zoom.mk

Стево Пендаровски очекува втор мандат

СДСМ повторно со стар адут во рака. Актуелниот претседател Стево Пендаровски во втор обид да издејствува уште пет години престој во вилата Водно. Неговиот мандат што полека изминува се карактеризираше со многубројни „тргни-застани“ ситуации. По многу прашања се истрчуваше, демонстрираше цврсти ставови, а по неколку дена се премислуваше драстично. Цел негов мандат може да се опише како неконзистентно лидерство во мислењата. За најголемо достигнување на Македонија за време на неговиот мандат, го смета зачленувањето во НАТО.

Сепак, се чини дека во СДСМ има дилеми околу неговиот избор. Иако со месеци претходно се навестуваше дека поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе биде најверојатен кандидат на СДСМ за претседателските избори, по неговите гафови со издавањето на личните документи, Пендаровски се избори за втора номинација. Првите митинзи поминаа без присуството на претседателот на партијата Димитар Ковачевски, потег што се толкуваше дека на СДСМ да не му се толку важни претседателските како парламентарните избори и дека целата енергија партијата ја има префрлено во тој дел. 

Програмата на Пендаровски се заснова на 5 клучни столба: глас на граѓаните; промотор на правата на младите, ранливите и маргинализираните заедници; заштитник на демократијата и на соработката во општеството меѓу заедниците; борба за правна држава без криминал и корупција; и европска интеграција како двигател за целосна трансформација. Токму последново е делот врз кој Пендаровски најмногу сака да стави акцент. Според него, неодговорно е Македонците да се откажат од европскиот пат и од можностите за развој што тој ни ги нуди.

„Токму поради тоа, неправдите и разочарувањата не смеат да нè поколебаат во остварувањето на нашата цел. Конечно, придобивките од постепената интеграција најсилно ќе ги почувствуваат младите, особено во образовните политики, технолошкиот развој и социоекономските политики за подобрување на нивниот социјален и економски статус, како и во намалувањето на емиграцијата“, вели Пендаровски.

И покрај тоа што Пендаровски е повеќе од три децении во политиката и се труди да биде коректен со противниците, се чини дека кога „му гори под нозе“, заборава на џентлменските манири. Кандидатите се обврзаа да не водат негативна кампања кон противниците, но тој упати низа вербални удари кон Силјановска-Давкова. Од обвинувања дека нема програма иако е таа презентирана на 40 страници, преку тоа дека таа не си ја знае сопствената земја, до совет да си набави ГПС-уред, со многубројни навреди врз основа на возраст и на полова припадност, со цел да ја дискредитира противкандидатката.

СДСМ се бори да ја задржи власта. | Извор: Република

СДСМ се бори да ја задржи власта. | Извор: Република

СДСМ – завршување на преговори со ЕУ до 2028 година

Коалицијата „Заедно за европска иднина“ предводена од СДСМ ќе се бори за уште еден мандат. На овие избори, новина е што актуелниот претседател на партијата Димитар Ковачевски за првпат ќе си ги одмери силите на избори. Во програмата на 250 страници, доминантен дел се евроинтеграциите. Партијата се обврзува да ги заврши преговорите со Европската Унија до 2028 година и да ја внесе Македонија во европското семејство до 2030 година. 

„Завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година. Програмата е детална, конкретна и содржи голем број мерки во сите области и за сите граѓани. Оваа програма е за сите – за младите, пензионерите, земјоделците, бизнисите, работниците, лицата со попреченост, жените, мажите, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците – буквално за сите што живеат во нашата Македонија“, рече Ковачевски.

Во првиот столб од програмата на СДСМ се европски плати и животен стандард, каде што се предвидени просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра или 37.000 денари. Програмата предвидува, до 2028 година, минималната пензија да биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. Тие потсетуваат дека просечната пензија пораснала, ја зголемиле за 6.400 денари во својот мандат, а минималната за 50%. Ветуваат од оваа година и таканаречен новогодишен пакет од по 100 евра за секој пензионер, а од по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години.

Во делот на стопанството, предвидена е програма од 180 милиони евра директна финансиска поддршка за домашните компании за инвестиции во производството.

„Поттик на економскиот раст – предвидуваме 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Во следните четири години ќе инвестираме 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти. Тоа се 194 километри изградени автопатишта до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта“, вети претседателот на СДСМ.

