Годинава за првпат „Вардарската регата Гемиџии“ наместо до Гевгелија, која беше последната станица, стигна до Солун. Пловеа седум дена, ноќеваа во Криволак, Демир Капија и Мрзенци, а во Грција – во Евзони, Акропотамис и Солун. Ангелче Ѓушев, старешина на Извиднички одред „Димитар Влахов“ од Велес и главен капетан на регатата, вели дека по многу обиди, во целост му се остварил животниот сон – да ги одбележи ликот и делото на младите велешани гемиџии и да положи венец од свежо цвеќе во Егејското Море кај црквата Св. Никола, местото каде што пристигнувале и велешките гемиџии и ја растоварале робата која продолжувала за Турција и за Мала Азија.
Универзитетот Скопје оваа година ја поддржа Вардарската регата. Додека се договаравме за интервјуто, истакнавте дека во Вашата 40-годишна активност не сте сретнале човек како ректорот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски. Понекогаш добриот збор и убавата мисла се многу позначајни од парите. Дали се движат во таа насока впечатоците стекнати со ректорот?
Како прво, сакам да истакнам дека човек како ректорот Аце Миленковски запознав првпат. Човек кој си ја сака државата, патриот, човек кој сака да ги негува историските традиции на нашата Македонија. Господинот Миленковски безрезервно ја поддржа „Вардарската регата Гемиџии 2024“, со што во целост даде поддршка на ликот и делото на младите велешани кои пред 121 години го актуелизираа македонското прашање пред западноевропските држави, а воедно и ја поддржа идејата за развој на речниот туризам и на сплаварењето помеѓу Македонија и Грција, или историските трговски врски помеѓу Велес и Солун. Поддршката од ректорот Миленковски треба да биде пример за приватниот и за државниот бизнис-сектор кога станува збор за историското наследство на нашата Македонија.
Каков вид на соработка ќе продолжите со УТМС? Што Ве прави најмногу среќни од заедничките планови?
Соработката помеѓу извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес како најстар во Македонија и најстара младинска организација во земјава, со Универзитетот Скопје треба да продолжи со заеднички развој и промоција на руралниот туризам. Ние како извидници го практикуваме со создавањето на извидничкиот центар „Голозинци“, во кој редовно организираме кампови за млади, каде што се организираат натпревари во ориентација и топографија на непознат терен, исхрана во природа, прва помош. Покрај споменатите кампови кои ги организираме во извидничкиот центар на тема топографија, картографија и ориентација, организираме и голем број еколошки кампови, преку кои ги промовираме убавините на Општина Чашка како општина со најголем капаците за развој на руралниот туризам. Покрај еколошките кампови, организираме и кампови за мировно образование, борба против дискриминацијата, корупцијата. Преку овие кампови успеваме да придонесемe во образованието на младите луѓе низ систем на вредности засновани врз „Извидничкиот завет и закони“, да помогне во изградба на подобар свет каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.
Досега 23 пати пловевте до Гевгелија, а сега првпат до Солун. Се оствари Вашата најголема желба да влезете во Егејското Море преку Вардар. Како успеавте да се договорите со нашиот јужен сосед?
Да, од самото формирање на „Вардарската регата Гемиџии“ до денес се организирани 23 регати. Првата е организирана во 1976 година, по што со прекини се одржаа 10 регати. Но, во 2010 година, тогашниот градоначалник на Велес Горан Петров од нас извидниците и велешките кајакари побара да ја возобновиме регатата. До денес, во вториот циклус се организираа 14 регати. Но, оваа последна регата, на моја иницијатива, пред советот на Општина Велес беше предложена да заврши во Солун. Оваа идеја ја имав неколку години од причина што имаме добри релации со солунските извидници.
