„Меморија“ е рок-група, која секогаш го сплотувала македонскиот народ. Во меморијата на македонската музика таа ќе остане запаметена по жестоките рок-хитови, певливите рефрени и по прекрасните рок-балади, можеби едни од најдобрите во историјата на македонската рок-музика.
Ќе остане запаметена и по впечатливите текстови, од средношколските спомени за Орце и Броз, преку нашите слики кои ги чуваме како икони, преку октомвриските дождови кога најчесто мијат сѐ, па сѐ до „огнот под ѕвездите“ и прекрасната поезија за испиеното вино и коњот што умира на градите на некоја планина. „Меморија“ е бенд што го сака својот народ, своето име и својот јазик, бенд што не се срами да заигра, да предупреди, но и да заплаче.
„Меморија“ е првата (и веројатно последна) група што се обиде на симпатичен начин преку мега хитот „Дирлада“ да го реши на љубовен начин деценискиот спор со соседна Грција, а истовремено е и група што знае до болка да запее по својата изгубена сакана, но и да го преработи на одличен начин хитот „Македонија“ на Дадо Топиќ.
Концертите се исполнети до последното место- тоа е тајната на успехот, да бидеш поголем од своето време и од својата сенка
Трагите на групата „Меморија“ се многу длабоки, како во македонската музика, така и во македонската култура и колективна свест. Песните на „Меморија“ се вистински хитови, кои го преживеале и надживеале ситото на времето, а само времето го знае одговорот на прашањето која песна ќе остане хит. Нивните песни живеат свој полнокрвен живот веќе неколку децении, сакани од неколку генерации Македонци, кои некогаш биле тинејџери, а сега се сериозни луѓе со свои деца и внуци. И гледај чудо: нивните потомци ги сакаат и со задоволство ги пеат песните на „Меморија“. И нивните концерти се исполнети до последното место, како некогаш. Како секогаш. Тоа е тајната на успехот – да бидеш поголем од своето време и од својата сенка. А тоа им успеа на Перо, Ринго, Зоци, Поце, Антонио, Сашо, Валентино, Ристо, Бане, Божиков, Ицо и сите други членови кои настапуваа под името на овој наш музички бренд. Им успеа да влезат под кожата и во меморијата на македонскиот народ.
Хитовите на „Меморија“ се безвременски, а годинава, многубројните обожаватели на оваа рок-група, имаа несекојдневна можност по долга пауза, да слушнат неколку нови нумери на групата, како најава за нејзиниот нов албум. Песните „За тебе“, „Мој народе“ и за „Добро да е“ се доказ дека создавањето музика е како пливањето или како возењето велосипед – НИКОГАШ НЕ СЕ ЗАБОРАВА. Со некои нови одлични музичари (Рубин Димкоски и Давор Јардановски), „Меморија“ покажа одново дека знае како да опстојува на сцената и докажа дека е моќен харддиск со неограничена музичка меморија, за инает на сите што ја мразат македонската музика и за инает на времето и на годините.
Кога другите ја веднеа кичмата пред големите понудени тиражи од тогашниот „Југотон“, Камиказа не се срамеше да пее исклучиво на македонски јазик.
Во поранешна Југославија, македонскиот јазик беше ставен на маргините на естрадните случувања. Дури многумина сметаа дека македонскиот јазик не е певлив како српско-хрватскиот јазик и е невозможно да се создаваат стихови за песни на нашиот мајчин јазик. Иако, во 70-тите години на минатиот век тоа постојано го демантираа големите хитови од Скопскиот фестивал од калибарот на „Чија си“, „Кажи нешто, драга“, „Приспивна за реката“ и други, македонските пејачи и групи беа принудени да пеат на српско-хрватски јазик ако сакаа да добијат шанса да снимат своја сингл или ЛП-плоча, а подоцна и аудио-касета. Таа тивка асимилација во старата држава траеше со години, сѐ до појавата на групата „Меморија“, која храбро и одважно им кажа НЕ на дотогашните тенденции на негирање на певливоста на македонскиот јазик. Освен „Меморија“, само уште Дарио и неговата група „Бон-тон“ се обидуваа да ја стекнат својата популарност со песни на македонски јазик. И големиот хит на групата Конкорд „Високи штикли и црни чорапи“. И можеби уште некоја инцидентна хит-песна. Премалку за едно време, една младост и една музика.