Во столбот „Европско земјоделство“, Ковачевски рече дека СДСМ ќе обезбеди поголеми субвенции и поддршка за земјоделците од 750 милиони евра.

„До 2028 година, проектираме Македонија повеќе да извезува отколку да увезува храна. Извозот на земјоделски производи ќе биде 1,25 милијарди евра“, вели тој.

Програмата во делот на образованието предвидува и бесплатен топол оброк за учениците во основните и во средните училишта, како и бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти. 

Се ветува и чиста енергија од обновливи извори и поевтинување на струјата. СДСМ ја нагласува енергетската независност преку укинување на тарифите за пристап до мрежата и преку модернизација на РЕК Битола.

Најголем дел од фалбите за досега сработеното се однесуваат на економијата. Сметаат дека направиле и повеќе од она што го ветиле бидејќи кажале дека просечната плата ќе биде 34.000 денари, а достигнала 40.000.

По завршувањето на изборите, ако ја формира СДСМ новата Влада, тоа ќе значи продолжување на патот кон ЕУ, подобар животен стандард за граѓаните, економски развој и унапредување на демократијата, слободите и на социјалната вклученост“, рече Ковачевски. Тој додаде дека Владата на СДСМ ќе продолжи да ги спроведува реформите, кои ќе обезбедат владеење на правото и добро владеење, транспарентни, одговорни и инклузивни институции и креирање политики, приближување и усогласување на националните политики и закони со оние на правото на ЕУ. СДСМ ќе ја внесе Северна Македонија во ЕУ и ќе ги зачува вредностите на ЕУ дома, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Бујар Османи, адут на ДУИ.

Бујар Османи, адут на ДУИ.

ДУИ – „Европски фронт“ или гола борба за власт?

За многумина, коалицијата „Европскиот фронт“ е само последен обид на ДУИ да остане на власт. Владејачката албанска партија во изминативе години имаше неброени афери од коруптивен карактер, од сомнителниот договор во 4 очи со „Бехтел и Енка“, преку вработување роднини на високи функционери во јавната администрација и во судството, сѐ до инвестиции на внуци на високи фигури во власта итн. ДУИ е толку долго на власт што склоноста кон корупција е речиси неизбежен феномен што се поврзува со нив. 

Коалицијата „Европски фронт“ и номинирањето на Бујар Османи за лидер на државата е обид да си ги одмерат силите со никогаш посилната досега албанска опозиција. И покрај напорите во последниве години фокусот да се стави на економијата и на зелената агенда, сепак, уставните измени, евроинтеграциите и вработувањето по Бадинтер остануваат изборната рамка во која тие ќе гледаат да ги задржат постојните, но и да привлечат нови гласачи. 

Реториката на Бујар Османи во предизборниот период се сведува на задолжителноста за прифаќање на толку наметнатите уставни измени како услов за продолжување на патот кон Европа. На стравувањата на граѓаните дека по промената на името, ниту ова нема да биде последната голема отстапка што треба да ја направиме на евроинтегративниот пат, Османи вели дека ќе бара гаранции од европските политичари дека ќе нема нови условувања, како и динамика за промените на преамбулата.

Ако стане шеф на државата, рече дека првата работа што ќе ја направи ќе биде да ги свика лидерите на политичките партии на состанок од кој нема да излезат додека не се постигне државен консензус.

„Членството во Европската Унија е без алтернатива. Земјите од Западен Балкан не може да просперираат сами од своите капацитети и ресурси, и затоа е потребно што побргу да се донесат уставните измени, а до 2028 да се затворат сите поглавја“, порача Османи.

Османи при презентацијата ги наведе трите основни принципи на програмата од кои произлегуваат 10-те ветувања. Основните столбови се: компасот на геостратешката ориентација на земјата, врзивното ткиво на етничките и на политичките наративи, како и улогата на креатор на државниот консензус.

Интеграција во ЕУ до 2030 година, избор на претседател преку Собранието со двојно мнозинство, партнерство и стратешки дијалог со САД, формирање меѓународен одбор со САД, ЕУ и со НАТО за сертификација на сите носители на јавни функции, зајакнување на Армијата во согласност со стандардите на НАТО, соодветно меѓународно етаблирање преку надворешната политика, задржување на младите во земјата, образование и иновации, како и зелена агенда – ова се заложбите на Османи.