Како старешина на извиднички одред „Димитар Влахов“ од Велес, со уште четири мои соработници од одредот, неколку пати ги посетив солунските извидници во Солун и локалните извидници по течението на реката Вардар во регионот на Евзони, Поликастро – Ксалатра. Го видовме Вардар во Грција. Воедно и солунските извидници нѐ посетија за велигденските празници во Велес, и на тој начин ги утврдивме сите подробности за реализацијата на „Вардарската регата Гемиџии 2024“.
Од самото формирање на „Вардарската регата Гемиџии“ до денес се организирани 23 регати.
Сакам да напоменам дека соработката и поддршката од солунските извидници беше на највисоко ниво. Покрај целосната потребна документација што требаше да се обезбеди во Грција за движење по вода, а која ни ја обезбедија солунските извидници, во сите три етапи на веслање во Грција во базните логори во Евзони, Акропотамос и Солун, нашите домаќини ни дадоа поддршка во голема количина храна, сокови, вода и голема количина мраз, кој ни беше премногу потребен за пловидбата.
И на крај, сакам да кажам дека по многу обиди, во целост ми се оствари мојот животниот сон и тој на моите соработници да го одбележиме ликот и делото на младите велешани гемиџии и да положиме венец од свежо цвеќе во Егејското Море кај црквата „Св. Никола“, местото каде што пристигнувале и велешките гемиџии и ја растоварале робата, која продолжувала за Турција и Мала Азија.
Ја продолживте традицијата на велешките гемиџии, на трговците кои од Велес пловеле до Солун и ја носеле својата стока за продажба до бродовите. Вардар има 388 километри, а тие последните 80 за првпат ги почувствувавте. Колку време патувавте? Каква беше атмосферата на крајот? имаше ли прослава?
Да, ја продолживме традицијата на велешките гемиџии, на трговците кои од Велес пловеле со гемиите до Солун и ја носеле својата стока за продажба. Најмногу се носел велешкиот катран, морфиум од велешкиот афион кој се користел во фармацијата, потоа сафтијан, козја кожа што се користела за изработка на џокејски женски одела во Англија и во Франција, тутун, ракија и во зима – овчата пастрма. Кога пристигнувале во Солун, ги растурале 18-метарските гемии изработени од оревово дрво и дрвото го продавале како квалитетна ореова граѓа.
Ние, од Велес до Солун имаме 280 километри. Започнавме со пловидбата на 20 јуни и веславме до НАТО-кампот „Криволак“, каде што беше првиот базен логор. На 21 јуни од „Криволак“ заминавме во регионот на Неготино, по што пристигнавме во Демир Капија, каде што беше вториот базен логор. На 22 јуни од Демир Капија пловидбата продолжи до село Марвинци, каде што ја спакувавме опремата и со автобус се префрливме во Евзони, каде што беше третиот базен логор. На 23 јуни од регионот на Евзони – Поликастро, регатата продолжи кон селото Акропотамис, каде што беше четвртиот базен логор. На 24 јуни од Акропотамис, регатата продолжи кон регионот Ксалатра и влезе во делтата на реката Вардар, преку која излеговме на отворено море до црквата „Св. Никола“, на некои 8 километри од центарот на Солун. По испловувањето, пет учесници на регата со галија пристигнаа во центарот на Солун заедно со пет солунски извидници. Сите наши учесници се сместија во поморската база „Николаос Принзиос“ во регионот Каламарија во Солун.
Годинава веслаа 58 учесници.
Колку луѓе ја сочинуваа регатата? Дали имаше луѓе и од странство?
Оваа година на регатата учество зедоа 58 учесници. Странци оваа година немаше од причина што знаевме каде е крајната точка Солун, па затоа сакавме да бидеме само наши македонски државјани, за да избегнеме дополнителни и непредвидени административни препреки. Од овие 58 учесници, само 22 ја продолжија регатата кон Солун од причина што останатиот дел од учесниците немаа нови патни исправи. Сепак, оваа бројка од 22 учесници е во ред како за прва година од причина што на некој начин одевме во непознато.
