Членовите на култната македонска поп-рок група „Меморија“, во просториите на Универзитетот Скопје, го промовираа новиот видеоспот за песната „За тебе“ и ја одржаа првата прес-конференција по повод големиот солистички концерт закажан за 16 ноември 2024 година во СЦ „Борис Трајковски“. Пред многубројните ТВ-екипи и новинари од различни медиуми, пријатели и поранешни членови на бендот, како и познати музичари од постарата генерација, покрај премиерата на видеото за поп-рок баладата „За тебе“, беа јавно промовирани и рок-фолк сплетот „Македонски бисери“, како и преработката на песната „Јано“ од легендарната рок група од 70-ите „Триангл“, снимени во живо на неодамнешниот концерт на „Меморија“ во „Домот на млади“ во Штип.
Петар Георгиевски-Камиказа, лидерот на бендот, говореше за соработката со Универзитетот Скопје. Збор зеде и ректорот на оваа високообразовна установа, Аце Миленковски, кој говореше за значењето, помошта и соработката помеѓу Универзитетот и бендот.
По официјалниот дел на промоцијата, следуваше неформално дружење на присутните со богата коктел-закуска, која ја приредија домаќините на настанот од Универзитет Скопје.
Нишката „Македонски бисери“ како „музички ѓердан“ обесен на вратот на „Јана мома“ ја создадовте во соработка со ректорот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски. Таа ги содржи песните кои се пеат во спортските сали и на настани од различен тип. Како настана соработката?
Песните во „Македонски Бисери„ се: „Едно име имаме“ на Јонче Христовски, „За многу години, Македонци“ на Димитар Масевски и Васил Пујовски, „Заветна“ на Миле и Ѓорѓи Барбаровски и „И ние сме деца на Македонија“, која е народна тема. „Јана мома“ е на „Вис триангл“ од 1975 година, чии членови биле Борче, Трте и Коки во првата постава кога настанала песната. На состанок за прослава на Универзитетот Скопје минатата година, бев поканет како надворешен член за нешто ново што ќе се случува на самото доделување на дипломите во Македонската опера и балет. Паднаа повеќе идеи, а бидејќи веќе почнав да го работам новиот албум на „Меморија“ и песната „Македонски бисери“ беше во зародиш, кажав кои сѐ песни ќе учествуваат во сплетот, па ректорот Аце Миленковски пресече: „Тоа е тоа што ни треба!“ На нечуено туку само раскажано! Но, тоа се должи на повеќедецениската соработка и довербата што ја имаме еден кон друг. Самата изведба беше премиера за сите, на доделувањето на дипломите на Универзитетот Скопје. Реакциите беа, благо речено, еуфорични. Аплаузот траеше долго, на што двајцата пејачи од „Меморија“ се поклонуваа повеќе пати. Мислам дека токму од оваа снимка, Универзитетот го имаше своето најгледано видео на Јутуб и Фејсбук. Од таа верзија до денешната изминаа речиси десет месеци за да се добие конечната верзија. И затоа, најлогично, промоцијата на „Меморија“ се случи на Универзитетот Скопје, каде што започна сѐ. На крајот, бевте и вие сведоци на задоволството на сите присутни на промоцијата.
Национално, патриотско чувство. Сепак, постои нешто поисконско и повозвишено, а тоа е родољубие, кое во голема мера е присутно кај вас и кај ректорот Миленковски. Тоа е запишано во кодот на Македонецот, но како да се насочи правилно, да се истакне и кај младите кои во ова време-невреме, понесени од светските трендови, лутаат барајќи го својот идентитет?
Македонија имала, има и секогаш во иднина ќе има добри изведувачи, бендови и музичари. Секое време си носи свои фанови и приврзаници. Многумина од нив ќе блеснат и бргу ќе згаснат, но, за среќа, Македонија има многу музички имиња кои траат со децении. Тука скромно можам да ја додадам и „Меморија“. Ако песните ги пеат токму младите генерации, со хорчиња и хорови низ целата Република Македонија, несомнено токму тие ќе бидат носители на новото време каде што историското и квалитетно ќе продолжи да живее, благодарение на нивните сознанија за постоењето на македонската реч и песна.
Камиказа: „И по 30 години, новите песни на Меморија наоѓаат своја слушателска публика, и тоа во далеку поголем број во однос на годините кога почнуваме, без разлика што тогаш бевме мегапопуларни и полневме сали низ цела држава.“
Во јавните настапи истакнувате: „Учете ги децата да ги сакаат македонската музика и збор. На крајот од денот, тие ќе бидат чувари на нашето постоење. Вие како бенд, со полните концертни сали, на кои присуствуваат различни генерации, докажавте дека овој наш народ го почитува тоа што сте го создале. Тој ги сака вашите песни. Каква е ситуацијата со другите? Има ли „Меморија“ следбеници кои ќе полнат концертни сали?
Со слушање македонска музика, со читање македонски книги, со одење на македонски концерти поддржани од мецени и спонзори. Децата уште од мали нозе да ги упатиме на вистински вредности. Со тоа ќе ги заштитиме од наездата на шунд и кич во сите области од културното живеење. Има една изрека кога е музиката во прашање, дека ако дојдеш во Македонија не играј, не свири и не пеј затоа што ќе бидеш надигран, натсвирен и натпеан! На оваа изрека да ѝ ја дадеме вистинска вредност, како што го прави тоа со децении ректорот Аце Миленковски со својата поддршка на македонската култура и уметност.
