Патот од универзитетската клупа до успешна кариера во корпоративниот свет и претприемништвото не е секогаш линеарен – но, кога е воден од страст, посветеност и јасна визија, тој остава траен печат.
Таков е случајот со Александра Божиновска, дипломирана студентка на Факултетот за туризам и постдипломка на Маркетинг и менаџмент, со инспиративна приказна која сведочи за моќта на образованието како основа за професионален успех и општествена одговорност.
Денес таа е дел од продажниот тим на „Македонски телеком“, сопственичка на едукативниот центар „SmartLab“ и платформата „Create, Drink & Enjoy“, која се занимава со организација на настани и работилници.
„Мојата приказна со Факултетот за туризам започна со едно несекојдневно искуство – учество во квизот „Колумбо“, преку кој ја освоив стипендијата што ми ја отвори вратата кон ова прекрасно патување. Тоа беше почеток на мојата приказна исполнета со знаење, пријателства и незаборавни искуства. Деновите поминати на факултетот беа навистина незаборавни. Покрај студирањето, создадов пријателства што ќе траат цел живот и бев дел од активности што ме изградија како личност и професионалец. Особена чест ми беше одликувањето со најголемите почести Magna Cum Laude, признание кое ги потврди посветеноста и љубовта кон студиите“, вели Божиновска и дополнува:
„Бев вклучена во сите активности на образовниот процес: пракса на Миконос, учество во студентскиот караван „Студирај туризам“, во бројни проекти и екскурзии. Тие искуства ми помогнаа да ја совладам тремата од јавни настапи, да стекнам одлични ораторски способности и да станам дел од групата на проф. Димче Мешковски на курсот по ораторство. Екскурзиите и студентските забави, пак, беа спој на дружење, учење и незаборавни моменти – нешто што ретко каде може да се доживее. Посебна благодарност заслужуваат професорите и целиот наставен кадар. Тие не беа само ментори, туку и пријатели – достапни, посветени и несебични во споделувањето на своето знаење“, посочува таа.

Божиновска: „Стекнатото знаење, практичните вештини и насоките што ги добив за време на студирањето ми помогнаа да ја изградaм својата кариера.“
Завршувањето на студиите на Факултетот за туризам за неа претставува едно од најзначајните животни и професионални искуства.
„Со големо задоволство можам да кажам дека стекнатото знаење, практичните вештини и насоките кои ги добив за време на студирањето ми помогнаа да ја изградaм својата кариера и да се развивам во полето кое отсекогаш ме привлекувало. Наставниот кадар играше клучна улога во тој процес. Професорите не беа само предавачи, туку и ментори кои нè охрабруваа критички да размислуваме, да бидеме истражувачки настроени и да ја применуваме теоријата во пракса. Особено сум благодарна за нивната достапност и подготвеност да одговорат на нашите прашања, што создаваше позитивна и поттикнувачка академска средина“, посочува Божиновска и ја истакнува програмата на факултетот како еден од клучните фактори за успешно образование.
„Програмата беше богата и разновидна – од теоретски предмети кои даваат стабилна основа, до практични примери и проекти преку кои имавме можност да ја почувствуваме динамиката на туристичката индустрија. Тоа ми овозможи полесно да се вклучам во професионалниот свет и да ги применувам научените лекции во реални ситуации. Најголемата лекција што ја научив во текот на студирањето е дека успехот во туризмот – а и во секоја друга област – зависи од комбинацијата на знаење, посветеност и човечки однос. Туризмот е пред сè работа со луѓе, и токму разбирањето на културните разлики, почитувањето и умешноста да се создаде позитивно искуство за секој гостин се вредности кои ќе ги носам низ целата кариера. Задоволството од моето студирање на Факултетот за туризам е огромно бидејќи тоа не беше само образовен процес, туку и патување кое ме изгради како професионалец и како личност“, додава таа.

Божиновска: „Задоволството од моето студирање на Факултетот за туризам е огромно бидејќи тоа не беше само образовен процес, туку и патување кое ме изгради како професионалец и како личност.“
По завршувањето на факултетот, следувале постдипломски студии, насока Маркетинг, област која отсекогаш ја привлекувала поради љубовта кон комуникацијата и организацијата.
„Моето прво професионално искуство беше во водечките туристички агенции ‘Фибула’ и ‘Савана’, каде што се усовршив во туристичката индустрија и ги искористив сертификатите за туристички водич и пратител. Подоцна мојата кариера продолжи во ‘Deutsche Telekom’ (‘Македонски телеком’), во одделот за продажба. Таму моите способности и посветеност ми овозможија да се вбројам меѓу петте најдобри вработени во земјата во областа на продажбата, за што добив бројни признанија и патувања“ – открива Божиновска.
Нејзиното патување не застанало. Инспирирана од љубопитноста и желбата на нејзината ќерка Софи да истражува и да учи, се родила идејата за создавање на едукативниот центар „SmartLab“ – концепт од областа на неформалното образование по методата за деца СТЕМ.

Создаде едукативен центар „SmartLab“ – концепт од областа на неформалното образование по СТЕМ- метода за деца.
„Како сертифициран едукатор и маркетинг-менаџер, имав можност да го водам целиот процес – од организација до промоција. Токму тука започна и плодната соработка со Факултетот за туризам и ректорот проф. д-р Аце Миленковски, кој несебично го поддржа овој концепт. Некои од иницијативите на кои сум особено горда се: донацијата на цвеќиња за Денот на пролетта во градинката ‘Орце Николов’, каде што децата ги засадија растенијата со љубов и радост, како и проектот ‘Подготовка за првачиња’, чиј целосен материјал за дечињата беше овозможен во соработка со факултетот. Ова е пример како треба да изгледа вистинска инвестиција во идните генерации“, вели таа, и додава: „Тука имав можност за соработка со многу успешни компании во нашата држава, како што се ‘Македонија 2025’, ‘Македонски телеком’, ‘МакПрогрес’ и ‘Винчини’, ‘КомфиАнгел’ и ‘СОС Детско село’. Гостувањето во голем број ТВ-медиуми направи целиот образовен процес здобиен на Универзитетот ‘Скопје’ да го валоризирам во мојата успешна приказна“.
„Како постдипломец на Маркетинг и менаџмент, мојата креативност ме водеше и кон создавање на ‘Create, Drink & Enjoy’ – платформа за креативни настани и работилници за возрасни, инспирирани од дестинации и туризам. Тука се и проекти како ‘She Means Business’, поддржан од Факултетот за туризам, посветен на младите жени претприемачи. Ова е доказ дека соработката со факултетот не завршува со дипломирањето, туку трае и понатаму“, посочува Александра..

Пример за вистинска инвестиција во идните генерации.
Денес, како успешна сопруга и мајка, со гордост гледа на своето образовно и професионално патување.
„Патувањата останаа мојата најголема љубов – заедно со сопругот имавме можност да ги откриеме Европа, Русија, Занзибар, Јапонија, Дубаи, Бразил, Аргентина и Израел, каде што доживеавме и духовно искуство со крштевањето во реката Јордан. Што повеќе да се каже? Моето патување со Универзитетот ‘Скопје’ е доказ дека изборот на вистинска образовна институција создава основа за успех во животот и во кариерата. Особено сум горда што сум била дел од Факултетот за туризам, затоа што за мене тој е и останува – Simply the Best!“ – заклучува Божиновска.