При секојдневните веслања, се соочивте ли со високи температури и низок водостој? Како ви изгледаше еден ден од патувањето по реката? Од што е составена вашата опрема?
Оваа година, „Вардарската регата Гемиџии 2024“ мислам дека се реализираше во најжешките денови во месец јуни. Температурата во просек се движеше од 42 до 44 степени, а во Демир Капија беше 49 степени. Истата температура беше и во Грција. Но, како најпозитивна работа треба да нагласам дека ЕСМ АД во целост ни донираше количина вода во реката Вардар со испуштање од Козјак во реката Вардар и од Тиквешкото Езеро во реката Црна. Таа вода, која ни ја пуштаа на шест до осум часа, ни беше ветер во грб за самата пловидба. Мислам дека таа коректност од ЕСМ АД ни овозможи без никаков проблем да пристигнеме во Солун по воден пат. Од опрема што треба да ја поседува секој учесник на регатата, беше белата кошула со долги ракави, шешир, очила, високи чорапи за заштита на нозете, средства за мачкање на телото за заштита од изгореници, костим за капење и чевли за во вода. Секој чамец беше опремен со голема количина обична вода, лимонада и овошје. За потребите на регатата, од терен не следеше комбе, во кое беа целокупната храна, пијалаци и личната опрема. Во комбето беше и системот за навигација со џипиес-уредите за да знаеме време на движење во вода и движење на суво во Грција. А како изгледа еден ден на регатата? Добро веслање, добра забава, квалитетно капење, смеа и меѓусебно дружење помеѓу десетте гумени чамци кои испловија од Велес.
Пловевме на температура во просек од 42 до 44 степени, а во Демир Капија беше 49 степени. Истата температура беше и во Грција.
На годинешнава регата изјавивте дека нема да плови гемијата, ниту сплавот, туку учесниците ќе бидат само со чамци, бидејќи годинава се пробива патеката, па границата мора да се мине на суво, а не по Вардар. Дали ви ја отежна тоа состојбата дополнително или ништо не можеше да го засени успехот што стигнавте и до Солун?
И оваа, втора година по ред, не оди дрвената гемија што ја изработив. Оригиналната гемија била 18 метри, оваа што јас ја изработив е долга речиси 8 метри и широка 4 метри, што не е мал пловен објект. Не ја пуштивме од причина што ќе ни го отежнеше патот до Солун. Не знаевме дали бродската капетанија во Солун ќе ни издаде дозвола за да ја весламе, па затоа таа остана на суво во Велес. Со непуштањето на гемијата воопшто не се засени успехот и подвигот кој го направивме. Мислам дека и во наредните регати таа нема да плови затоа што е малку сложено нејзиното пуштање во вода и враќањето во Велес. Во Грција продолживме со 6 чамци и два кајаци, и мислам дека нашата мисија беше остварена целосно.
Видливи се возбудата и страста, љубовта кај Вас кога зборувате за „Вардарската регата“. Вие сте еден од раководителите, а 20 години сте старешина на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“. Кога и за која цел се создаде таа и кој беше мотивот да станете дел од неа?
Јас, прво како извидник со 40 години стаж и 20 години раководител-старешина на најстариот одред во Македонија, живеам за извидниците и за извидничкото движење во светот. Но, кога од мене се побара да ја раководам и „Вардарската регата Гемиџии“ како главен капетан на регатата, беше дополнителен предизвик од причина што мојот одред има целосна опрема за организација на регата, и тоа гумени чамци, весла, елеци, кациги, шатори опрема за кампување, возило. Мојот одред покрај традицијата има и капацитет за организирање вакви манифестации. Покај материјалниот капацитет, мојот одред има и човечки капацитет за да се организира ваков вид активност. Мојот одред во своите редови има лекар кој во целост се грижи за здравствената состојба на учесниците на регатата. Има сертифицирани луѓе за управување со мотор на вода и манипулирање гумени чамци, имаме кајакари во нашите редови. И на крај, кој е мојот мотив? Кога пред 121 година, девет млади велешани школувани во западноевропски држави, деца од богати велешки семејства, сакале да дадат придонес во актуелизирањето и решавањето на македонското прашање пред Европа по цена на своите животи, кога можеле тие, тогаш можеме и ние да пробаме денес. И ние работиме со институциите на ЕУ во Македонија, па преку ова сакаме да им ја преставиме нашата борба за нашата Македонија.