Од „Европскиот фронт“ се надеваат на 20-ина пратеници во Собранието. 

„Уставни измени, евроинтеграции, добрососедство, бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупција, економскиот рамковен договор – тоа се клучните зборови на заедничката програма. Силно веруваме дека „Европскиот фронт“ со нашите кандидати ќе ја постигне следната победа – најдлабоката победа што е забележана досега или, накратко кажано, плус 20 пратеници. Покажавме дека оваа држава може да ја води, но и многу добро и подобро да ја менаџира и еден Албанец. Тоа го докажа и претседателот на Собранието, актуелен премиер на Северна Македонија, Талат Џафери“, истакна Арбер Адеми.

Коалицијата ВРЕДИ на митинг во Струга. | Извор: facebook-Taravari

Коалицијата ВРЕДИ на митинг во Струга. | Извор: facebook-Taravari

Коалиција ВРЕДИ – Ќе ја однесат ли ДУИ конечно во опозиција?

Коалицијата ВРЕДИ му дише во врат на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“. Многубројните Албанци незадоволни од коруптивните и од криминални активности на ДУИ во изминативе години, конечно имаат шанса да изберат нови лидери и пратеници што ќе ги претставуваат солидно во Парламентот. 

И покрај драстичните разлики, лутите противници имаат и заеднички поенти околу кои не отстапуваат при коалицирањето во некоја идна влада. На пример, имаат џентлменски договор дека нема да влезат во коалиција со партија која нема да ги прифати уставните измени. Исто така, и ВРЕДИ поддржува избор на претседател на државата во Собранието, со двотретинско мнозинство и со почитување на Бадинтеровиот принцип. 

Арбен Таравари, кандидатот на ВРЕДИ на претстојните претседателски избори, вели дека ќе се повлече од политиката ако не го победи Османи на избори.

Тој посочи дека првиот чекор како иден претседател треба да биде и првото патување за Брисел, од каде ќе се бара од високите претставници на ЕУ да нема други услови за Македонија освен последниот што се однесува на уставните измени.

„И со ова да се вратиме во Македонија, а на мандатарот на кој му се дава мандат за формирање влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени. Не велам за месец, два или три, туку да не биде повеќе од шест месеци, со цел ова да заврши, а Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ. Кога го отвораме Уставот, секако дека ќе треба да преговараме уште неколку нешта“, порача Таравари.

Тој додава дека во неколку наврати кажал дека тука треба да се стави и условот на повлекување на ограничувањето на употребата на албанскиот јазик со број 20 или 20%.

ВРЕДИ даде сигнали дека е расположена да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Фари Хисени пред неколку недели потврди дека ако се сродни програмите, нема да има никаков проблем да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. И двете се опозициски партии, па сметаат дека е сосема природно да коалицираат по изборите. Сепак, од ВРЕДИ сѐ уште не се изјаснуваат дали ќе биде неизбежен при преговорите за нова влада и условот за уставни измени да биде прифатен од ВМРО-ДПМНЕ или пак за тоа ќе се разговара дополнително.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, е убеден во победата и смета дека ВРЕДИ ќе освои пет пратеници повеќе од ДУИ.

Билјана Ванковска. | Извор: facebook-Biljana Vankovska

Билјана Ванковска. | Извор: facebook-Biljana Vankovska

Левица – може да помеша многу сметки во Собранието

Според последните анкети, и Левица може да помеша многу сметки при коалицирањето за идна влада. Партијата номинираше и свој кандидат за претседател, универзитетската професорка Билјана Ванковска.

Таа во својата кампања и ставови и тоа како се разликува од противкандидатите. Ванковска, на пример, се залага за излегување од НАТО-алијансата.

„Како сиромашна земја што нема економски развој, секоја година издвојуваме повеќе од 2 отсто од својот вкупен национален доход, а притоа само тонеме во сиромаштија. Она што го издвојуваме оди за финансирање туѓи војни“, рече Ванковска.

Партијата се залага за потесна соработка со земјите од БРИКС и посети на највисоко ниво на овие земји.

Ванковска ги повтори заложбите од нејзината изборна програма за носење нов устав.