Во еден период медиумите беа обврзани законски да емитуваат македонска музика околу 40 отсто, во зависност од програмскиот формат. Сега се оставени сами на своја волја да решат дали ќе доминира македонската песна во етерот. Дали е време сите од музичката фела да го кренете гласот да го вратите тој закон?
На добрата песна никој нема да може да ѝ го сопре патот до слушателите. Ние сме доказ за тоа. И по 30 години, новите песни на „Меморија“ наоѓаат своја слушателска публика, и тоа во далеку поголем број во однос на годините кога почнуваме, без разлика што тогаш бевме мегапопуларни и полневме сали низ цела држава. Зборуваме за периодот на доцните осумдесетти и раните деведесетти години на 20-тиот век. Или поточно, до 1995 година, кога „Меморија“ престана да постои, за да воскресне повторно во 2017 година. Што би рекле некои од вашите колеги: „Како никогаш да не сте отишле сиве овие години.“ Проблемите околу законите се работа на државата и се надевам дека тоа во најкраток можен рок ќе стане практика.
Камиказа: „Идол ми е Јонче Христовски.“
Како рокер во душа, кои бендови што ги слушавте во младоста влијаеа врз вашиот музички израз. Кој ви беше идол?
Групата „Бис-бес“, „Безимени“, групата „Пу“, „Триангл“, „Тор“ како и многу други кои во тоа време свиреа по игранки, по разните клубови низ Скопје, а јас како клинец присуствувајќи на нивните свирки, го формирав своето музичко „кредо“. Но... песните на Јонче Христовски, неговиот начин на изразување и неговите настапи – со „палтото“ – оставија траен белег врз мене и можам слободно да признам дека тој е мојот главен музички идол. Ми беше чест што го познавав лично и многупати се дружев со овој голем народен уметник.
Неодамна на Фејсбук објавивте фотографија од младоста со коментар „Кој лик сум бил!“. Годините го прават своето во изгледот. По сите победи и порази, кои емотивно и интелектуално нѐ надградуваат, се сменивте ли како личност? Која е најважната животна лекција што ја научивте?
Да не се предаваш! До последен здив да го правиш тоа што го сакаш. Никогаш да не бркаш резултати и слава затоа што ако те бива, тие сами ќе дојдат, но со многу труд, самопрегорност и работа.
Уште една фотографија го привлекува вниманието на профилот: сонце, море и коментарот „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата, добро утро, од Егејска Македонија!“ Кое е потеклото на вашите предци, каде живееле и што се случувало?
Моите се од Егејска Македонија, и мајка ми и татко ми. Мајка ми е од Бапчор, па затоа „Бапчорки“ пееја на концертот на „Меморија“, а татко ми е од Оштима. Името што го носам е на чичко ми, роден брат на татко ми. Тој беше народен херој. Едноставно се гордеам и ќе го продолжам словото на моите предци, а на моите деца и внуци ќе им ги раскажувам вистинските приказни за страдањата на Македонците од Егејска Македонија што мене ми ги раскажуваа татко ми и дедо ми. Тоа ќе го правам и преку моите дела.
Камиказа: „Сум имал повеќе средби со Бог.
Бог е во срцето на вистинскиот верник, а вие сте еден од нив. Која животна случка ве натера да се свртите кон Бога?
Сум имал повеќе средби со Него. Неколку пати сум заминува и сум се враќал на овој свет. Точно преку овие „патешествија“ научив дека ние што се сметаме себе за „посебни“ не сме ништо друго туку благословени од Бога за работата што ја работиме и дека дарбата не е ништо друго туку продолжена рака на Бога.
Последното патешествие со Мото-клубот „Букефал“, најмногуброен на Балканот, беше по Јадранска магистрала, централна Италија и назад преку Нова Горица и Белград. Извозевте околу 4.571 км. Со оглед на променливото и дождливо време во тој период во Европа, на какви временски катаклизми наидовте?
Ова е едно од најкратките патувања со нашиот мото-клуб „Букефал“ бидејќи ФИМ-релито оваа година беше во Италија. Лани се одржуваше во Шпанија и извозевме преку 8.000 километри. Најдалеку сме биле на најсеверната точка на Европа – Норткап, со изминати 12.000 км до крајот Норвешка и назад. Следната година Норвешка е повторно домаќин на ФИМ-релито и повторно одиме на долг пат, секако ако ни даде Бог шанса. Кога ќе тргнете на мотор, нема веќе назад: ни топлото време кое обично нѐ следи, ниту дождот, ниту ветрот кој годинава го имавме во изобилие во Хрватска (дуваше со близу 80 км/ч), ниту градот што нѐ „тепаше“ повеќе од еден час пред неколку години во Словачка – ништо не може да нѐ сопре кого е крајната цел во прашање. Досега сме немале откажување. Се надевам дека и отсега натаму ќе биде така.
Камиказа: „Кога ќе тргнете на мотор, нема веќе назад.“
На што ќе ја насочите периодов Вашата енергија? За кои предизвици се подготвувате?
Сите сили се спрегнати во подготовка и организација на концертот на „Меморија“ на 16 ноември во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Се надеваме дека сега ќе „докторираме“, бидејќи за концертот во 2022 рековме дека е наша „магистратура“.
Како би се опишале себеси како сопруг, родител и дедо, најважните улоги во животот на секој човек?
Оваа последната улога најмногу ми легна. Улогата на дедо на Нина. Се надевам семејството повеќекратно ќе се зголеми. Уште еден голем успех е тоа што целата фамилија останува да живее и работи во Македонија, а со тоа и радостите да ни бидат блиску – внуците и децата.