Пандемијата и кризата ги зголемија работните часови на вработените

Пандемијата и кризата ги зголемија работните часови на вработените

Зголемени работни часови за време на викендите

Пандемијата, која придонесе голем дел од вработените да работат од дома, им ги зголеми работните часови на оваа категорија работници. Анализата спроведена на 15 милиони корисници на платформата за развивање софтверски код „Гитхаб“, покажа дека работниците работеле за 15% повеќе по почетокот на пандемијата. Споредувани биле работните часови во 2020 година со тие во периодот од 2015 до 2019 година, до почеток на пандемијата.

Во годините наназад, до стартот на пандемијата со вирусот корона, работниците за време на викендите работеле околу 20% од вкупните работни часови, но на почеток на пандемијата овој процент се зголемил за над 24%, или за дополнителни 2 часа. На некои работни места се зголемиле работните часови рано наутро или доцна навечер. На почетокот на пандемијата корисниците на „Гитхаб“ работеле 15 д 20 отсто повеќе работни часови или околу 8 часа повеќе на неделно ниво. Во некои земји како Индија, порастот е уште повисок – за 30 или 40 отсто.

По часови, најмногу работат Хрватите, најмалку Германците и Финците

Според податоците на Еуростат, најмалку работни часови во земјите од ЕУ имаат Германците и Финците, а најмногу Хрватите.

Во Германија пропишаната работна недела трае 35,6 часа, работниците можат да работат најмногу десет часа дневно, а најмногу 48 часа неделно, со прекувремена работа. За да работат повеќе, мора да склучат колективен или индивидуален договор.

Во Финска, каде што редовната работна недела е 37,5 часа, прекувремено работниците може да достигнат максимум 48 работни часа, за четири месеци годишно. Во оваа земја, само 13% од работниците работат прекувремено, бидејќи премијата на платата за првите два прекувремени часа од денот е 50%, а за третиот и секој нареден час, таа изнесува 100%. За неделната прекувремена работа се доделува бонус од 50%. Ако го прекрши работодавецот законот за работни односи за работните часови на вработените, се казнува со парична казна и казна затвор до 6 месеци.

Иако долгата работна недела има штетен ефект врз физичкото и менталното здравје, како и врз рамнотежата помеѓу работата и животот на работниците, студијата на Еурофонд за прекувремената работа во ЕУ, како и во Норвешка и во Велика Британија, покажува дека сѐ уште се смета нормално во некои земји работниците да работат прекувремено.

Во европските земји минималната премија за прекувремена работа во работните денови е 10, 25 или 40 отсто, а за прекувремена работа на државни празници, таа се зголемува до 100 отсто или во некои случаи и до 150 отсто.

Работниците во некои земји можат да добијат 1,5 часа слободно време за секој час прекувремена работа во работните денови наместо бонус.

Инаку, Европската директива за работно време од 2003 година ја ограничи максималната неделна работа на 48 часа заедно со прекувремена работа.

Image
Newsletter