Петар Георгиевски – Камиказа и другарите од „Меморија“, покажаа и докажаа дека е возможно и на македонски јазик да се создадат одлични рок- и поп-хитови, кои ќе ги пеат младите луѓе, во тие доцни 80-ти години на минатиот век. Па така, Камиказа ги создаде „Нена“, „Оган под ѕвездите“, „Одам засекогаш“, „Пробај да ги затвориш очите“, „Шушки“, „Бејби, бејби“, „Град“... Антологиски музички нумери, кои изведени со вокалот на Поце, добија една нова димензија и ја потврдија тезата дека не постои тврд или мек јазик за пишување песни, туку постојат само мајстори-автори кои знаат да творат на својот мајчин јазик. А Перо Камиказа секогаш знаеше да ги залепи најдобрите зборови за своите мелодии и секогаш знаеше да биде голем Македонец и непоправлив патриот. Кога другите ја веднеа кичмата пред големите понудени тиражи од тогашниот „Југотон“, тој не се срамеше да пее исклучиво на македонски јазик.
„Меморија“ никогаш не доби денар од државата во која се вгради.
А тогашната Телевизија Скопје и режисерот Тихомир Бачовски се потрудија сите тие хитови да ги визуелизираат и да создадат видео-спотови, во духот на тогаш новата и многу популарнa „MTV“, на која секојдневно се емитуваа сите спотови на најновите светски хитови, а нашите млади луѓе лудуваа по нив.
Подоцна, во 90-тите години, истиот тој Петар Георгиевски – Камиказа доби уште една голема битка за доброто на македонската музика и на македонскиот јазик. Тој направи вистинска ренесанса во музичката и касетната продукција на Македонската телевизија и издаде многу касети и цедеа на познати македонски пејачи и бендови, а истовремено спаси од заборав повеќе наши народни песни, сместувајќи ги на луксузни аудио-изданија.
Во 1984 година „Нена“ стана мегахит на сите радија во Југославија. Добија понуда за снимање албум за тогашен „Југотон“. Требаше да ги препеат песните на српско-хрватски. Георгиевски не прифати, бидејќи сите песни слоговно не припаѓаа на тогаш службениот јазик.
Во 1989 година, албумот „Оган под ѕвездите“ стана прв македонски албум, издаден од „музичката продукција“ на МРТ.
Од тогаш до денес поминаа цели 40 години!
Со „Меморија“ на бина, се донесе државотворноста на Македонија на Третиот Илинден во 1991 година. Првите два албуми на „Меморија“ се најпродавани албуми во тогашен „Југотон“ од цела поранешна Југославија. „Меморија“ ги полнеше концертните сали кога во тоа не веруваа многу скептици. Добитник е на многу музички признанија во изминативе 40 години. Никогаш не се откажа од тоа да биде бедем и стожер на македонската попрок-сцена. Никогаш не ја изневери својата публика, како музички, така и национално. Затоа, таа секогаш богато ја наградуваше со своето присуство и уживаше во нивните повеќечасовни концерти Но, „Меморија“ никогаш не доби денар од државата во која се вгради. Беше игнорирана од сите влади, поради својата чиста мисла и љубовта кон сопствениот народ и држава. На браникот на слободата. На меѓникот на љубовта и песната што ќе остане и по нив, да бие ко камбана со небески ек.
Да го чуваме нашето, да ја сакаме Македонија. Тоа е пораката која ја испратија со ректорот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски.
Новите песни и концертот на „Меморија“ одржан на 16 ноември во преполната сала „Борис Трајковски“ покажаа национално сплотување и простување. За радост која космосот ќе ја разбере, дека имало, има и ќе има многу други битки, но дека оваа заедно ја добивме.
Посакаа да свират пред преполна сала, како што тоа се случува на концертите на светските бендови. Тоа им се исполни. Можеби се само популарни во рамките на Македонија, но тие се светски, а наши. Компарацијата со членовите на култните „Ролинг стоунси“, кои сѐ уште се концертно активни, иако веќе ја ситнат осмата деценија, сосема им прилега. Петар Герогиевски – Камиказа на бас, Апостол Икономов – Поце, вокал, Ристо Самарџиев, вокал и Сашо Ангелов, тапани, постарите членови на „Меморија“, покажаа дека имаат сила, енергија и ентузијазам да свират и пеат уште многу лета и зими. Подмладени со двајца нови членови, одличните Давор Јордановски на клавијатури и Рубин Димкоски на гитара звучеа фантастично.
Слушајте македонска музика. Да го чуваме нашето, да ја сакаме Македонија. Тоа е пораката која ја испратија со ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски. Заеднички го создадоа рок-фолк сплетот „Македонски бисери“. Во рамките на концертот одржаа три средби со новинарите во просториите на Универзитетот. Оттаму почна сé, во средината на 2024 година, а заврши во ноември со спектакуларен концерт. Но, тука не е крајот. Меморија е вечна. Исто како и Македонија.