„Нужно е да донесеме нов устав наместо да се надмудруваме кој ќе влезе во преамбулата. Тој устав ќе биде современ, таков каков што ќе го донесеме за себе како политичка заедница што нема да биде делена по етнички квоти, со олигархии и етнотрибализам, туку социјален устав, заснован на принципите на социјална класна правда и еднакви можности. Сонцето и „Белите мугри“ на Рацин изгреваат на Исток! Иако ни кажуваат политички мудрости дека сонцето излегува на Запад, на Запад се случуваат драматични работи, светот се менува и ние треба да гледаме на сите четири страни“, рече Ванковска.

Партискиот лидер Димитар Апасиев порача дека во иднина нема да има влада без учество на Левица. Тој рече дека Левица ја создаде Македонската платформа во пет точки што ја има понудено до сите македонски партии.

„Петте точки се: не преговараме за унитарноста, за територијалниот интегритет и суверенитет, за државните инсигнии, за секуларноста и не преговараме за идентитетот. Не може историски комисии да ни ги пишуваат нашите учебници и наратив. Левица ја нуди Македонската платформа како пандан на нивата Тиранска платформа. Нудиме изборна реформа со една изборна единица без цензус, да видиме како пратеник во ИЕ6 се станува со 6 илјади гласови, а пратеник во ИЕ3 со 10 илјади гласови“, истакна Апасиев.

Носителите на листи ги потврдуваат своите ставови за укинување на, како што велат, трите штетни договори што ја влечат земјава надолу – Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

ЗНАМ треба да докаже дека не е само Максим Димитриевски. | Извор: facebook-ZNAM

ЗНАМ треба да докаже дека не е само Максим Димитриевски. | Извор: facebook-ZNAM

ЗНАМ – Огнено крштевање на двојните избори

„За наша Македонија“ на одметнатиот СДСМ-овец Максим Димитриевски ќе го има своето огнено крштевање на двојните парламентарни и претседателски избори. Тој ја започна својата кампања за претседател, „Максимум за Македонија“, од Крушево. Димитриевски напомена дека е за продолжување на европскиот пат на државата со заштита на државните интереси. Македонија требала да влезе во ЕУ, но со крената глава.

„Која е разликата меѓу мене и останатите кандидати? Јас сум кандидат што излегува од граѓаните, работел и работи и ќе продолжи да работи за граѓаните“, изјави Димитриевски.

Заложбата на ЗНАМ е сите што живеат во државата да произведат доволно храна и енергија за, како што рече, „да бидеме свои на своето“. Повисоки плати, праведен систем, силна економија, поддршка за младите, вложување во здравствениот сектор и земјоделството се дел од заложбите на политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија.

Според Димитриевски, потребен е баланс во општеството и во политиката, а од голема важност за нормалното функционирање на државата има дефиницијата на соживот, со што, како што нагласи, мора да гради реално мултиетничко општество.

Додаде дека интеграцијата во Европската Унија е стратешка цел, но, како што посочи, прво треба да се сработи работата дома. Нагласи дека ако биде избран за претседател, нема да потпише закон или документ што ќе ѝ штети на државата.

ЗНАМ се залага за уставни измени и, не само тоа, туку нема ништо против ако се допишат еден куп етнички заедници во Уставот, но со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.

Исто така, определба е и бришење на фамозните 20% од Уставот.

ЗНАМ се залага да се обезбеди 13. пензија во форма на субвенција за сите пензионери, а парите за тоа би ги обезбедиле од нереализираните средства од капиталните инвестиции што остануваат на крајот на годината.

Димитриевски најави дека една од неговите први активности ќе биде измена на постојниот Кривичен законик, со кој се амнестираа голем број политичари во државата, како и претходни политичари, бидејќи законот треба да важи подеднакво за сите. Тој, како што рече, не отстапил од слоганот „Нема правда, нема мир“,  кој сѐ уште важел за него.

Партијата номинираше кандидати за пратеници во сите шест изборни единици. ЗНАМ треба да докаже дека е сериозен играч на македонскиот политички простор, а Димитриевски дека партијата не се врти само околу неговиот лик и дело, туку дека има интелектуални капацитети и професионалци што би работеле на сите полиња и на цела територија, а не само во Куманово и во околината, каде што е гласачката база на ЗНАМ.

Image
Newsletter