И ќе ги цитирам нашите сограѓанин велешани: „Сите беа млади – Орце, Шатев, Кирков, Мечев, Трчков, Пингов. Нежни цветови во градина, од роса неоросени, на сонце ненасмеани. Младост не жалеа, живот дадоа, но ниеден невин живот не зедоа. Се жртвуваа за Македонија.“
„Ние не бараме слава. Доста е ако еден ден луѓето нѐ разберат. И наместо споменик, нека еден цвет ни остават таму каде што ќе загинеме. Еден цвет, со боја на сонцето. Мајчице, сакавме само едно, да бидеме твои добри синови. Ако не успеавме, прости. Ќе дојдат еден ден подобри од нас."
Ете, јас ја исполнив нивната последна желба по 121 година – положив еден цвет за нив.
Ќе ги цитирам нашите сограѓани велешани: „Сите беа млади, нежни цветови во градина, од роса неоросени, на сонце ненасмеани. Се жртвуваа за Македонија“. Ја исполнив нивната последна желба - по 121 години положив еден цвет за нив.
Пловејќи по Вардар, имате допир со водата на Вардар и со вегетацијата околу реката. Која анализа би ја предочиле од еколошки аспект?
Во Македонија најголемата река се вика Вардар каде што ние пловиме, а во Грција се вика Аксиос. И тоа е супер. Вардар е мртва река, а Аксиос е жива и разиграна река. Имињата ни кажуваа буквално сѐ: се работи за две реки насочени во еден водотек. Во Вардар имате пластика колку сакате, во Аксиос нема пластика. Во Вардар имате сепарации кои душмански ја уништуваат реката, во Аксиос нема такви сепарации. Во Вардар имате милион канализациони цевки директно во реката, во Аксиос нема канализациони цевки директно во неа. Во Вардар имате флора и фауна која е пред уништување, во Аксиос имате заштитена природа. Во делтата на реката Вардар (Аксиос), последните четири километри се заштитена зона за 280 видов птици и 140 видови инсекти. Тоа значи државата се грижи за Аксиос. Во Вардар има стотици индустриски комплекси, коли исфрлаат отпадна вода во Вардар, во Аксиос тоа го нема. Ние не си ја чуваме реката Вардар, Грција си ја чува реката Аксиос.
Јавно ги повикувам приватниот и државниот бизнис-сектор да ни помогнат во подигање на оваа манифестација во државен бренд.
Која е вашата следна цел и амбиција на која интензивно работите?
Мојата следна цел е да ја подигнам „Вардарската регата Гемиџии“ до степен кој ќе биде препознатлив за Република Македонија, да биде нешто слично на Галичка свадба, Шарпланински куп, Охридски маратон. Но, за да се постигне ова, треба да имаме поддршка од државните институции, да не бидеме одбиени како што во месец април оваа година нѐ одби АМС, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Министерство за култура. Ако добиеме поголем поддршка, ќе можеме да ја осовремениме и опремата и да ја зголемиме и програмата, и тоа во насока на културно-забавен живот во местата каде што престојуваме и слично.
Јавно ги повикувам приватниот и државниот бизнис-сектор да ни помогне во подигањето на оваа манифестација во државен бренд.
И на крајот, да го осовремениме извидничкиот центар „Голозинци“, местото каде што се обучуваат младите извидници, местото каде што се создава нов кадар, место каде што се промовира животот во природа, местото каде што се креира програмата на „Вардарската регата Гемиџии“, каде се чува пловната опрема.